Свети апостоли Петар и Павле – Света Архиерејска Литургија во Смилево

На 12.07.2021 г., кога го празнуваме споменот на Светите Апостоли Петар и Павле, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Крсте Тасески, Тони Смутковски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот посветен на „Светите апостоли Петар и Павле“, во село Смилево.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Првопрестолни Апостоли, учители на вселената, молете се Господ да и даде мир на вселената, а душите наши милост голема“.

Светите првопрестолни апостоли Петар и Павле, на кои денес споменот им го празнуваме, се најзаслужните од сите Апостоли на Црквата Христова, бидејќи тие со своите животи покажале и докажале дека Црквата Христова ништо не може, па дури ни вратите пеколни не можат да ја уништат.

Веднаш се поставува прашањето: кои се овие свети луѓе, кои ние денеска ги прославуваме?

Свети апостол Петар, заедно со неговиот брат Андреј, се од градчето Витсаида, и се први повикани од Христа да бидат Негови ученици. Нив Христос ги повикал на Галилејското езеро, каде тие ги фрлале мрежите и им рекол: „Врвете по Мене и ќе ве направам ловци на луѓе“ (сп. Мат. 4, 19), а веднаш потоа ги повикал и Заведеевите синови Јован и Јаков.

За Свети апостол Петар можеме да кажаме дека по повикот, никогаш не се одделувал од Христа нашиот Бог и Спасител. Бил ревносен во Верата и подготвен во секое време својот живот да го даде за Христа. Свети апостол Петар, понекогаш размислувал и човечки, а не божествено, како што е оној случај во Гетсиманската градина, кога Христос требало да биде фатен и предаден на суд, тогаш Свети Петар го извадил мечот, за да го одбрани Христа, и му го отсекол увото на слугата Малх, а Господ му рекол: Стави го мечот во својата ножница, зашто кој за меч се фаќа, од меч ќе погине“ (сп. Мат. 26, 52).

Свети апостол Петар, е оној, кој кога еден дел од Неговите ученици го напуштиле, не разбирајќи ги Неговите зборови: „Кој нема да Го јаде Моето Тело и нема да ја пие Мојата Крв, нема да има живот вечен“ (сп. Јован 6, 56), тогаш Господ им се обратил и на останатите Апостоли и им рекол: „Да не сакате и вие да Ме напуштите?“, а Свети апостол Петар рекол: „Господи ти имаш зборови за живот вечен, по кого и каде ние ќе одиме“. Потоа Христос Спасителот ги прашува Апостолите: „За кого Ме сметаат Мене луѓето?“, а Апостолите рекле: „Едни за Јован Крстител, други за пророкот Илија, а некои за пророк Еремија или за некои од пророците“ (сп. Мат. 16, 14), а кога Господ ги прашал  повторно: „Вие за кого Ме сметате?“ (сп. Мат. 16, 15), тогаш во името на сите Апостоли, Свети апостол Петар рекол: „Ти си Христос, Синот на Живот Бог“ (сп. Мат. 16, 16). На што Христос му одговара: „Блазе на тебе Петре, зашто тоа не месо и крв не ти го кажаа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат. 16, 17).

Ете, после сите овие искажани зборови и чуда, кои Господ Исус Христос ги направил, кога дошло времето да биде изведен на суд кај Ана и Кајафа, ете тогаш Свети апостол Петар, повторно за да биде заедно со Христа, пристапил во придворјето каде што луѓето се грееле покрај огновите, некои од нив го прашале: „Да не си и ти од неговите ученици?“ Тогаш Свети Петар три пати се одрекол од Христа со зборовите: „Не го познавам човекот“. Тогаш по трикратното одрекување, петел запеал, а Свети Петар се сетил на Христовите зборови: „Додека петел запее, три пати ќе се одрече од Мене, а Свети апостол Петар пред тоа му рекол на Христа дека никогаш нема да се одрече од Него, па ако треба за него и животот ќе го даде.

Христос, пак, кога излегувал од судницата и го видел Петар, само еден поглед бил доволен Свети Петар да се навали на ѕидот и горко да заплаче. И не само тогаш, туку според кажувањето на Свети Климент, епископот Римски, целиот свој живот, Свети апостол Петар, кога ќе слушнел петел да пее, плачел заради тоа што три пати се одрекол од Христа нашиот Бог и Спасител, ама тоа негово одрекување, тој трикратно го исповедал по Христовото Воскресение на Галилејското езеро, кога Христос му се обратил и го прашал: „Ме љубиш ли Петре“ (сп. Јован 21, 15), на што Свети апостол Петар рекол: „Да Господ, Ти знаеш дека Те сакам“ (сп. Јован 21, 15). Потоа на второто прашање: „Симоне Јонин, Ме љубиш ли“ (сп. Јован 21, 16), Свети апостол Петар рекол: „Да Господи Те љубам“, а Господ му вели: „Паси ги овците Мои“ (сп. Јован 21, 16), и на третото прашање: „Ме љубиш ли Петре“, Свети Петар одговорил: „Да Господи, Те љубам, ти знаеше дека те љубам, Ти сè знаеш Господи“. Тогаш Господ му рекол: „Паси ги јагнињата Мои“ (сп. Јован 21, 17), односно Моите верни чеда т.е. верниците, кои ти ќе ги придобиеш за Мене. Тогаш Господ Исус Христос му вели: „Кога беше млад сам се опашуваше, а кога ќе остариш друг ќе те опаше“ (сп. Јован 21, 18), укажувајќи на неговата смрт.

Имено, Свети апостол Петар, бил во Рим за времето на гонењето на Нерон, и кога верниците сакале да го скријат, за да не загине, со цел понатаму да им проповеда за Христа нашиот Бог и Спасител, тој тогаш заминал од Рим, и на излез кај улицата Via Vekia, Му се јавил Христос, Кој доаѓал во Рим, и го прашал Свети апостол Петар: „Каде одиш Господи?“ (на латински):  „Quo Vadis Domine?“, според романот на Хенрих Сјенкевич, а Христос му вели: „Одам во Рим повторно да страдам, оти ти бегаш од страдањето“. Тогаш Свети апостол Петар се вратил и пострадал за Христа распнат на Крст со главата на долу, велејќи дека не е достоен да биде распнат како неговиот учител.

Ете, накратко тоа е животот на Свети апостол Петар, кој напишал 2 Посланија. Тој, иако бил прост галилејски рибар, многу се потрудил на нивата Господова. Денеска ние имаме учени луѓе, доктори на науки, кои пишуваат многу книги, но во некои од нив нема ништо полезно и добро, туку само плева, а она што го напишале Светите апостоли Петар и Павле, е всушност основата на нашата Света Православна Вера и Црква.

Кој е, пак, Свети апостол Павле, браќа и сестри? Тој бил учен човек од Тарс Киликиски, ученик на познатиот учител и философ Гамалил. Заради ревноста на преданието, Свети апостол Павле ги гонел христијаните, сметајќи дека не го практикуваат преданието на нивните татковци. Заради тоа, тој присуствувал и на убиството т.е. каменувањето на Светиот архиѓакон Стефан, а потоа тргнал за Дамаск да ги гони христијаните. На патот за Дамаск, Му се јавил Христос нашиот Бог и Спасител, во вид на силна Светлина, како што читаме во Символот на Верата, дека Христос е Светлина од Светлина, вистински Бог од Бога вистински, и му рекол: „Савле, Савле зошто Ме гониш“, а тој одговорил: „Кој си ти Господи?“ (сп. Дела 9, 5), а Христос му вели: „Јас Сум Христос, ти кого Го гониш“ (сп. Дела 9, 5), зашто гонејќи ги христијаните, Христос му вели: „Мене Ме гониш“. Тогаш Господ, откако го турнал од коњот и го ослепел, му рекол да оди во Дамаск кај ученикот (Христов) Ананиј за да се крсти. После овој настан, Савле се крстил и прогледал, а потоа како Павле,  отишол во Арапска пустина, каде три години се подготвувал за да го проповеда Евангелието Христово.

За себе Свети апостол Павле каѓал дека уште од утробата на неговата мајка бил избран да биде сад Божји, да Го проповеда Христа меѓу незнабожците, а меѓу избраниот јудејски народ, Свети апостол Петар проповедал, кој се застапувал незнабожците да се обрезуваат. Заради тоа настанала и расправија меѓу двајцата апостоли, која била решена на Апостолскиот Собор во 50 година во Ерусалим, под претседателство на Светиот апостол Јаков, каде што соборно било одлучено дека понатаму сите проблеми во Црквата да се решаваат соборно т.е. на Помесните и Вселенските Собори.

На Соборот било одлучено, кој сака да се обреже, може да биде обрезан, а кој не сака, не мора да е обрезан, но за да биде Христов ученик, мора да се крсти во Христа нашиот Бог и Спасител, т.е. во името н Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

После сето ова, Свети апостол Павле го проповеда Евангелието меѓу незнабошците, кои ништо не знаеле за Бога. Кога бил во Атина, каде на едно место имало подигнато олтар, каде што имало собрано многу народ, Свети апостол Павле прашал на кого е подигнат тој олтар, а тие рекле: „На непознатиот Бог“. Тогаш Свети апостол Павле им вели: „Токму за Тој, непознат за вас, Бог, јас ви проповедам“.

Свети апостол Павле, браќа и сестри, имал три мисионерски патувања, од кои второто негово патување е во Македонија. Македонија ја просвети Свети апостол Павле, кој во градот Филипи, покрај една река, каде што жените се собрале да перат алишта, меѓу беше и Света Лидија, на која Господ и го отвори умот, за да ги разбере зборовите на Свети апостол Павле, која потоа се крсти заедно со сите домашни, и нејзиниот дом стана првата Црква во Македонија и Европа.

Па така, Сети апостол Павле, со своите придружници, беше принуден да биде нејзин гостин, иако никогаш не сакал да престојува во домовите на верниците.

Свети апостол Павле ги фали Македонците пред Коринтјаните на кои им вели: „Немојте да дознаат Македонците, дека ние (вклучувајќи се и себеси во нив), уште не собравме дарови за Црквата Ерусалимска, која страда. И денес нашите Македонци се дарежливи кон Црквата т.е. градат храмови, како што и овој прекрасен храм, кој е дело на Смилевчани, но не само на оние што живеат во Смилево, туку и на оние во дијаспората, во Австралија, Америка, Канада и Европа. Се надеваме дека за кусо време ќе го видиме и целосно зографисан овој прекрасен храм. А и вие самите сте сведоци, гледајќи сè што досега е изградено, дека истото е ваше дело.

За Свети апостол Павле, од денешниот Апостол слушнавме дека многу пострадал. Тој за себе вели дека не е достоен да се нарече Христов ученик, оти своевремено ја гонел Црквата Божја, но понатаму вели: „Ама јас од сите Апостоли повеќе се потрудив“, па продолжува и објавува „не јас, туку благодатта Божја, која е во мене“.

Тој вели и дека страдал во опасности на реки, на езера, на мориња; бил многупати тепан т.е. три пати со стапови, и пет пати по 40 удари по еден; потоа бил изложен на опасност на море, претрпел бродоломи, а еден ден поминал во морските длабочини, како што некогаш Светиот пророк Јона беше во утробата на китот. Сите овие страдања ги претрпел заради Христа нашиот Бог и Спасител, од Кого никогаш не се откажал. Кога во Дамаск сакале да го убијат четириесетмина, кои се заколнале дека нема ни да јадат ни да пијат додека не го убијат, тогаш со кош бил спуштен и побегнал, но не бегал од страдањето, туку сакал како римски граѓанин да му се суди во Рим, каде  бил однесен и таму маченички го завршил својот живот.

И кога сето ова го слушаме и знаеме дека едниот е распнат стрмоглаво на Крст, а другиот посечен со меч, очигледно е дека овие Божји угодници докажале дека и ние (грешните) можеме да бидеме светители, само ако ги следиме, во нивниот живот. Гледате, Свети апостол Петар три пати се одрекол од Христа, а потоа, пак, станува апостол, откако длабоко се покајал. Ние правиме стотици и илјадници гревови, ама вистински не се каеме, можеби со збор ќе речеме дека се каеме или пред духовникот (свештеникот) ќе се исповедаме, ама никако покајанието длабоко да чепне во нашето срце т.е. цврсто да одлучиме дека гревовите, кои сме ги направиле, повеќе нема да ги правиме, како што тоа одлучно го направил и Свети апостол Петар, кој никогаш повеќе не се одрекол од Христа, туку маченички пострадал за Него.

Еве ни примери, браќа и сестри, за тоа какви треба да бидеме. Свети апостол Павле вели: „Ние во страдањата, маките и тагите, па дури и кога сме во скрб, можеме да се избавиме од сите искушенија

Светите Апостоли, многупати немале леб да јадат, па затоа при една прилика се вели дека триеле од кластовите на житото за да се нахранат. Тие немале пари и не оделе со торби да го проповедаат Евангелието, туку имале само една патерица и со неа оделе и го проповедале Евангелието. А ние, дури и најситното нешто ако го загубиме,веднаш офкаме како да сме го изгубиле цел свет. Браќа и сестри, ако го следиме нивниот пример, ќе се ослободиме од среброљубието и завист, која денеска е присутна кај сите нас т.е. за некогашните бразди, околу наводнувањето на нивите, нашите во Америка, Канада и Австралија, сеуште се караат и расправаат.

Ете тоа е она лошото кај нас. Затоа да ги земеме примериве од овие Свети апостоли и да се ослободиме од гневот. А што е гневот? Гневот е лутина. Во Стариот Завет се вели: „Не убивај“, а денес, браќа и сестри, незнам дали има некој меѓу нас, кој не учествувал во убиство на деца во утробата на мајките т.е. знаел дека некој девојка или жена ќе абортира, а не се заинтересирал да ја одврати од убиството на чедото во нејзината утроба.

Ете такви сме ние, затоа треба да ги земеме примерите на овие двајца Свети апостоли Петар и Павел, и според нив да живееме.

По нивните молитви, Господ да ни даде сили да се ослободиме од секакви грешни мисли, помисли, фантазии, грешни желби, похоти, страсти и грешни дела. Денешната проповед ќе ја завршиме со зборовите:

„Првопрестолни Апостоли Петар и Павле и учители на вселената, молете се Господ да и даде мир на вселената, а на душите наши милост голема“. Амин!

 

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар