На 03.10.2021 година, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која во присуство на Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, Епископот Хераклејски г. Климент, Епископот Стобиски г. Јаков, Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритите Нектариј и Доситеј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, протоереите Стевчо Тошевски и Васко Голабоски, свештениците Димче Азески и Александар Димоски, еромонахот Никодим, протоѓаконите Ратомир Гроздановски, Николче Ѓурѓиноски и Драган Ѓоргиевски, ѓаконите Драган Иванов и Александар Димитријов и ероѓаконот Порфириј. По завршувањето на Литургијата, Архиепископот г.г. Стефан, во името на САС на МПЦ-ОА, чија Одлука ја прочита Епископот Климент, му додели на Митрополитот Тимотеј Орден на свети Климент Охридски од Прв ред, а по повод 40 години неуморна архиерејска служба. Потоа Епископот Хераклејски г. Климент се обрати кон Митрополитот Тимотеј и кон неизбројниот верен народ со пригодно инспиративно и пофално слово, кое подолу во целост ви го пренесуваме. На самиот крај следеше дарувањето на Митрополитот Тимотеј, а меѓу оние кои пристапија беше и архимандритот Нектариј, кој во името на свештенството и монаштвото од Дебарско-кичевската епархија, му се заблагодари на нашиот Архиереј за 40 години трпение и неизмерна љубов кон сите нас – неговите духовни чеда. Од името на свештенството и верниците од Австралиско-сиднејската епархија, протоерејот-ставрофор Никола Христоски го дарува Митрополитот Тимотеј со прекрасни архиерејски одежди. Митрополитот беше даруван и од струшките верници, од протоерејот Зоран Данев и од повеќе присутни гости, а, секако, неколку дена порано, братството од Бигорскиот манастир и сестринствата од манастирот во Рајчица и од Пречиста во Кичево, му подарија на нашиот Архиереј прекрасна икона од нашиот Спасител и архиерејски жезол. Ден претходно, Митрополитот Тимотеј го даруваа и неговите блиски секојдневни соработници, односно епархискиот секретар протоерејот-ставрофор Никола Христоски, кој му подари архиерејска палка изработена со филигран, а протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, Митрополитскиот личен ѓакон, му подари прекрасен портрет, изработен од раката на академскиот сликар г-дин Игор Егоров. Меѓу многубројните присутни верници, голема чест за сите нас направија и: Министерот за Внатрешни работи на РСМ, г-дин Оливер Спасовски, Претседателот на Ману, академик Љупчо Коцарев, Градоначалникот на општина Охрид, г-дин Константин Георгиески, Претседатело на Кокмисијата за односи со верските заедниици, г-дин Даријан Сотировски, Амбасадорот на Руската федерација во РСМ, Неговата екселенција г-дин Сергеј Баздникин, Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, г-дин Сашо Коруновски, како и многу други претставници од академскиот, културниот, политичкиот живот од нашиот град и од целата држава.
Од името на свештенството, монаштвото и верниот народ од нашата Епархија, уште еднаш искрено и од сѐ срце му го честитаме големиот Јубилеј на нашиот духовен татко и молитвеник, Митрополитот Тимотеј, а Господ Исус Христос, нашиот Спасител, да ги слушне нашите искрени молитви и пофалби за нашиот дедо Тимотеј, да му дарува крепко здравје, сила, уште поголема мудрост и преизобилна љубов, та тој со трпени да нѐ води на патот на спасението уште многу и долги години. На многаја лета!
Во продолжение најпрво ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј, а веднаш потоа и свеченото слово на Епископот Хераклејски г. Климент.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Според еден непишан закон, дивите ѕверови кои меѓу себе се најголеми непријатели, се здружуваат пред заедничкиот непријател. На сличен начин и старешините на еврејскиот народ, иако биле во постојано меѓусебно непријателство, се здружиле против Господа Христа, со желба да Го фатат во некој збор противен на Законот и да Го осудат. Господ Исус Христос во еврејскиот народ имал многу непријатели. Помеѓу нив биле фарисеите и иродовците, кои биле заколнати непријатели помеѓу себе. Тие Му поставиле прашање за данокот – дали треба да се плаќа данок на Кесарот или не (Мт. 22, 15-16). Потоа, садукеите кои не верувале во воскресение, Му поставиле прашање: На кого ќе му биде жена по воскресението онаа која имала седуммина мажи? (Мт. 22, 28). Кроејќи заговор против Христа, фарисеите и садукеите – смртните непријатели, преку некој законик, Го запрашале: Учителе, која е најголемата заповед во Законот? Ова е лукаво прашање. И едните и другите мислеле дека во Стариот Завет постојат две заповеди кои се подеднакво важни, а тоа биле заповедите за саботата и за обрезанието. Според нивното површно верување дека Господ ќе даде предност на една од нив, па така ќе имаат можност да го осудат, мислеле дека ќе имаат причина да го судат независно за која од овие две „најголеми” заповеди ќе се одлучи, па така да му одредат смртна казна. Но, Господ бил далеку од формализмот на фарисеите и еврејската обредност. Тој го издигнал човековото достоинство многу повисоко од празнувањето на саботата и извршувањето на обрезанието. Затоа, како одговор на законикот му ја посочил суштината на стариот Закон, а која тие ја заборавиле и сите заповеди ги занемариле, ставајќи акцент на саботата и обрезанието. Затоа Христос му одговорил на законикот: „‚Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум;’ тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: ‚возљуби го својот ближен како себеси!’ На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците” (Мт. 22, 37-40). Објавувајќи му ги десетте Божји заповеди, Мојсеј му наредил на израелскиот народ: „Не биди им непријател на синовите од народот твој, туку сакај го ближниот свој како самиот себе. Јас сум Господ, вашиот Бог” (3 Мој. 19, 18).
Како што се гледа и првата и втората заповед се наоѓаат целосно, како во Стариот Завет, така и во Новиот, објавени од Господа Исуса Христа. Во новиот сојуз помеѓу човекот и Бога, Тој им дава нова содржина, нов дух, кој провејува во целата наука на нашиот Господ и Спасител. Бог е Татко на родот човечки. Не само на еден избран народ, туку на сите. Избран народ е целото човештво кое ќе поверува во Спасителот и преку светата тајна Крштение ќе го прими печатот на Светиот Дух. Сите луѓе се повикани да го возљубат Бога со сето свое срце, со сета душа и со сиот ум. Целиот човек со сите свои духовни и телесни сили треба да Го сака Бога – Творцот, Промислителот и Создателот на сите созданија. Бог ја покажал Својата љубов кон нас, па и ние треба да одговориме со љубов како кон Него така и помеѓу себе. Инаку не може да биде, зашто Бог е љубов и Неговите чеда се чеда на љубовта. Затоа се вели: „Ако се сакате еден со друг, Бог пребива во вас и љубовта Негова е совршена во вас” (1 Јн. 4, 12).
Љубовта кон Бога се гледа и од љубовта кон ближните. „Ако некој рече: ‘Го љубам Бога’ а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел?” (1 Јн. 4, 20). Додека во Стариот Завет ближен бил само оној кој припаѓал на израелскиот народ, во Новиот нема граница, туку сите луѓе се наши ближни, бидејќи сите се деца Божји. Нема ниту Евреин ниту Грк, бидејќи сите се синови Божји, а според тоа и браќа помеѓу себе. Од нас христијаните се бара да ги сакаме и оние што не мразат.
Што се светителите што денеска ги прославува нашата Македонска православна црква? Светителите ги исполниле овие две заповеди – љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето – овие две добродетели, односно христољубивоста и човекољубивоста. Науката на нашата Црква вели: нема љубов кон човекот без љубов кон Бога (1 Јн. 5, 2) Само љубовта кон Бога ни дава да го сакаме човекот, дури и кога е во грев. Секој христијанин е вистински само ако ги исполнува овие две заповеди. Да се запрашаме и ние колку сме ги исполниле овие две заповеди на Господа Исуса Христа. Да се прашаме каде е нашето срце. Да се запрашаме дали денеска ги исполнивме овие две заповеди. Ако не сме ги исполниле, да си речеме – денеска не бевме христијани. Господ да ни даде сила за утре да бидеме христијани, па со сета сила да го сакаме нашиот Господ Бог и да ги љубиме нашите браќа. Да се потрудиме да ги исполниме овие две најважни заповеди, а преку тоа да се спасиме од ѓаволот, гревот и смртта и да се засили во нас верата во Господа Исуса Христа. Верата расте преку молитва, милосрдие и секоја друга добродетел. По молитвите на сите македонски светии чиј спомен го празнуваме, Бог да нѐ благослови да одиме по патот Христов и да ги исполниме двете заповеди. Така ќе спечалиме милост Божја за вечен и блажен живот. Амин!
