На 19.08.2021 г., кога го празнуваме Преобразувањето на Спасителот наш Господ Исус Христос на гората Тавор, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски, протоѓаконот Драган Ѓоргиевски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.
На Светата Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни, а по завршувањето на Литургијата, беше осветен новиот лозов плод.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Да ни засветли и нам, грешните, Твојата вечна светлина, по молитвите на Богородица, Подателу на светлина, слава Ти!“
Браќа и сестри, денес е голем ден, бидејќи го прославуваме Светото Преображение.
Овој празник, како настан се случил пред Христовото Воскресение т.е. пред Христос да пострада, Учениците Негови требало да ја видат Неговата слава, како што пееме во кондакот на овој празник, за кога ќе пострада, да разберат дека Христос нашиот Бог доброволно пострадал, и да проповедаат дека Христос е Светлина на Отецот, како што читаме во Символот на нашата Света Православна Вера дека Христос е Светлина од Светлина, Бог вистински од Бога вистински.
Христос со Себе ги зел тројцата Свои ученици: Петар, Јаков и Јован, кои ги однел на гората Тавор, каде потоа пред нив се Преобразил во Својата слава. Кога се преобразил, од Него зрачела неисцрпна несоздадена светлина, посилна од сончевата, па токму затоа на иконите, сонцето кое е зад него, се изобразува (се слика) како да е потемнето, и не може да се спореди со светлината која извира од Христа нашиот Бог и Спасител, Кој со Отецот и Светиот Дух, е Творец на сè создадено. Таа светлина, е онаа несоздадена светлина, која нас ќе нè осветлува и во Царството Небесно, зашто тогаш ќе престанат сите тела небесни т.е. и сонцето, и месечината, и ѕвездите, и земјата, бидејќи ќе ја загубат својата моќ, затоа што таму ќе биде, Светлината од Светлината, Христос нашиот Бог и Спасител.
Па така, кога Христос нашиот Бог и Спасител, се преобразил на гората Тавор, како што читаме во Светото Писмо, од Него зрачела таа силна светлина, а Неговите алишта биле побели од снег. Со него биле и двајцата големи пророци, претставници од Стариот Завет, Мојсеј, претставникот на старозаветниот Закон Божји, кој умрел на гората Нево, и чии гроб и ден денес не се знае, и претставникот на пророците, Светиот пророк Илија, за кого се знае дека се вознесол на небесата со огнена кола и коњи. Ете, овие двајца пророци, се претставниците на Стариот Завет, едниот на Законот Божји, а другиот на пророците, кои пророкувале за Христовото воплотување и доаѓање во светот, Неговата Света проповед, Неговото доброволно страдање и распнување на Крст, и Неговото славно Воскресение, а потоа и за Неговото Вознесение на небесата, со кое што ја прославил нашата човечка природа и ја присоединил кон Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дих!
Па, браќа и сестри, токму затоа, славејќи го овој голем и спасоносен празник, ние треба да си поставиме прашање, зошто Христос се преобразил на гората Тавор? Прво, затоа што Христос требало да им покаже на Своите Ученици Апостоли дека не е само човек, туку истовремено е и Бог и човек т.е. Богочовек. Па кога тие ќе Го видат Неговото распнување на Крстот, да не мислат дека се распнува само обичен човек, туку дека тоа е Богочовекот Христос, Кој заради нас и заради нашето спасение, благоволи да пострада на Крст, за да го избави од гревот и смртта, човечкиот род.
Исто така, според зборовите на Свети апостол Павле, Христос се преобразил на Гората Тавор, за и ние да се преобразиме и да учествуваме во Неговата слава во Царството Небесно. А како трето, Христос се преобразил на Гората Тавор, за да ни покаже дека и ние треба да се преобразиме во онаа подобност, која ја имале нашите прародители Адама и Ева пред да згрешат т.е. пред да ја прекршат Божјата Заповед, да не јадат од забранетиот плод. И токму во тоа е и големината на овој празник.
Нашите прародители Адам и Ева, заради непослушноста, се одделија од Бога т.е. ја изгубија Божјата благодат и духовно умреа. И не можело поинаку човекот да се врати во својата првобитна состојба, освен Самиот Син Божји, Логосот Божји, Христос нашиот Бог и Спасител, Кој предвечно се раѓа од Отецот, по благоволението на Отецот, доброволно да посака да прими човечко тело, во сè да се изедначи со нас луѓето, освен во гревот, да поживее на земјата, да проповеда и да ни ја објасни нашата Света Православна Вера, а потоа доброволно да пострада на Крст, и со Својата Света Крв на Крстот, да нè избави од гревот и смртта, и со Својата смрт, да ја победи смртта т.е. да Воскресне од мртвите, и во четириесеттиот ден по Воскресението, да ја Вознесе во слава нашата човечка природа преку Неговото Свето Тело на небесата, седејќи од десно на нашиот Отец Небесен.
Ете, браќа и сестри, суштината или целта на овој празник, е да разбереме дека Христос се Преобразил во Својата слава и Светите Апостоли ја виделе Неговата слава, преку таа силна светлина, која е благодатта Божја, која нам ни се дава преку Светите Тајни. Таа Божја благодат им била дадена и на нашите прародители Адама и Ева, кога Господ дувнал Дух во нивниот образи, и тие станале жива душа, но кога Адам згрешил поради непослушноста, истата им била одземена, како што и ние сме крајно непослушни во исполнувањето на Божјите Заповеди и забораваме дека покајанието е поголемо и од постот и од молитвата, зашто е речено: „Послушание, паче пост и молитвa“.
Без покајание, без послушание, нема спасение, браќа и сестри. И од таму, Христос нашиот Бог и Спасител ни покажал дека ние треба да се унижиме, како што и Самиот Он се унижил себеси т.е. од совршен Дух, да стане човек како нас, да го прими нашето човечко тело, за да нè избави од гревот и смртта. Понатаму, браќа и сестри, ние треба да разбереме дека целта на нашето живеење на земјата, е да го задобиеме Светиот Дух, таа Божествена благодат, која Бог му ја испратил на Адама кога му дувнал Дух животен. За тоа имаме прекрасни примери, и во Стариот, и во Новиот Завет. Да си споменеме само на праведниот Јов, кој што кога го убедувале неговите пријатели и неговата жена да похули на Бога, па да умре, тој рекол: „Како можам да похулам на Светиот Дух, Кој што во мене живее и Го чувствувам Неговото дишење во моите ноздри. Не можам да похулам на Светиот Дух, на Бога, Кој го чувствувам во себе“.
Ете така, браќа и сестри, Светите Апостоли на Преображението Господово го примиле Светиот Дух, односно благодатта Божја, ама не целосно, бидејќи во тропарот на овој празник пееме: „якоже можаху“ т.е. тие Го примиле Светиот Дух, колку што можеле да поднесат, зашто полнотата на Светиот Дух, им беше испратена на Светите Апостоли во педесеттиот ден по Христовото Воскресение на Духовден, кога врз нив изобилно се излеа Светиот Дух, кога Свети апостол Петар, ја произнесе својата прва проповед и со неа улови три илјади луѓе, кои потоа ги крсти.
Ете, таа Света благодат, браќа и сестри, таа божествена Сила, таа Божествена Светлина, е онаа што нас нè спасува. Таа, од грешници и злосторници, прави свети луѓе, како што е примерот со Свети апостол Павле, кој кога тргна да ги гони христијаните во Дамаск, по патот од коњот го турна силна Светлина, посилна од сончевата, во која Го препозна Христа нашиот Бог и Спасител, Кој е Светлината од Светлината, Кој предвечно се раѓа од Отецот. Ете, таа Светлина го турна од коњот, и од тогаш Светиот апостол Павле, од голем гонител на Црквата Христова, стана најревносниот апостол на Црквата Христова, кој ќе рече за себе: „Не сум достоен да се наречам Христов ученик, оти своевремено ја гонел Црквата Божја“ (сп. 1. Кор. 15, 9), но исто така вели дека самиот тој од сите Апостоли повеќе се потрудил и објаснива дека благодатта Божја, е таа што него од гонител, го направила најревносен Апостол на Црквата.
Таа Света благодат, браќа и сестри, е онаа, која Мојсеј ја видел, кога бил на гората Синај, за да ги прими таблиците со Десетта Божји Заповеди т.е. Законот Божји, кога целиот народ ја видел таа Божја благодат, која како огнен пламен се издигала нагоре кон небесата. Ете, затоа попримајќи ја таа светлина во себе, Светиот пророк Мојсеј, кога слегувал со двете таблици на Десетте Божји Заповеди, луѓето не можеле да го гледаат, оти од неговото лице зрачела силна Светлина. Таа е таа светлина, кој ја покажал Христос, која излегувала од Него на Светото Преображение, и морал да стави покривало на своето лице.
Преображението, е всушност Богојавление, браќа и сестри. Како што на празникот Богојавление, се јави Света Троица, кога Христос се Крштеваше во реката Јордан, а Отецот сведочеше: „Овој е Мојот Возљубен Син“ (сп. Мат. 17, 5), а Светиот Дух, во вид на гулаб, лебдеше над Него, така и овде на Светото Преображение имаме сличен настан. Имено, овде Го имаме Христа, од кого зрачи таа Светлина т.е. Неговата слава, која сè осветува, а Апостолите паѓаат ничкум.
Ете, затоа Свети апостол Петар вели: „Господи, добро ни е да бидеме овде, ако сакаш да направиме три палатки, една за Тебе, една за Мојсеја, и една за Илија“ (сп. Мат. 17, 4).
Со оваа Божествена светлина, браќа и сестри, Христос на Педесетница ги исполнил Светите Апостоли, и тие од тогаш станале бестрашни проповедници на словото Божјо по целиот свет.
Целта на нашиот живот на земјата, е задобивање на Светиот Дух, Кој е Божествена светлина, која нам ни се дава преку Светите Тајни: Крштение, Миропомазание, Покајание и Исповед, Маслосвет, Венчание за оние што се венчаваат, Светата Тајна Свештенство, за оние што се ракополагаат во ѓаконски, свештенички и епископски чинови, а особено преку Тајната на сите Свети Тајни, Света Тајна Евхаристија, која ако подготвени ја примаме, во себе Го примаме Самиот Христос нашиот Бог и Спасител.
Токму тоа е целта на нашиот живот, браќа и сестри. Некои велат дека се спасуваме со добрите дела. Да, се спасуваме и со добрите дела, но ако истите не се во името на Христа нашиот Бог и Спасите, тие не можат да ни помогнат, зашто има луѓе кои прават добри дела заради страв да не бидат казнети на Страшниот Суд. Други прават добри дела заради награда т.е. да бидат наградени во Царството Небесно. Ни првото, ни второто, не се исправни. Најисправно е кога ние не правиме добро заради доброто, туку заради Бога, заради Христа нашиот Бог и Спасител. Тоа е возвраќање на љубовта, која Он ја направил за нас, со тоа што доброволно пострадал, за да нè избави од гревот и смртта. Ете, ние барем малку да покажеме љубов кон Бога и ближниот. Оној што нема љубов кон Бога и љубов кон ближниот, тој не може и да се спаси.
Па така, да не заборавиме дека во онаа парабола за мудрите девојки, во која се вели дека мудрите имале масло во светилниците, а на лудите им завршило маслото, па барале од мудрите да им дадат, а тие им рекле: „Одете купете си, зашто ако ви дадеме вам, и нам ќе ни недостигне“. Кога тие отишле, вратите се затвориле, бидејќи влегол младоженецот, а за нив влегувањето не било пристапно. Некои велат, па како тие биле спречени да влезат во радоста, иако направиле добри дела? Тие навистина направиле добри дела преку девственоста, која е света работа, но не ја задобиле благодатта. Благодатта Божја, исто така се стекнува и преку средствата за спасение, а тие се: постот, молитвата, милосрдието и сите други добри дела направени во името на Христа нашиот Бог и Спасител.
Целта на нашиот живот, е придобивање на благодатта Божја, која е Светлина Божја, за која зборувавме, која ја видел Мојсеј и ја почувствувал.
Исто така, и Светиот апостол Павле ја видел таа Божја Светлина, кога бил турнат од коњот, а исто така ја почувствувал и Светиот пророк Илија, во она тивко ветерче, во кое бил Бог.
Ете, таа Светлина, таа Божествена благодат, нас нè спасува, браќа и сестри, и само преку неа, ние можеме да очекуваме спасение на нашите души. Некои ќе прашаат: како ќе знаеме дека во нас е благодатта Божја? Еве еден прекрасен пример ни дава еден човек, кој што опишува и објаснува како бил излекуван од Светиот Серафим Саровски, и како во страшната зима тие ја почувствувале Божјата благодат преку молитвите на Свети Серафим Саровски, кој му рекол: Погледни во мене! Тој (Мотовилов) кога погледнал во него, се ужаснал, бидејќи видел како од неговите очи зрачат и излегуваат молскавици. Кога Свети Серафим го прашал: „Што чувствуваш пријателу?“ Овој одговорил: „Чувствувам прекрасна топлина“. Ете, тоа е таа благодат, браќа и сестри, која делува како топлина.
Штом ќе почувствуваме мир и спокојство, тогаш во нас е благодатта Божја. Спасителот Господ Исус Христос вели: „Мирот свој ви го давам, но не како што го дава светот“ (сп. Јован 14, 27). И ете, тој го почувствувал тој мир, браќа и сестри, и таа необична радост, за која вели Христос: „Радоста ваша никој нема да ви ја одземе“ (сп. Јован 16, 22).
Таа радост ја чувствуваме на Воскресението Христово, кога сме исполнети со неопислива радост. Која е таа сила, која ни ја дава таа радост, кога плачот и тагата се мешаат и претвораат во радост. Тоа е благодатта Божја, браќа и сестри. И кога овие нешта ќе ги почувствуваме во себе, тогаш можеме да речеме дека нас нè посетила благодатта Божја.
Еден светител прашува: колку и како треба да се молиме? Истиот светител го дава следниот одговор т.е. вели дека треба да се молиме, како што се молиме кога Го призиваме Светиот Дух, велејќи: „Цару Небесен, Духу на вистината, дојди и всели со во нас!“ Кога Светиот Дух ќе се всели во нас, тогаш престанува и молитвата. Тогаш нема потреба од молитва. Некои велат: ама ние треба постојано да се молиме! Да, сè додека не дојде Светиот Дух, зашто кога ќе дојде Светиот Дух, тогаш престанува молитвата и ние се предаваме на Светиот Дух, како што ќе се предадеме во Царството Небесно. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар