На 08.01.2021 г., кога го празнуваме Соборот на Пресвета Богродица; Спомен на бегството во Мисир; Преподобен Еварест; Свети Ефтимиј Исповедник, епископ Сардиски; Преподобен Константин Синадски; Преподобен Никодим Прилепски-Тисмански, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Си нè посетил од висините, Спасителу наш, Истоку на истоците, и оние што беа во темнина и сенка смртна најдоа светлина, зашто од Дева се роди Господ“ (Светилен на празникот)
Возљубени браќа и сестри во Христа Богомладенецот!
Денес ја славословиме силата и големината на Божјата љубов, со која човекољубивиот Бог го прегрнува човекот и светот. Денес, нашите срца, срцата на христијаните и на целиот човечки род треперат, поточно, треба да треперат од радост, зашто почеток е на спасението.
Човекољубивиот Бог се облече во тело, соединувајќи ги неслиено во Себе духовниот и природниот свет. Се роди натприродно од Дева, легна во ладните јасли, во темната пештера, за да ги стопли луѓето со Својата неизмерна љубов, да им даде спокојство во срцата, мир во душите, радост духовна, благодат и спасение вечно на светот и луѓето.
Возљубени наши чеда, денес е Божик, ден на Рождеството Христово!
Божик е. А Божик е ден кој милува, восхитува, зближува, соединува, радува, блажи, утешува, учи, облагородува, просветлува…
Во хаостот (безредието), на сегашното време, единствено ликот на живиот Христос блеска од вечноста, и нè милува и блажи и утешува со Својата блага светлина и топлина. Низ сета таа конфузија се слуша Неговиот животворен глас, неговиот поздрав кон сите нас, кои го славиме денес Неговото Рождество: „Јас се јавив на земјата како Син Човечки, сличен на вас, за да се јавите и вие како синови Божји, слични на Мене, во вечното царство на Мојот Отец“.
Воплотувањето на Бога – тоа е најголемиот настан, најголемиот потрес, како на земјата, по создавањето на светот, исто така и на небото, зашто тука се случило чудо над чудата. Ако дотогаш, создавањето на светот било најголемото чудо, воплотувањето на Бога во човек, несомнено, го надминало со својата чудесност. Ако при создавањето на светот словата, (зборовите) Божји се облекле во твар, при воплотувањето на нашиот Господ Исус Христос, Самиот Бог се облекол во тело, во плот. Затоа воплотувањето на Бога во тело станало најголемата придобивка во сета Вселена, за секоја личност, за секое битие, за секоја твар.
Возљубени празникољупци, возљубени богољупци!
Празникот на Христовото раѓање е втемелен како исполнување на сите човечки копнежи, предчувства и очекувања, исполнување на севкупната и неуништлива жед на човекот за доброто, а воедно, тоа е и празник на новата епоха. Ете, сѐ ново создавам (Откр. 21,5), вели Господ.
Со Неговото доаѓање во плот, започнува не само уште една ново откриена вера, туку започнува новиот живот, бидејќи Оној Кој е извор на севкупниот живот се вочовечува, станува човек, за човекот во Него да се обожи, да постане бог по благодат. Ова е неизмерна радост за човекот и светот, затоа празнувајќи Црквата пее: „Христос се раѓа – прославете Го! Христос е на земјата – пресретнете Го! Христос е и на небесата – вознесете се кон Него!“
Црквата со празникот Рождество Христово ни ја јавува серадосната тајна, тајната на слободната љубов, која никој со ништо не му ја наметнува на човекот. Христос ни се дарува како Младенец, како Дете, исклучиво со љубов и со потполна доверба во нас, не со страв и сила, туку со радост и потполно љубовно давање кон нас, такви какви што сме. Затоа да одговориме на таа љубов и да го предадеме нашето срце на Богомладенецот, Кој има бескрајна доверба во нас. Да ја послушаме Неговата поука – бидете како деца (Мат. 18, 3), та со таква детска искреност, восхит, радост и љубов да му пристапиме Нему, а пак, таа наша дарувана љубов, ќе биде дарот за новиот живот, за вечниот живот.
Бидејќи Бог е љубов, а човекот е плод на Љубовта, затоа Бог не сака да се наметне насилство врз човекот. Слободата, благовестена од Богомладенецот Христос, е слобода за живот. Таа како таква е олицетворена во евангелскиот повик „Кој сака“ да оди по Мене… Вистински, во Христа, слободниот човек е растоварен од тешкиот и несакан јарем на богоборните повелби и закони.
Возљубени чеда во Новородениот Богомладенец!
Натприродните Божји дела не им подлежат на природните закони. Токму затоа пак, Бог за да го приведе народот Божји пред дверите на „Чудото над сите чудеса“, го подготвуваше со помош на други чудеса.
Така, подобно на ова, во пресрет на избавувањето на избраниот Еврејски народ Божји, од ропството на фараонот, Господ благовоизволи да му се открие на Светиот Пророк Мојсеј во капината што гореше но не согоруваше. Неопалимата капина дури и во Стариот Завет ја прасликува тајната на Богородица Дева, Која безмажно и бессемено ќе Го роди Христа Бога. Во првиот случај, на огнот му се одзема природната сила да ја изгори капината, а во вториот случај, рождеството е оневозможено да ѝ ја одземе девственоста на Приснодева Марија.
Тогаш пак, кога Бог требаше да го исполни Заветот што му го беше дал на Светиот пророк Мојсеј за конечното избавување на Евреите од канџите на фараонот, повторно благоизволи надприродно чудо. Бог заповеда да се разделат водите на Црвеното море, подготвувајќи сув пат по кој што ќе го поведе еврејскиот народ во ветената земја Израилева, Палестина, во кој тече мед и млеко. Според природните закони, текот на водата со ништо не може да се спречи ниту за миг. А, ете, Бог наредил водата да стои во вид на два водени ѕида од обете страни на патот кој ја сечел срцевината на Црвеното море. И тоа траело сé додека и последниот човек од Израилот не поминал. После преминувањето на јудејците на истиот тој пат се нашол фараонот со многубројната негова војска. Но, еве повторно чудо! Господ на силите, повторно ги соединил, дотогаш разделените води, за да му постанат гробница на фараонот и на неговата војска. Природата, браќа и сестри, водите ги чини течни а не стојни. Ама бивајќи послушни на волјата Божја, природните закони отстапуваат пред силата Божја и ги исполнуваат Неговите заповеди.Така, природните закони отстапија пред Божјата волја изречена од Архангелот Гаврил кон Марија Дева, дека бессемено и безмажно ќе зачне и ќе Го роди Спасителот на светот, Христос, нашиот Бог.
Според природата своја, ѕверовите напаѓаат и јадат луѓе. Но, кога Светиот Пророк Даниил богоборците го фрлиле среде изгладнетите лавови, останал недопрен. И како што лавовите му се уподобиле на Божјото повеление, така и бессемено зачнатиот и родениот Логос Божји во тело, не ја повреди Дева, чувајќи ѝ ја девственоста и после раѓањето.
Тројцата отроци, од Навуходоносор фрлени во седум пати вжештуваната печка, не изгореа, зашто природата на огнот да пече и согорува, беше преиначена. И како што огнот ја изгуби силата да ги изгори отроците, така и несоздадениот оган, на Светиот Дух, не допушти да се повреди утробата на Дева Марија.
Со вакви натприродни чуда, Бог го подготвуваше човечкиот род за да го прими со вера, идното најголемо чудо во историјата на човештвото и на светот – натприродното, бессемено и безмажно рождество на воплотениот Логос Божји од приснодевствената утроба на Марија Богородица. И кога се исполни времето, се исполни и ветеното. Се роди Синот Божји од Марија Дева во Витлеем, во студени јасли, во темна пештера. Раѓањето на Богомладенецот го објавија ангелските хорови, славопеејќи го спасението на човечкиот род: „Слава на Бога во висините, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“.
Наши возљубени, христољубиви чеда!
Денес го празнуваме натприродното и бессемено рождество на воплотениот и вочовечениот Логос Божји од Пречистата Дева Марија. Како што кажавме погоре, натприродноста на рождеството не ги укинува законите на природата, тоа само го стаписува (шокира) умот на човекот. Тоа чудо над чудата е заради премудрата Божја сила, која стои над космичките закони и господари со нив. Таа релација помеѓу Создателот и созданието ја потврдиле и брилијантните умови и научници, Пупин, Тесла, Ајнштајн, Њутн, Паскал, Кири и многу други. А еве, денес, кога власта сака да го реформира нашето образование се иземаат овие ликови, односно, нивниот светоглед, како и ликовите на нашите историски личности.
Во таканаречените реформи во образованието се става акцент на иднината, а истовремено се омаловажува минатото, историјата. Наводно, треба да се зајакнува писменоста, а истовремено се компромитира, се деградира, па и се тргува со Македонските цареви, како и со ликот и делото на Светите Браќа Кирил и Методиј, кои ни ја дале писменоста, со Свети Климент и Свети Наум Охридски, кои ни ја утврдиле писменоста, со Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, кои ни ја запечатиле писменоста.Се нагласува образовната компонента, а истовремено се истиснува воспитната. Па нели училиштето е воспитно-образовна институција!? Каде е тука воспитанието на децата?! Ако сакаат да создадат исклучиво обучени луѓе, кои ќе газат преку лешеви, за да дојдат до својата кариерна цел, тогаш можеби и се на добар пат. А каде ќе биде тука човечноста, етиката, моралот на личноста. Да, родителите се најодговорни за воспитанието на децата, но, преку која наука, односно, наставен предмет ќе биде утврдено и надградено тоа воспитание, не само на децата, туку и на родителите, ако не на Христовата наука.
Понатаму, се настојува да се воведе сексуално образование. Веднаш ќе кажеме дека тоа се коси со христијанските и воопшто верските морални принципи, дотолку што, 99% од мнозинството на народот во Македонија припаѓа на некоја верска заедница, а доминантна е Православната Вера, и во голем процент е Муслиманската. А со оглед на тоа, дека под изговорот (маската) на сексуална едукација, понатаму, ќе се крие индоктринизација на младите, под палките на ЛГБТ заедницата, тогаш со тоа сексуално образование на младите ќе им се отворат вратите кон развратот, кон разни психички растројства и хаосни состојби, со тоа што противприродните односи на хомосексуалците, лезбејките и сите перверзни типови, ќе се третираат како природни, а изопаченоста како нормалност… И тогаш, не само што таквото образование или едукација нема да го заштити телесното и менталното здравје на децата и адолесцентите, туку ќе им нанесе непоправлива штета, духовно убиство.
Исто така, се нуди како избор и јогата. Апсурд! Своевремено, се дигаа големи прашини и негодувања за веронауката, па потоа беше и укината. А сега, кога се воведува јогата, која всушност е една врста т.н. источна религија, поточно квази религија, медитација, во време кога немаме веронаука, се врши апсолутен терор и агресија врз мнозинството верен Православен и друг народ во нашата земја. И овој пат, никој не реагира за тоа!
Христос, браќа и сестри, нема да ги отуѓи децата од модерните природни науки и нема да ги фрли во заостанатост, како што мислат мнозина т.н. интелектуалци и некои т.н организации, кои, наводно, се грижат за правата на децата. Всушност, тие се поистоветуваат со Ирода, кој им рекол на Мудреците да му кажат каде е Богомладенецот, наводно со цел да му се поклони, а наместо тоа, сакајќи да Го убие, убил 14.000 невини деца, телесно, а овде се работи за многу повеќе илјадни деца, што се убиваат духовно, бидејќи им се одзема правото да бидат Христови чеда, за кои Христос рекол: „Не бранете им на децата да дојдат кај Мене“. Христос го благословил постоењето на природните науки, и тие постојат за да Го потврдат и да Го прослават Христа, како што тоа го потврдиле и гореспоменатите научници.
Возљубени наши духовни чеда!
Денешниов свет има насушна потреба од учени луѓе, но, неспоредливо поголема е потребата од воспитани луѓе. Ние постојано им даваме и ќе им даваме благослов на нашите деца во училиштето да ги изучуваат природните науки и историјата како посебен предмет, но, доколку сакаме целосно да зреат, покрај образование да им овозможиме и воспитание. А, пак, единствен наставен предмет, преку кој на децата им се овозможува воспитание е предметот етика во религиите. А, ете, пак, во новиот концепт на образованието, овој предмет го нема како посебен, редовен предмет.
Многу воспитно образовни институции, попусто ги носат имињата на Св. Кирил и Методиј и на Св. Климент и Наум, на Прличев, Чуповски, Мисирков, Делчев, Груев, Карев, Поп Арсов, Конески и др., кога ништо од тоа што овие горостаси го проповедале и со своите животи го потврдиле, не е застапено во образованието и воспитанието во училиштата и високообразовните институции.
Ние, пак и пак, напоменуваме и апелираме: да се воведе како задолжителен предмет веронауката, во образованието од предшколска возраст до високото образование.
Возљубени празникољубци!
На крај, дозволете ни уште еднаш да напоменеме и укажеме дека пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, која во последниот период пустошеше во Битола и Прилеп во нашата Епархија, но и во целата наша Татковина, е Божјо допуштение. Ова е Божја опомена заради нашата гревовност, и заради нашата отуѓеност од Бога. Затоа апелираме, да се запазуваат мерките за заштита, да се чува телото, кое е создадено да биде храм на Светиот Дух, но, уште повеќе, да се зачува душата која е поскапоцена од телото.
Грижата за телото е грижа за биолошкиот опстанок на човекот, како и на секое суштество. Грижата пак за душата, за едни е грижа единствено како функција на мозокот, односно интелектот, а за нас, Православните, е суштество кое му дава на телото живот и е носител на мислите, чувствата и дејствата, умот, разумот и волјата. Сепак, овој спој на душата и на телото, не го прави човекот совршен, но го прави телесен и душевен, но не и духовен.
За жал, се чини дека не извлековме и не извлекуваме поука од опасноста на смртоносниот Ковид 19 вирус. Покажавме дека сме крајно несериозни и неодговорни, почнувајќи од најповиканите до последните. Жалосен е фактот дека, додека едни страдаат и се борат за опстој на телесниот и душевниот живот, а со нив страдаат и нивните најблиски, особено на оние околу 2500 починати, а другите наместо да сочувствуваат, доколку не можат да сосрадуваат со страдалниците, се оддаваат на разврат, пијанство, дрога, журки, веселби поради изборни победи и понатаму обземени со мислите и чувствата, небаре вечниот живот е овде на земјата. Уште многу пати, па и постојано ќе укажуваме и нема да престанеме да ги жигосуваме грешните однесувања, постапки и дела, сѐ додека не се поправиме, како што вели Свети Апостол Петар.
Возљубени, ни нема спасение без длабоко покајание – признавање на нашите гревови, како и без добри дела, очистување на срцата и душите од грешни желби, чувства, похоти, страсти и грешни дела, а за тоа е потребна искрена исповед кај духовникот и целосна преобразба, односно да постанеме духовни личности исполнети со: љубов, радост, мир, долготрпение, доброта, милосрдие, вера, кротост и воздржаност. Ако така постапиме, овоземните закони сме ги надминале и презреле како несовршени, зашто законите се за безакониците. Должни сме, да бидеме чувари на нашиот ум од грешни мисли, помисли и фантазии, очекувајќи го дарот Божји, благодата Божја, која не прави свети и непорочни, таа да биде со нас во сите денови од нашиот живот, како на земјата, така и на небесата.
Наши возљубени, наши најмили!
Славејќи го Христовиот роденден, ние со тоа сведочиме дека Христос секогаш е жив и доколку дозволиме, постојано се раѓа и ќе се раѓа во нашите души и срца. Навистина жив е нашиот Господ, и ние го славиме Неговиот роденден како роденден на Богомладенецот, на Живиот Бог, а не на мртвиот (сатаната).
Според обичајот, за родендените секогаш им подаруваме нешто на нашите блиски. А што да Му подареме на Богомладенецот Христос за Неговиот роденден?! Што би сакал Самиот Христос, ние да Му подареме?! Христос, браќа и сестри, од нас само и единствено што сака, е нашето скрушено срце. Он сака нашите срца да Му бидат јаслите, нашата душа да Му биде пештерата. Ете тоа би бил најубавиот подарок за Него, сега, секогаш и во сите векови. Амин!
Мир Божји, Христос се роди! Навистина се роди!
Нека е благословено и Новото 2021 Лето Господово!
Ваш постојанен молитвеник пред Богомладенецот Христа,
нашата смиреност
+ Петар
по милоста Божја
Митрополит Преспанско-пелагониски и
Администратор Австралиско-новозеландски