На 14.10.2021 г., кога го празнуваме Покровот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и споменот на Светиот апостол Ананиј, Преподобниот Роман Слаткопоец и Преподобниот Јован Кукузел, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Цветко Тасески, ереите Крсте Тасески, Тони Кузмановски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Крушево.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Дева денес стои во Црквата и со Светите невидливо за нас на Бога Му се моли! Ангелите со Апостолите нејзе и се поклонуваат, а пророците и воскликнуваат, зашто Богородица за нас Бога Предвечниот Го моли!“ (Кондак на Покров на Пресвета Богородица).
Кондакот на овој празник, посветен на Покровот или Омофорот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, кој денес го славиме, е празник во спомен на чудото на Мајката Божја, кое се случило во 911-та година во храмот Влахерна, во Цариград, кога Светиот Андреј Јуродив, ја видел Пресвета Богородица, како со својот Омофор ги закрилува верниот народ, кој бил на молитва, и му рекол на својот ученик Епифаниј: „Ја гледаш ли, брате, Царицата над сите, како се моли за сиот свет?“, а Епифаниј му одговорил: „Ја гледам и се ужаснувам!“
Браќа и сестри, Пресвета Богородица е нашата закрилница, посредница и постојана молитвеница пред Бога Троичниот и пред Нејзиниот Син и наш Бог, Спасителот Исус Христос.
Пресвета Богородица, е онаа личност, која е единствена во светот, која се удостоила да нè направи свој личен грев. Ете, токму заради тоа Синот Божји, Кој предвечно од Отецот се раѓа, ја избрал да биде Негова мајка т.е. доброволно да излезе од прегратките на Отецот и да се всели во утробата на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Па така, Оној што не може да го опфати и смести целата вселена, стана вместлив, зашто Несмеливиот се всели во Пречистата утроба на Мајката Божја, Пресвета Богородица.
Затоа и денес во Светото Евангелие слушнавме како една жена, која кога зборуваше Господ Исус Христос рече: „Благословена и преблагословена е утробата што Те носела и градите од кои си се хранел“ (сп. Лука 11, 27), зашто Пресвета Богородица, како што гледате на оваа фреска именувана „Пресвета Богородица во знакот“ во олтарната апсида, која е дело на нашата монахиња Ана, говори токму за тоа дека Пресвета Богородица, во својата Света утроба успеала да Го прими Невместливиот. Ете, токму затоа е именувана поширока од небесата, зашто Пресвета Богородица Го примила во својата Света утроба, Оној кого не можат да Го опфати небесата.
Ете, токму затоа велиме дека Пресвета Богородица, е поширока од небесата, зашто нашето спасение не можеше да стане поинаку, бидејќи нашите прародители Адам и Ева згрешија и направија голем престап т.е. не ја исполнија единствената Божја Заповед, да не јадат од забранетиот плод, а им беше кажано дека во оној ден кога ќе вкусат, ќе умрат. Тие умреа кога ја прекршија единствената Божја Заповед, најнапред духовно, што значи, се одделија од Бога, а одделувањето од Бога значи духовна смрт, а потоа, по многу години, следуваше и телесната смрт. Поради тоа во протоевангелието се вели: „И ставам непријателство помеѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин“ (1. Мој. 3, 15). Тоа значи непријателство меѓу сатаната т.е. ѓаволот, кој е татко на лагата и жената, односно тука прво се мисли на Ева и на семето нејзино т.е. втората Ева, Пресвета Богородица. Тоа значи дека Христос ќе застане на главата на сатаната, а ти (сатаната) ќе го каснеш за петата, односно преку Евреите ќе Го распне Синот Божји, Спасителот наш Исуса Христа, Кој, пак, со распнувањето на Крстот ќе ги земе гревовите на сите луѓе, од почетокот, сè до крајот на светот.
Но преку Христовата смрт, дојде и спасението, бидејќи Христос со Својата смрт, ја уништи смртта, а на оние што беа во гробовите, живот им дарува. Христос со Својата смрт и Воскресение, им дарува живот вечен на сите кои веруваат во Него.
Во денешното Свето Евангелие, браќа и сестри, исто така слушнавме дека Господ Исус Христос дошол во домот на Својот пријател Лазар, каде што биле неговите сестри Марта и Марија. За Марта беше кажано дека многу се грижела да Му угоди на Господа подготвувајќи убава храна, а за Марија дека паднала при Неговите нозе и ја слушала Неговата проповед, а Христос на Марта и рекол: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе” (сп. Лука 10, 41-42).
Тоа што Господ им го кажал на Марта за Марија, се однесува и на нас во денешно време, зашто ние денеска се грижиме и трудиме за многу земни и материјални работи т.е. за јадење, пиење и за сè што е грешно, времено и преодно, а многу малку за душата, која по благодат е бесмртна. Тоа е нашата голема грешка, зашто Господ рекол дека ние не треба да се грижиме што ќе јадеме и што ќе пиеме и во што ќе се облечеме. Што фајде ако ние како што вели Господ Исус Христос и цел свет да го придобиеме, а на душата наша и напакостиме, зашто колку што е позначајно телото од облеклото, толку позначајна е душата од тело, а тоа значи дека ние треба повеќе да се грижиме за душа, зашто нашиот живот тука на земјата е времен, и ќе живееме толку, колку што е Божјата волја. Некои својот живот го завршуваат уште во утробата на својата мајка, некои при раѓањето или по раѓањето, некои си заминуваат во детската возраст, некои во својата раната младост, некои во средновечни години, а некои во длабока старост, но сепак сите еден ден ќе умреме, како што вели Свети апостол Павле: „Еднаш човекот мора да умре, а потоа суд!“ (сп. Евер. 9, 27). Што значи, браќа и сестри, после нашата смрт, веднаш следува времениот суд, кога пред Бога ќе треба да дадеме одговор за нашите дела на земјата.
На секому од нас ќе ни се суди за она што сме го направил тука на земјата, а на Страшниот Суд, кога Христос повторно ќе дојде на земјата, за да им суди на живите и мртвите, тогаш, на сите ќе ни се суди според нашите дела, но тогаш ќе немаме можност да ја подобриме нашата духовна состојба. Опростувањето на гревовите, е можно додека сме живи, бидејќи по смртта, ние не можеме да се покаеме за нашите гревови, туку можеме да добиеме подобрување на нашата состојба преку молитвите на Црквата Божја, а тоа сте вие верните со свештенството и монаштвото, собрани околу својот Епископ (Владиката).
Затоа, браќа и сестри, да се потрудиме како Марија да го избереме подобриот дел т.е. да ја слушаме Христовите Заповеди во храмот Божји, да ги слушаме Светите Евангелија, да читаме набожни книги, од кои духовно ќе се наобразуваме, за да живееме живот според нашата Света Православна Вера, според Светото Писмо, Светото Предание, и учењето на Светите Отци. Ако сето тоа го правиме и ако се каеме за гревовите, особено за смртните гревови, како што се: гордоста, среброљубието, мрзеливоста, злобата, омразата, одмаздата, унинието, или немање желба за живот, кое е предворје, на очајанието и самоубиството, тогаш не можеме да очекуваме спасение. За да не ни се случат самоубиства, потребно е кога ќе забележиме дека некој човек или некое дете почнува да живее одвоен живот, без да имаат увид, што се случува со него, неговите родители, блиските, пријателите, другарите, знајте дека ѓаволот го придобил и почнал со него да работи т.е. таквиот човек му ја предал душата на ѓаволот, како и Јуда што ја предал својата душа на ѓаволот, кога за триесет сребреници одлучил да Го предаде Христа нашиот Спасител.
Затоа, на таквите луѓе, укажувајте им веднаш да отидат кај парохискиот свештеник и да се исповедаат, за духовникот или свештеникот да ја утврди причината за таквата состојба, а тоа претежно е гордоста. Горделивите луѓе обично велат: „Aко ова не ми се исполни, ако не се вработам, ако не добијам најубави оценки во училиштето, тогаш што ќе ми е животот!“ Тие ова го велат, бидејќи така ги учи ѓаволот, не на Бога да Му угодат, туку нему (на ѓаволот). А Христос што рекол? „Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако зборовите Мои ги запазија, и вашите ќе ги запазат“ (сп. Јован 15, 20).
Браќа и сестри, исто така треба да знаеме дека Христос кога ги избрал Апостолите за Свои ученици, не им ветил удопства и задоволства во животот, не им ветил први места, како што тоа го правеле фарисеите и садукеите, кои сакале да седат на првите места во синагогите, за да ги гледаат луѓето како се молат, како што е примерот со оној фарисеј кој се молел во храмот и велел: „Ти благодарам Боже што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник“ (Лука 18, 11-12), кој стоел во задината на храмот и на колена се молел: „Прости ми Господи на мене грешниот!“ (сп. Лука 18, 13).
Така, браќа и сестри, ако се поучиме и ако живееме таков живот, тогаш ќе бидеме сигурни дека ќе го заслужиме Царството Небесно. А за да го заслужиме, треба да и се обраќаме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која постојано се застапува за нас пред Својот Син и наш Бог, Спасителот Господ Исус Христос, оти таа е најголемата застапница и посредница помеѓу нас луѓето и Бога.
И да не заборавиме дека првото чудо кое го направи Спасителот Христос, кога бил поканет на свадбата во Кана Галилејска, каде што имало мноштво народ, е благодарение на Пресвета Богородица, која кога завршило виното, Му рекла на Својот Син: „Немаат вино“ (сп. Јован 2, 3), а Христос и рекол: „Што се однесува до нас тоа жено?“ (сп. Јован 2, 4), а потоа ја претворил водата во вино. Во Еврејскиот Закон или јазик, со зборот „жено“, се искажувала поголема почит, отколку да се рече „мајко“.
Ете, браќа и сестри, и денес Мајката Божја, Пресвета Богородица, може да прави чуда, ако ние нејзе и се обраќаме т.е. не само Господ да претвори вода во вино, туку преку нејзините молитви и застапништво, Бог, благословениот Леб го претвора во Тело Христово, а благословеното Вино, во Крв Христова.
По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар