На 31.01.2021 г., во Триесет и четвртата недела по Педесетница, кога го празнуваме Соборот на руските новомаченици и исповедници и споменот на Свети Атанасиј Велики, архиепископ Алесандриски, Свети Кирил Александриски и Свети Максим, архиепископ Влахозадпланински, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски, ерејот Метошко Дончовски, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Александар Николовски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во свештенички чин да го ракоположи ѓаконот Метошко Дончовски, а во ѓаконски чин, дипломираниот теолог Александар Николовски.
Од името на Епархијата, на новоракоположениот свештеник Метошко Дончовски и на ѓаконот Александар Николовски, им ги честитаме примените свештените чинови и се молиме достојно да Му служат на Бога и на верниот народ, принесувајќи многубројни плодовите.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Така да засветли вашата светлина пред луѓето, та да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Кој е на небесата“ (сп. Мат. 5, 16).
Денес на Божествената Литургија, браќа и сестри, беа прочитани две Свети Евангелија, каде во првото Свети Евангелие слушнавме што Му одговори Господ на оној млад човек законик, кој сакајќи да Го искуша Господа, Го прашал што треба да направи за да добие живот вечен. Второто Свето Евангелие беше посветенo на денешниот светител т.е. на столбот на нашата Света Православната Црква, Свети Атанасиј Велики, патријархот Александриски, кој е светлина и бранител на Црква, во времето кога беснеела ереста на свештеникот Ариј.
Ние луѓето треба да знаеме дека нашиот живот тука на земјата, не ни е даден за да печалиме богатства на земјата, туку за да го задобиеме Царството Небесно. Ете, кога оној законик Го прашал Господа Исуса Христа што треба да направи за да добие вечен живот, Господ му рекол да ги исполнува Божјите Заповеди: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно; почитувај ги татка си и мајка си; сакај ги ближните свои како себеси!” (сп. Мат. 19, 18), а законикот рекол дека уште од младоста ги исполнил овие заповеди. Тогаш Господ му вели: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој, и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!“ (сп. Мат. 19, 21).
Тогаш овој законик, многу се натажил, зашто бил многу богат, а и срцето му било прилепено кон богатството, па си отишол тажен, а Господ рекол: „Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно“ (сп. Мат. 19, 23).
Тогаш Апостолите Му рекле на Господа: „Тогаш кој ќе се спаси?“ (сп. Мат. 19, 25), а Господ рекол: „Тоа што не е можно за луѓето, можно е за Бога“ (сп. Мат. 19, 26). Ние луѓето, браќа и сестри, не можеме да се спасиме со своите телесни и душевни сили, туку само преку Божјата помош, па затоа и Господ вели: „Без Мене не можете да правите ништо“ (сп. Јован. 15, 5).
Па така, треба да знаеме дека ние не треба да копнееме по земните и материјални богатства, зашто Господ вели: „Зар е поскапо оделото од телото, или, пак, телото од душата?“ (сп. Мат. 6, 25). Ниту оделото, е поскапо од телото, ниту, пак, телото е поскапо од душата. Понатаму Господ вели: „Погледнете ги полските кринови како растат: не се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, (најславниот цар во историјата на човештвото), не се облекол во таква убавина, како што се облечени цвеќињата и полските кринови“ (сп. Мат. 6, 28-29). Понатаму Господ вели дека цвеќињата и полската трева, кога ќе свенеат, се сечат и во оган се фрлаат.
Па така, браќа и сестри, ние треба да разбереме дека сета телесна убавина и сè што е земно и материјално во овој свет, ќе исчезне, а она што Господ го дал од Неговиот Закон, од Неговото Слово, тоа нема да исчезне, сè додека не заврши овој свет.
Исто така, ние треба да знаеме дека човекот бил создаден од Бога, за да ги победи спротивностите, но нашите прародители Адам и Ева, не успеале тоа да го направат, иако биле со просветлен ум. Нивната задача била да се обожат и да ги обединат сите спротивности т.е. со Божјата благодат да надвладеат сè што е земно и материјално и себеси да се покажат како совршени луѓе на земјата. Но тие тоа не го направиле, туку напротив, со умот, разумот и волјата, паднале во првородниот грев и на тој начин заборавиле на Господа, Кој им рекол да не јадат од забранетиот плод, бидејќи во кој ден ќе вкусат, ќе умрат.
Така и се случило, кога нашите прародители Адам и Ева, вкусиле од забранетиот плод, им се помрачил умот и тие повеќе не можеле да Го гледаат Бога. Ете, токму затоа Господ вели: „Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“ (сп. Мат. 6, 22-23).
Ете, токму заради тоа, браќа и сестри, нашата Православна Вера, се разликува од сите други вери и религии, бидејќи христијанството т.е. Православната Вера, не е Вера, која исповеда и верува во некој бог, кој постои некаде делаку од нас на небесата, кој ние треба да го смилостивуваме со некакви служби и ритуали, како што тоа го прават разни религии, чија вера е измислена од нив. Нашата вера, браќа и сестри, е вера во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Нашата вера, е Богооткриена, бидејќи ни ја открил Самиот Син Божји, Спасителот Христос, Логосот Божји, Кој предвечно од Отецот се раѓа, а заради нас и заради нашето спасение, се родил во тело од Пресвета Богородица, во сè изедначувајќи се со нас луѓето, освен во гревот.
Ете, на празникот Богојавление, нам ни се јавува и целата Света Троица, кога на реката Јордан се слушна глас од небесата, Кој рече: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (сп. Мат. 3, 17), а Синот Божји, се крштеваше од Јована Крстител, кога над Него во вид на гулаб, надлетуваше Светиот Дух и ги испушташе во Својата полнота силните зраци на благодатта врз Христа нашиот Бог и Спасител.
Нема друга вера или религија, во која вака отворено, конкретно и јавно, Бог се јавил или отворено се открил пред луѓето.
Па ете, на тој начин, откако се просветлуваат со умот, се задобива можноста луѓето да се обожат и усовршуват, како што Христос рекол: „Бидете совршени како што е совршен и вашиот Отец, Кој е на Небесата“ (сп. Мат. 5, 48), кое совршенство не можеме никогаш да го достигнеме, ама можеме кон него ние да се уподобуваме, зашто созданијата, кои се од Бога создадени, не можат да ја достигнат Неговата природа, како несоздаден, ама можат во неа да учествуваат со Боожјата благодат, која е Божја несоздадена енергија.
Така, ние постануваме синови Божји и соучесници во Божјата природа, преку благодатта Божја, или со други зборови стануваме богови по благодат.
Таков подвиг направил и денешниот славеник, Светиот Атанасиј Велики, кој е голем учител на Црквата Христова, кој се родил кон крајот на третиот век, а починал во 373 година, на 80 годишна возраст.
Свети Атанасиј, бил ѓакон на патријархот или архиепископот Александар, со кој учествувал на Првиот Вселенски Собор во 325 година во Никеја, каде се покажал како одличен познавач на учењето нашата Света Православна Вера. Па така, со своето богословско знаење и со благодатта што ја добил од Бога, уште како ѓакон, успеал да го напише првиот дел од Символот на Верата и да го одбрани учењето на Православна Црква, пред злогласниот еретик Ариј. Свети Атанасиј, браќа и сестри, не ги задобил симпатиите на Светиот цар Константин, но и на подоцнежните цареви: Констанциј, Валент, Јулијан отпадниот, заради борбата против Ариј. Но бил почитуван од царот Јовијан, од кој ја добил довербата, да се врати во својата епархија и со своите верни чеда да го заврши својот живот како вистински архипастир. Пострадал многу за Христа т.е. бил гонет од непријателите, заради што морал да се крие во гробишта и бунари. Бил испратен во заточеништво во Галија, а два пати бил и во Рим, од каде се враќал почесто, но конечно, откако дошол Јовијан за цар, на тогашната Ромејска држава, тој го завршил достојно својот живот.
Неговата борба, била со тогашниот најголем еретик на Црквата Христова Ариј, кого Свети Атанасиј, го победил со своето учење, па затоа читаме и пееме во неговиот тропар дека е столп и тврдина на Цкрвата, бидејќи го победил Ариј со учењето на нашата Света Православна Вера, со тоа што ја докажал едносушноста на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, односно дека Исус Христос, Синот Божји, е совршен Бог, но истовремено и совршен човек т.е. Богочовек, а не создание на Отецот.
Ете, токму тоа го направил Свети Атанасиј и се прославил. И не е никаква тајна дека можеби после Свети Никола, во Православната Црква, најмногу храмови се подигнати на Свети Атанасиј, кој заедно со Свети Кирил Александриски, се столбовите на Александриската Црква.
Па така, како што кажавме, браќа и сестри, христијанската вера, е богооткриена. Христијанството не е вера на луѓе, кои се добри и морални, туку е вера на луѓе, кои се лекуваат од најтешките болести т.е. од болестите на душата и телото, бидејќи кога нашите прародители Адам и Ева згрешиле, им се помрачил умот, па затоа било потребно човечкиот ум повторно да се просветли, а тоа значи најнапред поради нашата грешност, мораме да го очистиме срцето од секаква душевна и духовна нечистотија, да ги отстраниме од нас грешните желби, грешните чувства, грешните похоти, грешните страсти, односно да ги преобразиме страстите, кои преминуваат во дела, но исто така, преку нашата совест, која е гласот Божји во човекот, ние да не дозволуваме грешни мисли да се вселуваат во нашиот ум и да се претвораат во грешни помисли со разни слики и фантазии, со кои ние практично стануваме робови на грешните мисли и фантазии.
Значи, ако ги очистиме нашите срца од секаква нечистотија и ако не дозволуваме во нашите умови да се вселуваат грешни мисли, помисли и фантазии, тогаш, браќа и сестри, ќе бидеме она за кое се вели дека ние сме светлина, а светлина занчи дека сме Го примиле Светиот Дух во нашите души и тела, за кои (за телата) Свети апостол Павле вели дека се храмови на Светиот Дух.
Ако нашето око, односно умот е чист, тогаш ќе Го гледаме Бога со нашиот ум, и тогаш ќе се просветли нашиот ум и ние ќе имаме светлина, а Светлината, е Божјата Благодат, несоздадените Божји енергии, преку кои ние практично се очисуваме и просветлиуваме.
Возљубени, ако живееме таков достоинствен живот, можеме да се обожиме, како што се обожиле сите светители на нашата Света Православан Црква, како што се обожил и денешниот славеник, Свети Атанасиј Велики, архиепископ и Александриски.
По неговите Свети молитви и по молитвите на Светиот Кирил Александриски, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар