Собор на Свети Јован Крстител – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 20.01.2021 г., кога го празнувавме Соборот на Свети Јован Крстител, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар,  во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Нема поголем роден од жена од Јована Крстител!“ (сп. Мат. 11, 11).

Вака, нашиот Спасител, Господ Исус Христос, говори за Свети  Јован Крстител.

Овој Божји угодник, браќа и сестри, е роден од неговите престарени родители, првосвештеникот Захариј и Елисавета, роднината на Пресвета Богородица, кои долго време немале деца, па затоа постојано Му се молеле на Бога, да им подари чедо.

Ете, Господ ги услишал нивните молитви и во нивните одминати години од живот им подарил чедо.

Кога Светиот Захариј бил во олтарот му се јавил Ангел Господов, кој му соопштил дека неговата жена Елисавета ќе му роди син и ќе му стават име Јован, што значи благодат Божја. Не можејќи да поверува, тој онемел, сè додека не се исполнило она што го кажал Ангелот, односно сè додека не му се родил синот. Понатаму, кога во осмиот ден според обичај кај Евреите, кога децата се обрезувале и им се ставале имиња на новородените деца, особено на машките, тогаш му се одврзал јазикот на Свети Захарил, и кажал дека името ќе му биде Јован, а не како што другите претпоставувале. Па така, веднаш штом Го видел Младенецот рекол: „А ти младенче, ќе се наречеш пророк на Севишниот, оти ќе одиш пред лицето на Господа за да Му ги приготвиш патиштата Негови“ (сп. Лука 1, 76).

Па така, овие зборови на првосвештеникот Захариј, се исполниле. Свети Јован Крстител, возљубени браќа и сестри, веднаш штом се родил, го загубил својот татко, зашто Ирод, кој сакал  да Го убие богомладенецот Христа, кога се родил Свети Јован Крстител, мислејќи дека најверојатно се родил Синот Божји, сакал да го погуби, па одлучил да го погубил неговиот татко Захариј, чија крв се згрутчила во припратата на храмот, како сведоштво за тоа дека е убиен голем праведник на Црквата.

А кога Ирод ја барал и главата на Свети Јован Крстител, тогаш неговата мајка со него се засолнала во некоја планина, која се отворила и ги сокрила, за да не биде погубен младенецот. По извесно време починала и неговата мајка, па така, според Светото Предание, Свети Јован Крстител, бил чуван од Ангелот Божји во некоја пештера уште од неговите малечки нозе, каде ништо друго не јадел, освен скакулци и див мед, како што читаме во Светото Писмо. Неговата школа била пустината, каде постојано бил во пост, молитва и богомислие, зашто постојано мислел на Бога и постојано неговиот ум и неговото срце биле свртени кон Бога. Свети Јонан не знаел ништо за светот, сè додека не се исполнило времето т.е. на триесет годишна возраст да почне да проповеда. Па така, во Јорданската долина на реката Јордан, Свети Јован почнал да ги крштева луѓето со покајно крштение, почнувајќи ја својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат, 3, 3).

Народот почнал масовно да доаѓа на реката Јордан и да се крштева. Старозаветниот пророк Малахиј, за Свети Јован Крстител вели:  „Еве, пред Тебе Боже, ќе го испратам својот Ангел, кој што ќе го подготви патот за Тебе и ќе ги порамни патеките Твои“ (сп. Малах 3, 1).

Па така, Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов, проповеда во Јорданската пустина.

Народот што доаѓал при него, почнал да го прашува што треба да прави, а Свети Јован им велел: „Немојте да правите ништо лошо. Оној што има две облеки, нека му даде на оној што нема. Оној што има доволно храна, нека им даде на оние што немаат храна“. На реката Јордан, не доаѓал само простиот народ, туку доаѓале и војниците и митниците, кои прашувале што треба да прават, а Свети Јован им велел: „Немојте да земате ништо повеќе од она што ви е определено и секогаш бидете задоволни со своите плати, а на фарисеите и садукеите им велел: „Породи змини и аспидини, кој ви кажа да бегате од гневот што доаѓа на вас. Направете достоен плод на покајание“ (сп. Мат. 3, 7-8). Ете, и секирата веќе лежи при коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган (сп. Мат. 3, 10). Со овие зборови, Свети Јован Крстител, им укажувал на луѓето да се поправат, зашто секој човек, кој не прави добри дела и не живее според верата, истиот ќе биде посечен како дрво и фрлен во огнената геена т.е. во огинот што никогаш не згаснува“.

За Свети Јована Крстите, Спасителот Господ Исус Христос, кажал дека нема поголем од Јована роден од жена.

Навистина, ако зборуваме за Свети Јована како пророк, да си спомнеме за древните пророци, како што бил Свети Илија, кој е еден од најпознатите старозаветни пророци, кој бил силен на збор и дело, ама не го надминал Свети Јована Крстите, оти Свети Илија, не постел онака како што постел Свети Јован, кој јадел само скакулци и див мед.

Свети Илија, браќа и сестри, знаеме дека се уплашил кога Езавела ја побарала неговата глава и побегнал, барајќи спасение од Бога, а Свети Јован Крстител, не се уплашил, ни од царот Ирод, ни од царицата Иродијада, туку напротив, го жигосувал нивниот нечесен и недостоен живот, велејќи му на Ирода: „Немаш право да ја имаш за жена, жената на твојот брат Филипа“ (сп. Мерко 6, 18). Ете, поради што се озлобила Иродијада и ја побарала неговата глава, па така, Свети Јован ја дал својата глава за светињата т.е. за бракот, кој денеска меѓу нас православните христијани, кои сме крстени и вечнани, не се гледа како на светиња.

Ете, Свети Јован Крстиел, ги надминал, во своето смирение и Светите пророци Давид и Самуил, кои биле големи подвижници и пророци на Црквата Божја.

Кога Спасителот наш Господа Исус Христос, дошол на реката Јордан за да се крсти, Свети Јован велел: „Како јас да Го крстам мојот Спасител, Оној, Кој постои пред мене“, се мисли на Христа како на Син Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот. Понатаму Свети Јован Крстител вели: „Јас не сум достоен, ни да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки“ (сп. Мат. 3, 11).

Ете, какво смирение покажал Свети Јован Крстител, па токму затоа Господ Исус Христос за него вели: „Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли што се лулее од ветерот. Човек ли, облечен во меки алишта? Ви велам дека тие што лежат во меки постели и се облекуваат во меки и убави алишта, живеат во палатите “ (сп. Мат. 11, 7-8). Леглото на овој Божји угодник, браќа и сестри, била пештерата, каде нема ни со што да  се покрие.

Ете, таков бил животот на Свети Јован, па затоа Господ Исус Христос уште вели: „Што сте дошле да видите, пророк ли? А јас ви велам повеќе од пророк“ (сп. Мат. 11, 9). Зашто? Бидејќи Свети Јован Крстител, со својот живот, смирение и достоинство, ги надминал сите старозаветни пророци. И токму заради тоа бил избран да биде Претеча, односно оној, кој ќе претходи на Христовото доаѓање, проповедајќи покајание со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 3, 3).

Со истите тие зборови, започнува и проповедта на Спасителот наш Господа Исуса Христа.

Токму затоа Господ Исус Христос, Свети Јована го нарекува најголем човек роден од жена. А пророкот Малахиј, кој вели: „Ќе го испратам својот Ангел пред Тебе, за да го подготви патот Твој и да ги израмни патеките“ (сп. Малах 3, 1). Овие зборови всушност се однесува на Свети Јован, кој живеел ангелски живот, па затоа е наречен Ангел Божји.

Браќа и сестри, ако погледнеме на оваа Света икона, на која Свети Јован е изобразен како си ја држи пресечената глава за правдата Божја, за светињата на бракот, ќе видиме дека е насликан и со Ангелски крилја, зашто тој е земен човек и небесен Ангел. Ете, за таков човек станува збор, кому денеска споменот му го славиме.

И веднаш се поставува прашањето, како треба да го славиме овој Божји угодник и воопшто сите светителите? Светителите треба да ги славиме со подражавање и усогласување на нашиот живот со нивниот живот. Ако Свети Јован Крстител, кого го одгледала пустината како сираче, која му била школа, каде постојано бил во пост и молитва, ние барем повремено да бидеме во пост и моливи, во деновите, кои ни се определени од Светата Црква т.е. среда и петок, освен разрешените, и големите пости, кои ни се предвидени, т.е. Велигденскиот, Божикниот, Богородичниот и Петровденскиот пост.

Ако Свети Јован Крстител, и од она што го имало во пустината и кое било ограничено за храна т.е. скакулците и дивиот мед, јадел само малку, ние барем да не јадеме до наситување, туку да бидеме малку недонахранети и ненаситени, за да почувствуваме дека е вистински телесниот пост, но уште повеќе да се оддадеме на духовниот пост, а тоа значи постојано да мислиме на Бога, постојано да ги очистуваме срцата од грешните желби, похоти и страсти и забранувајќи во нашите умови да се вселуваат грешни мисли, помисли и фантазии. Ете, тоа од нас се бара, ако сакаме да го наследиме Царството Небесно, за кое ние треба постојано да копнееме, зашто Господ Исус Христос рекол дека Бог е Свет и оние што Го сакаат и љубат, треба да бидат свети.

Христос Спасителот вели: „Бидете совршени како што е совршен и вашиот Отец, Кој е на Небесата“ (сп. Мат. 5, 48). A ние што правиме? Дали сакаме да бидеме свети и да го слушаме Словото Божјо т.е. да внимаваме на сè што се пее во храмот, бидејќи службите претежно ги извршуваме на литературен Македонски јазик? Не, браќа и сестри, ние тоа не го сакаме, бидејќи постојано гледаме во часовникот кога ќе заврши службата, или пак, го потсетуваме владиката побргу да заврши со проповедта, а Свети апостол Павле, проповедал девет ипол часа, и сето време народот со трпение го слушал. А сега нам во храмот ни е тешко и два часа да бидеме.

Да се помолиме, возљубени браќа и сестри, Свети Јован Крстител, преку неговите Свети молитви и ние да имаме достоен и чесен пост, постојана молитва и постојано богомислие, за да можеме да го заслужиме Царството Небесно, сега секогаш и во сите векови. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар