На 07.03.2021 г., во третата подготвителна недела пред Великиот пост, Недела на Страшниот Суд или Месопусна недела, кога го празнуваме споменот на Светиот маченик Маврикиј и седумдесетмината војници, многубројните маченици во Евгенија близу Цариград, Преподобните Таласиј и Лимниј и споменот на Свети Папиј Ераполски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во ѓаконски чин да го ракоположи дипломираниот теолог Игор Ризановски.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Човекот еднаш мора да умре, а потоа суд“ (сп. Евер. 9, 27).
Нашата Света Црква, браќа и сестри, оваа недела ја именува Месопусна недела, (бидејќи од денес, па натаму не се јаде месо). Црквата определила во оваа недела да се чита Светото Евангелие за Страшниот Суд, кое го кажал нашиот Спасител.
Што ќе се случи кога повторно Спасителот ќе дојде на земјата за да им суди на живите и мртвите, и секому ќе му даде според делата? Оние што правеле добро, ќе го наследат Царство Небесно, кое за нив е подготвено од создавањето на светот, а оние што правеле зло, и тие ќе воскреснат, но за смрт и осудување.
Христос нашиот Бог и Спасител, ни говори нам за Страшниот Суд, со цел да ни укаже дека ние за нашите постапки, за нашиот живот на земјата и за нашето однесување, ќе мора да дадеме одговор на Страшниот Суд. Токму затоа ние во ектениите на богослужбите, постојано Го молиме Господа да дадеме добар одговор на Страшниот Христов Суд.
За Страшниот Суд говори и Светиот пророк Софониј, кој, тој ден, го нарекува – „денот на гневот Господов“.
Господ, браќа и сестри, дошол на земјата во тело и како дете се родил во пештера, израснал и живеел меѓу луѓето, кои ги научил за нашата Света Православна Вера, за постоењето на Бога, за создавањето на Ангелите и целиот свет. Спасителот Христос, се понижил Себеси да постане човек, во сè еднаков со нас луѓето освен во гревот, за да го избави човекот од гревот и смртта, па токму затоа доброволно пострадал, т.е. доброволно бил тепан, биен, шамаран, плукан, Му ставиле трнов венец на главата, а потоа Му го дале Крстот да го носи на Своите плеќи, на Кој потоа бил распнат. Спасителот Христос со Своето распнување, страдање и смрт, ја победил смртта и го избавил човекот од гревот и смртта, а со Своето Воскресение, во третиот ден, откако бил положен во гробот, ни укажал на тоа дека и ние ќе воскреснеме во последниот ден, кога ќе биде овој сеопшт Суд.
Светиот апостол Павле вели: „Човекот еднаш мора да умре, а потоа суд“ (сп. Евер. 9, 27). Кога ќе умреме, веднаш ќе излеземе на суд, но тој суд е времен суд. На секому од нас поединечно ќе ни се суди, браќа и сестри, и времено ќе бидеме поставени или во рајот, односно во времениот рај или во адот, односно во временото страдање на човекот до повторното Христово доаѓање во светот, кога ќе им суди на живите и мртвите. Тогаш Господ Исус Христос нема да дојде како што дошол првиот пат во понижена состојба, заради нас и заради нашето спасение, туку ќе дојде во Својата слава со Сетите Ангелите од небесата, кои од сите четири страни на светот, со силни труби ќе го обзнанат Христовото доаѓање. Тогаш Христос ќе седне на Својот Престол на Славата, а во Неговото подножје ќе бидат сите народи од постанокот, па сè до крајот на светот, кои ќе треба да дадат одговор за својот живот на земјата. Тогаш ќе се отворат книгите, во кои како на магнетофонска лента е запишано сè што сме зборувале, па истото ќе биде објавено пред целиот свет, пред милијарди и милијарди луѓе, а потоа ќе биде прикажан и нашиот живот и сè што сме направиле на земјата. Само оние гревови што сме ги исповедале, за кои сме се покајале и пролеале многу солзи, ќе ни бидат простени и нема да се појават на Страшниот Суд.
Ете, затоа треба сериозно да размислиме за овој голем и Страшен Суд, бидејќи за него имаме безброј примери во Светото Писмо, како во Стариот, така и во Новиот Завет, дека ќе се случи Страшниот Суд, како што се случувале безброј времени непогоди или големи катаклизми, во кои многу луѓе настрадале, бидејќи не сакале да поверуваат дека за своите гревови ќе бидат казнети, прво тука на земјата, а потоа и на Страшниот Суд. За тоа имаме прекрасни примери во Стариот Завет, кај Светиот праведен Ное, кој сто и дваесет години ги опоменувал луѓето дека ако не се покајат, ќе настапи сесветски потоп и целата земја ќе биде потопена. Но народот не му поверувал на Ное и продолжил да живее во страшни гревови, па конечно кога дошол потопот, се спасил само праведниот Ное со своето семејство, кој влегол во бродот што го изградил, во кој зел по два пара од чистите, и по еден пар од нечистите животни.
Да си спомнеме исто така и за градовите Содома и Гомора, кои заради големите гревови и страшните злосторства извршени во нив, биле уништени со огнен пламен и огнена роса, а се спасил само праведниот Лот со своето семејство. Ете, и покрај молбата на патријархот Авраам, во нив ако има сто праведници, Господ да ги поштеди овие градови, Господ рекол: „Ако во градовите Содом и Гомор најдам педесетмина праведници, триесет или дваесет, ќе ги поштедам“. Но немало ни десет, па затоа ги уништил Содома и Гомора, а денеска на нивното место се наоѓа Мртвото Море, како сведоштво дека за тие страшните противприродни гревови, како што е содомијата, настанал тој страшен ден, кога сите тие загинале.
Господ во Стариот Завет преку Ангелите и пророците, најавувал дека ќе настанат големи непогоди и страшни гонења и ропства за оние кои нема да поверуваат во Бога и нема да го поправат својот грешен живот. Така, на пример, пророкот Еремија пророкувал дека за гревот на цар Седекија, ќе се случи ропството Израилево, кое и се случило. Имено, царот Езекија бил ослепен, откако пред неговите очи биле убиени неговите синови и одведен со Евреите во Вавилонското ропство.
Христос нашиот Спасителот, претскажал дека заради гревовите на Евреите, нивниот град Ерусалим ќе биде опустошен и изгорен. Тоа се случило во седумдесеттата година по Христовото раѓање, кога Тит и Веспасијан го нападнале градот и до темел го запалиле и уништиле, а потоа надвор од градските ѕидови била изградена некоја малечка населба која се нарекувала Елија Капитолина, според името на оној што ја изградил.
Ете, така, браќа и сестри, завршуваат луѓето, кои нема да се покаат за своите гревови. Затоа Господ Исус Христос, кога говори за Страшниот Суд и за Неговото повторно доаѓање во светот, сака да укаже на тоа дека треба да водиме строго сметка за нашиот живот на земјата и да се покаеме за нашите гревови. Затоа Он вели дека ќе дојде во Својата слава, како праведен Судија, за да им суди на луѓето и секому да му даде според неговите дела. На денот на Страшниот Суд, Господ како пастир ќе ги подели луѓето на два дела, праведниците од Неговата десна страна, а грешниците од леевата, како пастирот што ги одвојува овците од козите. На оние од десната страна ќе им рече: „Дојдете благословени од Мојот Отец и наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (сп. Мат. 25, 34-36), а тие ќе му речат: „Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?“ (сп. Мат. 25, 37-39) а Господ ќе им рече: „Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (сп. Мат. 25, 40).
А на оние од левата страна ќе им рече: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте“ (сп. Мат. 25, 41-43), а тие ќе прашаат: „Кога Господи не Те послуживме“? (сп. Мат. 25, 44), а Господ ќе им рече: „Доколку не сте го направиле тоа, на еден од овие најмали браќа, и Мене не сте Ми го направиле“.
Тогаш, браќа и сестри, ќе се исполнат две вистини, едната вистина е дека луѓето што правеле добри дела ќе го наследат Царството Небесно и ќе имаат живот вечен во заедница со Троичниот Бог, со Отецот, и Синот, и Светиот Дух, а другите кои правеле зло, ќе бидат во заедница со сатаната и неговите ангели, за вечни страдања и маки.
За да се спасат луѓето, од сите овие нешта, неопходно е да прават добри дела. Но исто така Господ вели дека ние никогаш не треба да се гордееме за добрите дела што ги правиме, дека некому нешто сме му помогнале. Милостината и добрите дела што ги правиме, треба да биде направени од длабочината на душата и срцето и во името на Христа нашиот Бог и Спасител, а не во свое име. Сè она што не е направено во името на Бога, нема да ни биде примено како дар пред Бога, и за него нема да се добие соодветна награда. Само за оние добри дела, кои се направени во името на Бога, Му се на Бога угодни. Господ рекол: „Ако и една чаша вода дадете на некого во име на пророкот, пророчка награда ќе добиете“ (види Мат. 10, 41-42). Ако на луѓето им дадеме било што од она што имаат потреба, во името на Бога, ние ќе добиеме соодветна награда. но ако тоа не биде во името на Бога, нам нема да ни следува соодветната награда. Каква корист има од тоа ако некој рече: „Јас верувам во Бога, па затоа Господ ќе ме спаси?“ Господ рекол: „И демените веруваат и се плашат од Бога“.
Што значи, верата сама по себе не спасува, туку истата мора да биде добродетелна, односно украсена со добри дела. Свети апостол Jаков вели: „Верата без добри дела е мртва“ (сп. Јак. 2, 20). Господ вели: „Каква корист ќе имате, ако некој гладен, жеден или необлечен дојде, а вие му речете: „Оди и нахрани се, оди и напој се, оди и облечи се?“ За тоа нам нема да ни следува никаква награда, туку напротив, ќе ни следува соодветна казна.
За, Страшниот Суд, браќа и сестри, пишувале и говореле многумина извесни уметници. Ќе го спомнеме рускиот композитор Архангелски, кој напишал музичко дело за Страшниот Суд. Исто така и Верди и Моцарт имаат напишано дело за Страшниот Суд. Кога станува збор за Страшниот Суд, луѓето истиот површно го разбираат и не размислуваат за покајанието, не размислуваат за смртта, за тоа дека еден ден, после смртта, ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Суд, за нашиот живот на земјата. Темата за Страшниот Суд не е едноставна работата, како што некои велат, бидејќи не станува збор за времено страдања. Тука на земјата, страдањата, насладите или уживањата се времени, но во идниот век, истите ќе бидат вечни. Ако прашаме некој болен, кој долго време боледувал, какви сè духовни и душевни состојби преживеал, од неговиот одговор ќе видиме колку истите биле страшни и неподносливи. Ете, такви страшни и неподносливи ќе бидат маките на грешниците, а од друга страна, вечната радост за праведниците.
Во овие недели пред Велигденскиот пост, нашата Света Црква нè подготвува за Велигденскиот пост, за тоа како правилно да постиме, односно да не постиме само телесно, туку и духовно.
Свети Климент Охридски, патронот на нашата Света Црква вели: „Каква полза имате ако не јадете месо, ама браќата ги изедувате со клевети, со кавги, со расправии, со раздори и со секакви лоши работи“. Во канонот на Свети Андреј Критски, кој се пее во Велигденскиот пост се вели: „Да постиме браќа телесно и духовно да постиме“. Духовниот пост, е поважен од телесниот пост.
Затоа да се помолиме на Спасителот наш Господа Исуса Христа, Кој ни кажал дека ќе дојде како праведен Судија, за да им суди на сите луѓе, и секому да даде според неговите дела на земјата.
Во денот на Страшниот Суд, како што е кажано во Светото Писмо, ќе се отворат гробовите и луѓето ќе излезат, оние што правеле добро ќе воскреснат за живот вечен, а тие што правеле зло, ќе воскреснат за суд и за осудување. Затоа, да се помолиме на Бога да се најдеме од Неговата десна страна. Ние, за да не направиме гревови, постојано треба да мислиме на смртта, зашто кажано е дека оној што постојано мисли на смртта, тој многу помалку или сосема малку греши.
По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар