Трета недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Великомаченица Недела“, во Битола

На 11.07.2021 г., во Третата недела по Педесетница, кога го празнуваме преносот на моштите на Светите маченици Кир и ЈованПреподобниот Сенуфиј Знаменосец и споменот Преподобниот Павле Лекар, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоереите Златко Костовски, Пенчо Пусоски, Љупчо Атанасов, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченица Недела, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Не грижете се за вашиот животот на земјата, што ќе јадете, што ќе пиете, или во што ќе се облечете? Најнапред барајте го Царството Божјо и Неговата правда, а останатото ќе ви се придаде!“ (сп. Мат. 6, 31-33)

Со овие зборови, браќа и сестри, Спасителот Христос, во денешното Свето Евангелие сака да укаже на тоа колкава е вредноста на душата над телото. Спасителот Христос ни порачува храната, пиењето и облеклото, да не ги претвораме во цел во животот, зашто тие се средство за опстојување на телото, а душата има потреба од духовна храна, а не од телесна.

Денес ние сме сведоци дека деведесет насто од луѓето се грижат за телото, за материјалните богатства, за јадењето, пиењето и облеклото, а многу малку или воопшто не се грижат за душата и за своето спасение. Ете, токму заради тоа Христос в денешното Свето Евангелие укажува на сите овие нешта.

Си споменуваме, браќа и сестри, дека како во Стариот, така и во Новиот Завет, имало многу луѓе, кои се грижеле исклучиво само за телото. Да си спомнеме за параболата за богатиот човек, кој велел: „Душо моја, јади пиј и весели се, бидејќи имаш многу богатства за многу години„ (сп. Лука 12, 19), а Господ му рекол: „ „Уште ноќеска, (демоните), ќе ти ја земат душата твоја, а тоа што си го подготвил, на кого ќе остане?“ (сп. Лука 19. 20).

Браќа и сестри, нашата должност е да се грижиме повеќе за душата, отколку за телото. За телесните потреби, Господ нам ни дал шест дена да работиме, во кои треба да ги завршиме сите наши обврски за материјалното, а седмиот ден да го посветиме на Бога. Значи Господ ни дал шест дена да работиме, а седмиот ден да Му го посветиме Нему. Тоа не значи дека ние во тие денови не треба да мислиме на Бога, туку напротив, секој ден, секој миг и секој час, ние сме должни да мислиме во Бога, да веруваме во Бога и да Го љубиме Бога, а и ближниот како себеси, зашто нашиот живот и нашето постоење, произлегува од Бога, и ние без Бога не сме живи. Господ, браќа и сестри, во повеќе наврати укажува дека ако ние мислиме дека треба да се грижиме само за материјалното, тогаш очигледно нема да го заслужиме Царството Небесно.

Господ на еден претстојател т.е. владиката на една апокалиптична Црква(та) во Сарс, му рекол: „Иако си жив, знам дека си мртов, зашто ги знам твоите дела“ (сп. Откр. 3, 1). Што значи, каков е нашиот живот, такви се и нашите дела, таков е нашиот опстој на земјата. Ние не треба да заборавиме дека Царството Небесно, не може да се спечали на небесата, туку исклучиво тука на земјата. Ако некој мисли дека тука на земјата може да живее недостојно и пред крајот на животот дека ќе се помоли и покае, па Господ ќе му прости и ќе го наследи Царството Небесно, знајте, браќа и сестри, дека тој се измамил, бидејќи никој од нас не знае и не потпишал договор со Бога до кога ќе живее. Па затоа, треба во секој момент и во секој миг да мислиме дека постои опасност ние да го напуштиме овој свет.

Свети апостол Павле вели: „Еден ден човекот мора да умре, а потоа суд!“ (сп. Евер. 9, 27). Значи за животот на земјата постои временен суд, а потоа и  вечен суд, кој ќе биде на крајот  на светот, при Второто Христово доаѓање на земјата.

Затоа, браќа и сестри, треба да бидеме будни, за, во секое време, да дадеме одговор пред Бога на Страшниот Христов Суд, како што слушаме во ектениите. Обично луѓето мислат дека Господ за нас доволно не се грижи, па ние треба да мислиме за земните и материјалните нешта. Еве, Господ во денешното Свето Евангелие ни го порачува спротивното т.е. да не мислиме и да не се грижиме што ќе јадеме и што ќе пиеме или во што ќе се облечеме, бидејќи Господ знае дека ние од тоа имаме потреба и истото ќе ни го даде.

Па така, кога ние велиме дека треба да се грижиме за земните и материјалните работи, Господ во денешното Свето Евангелие не вели дека ние воопшто не треба да не работиме. Свети апостол Павле вели: „Кој не сака да работи, тој не треба ни да јаде“, што значи ние треба да работиме и да се грижиме за земните и материјални работи, но тие не треба да ни бидат цел во нашиот живот, туку средство за нашето физичко опстојување. Најголемата и вистинската грижа, треба да биде за спасението на нашата душа, кој нема потреба од материјална и телесна храна, туку од небесна, а таа небесна храна е Светото Писмо, Светото Евангелие, Светото Предание, молитвата, постот, подвизите и.т.н.

Многумина луѓе како цел во животот ги гледаат подвизите, молитвата и постот, што е сосема погрешно, бидејќи ниту подвизите, ниту постот, ниту молитвата, не се цел во нашиот живот. Целата е Царството Небесно, а останатите нешта се средствата преку кои се стигнува во Царството Небесно. Во ваква заблуда се и некои свештени лица, кои постот, молитвата и подвизите, ги сметаат за цел во животот, па понекогаш ги прекоруваат дури и децата ако каснат нешто мрсно, заборавајќи на духовниот пост.

Исто така, ние честопати обрнуваме внимание и на некои работи, кои не се суштина на верата, туку се средства за нашето спасение. Во врска со тоа, во денешната парабола беше речено: „Зар не е телото поважно од облеклото на луѓето“ (сп. Мат. 6, 25). Облеклото е заради телото, па така, кога ние печалиме за да се облечеме и обуеме, целта не е ниту облеклото, ниту обувките, туку за да го заштитиме телото. Облеклото е за да се заштити телото од студ и жега, а не за ние со него да го свртуваме вниманието пред луѓето, за да видат колку убава облека сме купиле.

Од медиумите слушнавме дека еден човек за неколку дена потрошил неколку илјади евра за облека, со цел да го сврти вниманието на другите т.е. колку тој умее да се облекува според модата. Па така, многумина луѓе повеќе внимание обрнуваат на модата, отколку на душата. Модата не треба да биде цел во животот, ниту на жените, ниту на мажите.

Ете, Господ тоа го осудува, кога нам ни се поважни земните и преодни работи, од духовните и нематеријалните, кои се цел на нашиот живот, а целта на нашиот живот е Царството Небесно.

Веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри: која е е разликата меѓу Царството Небесно и Царството Божјо?

Христос Спасителот вели: Царството Божјо е внатре во вас. Во нас е Царството Божјо, а Царството Небесно, ние треба да го заслужиме, а тоа е животот во идниот век, како што читаме во Символот на Верата. Значи Царството Небесно, е во идниот живот, а Царството Божјо е во овој живот.

Што значи Царството Божјо? Некои мислат дека целта на животот е постот и молитвата, а тоа за жал го мислат дури и некои недоволно образовани свештени лица, кои упорно телесниот пост, го сметаат побитен од духовниот пост.

Телесниот пост, браќа и сестри, е потребен и истиот оди заедно со духовниот, но треба да знаеме  дека духовниот пост, е поважан од телесниот пост. Телесниот пост треба да нè поттикне на духовниот пост. Тоа е суштината на телесниот пост, а духовниот пост, се состои од тоа да не лажеме, да не се крадеме, да не блудствуваме, да не прељубодејствуваме, да не озборуваме, да не ги мразиме луѓето, да не очајуваме и.т.н.

Господ, браќа и сестри, се грижи за нас и за нашите телесни и материјални потреби, па затоа ние не треба да мислиме и да се грижиме за тоа. Кога ние ја изговараме Господовата молитва „Отче наш“, ние во неа од Бога бараме да ни го даде лебот наш насушен, ама луѓето не мислат за денес, туку за тоа како ќе живее понатаму. Еве гледате што се случи со оваа пандемиа, во која умреа многу луѓе, кои имаа многу фантазии дека ќе живееат можеби и сто години, но никој нема гаранција колку ќе живее. Затоа ние повеќе внимание треба да обрнеме на нашиот духовен живот, отколку за телесниот.  Спомнавме и пак ќе повториме дека подвизите, постот и молитвата, не се цел во нашиот живот. Целта во нашиот живот, е Царството Небесно, кое треба да го спечалиме тука на земјата.

Имено, кога велиме дека Царството Божјо, е внатре во нас, ние треба да постапуваме така, за да го задобиеме Светиот Дух т.е. благодатта Божја, а благодатта Божја, се Божествени несоздадени енергии.

Римокатолиците учат вака: „Ние треба да правиме добри дела, а ако направиме повеќе добри дела од потребното, истите можеме да им ги позајмиме на другите луѓе, за и тие да се спасат“. Не, браќа и сестири, поинаку стојат работите, бидејќи ние сме должни да работиме и да го исполнуваме Законот Божји, зашто Господ Исус Христос вели: „Оној, кој што Ме сака Мене, тој ги исполнува Моите Заповеди, и Старозаветните, и Новозаветните“. Во старозаветните Заповеди се вели: „Не убивај“, а Новозаветната заповед вели: „Не гневи се“, зашто кога човекот ќе се налути и разгневи, после тоа се случуваат, и тепачките. и убиствата.

Новиот Завет, браќа и сестри, е посовршен од Стариот Завет. Во Стариот Завет, се вели: „Не прељубодејствувај“, а во Новиот Завет Господ Исус Христос вели: „Кој погледне на жена со желба да ја има, тој веќе направил прељуба во срцето свое“. Гледате колкава разлика има во тоа што е кажано во Стариот и во Новиот Завет.

Новиот Завет, е посовршен од Стариот Завет, но Стариот Завет не се исклучува во никој случај. Исто така, во оваа насока треба да знаеме дека ние треба да го сакаме Бога и да копнееме по Него. Ние исто така сме должни да ги исполниме Заповедите Божји, но сето тоа не значи дека ние сме го спечалиле Царството Небесно, зашто тоа не се стекнува по наша заслуга, туку според милоста Божја. Што значи, кога Господ ќе посака, тогаш ние ќе се спасиме. Нашето пасение не зависи од нас, туку Бога. Една наша нардна поговорка вели: „И јас сум јунак, а и коњот ми е силен, ама ако Господ не помогне, нема да стигнеме таму каде што треба да стигнеме“.

На многумина кои доаѓаат до Царството Небесно т.е. до вратата на рајот, тука им завршува приказната, бидејќи вратата на рајот е затворена. Оној, кој што го исполнувал Законот Божји, мислејќи дека само преку Законот ќе влезе во Царството Небесно, не може да влезе. А оној, кој што мисли дека има потреба не само да ги исполни Божјите Заповеди, туку и да Го моли Бога да се смилува на него, кога ќе дојде пред вратата на Царството Небесно, Му се обраќа на Бога велејќи Му: „Господи јас направив многу гревови, смилувај се на мене“. Тогаш конечно, од Бога зависи дали ќе му ја отвори вратата да влезе Царството Небесно. Ако се молиме како првиот, тогаш нема да влеземе во Царството Небесно, но ако се молиме како вториот, кој вели: „Господи дозволи ми да останам барем пред вратата на Царството Небесно“, тогаш имаме надеж дека Господ ќе ни ја отвори вратата да влеземе во Царството Небесно.

Па така, браќа и сестри, да завршиме со денешната проповед за тоа дека ние сме должни да го исполниме Законот Божји, за да го налседиме Царството Небесно, а од милоста Божја зависи дали ќе го добиеме. Амин!

 

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар