Божикно послание

+ ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА, МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ, НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА, ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО РАДОСНИОТ ПОЗДРАВ 

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

„Да воскликнеме сите во еден глас: веселете се небеса, радувај се, земјо!

Да се радуваме, зашто Синот Божји слегува од небото на земјата“!

(Свети Григориј Богослов)

По милоста Божја, еве, пак, се собравме во нашите цркви и манастири, да го прославиме Божик, Христовото Рождество. Богомладенецот повторно дојде во нашите животи и покрај сите потреси, сомнежи и стравови, кои ние и светот ги доживуваме. Бог доаѓа на земјата, „за секој кој верува во Него да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3, 15-16).

На Божик, Беспочетниот, прими почеток како човек; бестелесниот станува телесен; Логосот, Синот Божји – ја прими нашата човечка природа, која неразделно, неслиено и неизменливо, се соединува со Божјата природа.

Преку воплотувањето на Словото, се случува обожување на човекот. „Синот Божји стана Син Човечки, за синовите човечки да ги направи синови Божји”, – вели Св. Иринеј Лионски.

Од Христовото воплотување, според зборовите на Свети Ефрем Сириски, произлегува размена, помеѓу Бога и човекот: Бог од нас прима човечка природа, а нам ни ја дарува Својата Божественост. Ете, во Него се соединети Божјото и човечкото, кои меѓусебно општат, преку Личноста на Синот Божји. Небото и земјата се соединија, Бог и човекот се измирија.

Бидејќи Христос е неизменлив, за да ја сокрие Својата Божественост, врз Себе ја зеде нашата ограничена природа, и постана Човек, за нас да нѐ направи учесници во Својата вечна слава, или како што ни говори богомудриот Григориј Богослов, со Своето воплотување, да нѐ врати во онаа благосостојба, во која човекот се наоѓал пред своето паѓање во грев.

Христовото доаѓање во светот, се случило во тишина и тајна. Витлеем е слика на светот, кој не Го препозна својот Спасител.

Кога Христос се раѓа: „Евреите се соблазнуваат, Елините се потсмеваат, а на еретиците јазикот им занеме“, вели Св. Григориј Богослов.

„Христос, пак, кога повторно би дошол, повторнo би Го распнале“, вели Св. Јован Златоуст.

Светото Евангелие говори за два важни настани при Христовото Раѓање: за поклонувањето на пастирите и мудреците (на Христа). Пастирите, веста ја добиле од Ангелите, а мудреците во Витлеем ги довела ѕвездата. Станува збор за два вида на богопознание. Првиот е претставен преку детската жива вера на простите луѓе, а вториот е верата на мудреците, кои преку видливиот свет и Светите Книги Го спознале Бога. Тие тројцата се претставници на човечкиот род, едниот е Персијанец, вториот Арап, а третиот Етиопјанин, претставници на Ноевите синови: Сим, Хам и Јафет, односно трите човечки раси. Па така, Христос не е Спасител само на Израилот, туку и на целото човештво.

Мили наши во Христа Богомладенецот и Спасителот!

          Христос се родил во пештера, во Витлеем!

Таа пештера не е убав трем, а не е ниту амбар или житница, такво нешто може да биде само сон на фантазерите и играчка за малите дечиња, но не и пештера во која се родил Христос.

Вистинската пештера, била дом на животните, древна бедна пештера во сиромашните земји, и не била градба со столбови и капители, налик на раскошен амбар наменет за децата на бадниковата вечер. Таа пештера била мрачна и валкана со реа од животните, а единствено што било чисто во неа, биле јаслите во кои се ставало сеното и зрнестата храна за животните. Токму во таква пештера и во такви јасли, Христос се родил. Он за прва лулка ги имал јаслите, а Христос не случајно се родил во пештера! Па зарем денес, светот не е една голема пештера, во која луѓето се прејадуваат и преживуваат?!

Кога на земјата се случува нешто необично и ново, тогаш сите се прашуваат што значи тоа? Зошто Синот Божји слезе на земјата? Што донесе Он со Себе и како ние можеме да се сретнеме со Него?

Бог слезе на земјата и стана човек, за нас земните – да нè направи небесни, од грешни – да нè направи свети, од распадливи – нераспадливи, од смртни -бесмртни, од робови на гревот и ѓаволот – да нè направи слободни чеда Божји.

„Со воплотувањето на Месијата Христос, на светот му се дарувани, вселенска радост и мир“, вели Свети Григориј Палама. Христос и носи мир на немирната душа, која е разболена од гревот. Христос е Единствениот Кој на човечкото срце може да му дарува мир и спокој, па затоа Он вели: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам“ (Јован 14, 27). Никој не може да има мир, ако во себе Го нема Христа и не живее според Неговите Заповеди. Беспокојството на земјата, се случува заради отсуството на Христа во нашите души и срца. Христос доаѓа во светот, за да направи таинствена средба меѓу Него и луѓето.

Возљубени чеда во Новородениот Спасител!

Христос се раѓа во оној, кој денес ќе го сретне својот ближен, па поттикнат од љубов, ќе му посака секакво добро!

Христос се раѓа во оној, кој денес ќе го подигне паднатиот, ќе му подаде рака на стариот и немоќниот, ќе му пружи утеха и лек на болниот!

Христос се раѓа во оној, кој на жедниот за знаење ќе му ја соопшти Вистината, на болниот, Животот, а на заталканиот ќе му го покаже Патот (Христа Спасителот).

Христос се раѓа во оној, кој поколебаниот ќе го охрабри и со осамениот збор-два ќе размени!

Христос се раѓа во оној, кој ја гледа добрината во децата, полетот во младите и грижата на родителите и старите.

Христос се раѓа во оној, кој денес скараните ќе ги измири, навредените и натажените ќе ги утеши, а на невоздржаните и исполнетите со омраза, ќе им прости.

Христос се раѓа во секој од нас, кој работи и мисли на должностите, на задачите, на работата, на обврските; кој сето ова го чувствува како повик од Бога, а притоа заборава на својата користољубивост, заработка и интерес.

Возљубени чеда на нашата Света Црква!

Празнувањето на Божик, започнува со собирање на родителите и децата околу домашното огниште. Семејството се исполнува со вера, надеж и љубов во Бога, очекувајќи Го Христа да се роди во нас. Кога говориме за семејството, должни сме да го разбереме како домашна, мала црква или Господов дом. Семејството е, исто така, иднината на државата и нацијата, а тоа е всушност животот на Црквата. Најубавите милозвучни доживувања во еден дом, не се песните и телевизиските серии, туку детската смеа, џагорот, па и плачот. Џагорот во училишните дворишта, сведочи дека тоа место не е пусто. Секаде во храмовите, детскиот глас, детските весели и искрени лица и нивните незлобливи погледи, претставуваат најубаво духовно огледало на еден народ.

Попусто ѕидаме кули и градови, подигнуваме згради, училишта и градинки, ако природниот наталитет на населението, е недоволен да го зголеми прирастот на еден народ. Според денешната состојба на нашиот наталитет, сите овие градби за брзо време ќе зјаат празни и напуштени. Залудни ќе бидат и нашите велелепни и вековни Божји храмови, ако во нив нема кој да Го слави и велича Бога Троичниот.

Црквата наша, заедно со државата и институциите во неа, должна е да најде начин за зголемување на наталитетот меѓу Македонците, зашто токму кај Македонците е најзагрозен наталитетот т.е. раѓањето деца. Решавањето на овој акутен проблем во Македонија, не смее да трпи одлагање, зашто денешната негрижа околу наталитетот и воспитувањето на нашите деца, утре уште повеќе ќе ни се одмазди, а нашето проретчено потомство, неспорно, нема да нѐ благословува ни нас, ниту, пак, нашата држава, ако не го продолжиме природниот прираст на децата. Ние, пак, како свештенослужители, јавно од секој црковен амвон и при секоја прилика, треба да ги повикуваме македонските мајки да останат доследни на аманетот на нашите претци, светата должност, раѓање и воспитување на деца; а не на убивање преку абортуси и спречување на бременоста со контрацептивни средства. Тоа не смеат да го дозволат македонците и македонките, заради егоистични побуди и комфорен живот, да станат гробари на нашата Црква и нација.

Нашата држава, пак, по примерот на многу земји и држави, кои создаваат здрави физички, интелектуални и духовни семејства, треба да формира министерство за семејство, кое ќе се грижи за иднината на нашата нација, држава и Црква.

Возљубени наши мили духовни чеда во Господа!

Сведувањето на бракот само на сетилни задоволства, на задоволување на телесните страсти, во денешно време, претставува демонстрација на потполно неразбирање на Светата Тајна Брак. Тоа всушност говори за непознавање на суштината и тајната на бракот, на својата свест, совест и вера. Тоа е доказ до кој степен современиот човек, во модерниот брак, се обезличил и обезбожил. Можеби причината за ваквата состојба се крие и во тоа што многу млади брачни другари, сопружници, влегуваат во брак сосема неподготвени, убедени дека во бракот ќе најдат само уживање и задоволство, а забораваат дека во бракот има обврски и должности. Денешниот „современ“ брак, навистина ја доживува и преживува најтешката историска криза. Нашата држава е должна, на брачните другари, кои треба да го подигаат наталитетот, да им обезбеди задолжителни добри и соодветни услови, и во периодот на бременоста на мајката, но и во текот на подигнувањето на децата до полнолетството. Државата, покрај тоа, треба да обезбеди и соодветен детски додаток а особено, тој детски додаток да биде зголемен за многудетните семејства. Сите ние, добро знаеме дека пропаѓањето и исчезнувањето на еден народ, како што за жал е случајов со нашиот Македонски народ, започнува со пропаѓањето и уништувањето на семејството, кое е основна ќелија на заедницата.

Празникољупци во Богомладенецот Христа Спасителот!

Факт е дека христијанското семејство претставува едно мирно катче, во кое цути взаемното разбирање, набожноста и љубовта, зашто во таквото семејство љубовта сѐ извинува, во сѐ верува, на сѐ се надева и сѐ претрпува (1. Кор. 13, 7). Не може да се истакне поголема духовна убавина од онаа, која постојано зрачи од христијанското семејство. Тоа не е обичен збир на луѓе за семеен живот, туку православното семејство е домашна црква, Господов дом или мала црква, во која брачните другари ја постигнуваат својата полнота во Бога. Мажот како што вели Светото Писмо, е должен да ја љуби својата жена, како Христос што ја засака Црквата и Самиот Себеси се предаде за Неа, за да ја направи света и непорочна, а жената да се покорува на својот маж, кој е глава на жената и семејството. Од таа љубов брачните другари, како Божји соработници, должни се да создадат многудетно семејство, кое ќе се воспитува со постојано присуство и активно учество на светите богослужби и особено на литургиите, секоја недела и на големите празници.

Православното семејство е најприродно и најголемо училиште за воспитување во вистински христијански живот, во единство со Бога.

Токму заради тоа, честитајќи Ви го денес Божик, Ве потсетуваме и искрено замолуваме, да не дозволувате да згасне свештениот оган на верата во семејните огништа. Ако родителите-христијани, не го предаваат тој свештен оган од род во род, од колено на колено, тогаш ќе престане светлиот православен дух и ќе пресуши живоносниот и спасителен извор на христијанската љубов.

Поздравувајќи Ве со торжествениот поздрав Христос се роди, Ве потсетуваме дека ние, од Бога сме создадени од Неговата љубов, и затоа сме должни и Него и ближниот да ги љубиме. Исполнети само со таква небоземна љубов, ќе можеме најдостоинствено да Го прославиме Божик, Христовото Раѓање и во нашите срца да ја доживееме Тајната на набожноста, воскликнувајќи на сиот глас:

МИР БОЖЈИ – ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Честит Божик и нека е благословено, во периодот што ни доаѓа, Новото 2022 лето Господово.

Ваш постојанен молитвеник пред Христа Богомладенецот,

Митрополит Преспанско-пелагониски и

администратор Австралиски и Новозеландски

† Петар.

 

Божик, 2021/22 година.