На 15.05.2022 година, во Четвртата недела по Воскресението Христово, посветена на чудото што се случило со раслабениот, крај бањата Витезда, кога го празнуваме преносот на моштите на Свети Атанасиј Велики, Свети цар Борис-Михаил Покрстител и споменот на Светите маченици Борис, Глеб, Еспер, Зоја, Киријак и Теодул, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на игуменот Спиридон (Поповски), ереите Даниил Дончовски, Теофил Црневски, Игор Ризановски, Јован Михаилов, протоѓаконите Драган Ѓоргиевски и Александар Димитријов, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, во Јанковец.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во јероѓаконски чин да го ракоположи монахот Игнатиј.
Од името на Епархијата, на новоракоположениот јеромонах Игнатиј, му го честитаме јероѓаконскиот чин и се молиме достојно да Му служи на Бога, принесувајќи многубројни плодови.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Сакаш ли здрав да бидеш“ (сп. Јован 5, 6) – му рекол Спасителот Господ Исус Христос на триесет и осум години болниот човек, што бил во бањата Витезда, браќа и сестри, а овој одговорил: „Да Господи! Само немам човек, кога ќе се замати водата да ме спушти во бањата“ (сп. Јован 5, 7).
Го слушнавме денешното Свето литургиско Евангелие, во кое се говореше за овој настан, за ова чудо, во бањата Витезда, која значи Божјо милосрдие, каде што во петте тремови лежеле многу болни од многу болести, меѓу кои лежел и овој триесет и осум годишен болен човек, кој бил парализиран. Спасителот Господ Исус Христос, Кој ги знае нашите души, срца и чувства, Му пристапил на овој човек и неслучајно го прашал: „Сакаш ли да оздравиш?“ (сп. Јован 5, 6), а овој како што кажавме одговорил: „Да Господи! Само немам човек да ме спушти во бањата кога ќе се замати водата“ (сп. Јован 5, 7).
Здравјето, браќа и сестри, е многу значајна работа во животот на луѓето, затоа кога се поздравуваме со поздрав велиме, односно на човекот со кого се поздравуваме му посакуваме, да биде поздрав, да има здравје, но има телесно и духовно здравје. Кога е во прашање телесното здравје, сите ние водиме премногу грижа околу телесното здравје, но далеку повеќе треба да водиме грижа за здравјето на душата наша. За телесното здравје на луѓето постојат многу болници, санаториуми, диспанзери, а исто така клиники и полуклиники, но многу малку или воопшто нема болници за душата надвор од единствената болница што постои за лекување на душата, а тоа е нашата Света Православната Црква, браќа и сестри.
Во Православната Црква, која е болница за сите болни од секакви болести, не само за телесните, туку и за душевните и духовните болести, таму треба да се бара лекот. Кога Господ Исус Христос Го прашал болниот: „Дали сакаш да бидеш здрав?“, Он ова го направил прво за да го придобие за Себе, а потоа да му каже: „Ти се простуваат твоите гревови!“
Причината за болеста на овој човек биле неговите гревови. Навистина тој од својата младост најверојатно живеел многу грешен живот, па како последица на неговиот грешен живот, му се случила и таа болест. Oвој болен човек, имал триесетина години или можеби дваесет и пет, што значи дека бил веќе остарен човек, над шеесет пет или шест години, а можеби и седумдесет. И поради тоа веќе не станувало збор за човек на кој му се случила болест, која траела само триесет и осум часа или триесет и осум денови или триесет и осум месеци, туку болест која траела триесет и осум години.
Знаете ли што се случува со нас, кога малку ќе се подразболиме? Ние веднаш почнуваме некако да реагираме како да ја надминеме болеста. Кога ќе се случи повеќе денови да бидеме билни, ние веќе почнуваме да бидеме нервозни и си велиме зошто не нападна оваа болест. Ако се случи да станува збор за месеци, тогаш ние стануваме и нетрпеливи и почнуваме да викаме против сите околу нас, а често пати да хулиме и против Бога, зошто сме паднале болни. А да се биде триесет и осум години легнат на постела и да не се стане затоа што немаш никој покрај себе, како овој човек немал никој покрај себе, е страшна работа. Од Светото Евангелие слушнавме дека во бањата влегувале многумина пред него, зашто некои биле многу поздрави и можеле самите да скокнат кога ќе се замати водата, односно кога ангелот Божји ќе влезел во бањата. Кој прв што ќе влезел во бањата ќе се излекувал, а останатите не можеле да се излекуваат. Овој, пак, немал ни роднини, ни блиски покрај себе, бидејќи наполно и тие го напуштиле, но желбата кај него да оздрави, не престанала, браќа и сестри, триесет и осум години. Неговата тврда надеж дека ќе дојде денот кога тој ќе оздрави, не го напуштила и тоа и се случило.
Ете, Христос нашиот Бог и Спасител, меѓу сите тие мноштво болни луѓе се упатил директно кај него, токму заради неговата силна желба да оздрави и заради неговата цврста надеж дека ќе оздрави. Откако Христос го прашал дали сака да оздрави, тој кажал дека сака да оздрави, но нема човек кој што ќе го спушти во бањата. Веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, како што некогаш во Грција, во Атина, еден мудрец Диоген со фенер одел и барал човек сред пладне, и заради тоа сите го сметале дека тој е луд човек. Велеле, како е можно да бараш со фенер на пладне луѓе, и да не можеш да најдеш човек. Тоа има преносно значење, бидејќи ако и денес ние се запрашаме дали има вистински луѓе т.е. од Бога вистински луѓе, кои имаат чувства кон своите браќа, кон своите сестри, кон болните, кон оние што се во слабост и немоќ, кон оние што се сакати, кон оние луѓе кои имаат било каква потреба од нас, тогаш ќе речеме и ќе констатираме дека и денеска се поставува големо прашање дали има вистински луѓе.
Сè повеќе слушаме преку телевизиите и другите медиуми дека заради тоа што некои на некого не му ги подмирил обврските што ги имал кон него или зареди рекетот, така речено, го напаѓа или го убива. Ние често имаме такви убиства, затоа што некој не бил одговорен да си го подмири долгот, а овој другиот уште понеодговорен заради извесен долг, да го убие својот ближен, својот брат.
Денеска на секој чекор слушаме од луѓето дека не можеш некому да се довериш за ништо, зашто луѓето лажат и искористуваа. Ај оние што не се крстени да ги разбереме, но никако не можеме да ги разбереме крстените т.е. православните христијани, кои истото тоа, а можеби и нешто уште полошо прават. Затоа, браќа и сестри, кога зборуваме за овој триесет и осум годишен болен човек, ние треба да размислиме сериозно во денешно време за нас, бидејќи сите боледуваме од разни и секакви болести, кои се последица на нашиот грешен живот.
Знаеме дека нашиот Бог и Спасител, луѓето што ги лекувал, прво ги лекувал од нивните душевни болести, од гревовите, прашувајќи ги: „Веруваш ли дека можам да те излекувам?“ Сè додека не слушнел од болниот дека верува во Бога, дека може да Го излекува, не ги лекувал. Но исто така, кога ги лекувал од телесни болести, Господ луѓето ги лекувал, со цел да ги излекува и од духовните и душевните болести. Ние имаме безброј такви случаеви.
Еве и на овој триесет и осум годишен болен човек, на кого откако овој рекол дека сака да биде здрав, Спасителот Христос му рекол: „Стани, земи ја постелата своја и оди си, и повеќе не греши“ (сп. Јован 5, 8).
Слушавме понатаму дека кога Спасителот го нашол во храмот, пак ги повторил овие зборови и му рекол: „Повеќе немој да грешиш, за да не ти биде полошо од првиот пат“ (сп. Јован 5, 14). Оваа значи, браќа и сестри, дека сите болести од кои ги лекувал луѓето Спасителот Господ Исус Христос, биле последица на нивните гревови. Ние имаме само еден случај, каде Христос го излекувал оној човек, кој бил слеп од раѓање т.е. само тој човек не бил болен, односно не останал слеп од раѓање заради неговите гревови, ниту на заради гревовите на неговите родители, туку да се покаже силата Божја врз него. Што значи во сите други случаеви, болестите биле последица на гревовите на луѓето.
Што е гревот, браќа и сестри? Гревот е беззаконие, непочитување на редот и поредокот Божји, на Божјите Заповеди. Гревот е непочитување на Светото Евангелие, на Светото Писмо и на Светото Предание. Гревот е оддалечување од Бога т.е. гревот со други зборови е живеење надвор од заедницата со Бога и токму заради тоа биле истерани од рајот нашите прародители Адам и Ева. Па затоа, браќа и сестри, кога зборуваме за гревовната состојба, за гревовите на луѓето, да не заборавиме, како што кажав уште на почетокот дека има само една болница, која нè лекува од сите душевни и духовни болести, а тоа е нашата Света Православна Црква, почнувајќи од првата Света Тајна, Крштението на сое е праслика токму ова чудо, овој настан, т.е. на бањата Витезда, што значи Божјо милосрдие.
Што се случувало во бањата? Во бањата се случувало, луѓето да се лекуваат, откако ангелот Божји ќе ја раздвижел водата. Истото тоа се случува и кога се крштеваме, кога ќе се стави (влезе) оној што се крштева во водата, откако претходно се одрекол од сатаната, се мие, и телесно, и духовно и душевно, од своите гревови и од гревовите на родителите и прародителите, вклучувајќи го и прародителскиот грев. Па така, на тој начин оваа бања Витезда, е праслика или праобраз на Светата Тајна Крштение. По крштението, доаѓа Светата Тајна Миропомазание, кога всушност, како и при крштението, изобилно се излева Божјата благодат и ние тогаш ги добиваме добродетелите: верата, надежта, љубовта, трпението и.т.н.
Во тој дух, ние кои по природа сме грешни, зашто го наследуваме гревот на нашите прародители, имаме начин повторни да се крстиме, не со крштението со кое се крштеваме кога првпат сме се крстиле, туку со второто крштение, а тоа е Покајанието со Исповедта. Што значи тоа? Тоа значи, најсериозно да размислиме за нашите гревови што сме ги направиле во текот на нашиот живот и да признаеме делка сме згрешиле, но и да се покаеме т.е. да се одречеме од нашата гревовна состојба, да одлучиме дека повеќе нема да грешиме, односно да донесеме цврста одлука дека нема да грешиме, а потоа и да направиме добри дела, спротивни на гревовите.
Само така, браќа и сестри, преку покајанието, ние можеме да се ослободиме од нашите гревови. Но денеска, кај целиот свет, а особено меѓу младите, никој повеќе не размислува за гревовите и за својата гревовна состојба. Сите мислат дека тоа е нешто заостанато, нешто кое е за оние кои не се добро просветени, односно писмени, заборавајќи дека и нај писмените луѓе биле силни во верата, како Ајнштајн, најголемиот научник што постоел, како Никола Тесла, како нашиот вевчанец Михајло Пупин, кој го измислил телефонот и други луѓе. Тоа биле луѓе, кои имале силна вера. И Њутон бил верник, кој кога ќе се спомнело Името Божји, тој ја симнувал капата од својата глава, со цел да оддаде почите на Бога. Ете, какви биле тие, најучените луѓе.
Ајде да ги споредиме тие луѓе со денешните таканаречени интелектуалци или учени луѓе. Никој од нив или многу малку од нив доаѓаат во Црквата на молитва. Тие мислат, како и сатаната дека се најпаметните, најучените, најобразованите, најкултурните и никој ним не им е рамен. Други ќе речат, па добро немаме спротивен пример. Ете, некој тргнал по лош пат, станал разбојник и повеќе не може да се поправи. Зар немаме пример меѓу разбојниците, како што бил Мојсеј Мурин, најголемиот разбојник, кој кога видел како умира еден праведник, се покајал и само по извесно време, откако се покајал и побарал прошка за гревовите, Господ го прославил да биде светител.
Да си спомнеме и за оној разбојник на Крстот, од десната страна на Христа нашиот Бог и Спасител, кој во последниот миг од животот, се спаси себеси, зашто Го исповеда Христа нашиот Бог и Спaсител и рекол: „Спомни си за мене Господи, кога ќе до дојдеш во Царството Твое“ (сп. Лука 23, 42). Ете, Господ му рекол: „Уште денеска ќе бидеш со Мене во рајот“ (сп. Лука 42, 43).
Браќа и сестри, друг ќе рече па добро, денеска сите сакаат да заработуваат со лесен живот, а со најлесен живот сакаат да заработуваат девојките што ги продаваат своите тела т.е. оние што блудничат, проститутките. Некој ќе рече, па добро мора и тие некако да живеат. Зар ја немаме ние нејголемата светителка покајничка, која била голема грешница, Света Марија Египетска или онаа жена, која му ги измила нозете на Господа Исуса Христа со своите солзи и го излила Светото Миро и ги триела со своите коси Неговите нозе. Еве ни пример и за такви луѓе, кои тргнале по лошиот пат да се вратат, на вистинскиот Божји пат.
Ние имаме прекрасни примери и за други прилики, за секое нешто, но од нас се бара најсериозно да размислиме, каде се движиме и колку водиме грижа за нашето спасение. Некој ќе рече потребно е знаење, а тоа ние постојано го слушаме по телевизиите од нашите партии дека знаењето било најголема работа. Да, точно е дека знаењето е голема работа, ама кое знаење и каково знаење. Знаење за да бидеме трговци и да ги измачуваме луѓето; знаење за да бидеме наставници и учители, па да ги уценуваме учениците и студентите и поткуп да бараме; знаење да бидеме државници и да си ја продаваме државата и сè што имаме?! Таквото знаење не е знаење, бидејќи тоа е дело на сатаната. Вистинското знаење е за сите, почнувајќи од најпростиот до најучениот, да стекнеме знаење за Бога, да веруваме во Бога, да знаеме дека имаме наш Бог, Кој е Еден по суштина и Троичен по лица, Отец, и Син, и Свет Дух. Тоа го знаат и најпростите, а таквите кои само толку што знаат, односно малку што знаат, можат повеќе да се спасат од оние што знаат и имаат докторски дисертации и.т.н, но не живеат според знаењето и верата.
Да си спомнеме само при една прилика кога тројца луѓе подвижници биле во некоја пустина во Египет и таму владиката т.е. патријархот отишол да ги посети нив и да слушне од нив како тие се молат, бидејќи биле прочуени како чудотворци. Па така, кога ги прашал, кажете ми како се молите? Тие му рекле: „Ние вака се молиме: ние тројца на земјата, и вие Тројца на небото, помагајте ни“. Патријархот им рекол: „Не така. Господ не рекол така да се молиме, туку рекол: „Отче наш. Кој си на небесата“, односно им ја кажал молитвата „Отче наш“. После тоа, Партијархот си заминал со бротчето, но тие не ја запомниле молитвата „Отче наш“ и почнале да трчаат по водата, по морето, за да го стигнат бротчето. Кога го стигнале бротчето, му рекле на патријархот: „Кажи ни ја повторно молитвата „Отче наш“. Тој кога ја видел нивната вера, им рекол: „Одете си, и како што се молевте до сега и од сега молете се и ќе се спасите вие повеќе и од мене и.т.н.“.
Ете, браќа и сестри, луѓе кои не ја знаеле дури ни молитвата „Отче наш“, ама знаеле дека имаме вера во Света Троица, во Отецот, и Синот, и Светиот Дух, односно само тоа го знаеле за верата и се спасиле. Колку повеќе знаеме, толку повеќе тоа што го знаеме, во животот треба да го преточиме, т.е. да го практикуваме во животот.
По молитвите на нашите Свети Отци, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин! Христос Воскресе. Навистина Воскресе!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар