На 19.12.2021 г., во Дваесет и шестата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот Николај Мирликиски Чудотворец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Илчо Смилески, Дејан Секуловски, ерејот Миланчо Стојановски, ѓаконите Ѓорѓи Делев и Емилијан Зелнички, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
После Светата Божествена Литургија, пред параклисот на Свети Никола во центарот на градот, се изврши мал водосвет и прережување на славскиот колач.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (сп. Евер. 13, 7).
Денес, браќа и сестри, кога го прославуваме Светиот Николај, Архиепископот Мирликиски Чудотворец, кој што е патрон и заштитник на градот и општината Прилеп, си споменуваме за неговото свето дело. Свети Никола израсна во народот, а Господ му рече да оди и да го поучува и советува народот и пастирски да се грижи за него. Сето тоа Свети Никола го исполни, како што читаме во Светото Писмо, дека „добриот пастир си ја полага душата своја за овците свои“ (сп. Јован 10, 11), а тоа се однесува на Христа нашиот Бог и Спасител. Сите други пастири треба да го следат Него, треба да ги следат неговите зборови, дека добриот пастир треба да ја полага душата Своја за овците свои, односно за бесловесното стадо, за верниот народ. Тоа го правел Свети Никола, односно со сета своја душа го проповедал Словото Божјо, науката Христова, не само со зборови, и дела, туку и со својот живот. Таков пастир ни треба, а таков пастир и светител избраа прилебчани, да им биде заштитник на општината и градот Прилеп.
Па така, сакаме да нагласиме, дека Свети Николај се жртвуваше за своето стадо, односно сиот имот кој го наследи од своите богати родители, тој го подари на сиромаси, сираци и вдовици, а се грижеше и за болните, кои боледуваа од секакви болести.
Свети Никола посебно се грижел за младите, па така, во неговото житие се говори како тој им помагал на девојките на едно сиромашно семејство, за да не станат жртви на продавање на своите тела, грев кој денеска за жал е многу распространет. Свети Никола ним во неколку наврати кришум им фрлал пари, за да го спаси нивното семејство од страм, односно девојките од тоа семејство да не станат неморални, туку чесно да се омажат. Па и ние, ако некои заради таква сиромаштија се решиле да ги продаваат своите телата на блудство, тогаш треба да им помогнеме, браќа и сестри. Но јас не верувам дека денес се работи за тоа, туку станува збор за нешто друго. Денес луѓето заборавиле дека нашите тела се од Бога создадени да бидат „храм, а не срам Светиот Дух“.
Па така, во тој дух сакам да кажам, дека денеска кога зборуваме за младите, жално е, но од друга страна и вистинито, дека полека масовно ја напуштаат нашата Татковина. Не верувам, браќа и сестри, дека денес младите ја напуштаат Татковината, заради основните потреби за живот, тие ја нашуштаат Татковината, заради ненаситните желби да се има сè повеќе и повеќе.
Радосни се оние кои се задоволни со малку. Денес има многумима, кои се радосни и задоволни со она што го имаат. Во нивните домови има песни и расположение, а така беше и се живееше по цела Македонија пред педесет или шеесет години.
Колку повеќе ние копнееме по богатството, толку повеќе е ненаситно нашето срце и нашиот ум по богатството. Па така, сега е дојдено времето, не да ги спречуваме нашите деца да не одат надвор од Татковината, туку напротив, да направиме нешто да ги вратиме од таму, каде што се отидени, зашто за еврејскиот народ кој паднал во ропство пророкот пред присутните кои биле во тоа ропство вели: „Ако го заборавам Ерусалим, да ме заборави Твојата десница Господи“(сп. Псал. 135, 6). Што значи, ако веќе се таму, да направиме нешто да не ја заборават Татковината, да живеат за Македонија, да мислат за Македонија, да мислат за своите најблиски што ги оставиле тука, да мислат, исто така, и за гробовите на своите предци, што ги дадоа животите за оваа наша Татковина Македонија.
Да констатираме, дека младите денеска ја напуштаат Македонија не заради потреба, туку заради желби, за поголемо богатење и заради помодарство, бидејќи знаеме дека, не е баш сè така добро на Запад, односно онаму каде што одат и работат на многу полоши и понедостојни места. Истите овие луѓе кои ја напуштиле Татковината, кога ќе се вратат кажуваат дека, уживаат и дека имаат сè во изобилие, но кога ќе се направи анализа, ќе се констатира, дека ако тука се вложиле, така како што таму се вложуваат, сигурно повеќе ќе добиеле, или барем нема да биле посиромашни, но сигурно ќе биле посреќни. Нашето одење надвор од Татковината е современо ропство.
Ги запрашувам, и помладите, и повозрасните, на кого ќе ја оставиме нашата Татковина Македонија. Мојот совет до нив е, дајте да направиме превреднување на нашите вредности. Ние имаме прекрасни вредности дадени во нашата Света Православна Црква и Вера, но ние нив не ги почитуваме.
Денес за жал се изменија работите, наместо да ја говориме вистината, подлажуваме, а народната вели: „кој лаже, тој и краде“, а ако крадеме, тогаш се знае каде ќе завршиме. Па затоа, дајте да го направиме најбитно, а најбитното е да живееме според вредностите, односно како Свети Никола да се бориме и застапуваме за правдата, а не да даваме ваква или таква правда, или селективна правда и.т.н.
Исто така, кога правиме добро, сите ние треба да бидеме еднакви. Во која смисла еднакви? Во смисла сите ние, едни на други да си помагаме или со други зборови, маките, страдањата и болката на другиот, да ја почувствуваме и прифатиме како наша болка. Ако така постапуваме, тогаш ние сме на правиот пат.
Во тој дух, до сите вас сакам да упатам апел, дека нашата Света Црква, иако од многумина е напаѓана, дека ние ништо не правиме за сиромашните, сепак во нашата Епархија, според можностите, се прават многубројни добротворни дела. Еве, сега такви прилози собираме и во Црквата, и сите тие прилози што ќе ги собереме од вас, од народот, на Божик ќе бидат поделени на дечињата и на посиромашните луѓе. Но кај нас за жал сè се случува обратно, односно сиромашните даваат повеќе од богатите. Но како и да е, мојот совет е да го следиме Свети Николај во добрите дела, а неговите добри дела се следните: тој бил правило на верата, затоа треба да си ја чуваме нашата Света Православна Верата и да не подпаѓаме под влијанието на современите таканаречени вери и секти, бидејќи тие не се автохтони и наши. На овие простори хрстијанството ни е дадено од Свети апостол Павле, а тие се од запад донесени, а целта и намерата ја знаеме сите.
Исто така, како што се вели во тропарот на Свети Николај, ние треба да бидеме пример на кротоста, односно да ги отфрлиме од нашите души и срца, гневот, омразата, злобата, нечесното однесување, клеветата, и сè што е лошо и пакосно, со други зборови кажано, она што не сакаме другите да ни го прават, тоа и ние ним не треба да им го правиме.
Во тој дух, како што се вели во тропарот на Свети Никола, дека бил учител на воздржанието, и ние, браќа и сестри, ако бидеме вистински воздржливи во секој поглед, сигурно ќе бидеме многу посреќни, отколку ако бидеме невоздржливи во уживањата, во нашето талкање по овие таканаречени современи вредности, кои немаат никаква врска со христијанските вредности. И ако ние, постарите и повозрасните, бидеме вистински учители на воздржанието, како Свети Никола, тогаш и нашите деца ќе не следат во тоа.
По молитвите на Свети Никола, Господи Исусе Христе, помилувај нè и спаси нè. Амин! Честит нека е празникот на оние што го слават Свети Никола и на оние што го носат неговото име и за многу години.
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар