Сретение Господово – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 15.02.2021 г., кога го празнувавме празникот Сретение Господово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Зоран Димовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во чин чтец да го ракопроизведе богословот Кирил Данев.

Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Сега го отпушташ Твојот слуга со мир Владико, според зборовите твои, зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го подготвил пред лицето на сите народи. Светлина за просвета на незнабошците, и слава на Твојот народ, Израилот!“.

Оваа прекрасна песна, ја изрекол Светиот Симеон Богослов, кој всушност е еден од седумдесетте (72) толкувачи и преведувачи на Светото Писмо, именувано Септуагинта,  во времето Македонскиот цар Птоломеј во Александрија. Имено, на преводот на Светото Писмо, работеле луѓе, кои биле многу вешти во знаењето на јазиците и правописот, па ете, меѓу нив бил и Светиот Симеон Богопримец, кoj кога преведувал еден стих од Книгата на Светиот пророк Исаија, каде што било нашишано: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди Син, и ќе му стават име Емануил“ (сп. Иса, 7, 14), во тој момент старецот Симеон не можел да поверува, зашто до тогаш немало таков случај девојка да роди син, која не зачнала од маж, туку од Бога, па затоа сакал да напише жена ќе роди син, но тогаш Ангел Божји му ја сопрел раката, така што не можел да го напише тој збор дека жена ќе роди. Тогаш Ангелот Божји му соопштил: „Нема да умреш, додека не го видиш Христа Господа“.

Според Светото Предание, Светиот Симеон морал да живее триста и шеесет години, за да дочека да се роди Месијата, Спасителот на светот, Христос нашиот Бог и Спасител, и да Го прими во своите раце.

Светиот патријарх Јаков, кога отишол во Египет и го видел својот син Јосиф, за кого му било кажано дека ѕверовите го изеле, односно бил излажан од неговите синови, кои за пари го продале на трговци, тој тогаш рекол: „Сега сакам да умрам, откако те видов жив“, а овде, браќа и сестри, го имаме Светиот праведен Симеон, кој исто така бил во Египет, бидејќи таму се преведувало Светото Писмо, кој едвај со радост го чекал времето да Го види Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа, и да Го прими на своите раце и во прегратки.

Кај Евреите, браќа и сестри, било обичај машкото дете, кое ќе ја отвори утробата на мајката, да биде донесено во храмот во четириесеттиот ден, а кај нас сега во спомен на тоа, е големата молитва, која се прави во четириесеттиот ден, која уште се нарекува воцрковување, зашто во тој ден, мајката по раѓањето на детето, откако ќе биде очистена, влегува во храмот заедно со детето, и тие се воцрковуваат т.е. стануваат црковни луѓе, зашто мајката, четириесет дена заради нечистотијата, немала право да влезе во храмот, а овде станува збор за Пресвета Богородица, која немала потреба од никакво очистување, но тоа го направила, за да им покаже пример на мајките како треба да ги исполнуваат Божјите Заповеди.

Ете, таму била и пророчицата Ана, која имала осумдесет и четири години, која сиот свој живот го поминала во храмот Божји, откако останала вдовица, по седум години од својот брак, прославувајќи Го Бога.

Па така, браќа  и сестри, кога Светиот Симеон Богопримец, Го зел Младенецот во своите раце, и рекол на Мајката Божја, Пресвета Богородица: „А и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца“ (сп. Лука 2, 35), а за Богомладенецот Христа, Кој лежел на неговите раце, рекол: „Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, и е знак против Кого ќе се говори“ (сп. Лука 2, 34) т.е. ќе биде знак на противречноста.

Веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, дали е тоа така? Не, бидејќи Христос Спасителот не дошол во светот за да ги подели луѓето на оние што ќе бидат против Него, и за Него, туку дека луѓето под дејство на сатаната т.е. ѓаволот, ќе се делат на оние кои што паѓаат, заради тоа што не ги исполнуваат Божјите Заповеди, и оние што се подигнуваат, односно кои ги исполнуваат Божјите Заповеди. Ете, затоа велиме дека Христос е знакот на противречноста, а истото можеме да го видиме уште  со Неговото доаѓање во светот, кога Ангелите заедно со пастирите и богоразумните луѓе, Го славеле Бога и се радувале на Неговото раѓање, а на друга страна имало луѓе, кои биле против Него, како што е Ирод, кој ја барал душата на Младенецот и сакал да Го погуби, па заради тоа убил четиринаесет илјади деца во Витлеем и околината помали од две години.

Ете, ова пророштво на Светиот Симеон Богопримец, продолжува да се исполнува во историјата на Црквата Христова, бидејќи луѓето се делат на оние што се креваат и Го примаат Христа во своите души и срца, живеејќи според Неговите Заповеди, и на оние кои не можат да Го смислат Синот Божји, па затоа постојано паѓаат т.е. се креваат против Него, како што биле книжниците, фарисеите и садукеите, кои формално го извршувале Законот Божји, а всушност биле против Христа. Зошто? Затоа што Христос бил Патот, Вистината и Животот, а нивниот пат, не бил Христос, нивната вистина не бил Христос и нивниот живот не бил Христос.

Христос, браќа и сестри, рекол: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6). Сите ние патуваме по Неговиот пат, но кога одиме по Неговиот пат, едни сме со Него и за Него и со Негова помош се креваме и воздигнуваме, а другите се креваат против Него и работат против Него. Значи гревовната состојба на луѓето, е онаа што ги дели луѓето на оние што се за Христа, и против Христа нашиот Бог и Спасител.

Господ Исус Христос, возљубени браќа и сестри, кога дошол во овој свет, не дошол само за едни луѓе, туку за сите без исклучок. Христос се родил, живеел на земјата, а потоа бил распнат на Крст и пострадал, за сите луѓе, од постанокот, па сè до крајот на светот. Кога ќе си спомнеме каква била глетката кога Христос бил распнат на Крстот, веднаш пред очи ни доаѓа сликата, како од Неговата десна и лева страна, заедно со Него биле распнати и двајца разбојници. Оној од десната страна, е благоразумниот разбојник, кој Христа Го препознал дека е Син Божји, па затоа рекол: „Ние заради нашите гревови сме овде распнати, а Тој никаков грев не направи“ (сп. Лука 23, 41). А разбојникот од левата страна, хулел на Христа велејќи: „Ако си Ти Христос, Синот Божји, спаси се Себеси и нас“ (сп. Лука 23, 39).

Ете, браќа и сестри, и ние постојано се наоѓаме под Крстот Христос, само прашањето е каде сме т.е. дали од неговата десна страна со благоразумниот разбојник, кој велел: „Овој не направил никаков грев“ (сп. Лука 23, 41), а ние заради нашите гревови страдаме, или сме на страната на богохулниот разбојник, кој се противил на Христа нашиот Бог и Спасител и вели: „Ако е Син Божји нека слезе од Крстот и нека се спаси, а и нас нека нè спаси“ (сп. Лука 23, 39).

Кога грешиме, браќа и сестри, Го распнуваме Христа, и го претставуваме разбојникот од левата страна, а кога се каеме за гревовите, тогаш го претставуваме разбојникот од десната страна и велиме дека страдаме и поднесуваме маки, искушенија и страдања, заради нашите гревови, но се надеваме на Него, како што и самиот тој се надевал, па затоа рекол: „Спомни си Господи за Мене, кога ќе дојдеш во Царството Твое“ (сп. Лука 23, 42).

Браќа и сестри, Господ Исус Христос рекол: „Моја мајка, Мои браќа и Мои сестри, се оние што ги исполнуваат Моите Заповеди“ (сп. Мат. 12, 47-48). На друго место, пак, место вели: „Оној што Мене Ме љуби, тој ги исполнува Моите Заповеди; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме“ (сп. Јован 14, 23), односно ако ние живееме во согласност со Божјите Заповеди и подготвени доаѓаме на Божествената Литургија, на која под дејство на Светиот Дух, благословениот Леб се претвора во Тело Христово, а благословеното Вино во Крв Христова, тогаш Самиот Христос, преку Светата Тајна Евхаристија – Причесната, нам ни се дава т.е. заедно со Отецот, и Синот, и Светиот Дух, доаѓаат и влегуваат во нас.

Христос, на друго место вели: „Ете, Јас стојам на вратиите и чукам!“ (сп. Откр. 3, 20). На кои врати? На вратите на нашите срца. Ете, Христос постојано чука на вратите од нашите срца и чека да Му отвориме, за да влезе во него, во нив.

Ете, тоа е суштината за средбата на денешниот славеник, Светиот Симеон Богопримец, кој што го примил на своите раце Христа нашиот Бог и Спасител. Ако сакаме правилно да го разбереме и прославуваме овој Божји празник, Сретението Господови, треба  и ние да се сретнеме со Христа, но не како разбојникот од левата страна, кој хулел на Бога, или, пак, како фарисеите, садукеите и книжниците, туку како разбојникот од десната страна и како цариникот Закхеј, кој се покаја и стана Христов апостол.

Така и ние да се откажеме од секакви грешни мисли, помисли и фантазии, од секакви грешни чувства, желби, похоти и страсти, односно страстите да ги преобразиме од лоши во добри, за и ние да станеме богоприци т.е. да Го примиме Бога во нашите души и срца, и да станеме богоносци, како Свети Игнатиј Богоносец, кој длабоко во својата душа и своето срце, Го носел Христа нашиот Бог и Спасител, па кога пострадал во колосеумот во Рим т.е. бил изеден од лавовите, а од неговото свето тело останале само коските и срцето, кое кога го пресекле, луѓето виделе дека биле испишани зборовите на Христа: „Исус Христос“.

Такви богопримци и богоносци, треба да бидеме и ние, за постојано во нашите души и срца да Го имаме Господа Исуса Христа, како што го имале Свети Игнатиј Богоносец и Светиот Симеон Богопримец.

По нивните молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

 

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар