На 21.09.2021 г., кога го празнувавме раѓањето на Мајката Божја, Пресветата Богородица, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Атанас Лажовски, Кирил Трајковски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Светата Божествена Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Твоето раѓање, Богородице Дево, радост му возвести на целиот свет,зашто од Тебе изгреа Сонцето на правдата – Христос, Бог наш;и откако ја урна клетвата, ни даде благослов;кога ја уништи смртта, ни даруваше вечен живот“. (Тропар на Раѓањето на Пресвета Богородица).
Браќа и сестри, денес празнуваме голем и спасоносен празник, односно го празнуваме раѓањето на Пресвета Богородица, на која и е посветен овој Свет храм. Нејзиното раѓање е необично раѓање, зашто се раѓа од бездетни и стари родители, кога нема можност по природен пат да им се роди дете.
Меѓу еврејскиот народ, немањето на деца се сметало за голем недостаток и за Божја казна, па затоа нејзините родителите, Светите богоотци Јоаким и Ана, постојано се молеле на Бога, Господ да им подари чедо, кое тие Нему целосно ќе му Го посветат, не откако ќе одрасне, туку во третата година од раѓањето.
Ете, Господ го отстранил укорот од Светите бездетни Јоаким и Ана и им дал чедо, кое било испросено со горешти молитви и со многу пролеани солзи, а не од похот телесна.
Раѓањето на Пресвета Богородица, е радост за целата вселена, како што пееме во нејзиниот тропар, кој е кратката песна за нејзиното раѓање.
Имено, првата жена, нашата прамајка Ева, покажа непослушност, па затоа стигна клетвата, т.е. гревот беше накажан со смрт. Смртта дојде како последица на гревот, и никој од луѓето не можеше да го спаси човечкиот род, освен Самиот Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој за да се роди на земјата, требаше да има такво суштество, кое што е чисто, пречисто и пресвето, т.е. суштество кое целосно му се посветува на Бога.
Ете, заслугата за тоа ја имаа Светите праведни богоотци Јоаким и Ана, кои откако им се родила Пресвета Богородица, постојано и вдахнонувале мисли, за да мисли само на Бога, желби, само Бога да Го сака, чувства, само кон Бога да чувствува сè што е потребно за нејзино спасение, и за спасение на целиот човечки род.
Па така, возљубени, Пресвета Богородица, не можела да стане толку Света, ако нејзините родители, Светите Јоаким и Ана, не посветеле целосна грижа за нејзиното духовно растење.
И ете, Господ ја просветлил Мајката Божја, Пресвета Богородица, која во нејзината трета година била предадена, да биде чувана во храмот Божји, во најсветиот дел од старозаветнот храм, именуван Светиња над Светињите. Таму престојувала Пресвета Богородица, и била хранета и со небесна храна од Ангелите, покрај телесната храна што ја примала.
Пресвета Богородица, е втората Ева. Ако не се родеше втората Ева, која беше Пресвета, Пречиста и Сесвета, немаше можност да се роди Синот Божји, Кој по благоволението на Отецот, излезе од прегратките на Отецот, доброволно Себеси да се понижи, т.е. се изедначи со нас луѓето, за да нè избави од гревот и смртта и повторно да нè врати во единство со Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Браќа и сестри, Пресвета Богородица, е наречена Богородица, уште пред да Го роди Богочовекот Христа, нашиот Бог и Спасител. Имено, кога таа стигнала кај нејзината роднина, Света Елисавета, мајката на Свети Јован Претеча и Крстител, таа вдахновена од Светиот Дух, рекла: „Од каде при мене да дојде мајката на Мојот Господ?“ (сп. Лука 1, 43). Света Елисавета не зборувала од себе, туку Господ и открил дека Пресвета Богородица, е мајка на Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа.
Ние знаеме дека во светот има личности, од различни професии, кои станале славни научници, кој од кој поголем по својата слава, како на пример Никола Тесла, Пупин, уметници, лекари, писатели и.т.н., но во светот нема пославно име од името на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Затоа вие сестри, мајки, девојки и девојчиња, радувајте се, бидејќи денес е ваш празник, затоа што Господ ја издигна Мајката Божја, Пресвета Богородица, над сите луѓе од светот, над Апостолите, над Свети Јован Крстител, и не само над луѓето, туку и над Ангелите, бидејќи è почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Мајката Божја, е поставена на повисоко место и од Ангелите. Зошто? Затоа што несмествливиот Бог, Христос нашиот Спасител, Синот Божји, Кој не може да Го опфати вселената, дозволил во нејзината Света утроба да се всели, па затоа е наречена Поширока од небесата, како што читаме и гледаме на оваа прекрасна фреска во Светиот олтар, зашто Го смести во својата Света утроба, несмесливиот во вселената, Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос. Затоа вие, од женскиот пол, бабите, жените и девојките, немојте да тагувате кога се борите со сите искушенија што ви доаѓаат во животот, бидејќи имате прекрасен пример на заштитник во Мајката Божја, Пресвета Богородица, чие раѓање го празнуваме денес.
Навистина, Пресвета Богородица, била најпрекрасната девојка во Јудеја, како што пишува, во еден Извештај претставникот или конзулот на императорот Пилат, во кој вели: „Нема поубава девојка и жена од Пресвета Богородица, Мајката на Исуса“.
Пресвета Богородица, браќа и сестри, не била обземена од нејзината телесна убавина, туку напротив, таа копнеела по внатрешната духовна убавина. Затоа убавите жени и девојки, никако од својата убавина и од себе да не прават кумир или идол, на кого ќе му се клањаат, бидејќи заради тоа можат да го загубат Царството Небесно, туку треба да се угледаат на Пресвета Богородица, која за сметка на нејзината телесна убавина, ја усовршила духовната убавина; покажа големо смирение, како што ниедна жена и девојка не покажала. Жените и девојките кои немаат телесна убавина можат да бидат илјадници пати поубави од телесно убавите, ако ги очистат своите срца и души, и од себе направат прекрасни, духовни девојки и жени, кои духовно ќе преродат мноштво луѓе.
Некои девојки, кои се бедни и сиромашни, денес за пари си ги продаваат телата, кои се храмови на Светиот Дух, како што вели Светиот апостол Павле: „Зар не знаете дека вашите тела се храмови на Светиот Дух“ (1. Кор. 6, 19).
Во светот нама посиромашна девојка и мајка, од Мајката Божја, Пресвета Богородица, која немала каде да престојува и немала со што да го повие својот Единотоден Син, Спасителот наш, Господа Исуса Христа, Кој Го положила во јасли..
Ете ни пример и образец, браќа и сестри, за женскиот пол, т.е. за жените и девојките, како треба да се борат, кога ќе се најат во беда и сиромаштија, и како да ги надминат сите искушенија, преку застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица.
Други ќе речат, па ние имаме многу други искушенија, имаме болни во семејствата, имаме починат во семејството, по кого жалиме и.т.н. Ние, возљубени во Господа, никого повеќе од Бога не треба да сакаме, зашто Христос рекол: „Кој сака повеќе татко или мајка, браќа или сестри, жена или деца, куќи или ниви, не е за Мене достоен“(сп. Мат. 10, 37). А има ли некоја жена или девојка да поднела поголеми страдања од Пресвета Богородица, која веднаш по раѓањето на Нејзиниот Единороден Син, била изложена на опасност да и биде убиено нејзиното чедо, кога Ирод наредил да бидат убиени четиринаесет илјади деца во Витлеем и околината, сметајќи дека меѓу нив ќе Го убие и Синот Божји, па поради тоа оди во Египет, за да Го спаси Христа нашиот Спасител, како Богомладенец.
Има ли некоја мајка, која повеќе пострадала, од Пресвета Богородица, која со свои очи гледала како е понижуван нејзиниот Син, т.е. како е биен по плеќите, шамаран, плукан, како на главата Му ставиле трнов венец, а потоа како Го носат да биде распнат на Крст надвор од градот Еруслим, на Голгота.
Претрпела ли, браќа и сестри, поголеми страдања некоја мајка, од Пресвета Богородица на која праведниот Симеон и претскажал, велејќи и: „И на тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата и срцето“(сп. Лука 2, 34-35), кога со свои очи Го гледала распнувањето на Својот Син, Спасителот Господ Исус Христос.
Браќа и сестри, овој празник е голем и спасоносен. Зошто? Затоа што втората Ева, Мајката Божја, Пресвета Богородица, која се роди, за да го роди Спасителот наш Господа Исуса Христа, и преку нејзиното раѓање, на вселената и беше навестена голема радост, бидејќи Христос нашиот Бог и Спасител, Сонцето на правдата, ќе се роди од неа. Спасителот Христос и Мајката Божја, ја уништија клетвата што им беше изречена на Адама и Ева, дека заради гревот доаѓа смртта. Еве луѓето ќе бидат избавени од гревот и смртта, преку Спасителот наш Господа Исуса Христа, Кој со Својата смрт, ја уништи смртта и ни даде живот и воскресение.
Па така, да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, преку нејзините Свети молитви, Господ да нè помилува, зашто таа е најголемата застапница, за нас грешните и недостојните. Мајката Божја, постојано се моли за нас, во овие тешки времиња за опстојот на нашиот Македонски народ, а и за другите народи во оваа наша Татковина Македонија. Мајката Божја, се моли и за опстојот на нашата Света Православна Црква, бидејќи живееме во време кога сите вредности се ставени долу под нозе, браќа и сестри. Немате веќе надеж на кого да се надевате. Порано имало по некој човек, кој можел да биде образец, во кого другите гледале пример, но денеска изгледа дека тоа веќе го немаме, освен Мајката Божја, Пресвета Богородица, Свети Јован Крстител, Светите Апостоли и другите Свети, кои пострадале за нашата Света Православна Вера.
Па затоа старозаветниот пророк вели: „Не надевајте се на кнезовите и на синовите човечки, во нив нема спасение“ (Псал. 145, 3)“.
Да се помолиме, возљубени во Господа, преку застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Господ да го испрати Својот Свет и спасоносен благслов, за да ги просветли нашите умови, да ги очисти нашите души и срца, од секаква нечистотија, и да нè помилува. Амин!
Нека е честит празникот и за многу години, и нека е честито името на оние што го носат името на Мајката Божја, Пресвета Богородица.
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар