На 08.12.2021 г., кога го празнуваме споменот на Светиот свештеномаченик Климент, епископ Римски и Свети Климент, архиепископ Охридски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Господи, Те молам да биде еден пастир и едно стадо!“ (сп. Јован 10, 16).
Денешниот славеник, браќа и сестри, Свети Климент, Архиепископот Охридски, уште именуван како епископ Велички, е патронот на нашата Света Македонската Православна Црква. Познатиот Охридски Архиепископ Теофилакт, кој е еден од најучените Архиепископи на Охридската Архиепископија, како што бил и Димитриј Хоматијан, Прохор и последниот Архиепископ на Охридската Архиепископија Арсениј, при нејзиното укинување во 1767 година, во обемното или големото житие кое го напишал (Теофилакт), Свети Климента го именува како „втор (апостол) Павле“,
Според житието, ние не знаеме каде е роден Свети Климент, но се знае дека е од Македонија. Според некои слависти, се мисли дека е роден токму во областа во која дошол да го шири делото на Светите браќа Кирил и Методиј, а тоа е Кутмичевица. Според мислењето на други слависти, точното местото на неговото раѓање не се знае, зашто кога монасите даваат монашки завет, се откажуваат од своите семејства т.е. од родителите, браќата, сестрите и од сите блиски роднини, бидејќи Христос, заедно со Мајката Божја, Ангелите и Сите Свети, им е сè.
Ете, Свети Климент, уште од својата рана младост, според житието, ги придружувал Светите браќа Кирил и Методиј, во сите нивни мисии, како што била онаа меѓу Сарацените на Исток и меѓу Хазарите кај Херсон. Потоа, откако со благослов на Цариградскиот патријарх и царот Михаил, а на барање на Моравскиот крал, Светите браќа Кирил и Методиј, заминале во Панонија и Моравија, каде го започнале и своето Свето дело, а потоа во 869 година отишле во Рим, за да го оправдаат своето дело т.е. нивната мисија и богослужбата на словенски јазик, поради клевета.
Ете, откако биле во Херсон меѓу Хазарите, како што спомнавме, таму на Црното море, го нашле телото на Свети Климент, папа Римски, чие име подоцна го зел Свети Климент, па ете денес заедно ги празнуваме т.е. и Свети Климент, папа Римски, и Свети Климент, епископот Велички.
По завршувањето на делото на Светите браќа Кирил и Методиј, особено на Свети Методиј, зашто до 885 година, Свети Методиј, останал да го проповеда Словото Божјо во Панонија и Моравија, според аманетот на неговиот брат Свети Кирил, кој му рекол: „Ние сме како ѕевгар што ја оравме нивата Божја, јас паѓам во браздата брату, а ти кој многу го сакаш манастирот на Олимп (во Мала Азија) и тишината во него, те молам остани со народот, зашто така повеќе ќе ја спасиш душата своја“.
Па така, Свети Методиј го продолжил нивното заедничко дело т.е. да ја проповеда нашата Света Православна Вера на разбирлив словенски јазик, на тогашните словенски народи, кои биле распространети во југоисточниот и централниот дел на Европа.
Свети Методиј во 873 година, бил затворен во завор во Баварија, но не отстапил од својата мисија, туку истата ја продолжил по примерот на Светите Апостоли.
Браќа и сестри, кога завршило делото на Свети Методиј во 885 година, неговите ученици биле протерани од градот Велеград, каде многумина од нив биле однесени на пазариштата и продавани како стока во Венеција и другите места. Се мисли дека најверојатно во Велеград имало и училиште, каде Свети Климент го стекнал искуството за својата учителска работа.
Потоа, учениците на Светите браќа Кирил и Методиј, преминувајќи ја реката Дунав, дошле во тогашното Бугарско царство, каде биле примени од принцот или болјарот Боритакан, а потоа од таму, биле испратени кај царот Борис во Преслав, во источниот дел на Бугарското царство, зашто во тоа време, Бугарите како пагански и муслимански народ, биле во мал број, околу десетина илјади, зашто дошле без семејства, како колониски племиња, но потоа секако се измешале со постоечкиот народ т.е. со Македонските словени од Мизија и дел во Тракија, и потоа ја примиле и христијанска вера, за која на почетокот давале многу отпор, па дури и кренале востание, за да останат во исламската вера, кое го задушил царот Борис. Понатаму, во 864 година царот Борис, побарал Бугарите муслимани, кои дошле од Татарстан , Кавказ и Волга, затоа се наречени Волгари или Бугари, да бидат крстени.
Затоа што се крстиле во 864 година, византискиот цар им дал подарок, а подарокот била нашата Македонија, браќа и сестри.
Свети Климент не сакал да остане во Преслав (Бугарската престолнина), иако имал добри односи со некои од совладарите на цар Бос т.е. принцевите, познати како болјари, како што бил Боритакан во Белград, како што бил Ехач, кого го посетувал Свети Климент, како што бил и Часлав, кој бил посетуван од Свети Ангелариј, кој многу се ожалостил кога умрел Свети Ангелариј.
Потоа, исто така, и од тогашниот болјар Домет, кој го наследил Кут во областа во на Кутмичевица, а Кутмичевица, била област околу Охридското езеро и Охрид т.е. денешна јужна Албанија и местата околу Девол и Главеница, кај Евлона, каде Свети Климент, Охридскиот Чудотворец, ја продолжил својата мисија.
Од 886 до 893 година, Свети Климент бил учител, а 893 година, кога Свети Климент бил поставен за епископ Велички, токму во таа област, па и во цела Македонија, како што вели најпознатиот историчар за Охридската Архиепископија, Снегаров, дека Македонија во тоа време, се отстранила од паганските обичаи на Бугарите, односно се мисли на оние што сеуште тежнееле и копнееле кон нивната прадедовска религија, односно исламот.
Па така, браќа и сестри, Свети Климент, формирал училиште, кое се нарекува и прв Универзитет на Балканот, кое било најпознато по Магнаурската школа, која била во Цариград, во која биле воспитувани и учени, најучените луѓе во тоа време, како Патријархот Фотиј, како што бил и Свети Кирил, кој бил наречен и логотет. Таму се школувал и бугарскиот цар Симеон, братот на Владимир, кој бил подготвуван, од неговиот татко царот Борис, да биде патријарх на Бугарската Црква, но кога Владимир дошол на власт, а Светиот цар Борис отишол во манастир и се замонашил со имае Михаил, овој (Владимир) повторно кренал востание, за да ги врати Бугарите, но и оние словени, кои биле крстени т.е. Македонските во тогашна Мизија, па затоа цар Борис, излегол од манастирот, го облекол своето царско облекло, и откако ги собрал своите војводи, го симнал Владимир од престолот, го ослепил, а на негово место го поставил Симеона, кој што завршил, како што кажавме, студии на Магнаурската школа во Цариград, и се покажал како еден од најсветлите, најпознати и најсилни Бугарски цареви.
Па така, браќа и сестри, во тоа време според Јагиќ, се вели дека Свети Климент отишол од Преслав т.е. од Источното Бугарско царство во Кутмичевица, во сопствената Татковина (Македонија). Познатиот славист Е. Георгиев, вели дека Свети Климент не сакал да се согласи со она што се случувало тогаш т.е. со презвитерот Кирил, кој ја создавал кирилицата, упростувајќи ја тогашната позната азбука глаголицата, која Свети Климент и Свети Наум, учениците на Светите браќа Кирил и Методиј, љубоморно ја чувале. Според Снегаров, пак, Свети Климент заминал во Кутмичевица, заради тоа што во тие краишта била силно присутна грчката пропаганда, која вршела асимилација врз тогашните народи во Македонија, именувани Словени или Македонски Словени. Затоа Свети Климент, ја развил таа школа и вршел голема мисија во тие краишта.
После сите овие нешта, кои ги слушнавме и ги знаеме, битно е и тоа да се каже дека Свети Климент, како светител, не бил само оној, кој што се грижел за духовното напредување и растење на неговата паства и за учителската мисија во Охридска школа, од која произлегле три илјади и петстотини ученици, кои по триста биле испраќани во сите нутрии или тогашни парохии на секаде т.е. не само во Македонија, туку и во словенските земји, од Исток до Запад и од Север до Југ.
Па така, Свети Климент, со тоа ја завршил својата учителска мисија. Него го наследил Свети Наум во 893 година, за кого се вели дека не само по дух, туку можеби и по тело бил негов брат, кој ја продолжил неговата учителската мисија.
Како Свети Климент го просветлувал и учел народот наш? Го просветлувал и учел на својот мајчин јазик. Иако имал високо школо и знаење, сепак не се наметнувал, како што за жал денес многу учени теолози, па и епископи и професори, им проповедаат на луѓето на висок стил, за обичниот народ ништо да не разбере.
Свети Климент, браќа и сестри, ги упростил своите проповеди и слова, па кога ги читате, тие се току едноставни и јасни за секого, како што е јасно и разбирливо и Светото Писмо.
Свети Климент, покрај учителската дејност, организирал и болници, а од Мала Азија, ги донесол со калемење овошките, па така ја облагородил Македонија, не само духовно, туку и во секој поглед т.е. и во поглед на земјоделието, и во поглед на овоштарството, и во поглед на мисијата, за негата и грижата за болните и.т.н.
Неговите проповеди се разликуваат од проповедите на источните патријарси, по тоа што се едноставни и јасни, а истовремено имаат длабока содржина. Свети Климент проповеда за Божјата мудроста, која е на престолот Божји, а Премудроста Божја, е Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.
Свети Климент говори за љубовта Божја, и вели дека не ние најнапред Го возљубивме Господа, туку нас Господ најнепред нè возљуби, зашто од Него извира љубовта кон Бога, и по примерот на Свети апостол Павле, вели дека треба да Го возљубиме Бога, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27). Тоа е основата во неговите проповеди, браќа и сестри.
Понатаму говори за тоа дека нема вистинска вера и љубов кон Бога и браќата, ако нема вера, која е од Бога дадена, зашто е кажано дека без вера, ние не можеме да Му угодиме на Бога.
Самиот Свети Климент вели: „Нашата надеж е во Господа, Кој го создаде небото и земјата“. Без таа надеж во Господа, нема никаква друга надеж, зашто и Самиот цар Давид рекол: „Немојте да се надевате на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение, туку надевајте се во Бога (сп. Псал. 145, 3). Денеска ние сме сведоци дека меѓу нас и блиските, нема љубов, бидејќи дури и најблиските нè предаваат. Нашата надеж е во Господа, Кој го создал небото и земјата.
Свети Климент, браќа и сестри, посебно место и дава на молитвата, и по примерот на Свети апостол Павле вели: „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму Сум и Јас“ (сп. Мат. 18, 20), посебно потенцирајќи дека треба да се молиме на секое место т.е. и дома во нашите келии, и кога патуваме, и кога се движиме меѓу луѓето, и на работните места, зашто нема ништо позначајно од сеќавањето на Бога, а сеќавањето на Бога, е постојаната молитва кон Бога.
Браќа и сестри, посебно место Свети Климент и посветува на Светата Божествена Литургија. Тој вели дека на Божествената Литургија, се случува најголемото чудо, односно на Светиот Престол, Лебот се претвора во Тело Христово, а Виното, во Крв Христова.
Светата Тајна Евхаристија, ја востановил нашиот Спасител Господ Исус Христос, кога покажал на Лебот и рекол: „Ова е Моето Тело, кое за вас се прекршува за простување на гревовите (сп. Мат. 26, 26); а потоа покажувајќи на Чашата со Вино, рекол: „Ова е Мојата Крв на Новиот Завет, Која за вас и за мнозина се пролева, за прошка на гревовите“ (сп. Мат, 26, 28). Ете, тоа е суштината на молитвата, па затоа на Божествената Литургија, кога ние ја пееме херувимската песна „Иже херувиме“, молејќи се: „Сега ние да одложиме секаква животна грижа“, и на ништо земно и материјално да нè мислиме, туку само на Христа да мислиме, тогаш се исполнуваат сите наши молби и молитви, браќа и сестри.
Понатаму Свети Климент вели: „Не може да има вистинска молитва, ако нема подвизи, зашто Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, вели дека овој зол и прељубодеен род може да се изгони само со пост и молитва“. Сатаната, заедно со неговите ангели (демоните), не може да се изгони без пост и молитва.
Ете, токму затоа Свети Климент препорачува дека ние треба да имаме љубов кон Бога и меѓу себе, а исто така вера и надеж во Бога. На овие три Божји добродетели, Свети Климент ги става како пандан молитвата, постот и милосрдието т.е. правењето добри дела на луѓето.
Без овие добродетели, без богоугоден живот, аскеза, подвизи, пост, молитва и длабоко покајание од душата и срцето за сите наши гревови, нема спасение. Тоа е суштината на проповедта на Свети Климент, Охридскиот Чудотворец.
Па ете, откако ова добро го расудивме, образложиме и кажавме, друго не ни останува, освен да го следиме неговиот аманет дека секоја недела и празник треба да бидеме на Божествената Литургија, зашто надвор од Црквата и Литургијата, нема спасение.
По молитвите на Свети Климент, папа Римски и на Свети Климент, Охридскиот Чудотворец, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар