На 12.02.2021 г., кога го празнуваме споменот на Светите Три Светители (Јован Златоуст, Василиј Велики и Григориј Богослов), Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Така да засветли пред луѓето вашата светлина, та да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата (сп. Мат. 5, 16).
Денес, браќа и сестри, ги прославуваме трите столба на Црквата Христова, од таканаречениот златен период на Православната Црква. Имено, станува збор за големите светители: Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов и Свети Јован Златоуст. Овие Божји угодници, се угледале на Христа нашиот Бог и Спасител, па така, секој од нив според дарбите и талантитe, кои Бог им ги дал, се просветлиле и станале свети, така што луѓето почнале да ги слават уште од петтиот век. Но меѓу народот настана расправа околу тоа кој од овие тројца светители е најголем. Едни се определиле, најмногу да го слават и почитуваат Свети Василиј Велики, други Свети Григориј Богослов, а трети, пак, Свети Јован Златоуст, па така, сите верници почнале да се делат т.е. оние што го почитувале и славеле Свети Василиј, се нарекувале „Василијани“, оние што го славеле Свети Григориј, се нарекувале „Григоријани“, а тие што го почитувале Свети Јован Златоуст, се нарекувале „Затоусти или Јованијани“.
Такво нешто во Црквата Христова, не е дозволено. Уште од почетокот, кога некои според Апостолите почнале така да се делат т.е. едни да се нарекуваат дека се припадници на Свети апостол Павле, други на Аполос, а трети на Свети апостол Петар, тогаш Свети апостол Павле укажува на тоа дека ние пред сè сме Христови. Глава на Црквата, е Христос нашиот Спасител, и никој во Црквата не може да се издвојува, па така, секој, кој така мисли, греши. Ние можеме да имаме почит кон еден или кон друг владика или свештеник, но секогаш на прво место треба да биде Христос нашиот Спасител. Никој меѓу нас епископите не треба да се издвојува или вие верниците да велите дека му припаѓате на овој или на оној владика, на овој или на оној свештеник. Таквото нешто во Црквата не е дозволено.
Јас многупати меѓу некои наши верници во Битола, сум забележал, на себе да носат слики од некои таканаречени старци, монаси или свештеници, а не ја носат иконата на Христа нашиот Бог и Спасите. Прости ми Боже, ќе кажам дека тоа е сосема погрешно. Тоа не е нормална работа. Никој не може да биде пред Христа, бидејќи Христос е нашата глава. Главата на Црквата е Христос, и без Христа нема ништо, нема спасение.
Ние пред сè, треба да Го почитуваме Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Кои имаат едно Божество. т.е. ниту Отецот е поголем од Синот и Светиот Дух, ниту Синот е поголем од Отецот и Светиот Дух, ниту, пак, Светиот Дух, е поголем од Отецот и Синот. На прво место Го споменуваме Отецот, Кој е беспочетен и е причина на сите причини, Кој не се раѓа и не исходи, на второ место е Синот, Кој предвечно се раѓа од Отецот, и Светиот Дух, Кој предвечно излегува од Отецот. Трите Лица на Света Троица, не се три Бога, туку еден Бог, па затоа се крстиме во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Ете, и меѓу денешните Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов и Свети Јован Златоуст, никој од нив не е поголем од едниот, другиот или третиот, туку сите тројца се еднакви пред Бога. За тоа дека се еднакви пред Бога, тие самите му јавиле на сон на Евхаитскиот епископот Јован, кому му рекле: „Ние сме едно пред и во Бога, како што гледаш, и кај нас нема ништо противречно, … ниту има меѓу нас некој кој е прв или втор или трет. Нека престане поделбата во Црквата на Василиевци, Григориевци и Јовановци, бидејќи сите се еднакви пред Бога“. Па така, за да нема поделби и расправии, за тоа кој прв да биде спомнуван, било речено дека ќе се споменуваат по азбучен ред. Прв по азбучен ред, е Свети Василиј, втор е Свети Григориј, а трет е Свети Јован Златоуст. На тој начин, е расчистено прашањето кој е поголем, бидејќи сите се еднакви пред Бога.
Ете, сега за сите тројца ќе кажеме по нешто, за од оваа Божествена Литургија да понесеме спомени за животот и делото на овие Божји угодници на нашата Света Православна Црква, кои ги сметаме за столбови на Црквата, на која глава е Христос.
Од денешниот Свет Апостол, слушнавме дека ние треба да ги помниме нашите наставниците, кои ни го проповедаа Словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот од нивниот живот, да ги подражаваме во верата нивна (види Евер. 13, 7).
Ете, како што кажеме, Свети Василиј Велики, е прв по азбучен ред, од овие тројца светители, кој бил голем подвижник на Црквата Божја. По раст бил висок, но телесно, поради постот, молитвите и подвизите, кои ги правел, слаб. Неговиот поглед, го прекорувал секој што не живеел во согласност со нашата Света Православна Вера. Од никого не се плашел, па ниту од тогашните цареви.
Ете, кога Царот Валент, сакајќи да го заплаши Свети Василиј, го испратил префектот Модест за да му каже дека ако тој и понатаму продолжи така да ги бичува и камшикува лошите дела на царот дека ќе му го земат имотот, Свети Василиј рекол: „Што ќе ми земете, кога освен оваа излитена мантија и неколку книги, немам ништо свое, сè е Божјо“. Потоа кога му рекле дека ќе го протераат во некоја далечна земја, Свети Василиј одговорил: „Секаде е замјата Господова“, а кога му рекле дека ќе го убијат, тогаш Свети Василиј рекол: „Толку многу копнеам по Бога, за да се соединам со Него во Неговото Царство, бидејќи за тоа живеам и за тоа се трудам“. Царот, браќа и сестри, многу се восхитил на ова, па затоа дошол на една Божествена Литургија, за да види како служи Свети Василиј, па кога видел, рекол во себеси: „Навистина овој човек, е Божји угодник“.
Ете, така Свети Василиј го завршил својот живот во големи искушенија и страдања, бранејќи ја нашата Света Православна Вера. Свети Василиј напишал бројни толкувања на книгите од Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет, а напишал Божествена Литургија, која се служи десет пати во годината т.е. на денот кога го празнуваме неговиот спомен, во предвечерието на Божик т.е. на Бадник, како и пред Богојавление т.е. на Водокрст, во првите пет недели од Великиот Пост, на Велики Четврток и Велика Сабота
Па така, нашата Света Православна Црква, него го прославува како голем подвижник, голем ум и голем светител, токму затоа го носи и епитетот Велики. Тоа е неговиот епитет, оти се покажал велик пред Бога со неговиот живот и неговите дела. Својот живот го завршил на педесет годишна возраст во 379 година.
Свети Григориј Богослов, е исто така голем светител. Неговиот епитет е -Богослов. Ние во Црквата Божја, имаме многу малку светители, кои се именуваат со епитетот Богослови. Кои се Богослови? Богослови се оние што го словат Бога. Кажано е дека никој не може да Го слови или да говори за Бога, ако истиот не успеал да Го прими Бога во својата душа и срце, и да Го види со својот ум. Од Светите Апостоли, само еден се именува со епитетот Богослов, а тоа е Свети Јован Богослов. Во Православната Црква, имаме уште еден светител, кој го носи овој епитет, а тоа е Свети Григориј Нов Богослов. Ете, само овие светители се именувани со епитетот богослови. Ние во Црквата велиме дека сите што ќе завршат Богословија или Богословски факултет, се богослови. Да, но само на хартија, бидејќи вистински богослови, се само оние, кои успеале длабоко во своите души и срца да Го всадат Бога и постојано на Него да мислат, и со Него да живеат.
Да си спомнеме, браќа и сестри, за Свети Игнатиј, кој го нарекуваме Богоносец. Зошто така го нарекуваме? Оти Бога го носел во своето срце. Кога бил фрлен во колосеумот во Рим и растргнат од лавовите, од неговото тело останале само коските и срцето, кое кога го пресекле, во него пишувало: „Исус Христос“. Ете, тој бил Богоносец, кој Го носел Бога во своето срце. Па така, богослови се оние, кои Го словат Бога и постојано Го гледаат Бога со својот ум, и го носат во своето срце.
Таков бил Свети Григориј Богослов, кој бил прекрасен учител на нашата Света Православна Црква, кој како и Свети Василиј Велики, оставил бројни толкувања на Книгите од Стриот и Новиот Завет.
Свети Григориј, браќа и сестри, е светител, кој целосно им верувал на луѓето, а ние денеска почнавме да не им веруваме ни на браќата, оти скоро сите нè лажат. Гледате, каде ќе се свртите, сите лажат. Ќе дојде жена, ќе кажува, ќе плаче, ќе цимоли, ќе се правда, а вистината е нешто друго. Не сакаме да ги признаеме нашите гревови т.е. да признаеме дека сме грешни. Сите ние мора да разбереме дека нема човек на земјата, кој се родил, а не згрешил, освен едениот Бог и Спасител Господ Исус Христос.
Мајката Божја, е единствената, која не направила свои лични гревови, ама го носела првородниот грев, од кој била очистена кога Архангелот Гаврил и ја соопштил радосната вест дека ќе Го роди Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа. Ете, кога таа рекла „да“ на зборовите на Архангелот, тогаш била очистена од првородниот грев, и во тој момент во нејзината утроба, од Светиот Дух, се занчал Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.
Па така, браќа и сестри, нема човек, кој не згрешил, и секој од нас, кога ќе почне да се правда, знајте дека тој е под дејството на ѓаволот. Кога ќе згрешиме, па дури и кога нема да згрешиме, ако некој ни рече: „Згреши“, не правдај се, туку прими го тоа. Никогаш немојте да се противите, кога ќе ви речат дека сте направиле некои гревови, зашто ако длабоко погледнеме во нашите души и срца, истите сме ги направиле, ако не физички, тогаш духовно или душевно сме ги направиле тие гревови. Затоа никогаш не треба да се оправдуваме, но ако ни речат дека сме еретици т.е. дека погрешно учиме за верата, тогаш мора силно да се споротивставиме, доколку не сме го направиле тој грев т.е. погрешно да сме учеле за нашата Света Православна Вера.
Свети Григориј Богослов, браќа и сестри, толку многу им верувал на луѓето, што дозволил да биде измамен од еден негов сакан ученик по име Максим, кој бил филосов (циник), кого Свети Григориј го крстил и вовел во Православната Вера, а потоа го ракоположил во ѓаконски и свештенички чин, за на крајот да доживее да му го земе тронот на неговата катедра, на Цариградската Архиепископија. Па така, Свети Григориј, не сакајќи земна слава, се тргнал од престолот, а Господ го прославил како голем ум на Православната Црква. Кога другите го обвинувале за неморал, тој рекол: „Сум виновен, заради тоа што им верував на луѓето“. Свети Григориј Богослов починал во 373 година.
Ете, овие двајца светители на Црквата Христова, Свети Василиј Велики и Свети Григориј Богослов, заедно учеле на тогашната позната школа во Атина, каде од нивните писма, кои ги пишувале еден на друг, дознаваме дека нивниот пат, во текот на денот, бил од дома, до Црква или од дома до Универзитетот, каде што студирале. По една улица оделе и по една улица се враќале. Ние денеска, браќа и сестри, скитаме по сите улици, и никако пат да најдеме. Кој знае колку патишта ќе најдеме, но никако крајот да го најдеме, зашто се губиме во овој живот, заборавајќи дека Христос е Патот, Вистината и Животот.
Свети Јован Златоуст, од овие споменати светители, е нешто помлад. Еден познат римски писател и управик во тоа време, за Светиот Јован Златоуст вели: „Ние требаше да го имаме него за себе, но ете, ни го зедоа христијаните“. Свети Јован, станал христијанин, а не многубожец.
Сите овие тројца светители, браќа и сестри, имале прекрасни мајки. Нивните мајки, биле тие што ги воспитале. Вие жените т.е. мајките, треба да ги воспитате вашите деца, а за образци за тоа, нека ви бидат мајките на овие тројца светители, како што е Света Нона, мајката на Свети Григориј Богослов, Света Емилија, мајката на Свети Василиј Велики и Света Антуса, мајката на Свети Јован Златоуст, која останала вдовица на дваесет годишна возраст и никогаш не се омажила, ама гледата каков светител подигнала? Ете, Свети Јован Златоуст добивајќи прекрасно воспитание од својата мајка, тој понатаму целосно својот живот Му Го посветува на Бога.
Свети Јован Златоуст, откако се крстил, бил ракоположен за ѓакон, а потоа и за свештеник, служејќи Му на Бога во свештенички чин дванаесет години. Кога проповедал во Црквата, сите што го слушале, се восхитувале на неговите зборови, и како што сунѓерот ја впива водата, така и верните во своите души, ги впивале зборовите што тој ги кажувал и ги помнеле. Во неговото житие се вели дека една жена, кога тој проповедал на богослужбата, извикала со силен глас: „Златна е твојата уста“. Од тогаш го добил името Златоуст.
Ете, таков бил Свети Јован Златоуст, кој никогаш не се плашел од никого, па ни од царот. Познато е дека ретки се светителите, кои не се плашеле од жена, зашто жените се нјопасни, кога ќе побеснеат против Христа.
Свети апостол Павле, вели: „Младите вдовици да се мажат, оти тие, кога ќе побеснеат, се креваат против Христа и стануваат блудници т.е. нечесни, недостојни жени“. Ете, затоа Апостолот вели да се мажат, иако за вториот брак се вели дека е прељуба, ама подобро е со еден да прељубодејствува, отколку со сите да прељубодејствува.
Свети пророк Илија, браќа и сестри, се уплашил од Езавела и отишол кај потокот, каде се молел и велел: „Господи, земи ми ја душата, оти оваа страшна и опасна жена, ја бара мојата душа“.
Единствен, кој не се исплашил од жена, е Свети Јован Крстител, кој ја изобличувл Иродијада, за тоа што го оставила својот законите маж Филип и се омажила за неговиот брат, царот Ирод. Ете, затоа Иродијада, на роденденот на Ирод, на табла ја побарала глава на Свети Јован Крстител, кога ја посоветувала својата ќерка Саломија, која им угодила на гостите, играјќи на масите, да не бара ништо друго, освен главата на Свети Јован Крстител. Па така, Свети Јован Крстител, ја загубил својата глава, за да го спаси достоинството на бракот.
Еве, и Свети Јован Златоуст, доживувал нешто слично со царицата Евдоксија, затоа што ја изобличувал, не лично со име, туку во своите кажувања дека не треба нечесно да живеат, ни мажите, ни жените, но таа си ја препознала својата вина како нечесна и недостојна жена, и барала по секоја цена да биде земена главата на Свети Јован Златоуст, како некогаш што Иродијада ја зела главата на Свети Јован Крстител. Ете, за таа цел, царицата Евдоксија, се организирала со некои епископи, кои направиле собор, таканаречен под дабот, со дванаесет измислени обвинувања, за да му го одземат чинот. Па така, Свети Јован Златоуст, прво бил протеран во Никеја, каде поминал две години, а после, кога народот се побунил и настанале големи бунтови, царот била принудена повторно да го врати. Па така, Свети Јован, повторно се вратил на својата катедра, не престанувајќи да проповеда и да ги жигосува гревовите на сите, никогаш не споменувајќи име.
Секој од нас, кога ќе споменете некој грев, си знаеме кој што сме згрешиле, па си велиме, добро е што другите незнаат, но тоа не е точно дека другите незнаат, бидејќи сите знаат што грешиме и колку грешиме, но ние си бараме некое оправдување, бидејќи така ѓаволот нè учи и советува, и така мислиме дека ќе се спасиме, ама така не се спасуваме, туку уште повеќе заглавуваме. Затоа, браќа и сестри, ние треба да побараме прошка за гревовите.
Кога Свети Јован Златоуст бил вратен од првото заточеништво, рекол да се направи една статуа во близината на Црквата, пред која почнал да ги изобличува сите гревови на царицата, без да и го спомне името. Заради оваа постапка на Свети Јован, царицата Евдоксија збеснала, како што некогаш збеснала Иродијада, па затоа Свети Јован Златоуст ќе рече: „Пак беснее Иродијада и ја бара главата на Јован“, но овој пат не на Свети Јован Крстите, туку на Свети Јован Златоуст.
Понатаму, браќа и сестри, Свети Јован Златоуст повторно бил осуден и протеран во Питиил, некаде на Црното Море, каде го завршил својот живот во некое село или град по име Коман.
И еве, браќа и сестри, овие Божји угодници, секои на свој начин, според талантите кои Бог им ги дал, поживеале и докажале дека пред Бога сите сме еднакви т.е. и царевите, и слугите, и богатите, и сиромасите, и здравите, и болните, и децата, и младите, и старците и.т.н.
Навистина се светли делата на овие Тројца Божји угодници, Свети Василиј Велики, Свети Григориј Богослов и Свети Јован Златоуст. И ние не треба само да ги препознаеме, читаме или, пак, да ги разбереме, туку нивните дела во живот да ги преточиме т.е. да живееме според делата на Свети Василиј Велики, кој напишал и канони за монасите, да живееме според делата на Свети Григориј Богослов, кој навистина бил богослов, зашто достојно Го словел Бога, и според делата на Свети Јован Златоуст, кој навистина имал златна уста, од која излегувале златни зборови, и кој напишал 13 томови книги, ги толкува книгите на Стариот и Новиот Завет, неговите проповеди се бисери на црковното проповедништво, а напишал и Литургија, која најмногу ја служиме.
Ете, само на тој начин, ние достојно ќе ги прославуваме овие Божјите угодници, Светите три Светители.
По нивните Свети молитви, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
(Аудио) «Празнична аудио проповед на Митрополитот г. Петар»