Велигденско послание

 

† ПЕТАР

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

МИТРОПОЛИТ ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКИ И

АДМИНИСТРАТОР АВСТРАЛИСКИ И НОВОЗЕЛАНДСКИ,

НА СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНО МОНАШТВО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА ВО

ПРЕСПАНСКО-ПЕЛАГОНИСКАТА И АВСТРАЛИСКО-НОВОЗЕЛАНДСКАТА ЕПАРХИЈА,

ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ, ПОЗДРАВУВАЈЌИ ГИ СО НАЈТОРЖЕСТВЕНИОТ ПОЗДРАВ

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите живот им дарува“.  (Тропар на Велигден)

Христос Воскресна, возљубени браќа и сестри – и смртта е победена!

Христос Воскресна – адот е вознемирен!

Христос Воскресна – Рајот е отворен и достапен!

Возљубени браќа и сестри, Христос Воскресна! Радувајте се!

Влезете сите во радоста на Својот Господ. Радувајте се и веселете се сите! Денес сме собрани на трпезата на Вечното Царство, кај Небесниот Младоженец Христа. А трпезата  Господова е преполна, богато насладувајте се сите. Он, е нашата преслатка храна! Денес, на Велигден, седиме со Христа на вечерата, на Пасхата Господова и предвкусуваме од Царството Небесно.

Велигден е! Никој нека не тагува поради своите гревови, зашто простување засветли од гробот. Никој нека не се плаши од смртта, зашто Христос со Својата смрт од смртта нè ослободи. Смртта ја разруши Оној, Кого таа го држеше, го заплени адот Оној, Кој слезе во адот. Се вознемири пустиот ад, вкусувајќи го влегувањето на душата Христова во адот. Светиот пророк Исаија, предвидувајќи го сето ова воскликна: „Адот се вознемири сретнувајќи Те долу, се вознемири зашто беше исмејан, се вознемири зашто се умртви, се вознемири зашто беше срушен, се вознемири зашто беше окован“ (Иса. 14 – 9, 15).

Прзникољупци во Христа Воскреснатиот!

Човекот е создаден да живее во Вечна Вистина, во Вечна Правда, во Вечна Љубов… А ете, ние, преку нашите прародители Адам и Ева, ја прегрнавме лагата, ја прегрнавме неправдата и омразата, го прегрнавме гревот, а преку него и смртта. Затоа дојде Благиот Господ во овој свет, да земе сé врз Себе; да ги земе и гревовите и смртта, и да нè ослободи од нив. Милиот Христос, поднесе многу страдања, тепање, исмејување, за да ги земе нашите гревови и да ја земе нашата смрт врз Себе. Смирено, како јагне отиде, незлобивиот Господ, на страдање и смрт. Во една од песните на Велики Петок се пее: „Господ ги прими сите исмевања, и шамари, и плукања, и сите страдања, за да ни дарува на сите нам воскресение од мртвите“. Ете, заради тоа Господ влезе во нашата смрт, за да ја уништи, и нам да ни подари воскресение од мртвите и бесмртен Живот Вечен. Телото човечко да го направи бесмртно, додека, пак, душата е веќе создадена бесмртна.

Господ, од адот го изведе човечкиот род и човечките души и ги внесе во небесниот свет, во Рајот, и со Своето Воскреснато Тело им покажа на истите тие души, дека нивните тела ќе воскреснат на денот на Страшниот Суд и ќе се соединат со своите души. Тоа е таа победа, победа која Христос Господ ја оствари преку Својата смрт.

Возљубени наши, Христос Воскресна и смртта ја уништи!

До влегувањето на Христа Господа со душата во адот, секој човек беше под власта на ѓаволот, под власта на смртта. Никој не можеше да ја избегне, односно да ја победи. Воведувајќи ги сите во своето царство, смртта се надевала дека и Него (Христа) ќе го зароби. Гледајќи го Христа како човек, во тело човечко, сатаната само сакаше да Го доведе до смрт, да Го убие, да Го внесе во царството свое. И кога  конечно Го вовлече во смрт, сатаната си помисли: „Сега е мој!“ Но, се измами! Прв пат, во човечко тело се најде Бог! Прв пат, во човечка душа се најде Бог! Кога таа, Христова човечка душа, слезе во адот, во неа беше цел Бог. Кога смртта го проголта Телото на Христа Господа, таа почувствува дека во тоа Тело е целиот Бог. Тогаш, смртта се задуши. Смртта умре, проголтувајќи го во смртно тело Господа. Господ, со Своето Божество, од внатре ја уништи самата смрт и таа ја изгуби власта. Богочовекот Христос ја победи смртта и од неа го ослободи човекот. Тоа е најголемиот пораз на демоните, најголемата загуба на сатаната.

Возљубени чеда, навистина Христос Воскресна!

Христос Воскресе и на сите ни го осмисли животот. Со Своето Воскресение, на човекот му осигура бесмртност, а на човечкиот род му го даде она што никој не можеже да му го даде. Неговото Воскресение, навистина е најважниот настан во историјата на светот, најголемата револуција на сите светови, единствената совршена и завршена револуција.

Со Христовото Воскресение, сé се измени, и небото и земјата. Човекот стана бесмртно битие. Со Своето Воскресение, Господ ја дигна плочата од нашиот гроб и ние, за прв пат видовме отворен пат, нам за прв пат ни се отвори патот, кој од земјата води кон небото, кон Живот Вечен. Така, гробот не е повеќе последната станица од човечкиот живот, туку врата, премин кон крајната станица, кон Нов Живот, кон Царството Небесно.

Ако Христос не ни даруваше победа над смртта, ако не Воскреснеше од мртвите, ние немаше да веруваме во Христа како во Бог и Спасител. Тогаш и Христос немаше да се разликува од некои други моќници од овој свет: од цареви, кралеви, војсководци и.т.н. Ако, пак, Христос ни го даде она што не можеше ниту еден научник, философ, цар, јунак да ни го даде, тогаш нашата вера е веродостојна и оправдана, силна и непоколеблива. И повторно, ако Христос не Воскреснеше, залудна ќе беше верата наша (1. Кор. 15, 17), залудна ќе беше молитвата наша, залудна ќе беше љубовта наша. Но, бидејќи Он Воскресна, затоа ние веруваме во Него и после две илјади години и ќе веруваме секогаш, преку сите денови и сите векови до Вечноста.

Возљубени наши, сорадосници и сопобедници во Воскресението!

Се радува земјата, се радува и небесата. Целата твар се радува. Не постои, мили наши, поголема радост од Воскресенската. Ние се радуваме, затоа што со Воскресението, ни се отвори патот во вечниот живот.

Нашата воскресна (пасхална) радост, е радост поради преобразбата на целиот наш живот, во непропадлив живот, поради нашите мечти кон бесмртно добро, кон непропадлива убавина.

И може ли разумен човек, да не се радува на победата Христова? Ете, Он не извојува победа заради Себе, туку заради нас. Неговата победа не го направи поголем, пожив, побогат Него, туку нас. Неговата победа не е себичност, туку љубов, не е своина, туку дар.

Земските победници ја однесуваат победата, а Христос е единствен Кој ја донесува победата. Ниту еден земски победник, не сака неговата победа да се одвои од него и да се припише на друг. Само Воскреснатиот Господ, ја нуди Својата победа на секого од нас, и се радува, кога ние, со Неговата победа ќе станеме сопобедници, односно поголеми, поживи и побогати отколку што сме.

Мили браќа и сестри, синови и ќерки на Воскресението!

Идолопоклонството, односно среброљубието и овоземните интереси, ја заменија љубовта кон Бога, а завидливоста и љубомората кон браќата, ја заменија љубовта кон ближниот. Скотољубието го замени човекољубието, а блудот и прељубата, брачната и семејната љубов. Лагата (сотонска) ја замени Вистината – Христа, вечната светлина. Лицемрието и лукавството, ги замени искреноста и чесноста. Очајанието го замени длабокото покајание, сомнежот ја замени довербата. Гневот, пак, бесот и лутината, ги замени смирението и трпението, а одмаздата, простувањето. Унинието – безволноста за живот, ја замени надежта во Бога, а телесните, земните и материјалните наслади и уживања, ги заменија духовната радост и спокојството.

Духовните вредности кај современиот човек, се наполно запоставени, затоа што во овој век на обезличениот човек, во ова потрошувачко и тотално материјалистичко општество, духовните вредности, од страна на современиот човек, се непрепознатливи и неприфатливи. Тоа е така, бидејќи основата, темелот врз кои се градат овие духовни вредности е загубен. Тој не постои, бидејќи е презрен и отфрлен. Но, во Светото Писмо е кажано: Нема друга основа, освен поставената, нема друг темел и нема друг аголен камен, освен Христа аголниот камен, кој што го отфрлија современите ѕидари на осовременетото образование. Современите ѕидари (на современиот образовен систем), куќата не ја градат врз поставената основа и темел, врз аголниот камен Христа, за нас Распнатиот и Воскреснатиот, туку врз песок, врз човечките, но и врз демонските мудрувања и итроштини и затоа таа куќа и од најмал потрес и ветар се тресе, а и при доаѓање на тивка вода, се урива како грамада од камења, изѕидана без темел и без вар, песок и малтер. Претежно, такви се современите генерации кои растат без вера во Бога и се развиваат, градат и надградуваат, без основа и темел, изграден врз аголниот камен Христа, за нас Распнатиот и Воскреснатиот од мртвите.

Најмили наши, во Христа Распнатиот и Воскреснатиот, духовни чеда!

Нашата вера е крстовоскресна, бидејќи преку дрвото на познавањето на доброто и злото, нашите прародители, а преку нив и ние, ја загубивме нашата човечка природа, создадена за вечен живот, во заедница со Бога. Заради непослушноста во човечкиот род, дојде гревот и смртта. Преку забранетиот плод од дрвото, падна човечката природа и затоа беше неопходно потребно, пак преку дрвото, овој пат Крстот, најсрамното оружје кај римјаните, да ја подигне Спасителот нашата падната човечка природа, земејќи ги врз Себе доброволно сите гревови на човечкиот род од постанокот, па до крајот на овој свет, и така да го искупи човечкиот род.

Дека нашата вера е крстовоскресна, имаме безброј примери, како во Стариот, така и во Новиот Завет. Зарем не пострада праведниот Јов со крстни страдања, како никој пред него и тоа само заради зависта на сатаната? Но, тој ја покажа длабоката вера во Бога и во воскресението на мртвите, укажувајќи дека во истото свое тело и кожа, ќе Го види Бога (Распнатиот и Воскреснатиот). Зарем не го принесе на жртва својот единствен син Исак, праведниот патријарх Авраам, убеден дека Бог ќе го воскресне? Зарем не умреа распнувани ка Крст и со меч убивани Светите Апостоли, со вера во Воскресението од мртвите, според зборовите на Свети Апостол Павле: „Живееме ли, умираме ли, Господови сме“ (Рим. 14, 8). Зарем милиони, а можеби и милијарди маченици, исповедници, подвижници, испосници и страдалници, не умреа со вера во воскресението од мртвите и животот во идниот век?

Нема поголема радост во Христа Воскреснатиот, возљубени браќа и сестри, од пасхалната – воскресенската радост, затоа постојано да живееме и на сите браќа и сестри во Господа да им укажуваме, дека секогаш треба во душите и срцата да ни биде присутна мислата, за верата во Христа за нас Распнатиот и Воскреснатиот, и дека без таа вера и живот, ни нема спасение и Царство Небесно.

Најмили наши духовни чеда, во Христа Воскреснатиот!

Целиот домострој на спасението, насочен е кон настанот на Христовото Воскресение. А во Воскресението се исполни сé, преку него се покажа сé, и со него ни се даде сé.

Денес, на Велигден, раните побрзо заздравуваат, болките полесно исчезнуваат, тагата веќе ја нема, а радоста нека царува.

Сите пристапете кон Христа Воскреснатиот. За сите има место во Неговите прегратки. Да Му се поклониме на Неговото триднево Воскресение, соединети со Него со целиот свој ум. Да Го прегрнеме со целата своја душа и срце и така, прегрнати во овдешната духовна прегратка, да се удостоиме и за Христова прегратка во Царството Небесно. Амин!

Христос Воскресе!

Навистина Воскресе!

И нам ни дарува живот вечен!

Ваш постојанен молитвеник пред Воскреснатиот Христос

Митрополит Преспанско-пелагониски и

Администратор Австралиски и Новозеландски

+ Петар

Лето Господово 2021