Предајги делата свои на Господа, и твоите намери ќе се исполнат (Изреки 16, 3)
Ваше Блаженство,
Ваши Високипреосвештенства,
Ваши Преосвештенства,
Ваши Високипреподобија,
Почитуван Претседателе на МАНУ,
Почитувани министри, градоначалници,
Ваши Екселенции,
Чесни отци, браќа и сестри,
Му благодариме на Бога што денес, на денот на сите свети кои засветлија по македонската земја, заедно сме во Охрид, во срцето на нашата соборна духовност, во чудесниот храм на Премудроста Божја — Света Софија. Во оваа молитвена заедница со светите, првото што нè пресретнува е нивната целосна посветеност на Бога и на луѓето, нивната севкупна предаденост и подготвеност да благодарат за сите и за сè. Затоа, кај светите нема да се најде ниту најмала сенка на нељубов кон другиот и туѓинецот, кон различниот и страдалниот, кон поредокот и природата. Нивниот живот е проникнат од постојана молитва, што се состои во непрестајно славословие кон Создателот за сè што направил и што постојано прави за нашето обесмртување, за нашиот бескраен и бесконечен живот со оние што ги љубиме и што нè љубат.
По нивните молитви, еве, и ние денес, овде стоиме пред лицето на Живиот Бог и се радувaме во Господа, изразувајќи ја нашата соборна благодарност за сето она што Тој, Самиот премудро го устроил за нас. Му благодариме за Богородица, Му благодариме за апостолите, Му благодариме за епископите, за презвитерите, за народот Божји, за нашите духовни родители, за нашите предци, за нашите татковци и мајки, за нивниот труд и мака. Исто така, Му благодариме и за возобновителите на нашата Црква, за можноста да Му служиме, да Му се молиме и обраќаме на нашиот мајчин македонски јазик, Му благодариме за сите порано починати отци и браќа наши, за архиепископите, архиереите, свештенослужителите, монасите, и за сите што смирено го носеа и го носат својот крст на ова наше парче земја низ историските искушенија и премрежија. Му благодариме на Бога и за нашите непријатели и се молиме за нив. Сето тоа го правиме негувани, оживотворени, и укрепувани од Светиот Дух, Kој, како тивок ветрец, таинствено го прегрнува секого од нас и, како единствен и неповторлив, го вчленува во небоземната богочовечка заедница, во Телото на Единородниот Син на нашиот Отец небесен.
Ова е нашето наследство, нашето свето предание, нашата божествена гозба и трпеза, на која денес, кога го чествуваме споменот на сите македонски свети, нè собра љубовта на нашиот владикa и домаќин, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј. Нашата радост е удвоена бидејќи денес земаме учество во прославата на јубилејот на Mитрополитот по повод неговата 40-годишна архиерејска служба и 70 години од неговото раѓање.
Затоа, дозволете ми, најнапред да кажам дека при ваков импресивен повод никому не му е лесно да беседи. Чувството на одговорност е особено зајакнато, знаејќи дека преданието нè советува да бидеме грижливи и внимателни во описот на нечии доблести, но и нè упатува и да не затаиме во објавувањето на добрите дела. Знаејќи ги искуството, зрелоста, утврденоста во верата и непоколебливиот и истраен карактер на Митрополитот Тимотеј, се осмелувам да одговорам на неговата љубов и покана, и да изговорам слово за неговиот двоен јубилеј.
Не е можно, во еден вака краток осврт, да се опфатат повеќе аспекти на делувањето на една личност, особено на еден активен архиереј кој четири децении работи и плодоноси на нивата Христова. Уважувајќи ги зборовите на свети Григориј Богослов, дека: пофалбата е причина за ревност, ревноста за добродетел, а добродетелта за благобитие, ќе се обидам, на вашето внимание да му предочам кратки одблесоци на најосновните дела на овој наш архиереј. Тие дела се очевидни, јавни и секому достапни на проверка, па затоа нека бидат своевидни водилки што нè доближуваат до неговиот лик.
Митрополитот Тимотеј, пред сè, е личност на Црквата, сведок на Божјата милост во историјата, искален духовен и црковен деец. Неговиот идентитет е црковен и извира од Христовото Евангелие. Во една од своите вдахновени беседи, ќе напише: Човекот не е мерило на сите нешта. Ние, верните луѓе, во Евангелието наоѓаме мерило за човековото. Евангелието е книга за љубовта на животот. Евангелието е бистар поток над кој човек се наведнува, за да се напие од животните струи. Личниот подвиг на Митрополитот Тимотеј никогаш не може да биде согледан надвор од литургиските време и простор. Тој е архиереј на Црквата Христова, служител на евхаристискиот жртвеник и литург, едуциран теолог, инспиративен беседник, опитен и непосреден пастир.
Неговата појава не е нималку секојдневна. Тој, со впечатливиот надворешен изглед што е изобразен, како од генетското наследство од неговите биолошки родители, така и од неговиот внатрешен живот, каде и да се појави, го исполнува просторот со својот карактеристичен суверенитет. Впрочем, таквиот суверенитет не е авторитарен, туку е емпириски, граден низ искуството на животот и заради тоа е јасно препознатлив и прифатлив за другиот. Го говори она што е реално, без сомнеж, смело, тврдо и одлучно. Тој опитно знае дека, нам, Бог не ни дал дух на плашливост, туку Дух на сила, љубов и разбраност. (2 Тим. 1, 7.) Тој е изграден авторитет што влева доверба без присила. Неговиот бистар ум, непосреден израз и достоинство се лесно воочливи уште при првата средба со него. Таа одважност, што на моменти се претвора во проникливост, е плод на неговата посветена пастирска грижа за човекот од нашето поднебје. Нашата православна вера не ги брише личните карактеристики кај човекот, туку ги препознава, облагодатува и ги потврдува. Слоевитоста на личноста се вткајува во живото предание на Црквата, оставајќи личен белег во него. Митрополитот Тимотеј го познава ова црковно наследство и го пренесува на оние што стапуваат во непосредна релација и контакт со него. Неговите беседи веќе четириесет години со дух и живот ги хранат и напојуваат душите на верниот народ во епархиите во кои архипастирствувал. Затоа, и при оваа прилика му благодариме на Владиката што неуморно ги составил, ги изрекол, ги собрал и истите ги подготвил за печат, па сега, во осум томови, се достапни за пошироката јавност.
Возљубени присутни, ќе потсетиме дека Митрополитот Тимотеј е роден е 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско. Основното образование го завршил во неговиот роден крај, Богословијата во Скопје, Богословскиот факултет во Белград, а последипломските студии во Рим. Монашкиот подвиг го започнал во далечната 1981 година, и набрзо, заради потребите на Црквата која во овој млад енергичен монах препознала исклучителни духовни и интелектуални дарови и способности, тој, на барање на САС на МПЦ, го зел крстот на архиерејството, кој и до денес богоугодно го носи. Неговата остроумност и просветлена тактичност му овозможува успешно да раководи со две големи епархии, во едната — како надлежен митрополит, а во другата — како администратор. Плодовите од неговото несебично залагање и денес се видливи како во Дебарско-кичевската, така и во Австралиско-сиднејската епархија со која администрира.
Митрополитот Тимотеј е исполнителен, реален и практичен архиереј што цврсто гази по земјата, но истовремено не го заборава небото. Покрај него, секоја теоретска спекулација ја губи својата смисла. Тој е иницијатор на конструктивни процеси на повеќе полиња внатре во Црквата и истовремено е реализатор на дела и содржини што другите ги препознаваат како примери и обрасци. Умее да создаде верни соработници околу себе и тоа, не само во епархиската администрација, туку и пошироко. Односот, релацијата и комуникацијата со него никогаш не подразбира пловење по мирно море. Тоа е жив динамичен однос, исполнет со превирања, неретко проткаени со набој на креативни размени на мислења, со различни и спротивставени ставови, но секогаш измирени со взаемни насмевки и радости чија единствена цел била и е — доброто, соборноста и единството на Црквата.
Неговата вера е дејствителна, а способноста за разумно одлучување честопати била од суштинско значење при носењето одлуки во Нашата Помесна Црква. Неговото епископствување низ овие четириесет години повеќепати е испитано и посведочено низ пристапот што самиот тој го еманира во историската реалност, која неретко била груба на овие простори. И покрај тоа, тој успеал да ѝ овозможи достоинствена положба на неговата епархија, како и почит кон него, од секоја државна, општествена, културна или образовна институција.
Како долгогодишен портпарол на МПЦ-ОА, но и како ревносен учесник во сите процеси поврзани со активноста за препознавање и прифаќање на Нашата Света Помесна Црква во сеправославното семејство, Митрополитот Тимотеј мудро ги брани нашите црковни интереси, истовремено чувајќи го достоинството на народот. При тоа, кај него се препознава свесноста дека Црквата е поширока и подлабока од секој етницитет, и дека таа е дом за сите повикани народи и во неа секој човек со добра волја е добредојден.
Митрополитот Тимотеј своето пријателство со секого го гради без идеолошки притисок, почитувајќи ја сечија личносна слобода. Токму тоа му дава слобода да се спротивстави на секој доминантен наратив на било која владејачка гарнитура, за да го одбрани црковниот интерес. Во еден комплексен историски момент, и не така одамна, од пошироката јавност е запаметена неговата бескомпромисност во сочувувањето на имотот на манастирот „Свети Наум“.
Овој Архиереј не се пројавува само како градител и неимар на храмовите, манастирите и конаците, туку и како возобновител на монаштвото во Дебарско-кичевската епархија и пошироко. Тоа е така од почетокот на деведесеттите, кога со монашки живот е возобновен манастирот „Свети Наум Охридски“, а потоа и Бигорскиот, Раичкиот, Лешанскиот, Пречистанскиот, Кнежинскиот, Поречкиот манастир, и други. Познато ни е дека негувањето на монасите бара особена духовна мудрост и просветено разбирање на човекот со сите негови динамики, но и разбирање на светото предание на Црквата. Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј се покажа како епископ кој мудро ги поставува и им помага на духовните авторитети на манастирите, а исто така, и подеднакво татковски се грижи за своето свештенство, ѓаконство, кое во него препознава одговорен родител, кому може да му се обрати во секое време.
Епископството е сложено послушание. Тоа е непрестајно пребивање во гетсиманската молитва и внимателно будење на заспаната духовност кај луѓето. Тоа е постојан труд и напор да се биде секогаш, и во секој момент, присутен и отворен за туѓата болка, страдање, за сета комплексност на човековата природа.
Како ретко кој, Митрополитот Тимотеј е даруван со особено чувство за битот на народната побожност. Повеќедецениската дејност на нивата Христова овозможила во карактерот на овој пастир да се избистрат две важни особини — грижливоста и одговорноста кон секоја доверена душа. Плодовите што пред нас се пројавуваат од таквото видливо делување се своевидни преображенија на народниот религиозен ритуализам и заживување на една литургиска обнова во неговата епархија. Тој, иако непоколебливо одлучен во еклисиолошките начела, сепак, со големо трпение му помага на својот народ да се избави од ропството на митот и суеверието, воведувајќи го во живото црковно предание.
За овој наш владика, теологијата не е само наука и доктрина, туку таа е живот. Во своите поуки кон народот, г. Тимотеј ќе објави: Светиот Дух се дава на секого; Тој зборува во срцето на секого. Од Бога, преку Божјиот Син доаѓа дарот на Светиот Дух врз секого за да биде мудар во животот и силен во делата на мудроста.
Архипастирскиот труд на Митрополитот е содржан во неговиот одговорен однос кон Бога и ближниот, кон свештенството, монаштвото, кон секој човек. Грижата за црковната еднообразност и соборност е видена низ благолепието на редовните богослужења и проповеди, учеството во духовни, културни и образовни собитија, градителството, сакралното неимарство, богатото издаваштво, организирањето на настани, јубилеи и семинари со духовна содржина. Неговиот личен влог во обновата и развојот на нашите црковни воспитно-образовни институции, како некогашен ректор во Богословијата, а потоа и како професор на Богословскиот факултет, па сè до изборот на новите кадровски решенија е препознаен, неоспорен и видлив. И сето ова не го уморило, ниту го уморува, туку напротив, носејќи го благиот јарем Христов, дедо Тимотеј со себе носи евангелска свежина која поттикнува и вдахновува надеж, овозможувајќи секому Црквата да ја чувствува како свој дом, како своја духовна бања што обновува и препородува.
Ваше Високопреосвештенство, дозволете ми да ја изразам својата увереност дека со личниот влог на Вашата архиерејска служба, и на сите браќа архиереи, како носители на апостолското преемство, МПЦ-ОА е поставена на цврсти неразрушливи темели. Тоа се темелите на чистата православна вера и на светото предание што Вие неуморно ги сведочите во нашево време, а за кои допрва ќе се произнесува историскиот хроничар. Истиот ќе има многу работа за Вашиот исклучителен и неповторлив придонес во континуитетот и актуализацијата на апостолското и светотечкото црковно наследство, за развојот и промоцијата на православното духовно творештво и за збогатувањето и негувањето на истото, како во Вашата епархија, така и во целата Црква. Затоа и сте одликувани денес со највисокото црковно одличје „Свети Климент Охридски од прв ред“.
Почитуван и драг Владико, искрено Ви ја изразувам својата благодарност и радост по повод Вашите јубилеи, посакувајќи Ви добро здравје, мирни денови, и долги и плодоносни лета за да продолжите да ѝ служите на Црквата на која ѝ се посветивте уште од својата најрана младост.
Ваше Блаженство, браќа архиереи, присутни свештенослужители, монаси и монахињи, верен народе, заедно, соборно и торжествено, на денешниот славеник, Митрополитот Тимотеј, молитвено да му посакаме уште многу години и годишнини, исполнети со нови богоугодни дела и успеси. На многаја лета, Владико!