На 21.03.2021 г., во Првата Недела од Великиот Пост (Недела на Православието), кога го празнувавме Светиот Теофилакт, епископ Никомидиски и споменот на Светиот свештеномаченик Теодорит, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Златко Костовски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Браќа и сестри, Господ го создал светот, најнапред духовниот т.е ангелите, а потоа материјалниот, односно сите планети, сонцето, месечината, ѕвездите, земјата и сѐ што е на земјата. Господ како венец на Своето создание на земјата, го создал човекот, според Својот образ и подобие, но и ангелите ги создал соред Својот образ, по Својот лик и подобие.
Образот Божји во човекот е душата човечка, која е троедина, како што и Бог е Троедин. Бог е еден по природа или суштина, но Троичен по Лица, Отец, и Син, и Дух Свет. Така и човекот има една душа и таа душа е составена од ум, разум и волја.
Кога Господ ги создал ангелите, а потоа и луѓето, сите тие биле упатени кон Бога, односно сè додека мислеле според Божјите Заповеди, сѐ било во ред, но кога почнале да мудруваат, најубавиот ангел од сите ангели, сатаната, отпаднал од Бога, затоа што не сакал да биде бог во содејство со Бога, односно бог по благодат, туку сакал да се издигне над Бога. Ете, заради тоа отпаднал од Бога, и на небесата се случила војна. Сатаната бил победен од Архангел Михаил и со него другите ангели и бил фрлен од небесата во воздушните простори и на земјата, па затоа е кажано, дека нашата борба, не е борба против тело и крв, туку со поднебесните сили на злобата, а тоа се сатаната со неговите ангели (демоните).
Човекот, сѐ додека не згрешил, сѐ додека ја исполнувал Божјата Заповед да не јаде од забранетиот плод, бил бог по благодат, бил заедно со Бога и разговарал постојано со Бога, но кога згрешил, кога ја прекршил единствената Божја Заповед, да не јаде од забранетот плод, му се помрачил умот и одтогаш човекот веќе не можел никако да биде бог по благодат, туку останал да биде одделен од Бога, а неговата одделеност од Бога, е духовна смрт, како што вели Светиот апостол Павле: „Адам згреши и умре“. Адам, браќа и сестри, умре прво духовно, а духовната смрт, е одделеноста од Бога, а потоа по многу стотици години, умре и телесно. И така, се вели дека преку Адама и ние умираме, оти и ние грешиме. Но беше потребно да дојде новиот Адам, Христос нашиот Бог и Спасител, Кој доброволно посака да излезе од прегратките на Отецот, да слезе на земјата, да се вооплоти од Пресвета Богородица, да прими човечко тело во сѐ еднакво на нашето, освен во гревот и на тој начин, да поживее со луѓето, како што читавме во молитвите на Божествената Литургија на Свети Василиј; да пострада заради нас и да ги лекува луѓето од секакви болести; да биде тепан, шамаран, плукан; да Му биде ставен трнов венец на главата; неправедно да биде осуден; Крстот да го носи на Голгота; да биде распнат на него, и со Својата Крв да го освети Крстот; да биде положен во гроб и во третиот ден да воскресне, а во четириесеттиот ден да се Вознесе на Небесата и да ја прослави нашата човечка природа.
Ете, откако човекот згреши, никако не можеше да се поправи и да се оправда, па така поминаа скоро пет илјади години, откако Адам и Ева згрешија, додека да дојде во тело Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој нè врати повторно да бидеме во единство со Бога.
Слушнавме во денешниот Свет Апостол дека многумна пророци и праведници во Стариот Завет, како Самсон, Ефтај, Давид, Исаија, Еремија, Езекија, Даниил и други мали и големи пророци, проповедаа и укажуваа на тоа дека ќе дојде Спасителот на светот, Месијата, Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос. Тоа и се случи, а за да се случи тоа, во Стариот Завет имаме многу јавувања.
Нашата вера, како во Стариот, така и во Новиот Завет, е вера на Божјото јавување. Бог им се јавуваше на сите. Во Стариот Завет, Бог им се јавуваше на познати пророци, судии и патријарси, но им се јавуваше и на оние што згрешија, како што му се јави на Каин, кога овој, откако го уби својот брат Авел, рече дека Господ него ќе го казни, а Господ рече: „Ќе ставам знак на Каина, за никој да не го убие“ (1. Мој. 4, 15). Па така Господ стави знак на Каина, за никој да не го убие.
Господ, браќа и сестри, ги повикуваше луѓето на покајание, како во Стариот, така и во Новиот Завет. Кога Господ ги повикуваше луѓето на покајание, Тој ним претходно им се јавуваше, како што му се јави на Светиот патријарх Авраам. Светиот патријарх Авраам имал осум пати јавувања од Бога. Бог му се јавил и на Јакова во вид една скала, која била спрострена од земјата до небесата и по неа ангели се качувале и слегувале, а таа скала, е праслика на Мајката Божја, Пресвета Богородица. Потоа, Јаков се бореше со Бога, за да се покаже неговата вера во Месијата, односно бараша Бог да го благослови.
Исто така, Бог им се јавуваше како што кажавме и на многу други пророци, а се јавуваше и преку ангелите на многу богоизбраните луѓе, како што му се јави во Светиот Олтар на Захариј, таткото на Свети Јован Крстител. Бог преку ангел им се јави и на родителите на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Јоаким и Ана, кои ги извести за раѓањето на Пресвета Богородица, која ни го роди Спасителот наш Господа Исуса Христа.
Бог преку ангелот Гаврил и се јави и на Пресвета Богородица, кога и кажа дека ќе зачне од Светиот Дух и ќе ни го роди Христа, нашиот Бог и Спасител.
Едно од најзначајните јавувања е јавувањето на Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух на празникот Преображение, кога Господ на гората Тавор, им се јави на тројцата апостоли: Петар, Јаков и Јован, што ги избра Спасителот Господ Исус Христос, за со нив да се искачи на гората Тавор, каде што се преобрази и каде што од облакот говореше Отецот: „Ова е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“(сп. Мат. 17, 5). На гората Тавор, Синот се преобразуваше, а Светиот Дух беше оној што ги излеваше силните зраци, што излегуваа од Христа нашиот Бог и Спасител.
А на Богојавление, браќа и сестри, кога Свети Јован Крстител, Го крштеваше Спасителот наш Господа Исуса Христа на реката Јордан, се случи најголемото јавување во историјата на човештвото, кога Отецот од зад облакот велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја; Него послушајте Го!“ (сп. Мат. 3, 17), а Светиот Дух во вид на гулаб, надлетуваше над Него, а Христос се крштеваше во реката Јордан. Тогаш беше присутен, не само Свети Јован Крстител, туку и мноштво народ, кој ја виде оваа прекрасна глетка, јавувањето на Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Кој во Стариот Завет, Му се јави на Авраама во вид на Тројца Патници, Кои патуваа, кога тој ги прими во својот дом, а Тие му ја соопштија најрадосната вест дека неговата жена Сара, која беше неплодна, ќе му роди син и ќе му стават име Исак.
Ете, овие јавувања во Стариот и во Новиот Завет, се доказ дека постои Бог, односно не некој Бог што ни е нејасен и необјаснив, туку прост и едноставен, Отец, и Син, и Дух Свет. Таков е нашиот Бог, еден по природа и троичен по лица.
Христос нашиот Бог и Спасител, откако поживеа на земјата, Он, како што кажавме, доброволно пострада, но и по Неговата смрт, не престанаа јавувањата на Бога, зашто Христос кога Воскресна од мртвите, Неговото Воскресение најнапред го видоа неговите непријатели, стражарите, кои беа поставени од римската војска, да го чуваат гробот што беше запечатен, да не може никој да дојде за да го украде Телото Христово. Христос кога Воскресна од мртвите, испукаа печатите на гробната врата која се отвори и Христос воскресна, а тие како мртви попаѓаа. Потоа, според Светото Предание, Спасителот Христос, и се јави на Пресвета Богородица, како што пееме во црковните песни, а потоа се јави на Марија Магдалина, на Жените Мироносици, на Апостолите, на Петар, на Јован, на Апостолите без Тома и со Тома и на петстотини браќа во Галилеја, кога им рече на жените: „Одете и кажете им на браќата дека во Галилеја ќе им се јавам и пред нив ќе бидам таму“ (сп. Мат. 28, 7).
Христос Му се јави и на Свети апостол Петар по вескресението, за овој три пати да го исповеда Христа, откако пред тоа три пати се одрече од Него и да му каже дека тој ќе пострада заради Христа и ќе биде распнат.
Христос, браќа и сестри, им се јавувал на Апостолите, но ете, како што кажавме и беше прочитано од Апостолот дека многумина од старозаветните праведници, кои веруваа во Него, во Месијата, Христа нашиот Бог и Спасител, не се удостоија да го видат Него, а ние грешните и недостојните, се удостоивме Него да го видиме. Браќа и сестри, се удостоија Него да го видат и незнабожците, кои никогаш не знаеја за Него и не веруваа во Него. Ние имаме сведоштва дека скоро сите Апостоли пострадаа за Христа. Нема поголемо сведоштво од сведоштвото дека заради Христа беа убиени четиринаесет илјади деца. Нема поголемо сведоштво од тоа дека и Жените Мироносици и многу грешници пострадаа заради Христа и се преобразија со Христа нашиот Бог и Спасител, потврдувајќи дека е Тој вистински Бог. Ете и најголемите грешници, кои поверуваа во Христа станаа светители, како што стана и Светиот апостол Павле.
Па така, ние, немаме потреба да бараме некои други поголеми сведоштва за тоа, од досега наведените.
Откако згрешил Адам, му се помрачи умот, па така и поколенијата негови почнале погрешно да мислат за Бога и погрешно да учат за верата во Бога и Светата Црква. Поради тоа во Стариот Завет се појавило идолопоклонството, а во првите векови на христијанството, се појавиле еретички учења, како што било она на Ариј, кој погрешно учел за Господа Исуса Христа, Кого не го сметал рамен на Бога. Исто така, погрешно учел и Македониј за Светиот Дух, а погрешно учеле и други еретици, како Диоскор, Евтихиј и други, дека Христос не е Богочовек, односно дека нема две пророди, Божја и Човечка, а исто така учеле дека Христос нема и две волји, Божја и Човечка волја. Па така настанале ересите и расколите во Црквата Христова
Браќа и сестри, имало погрешни учења и за Светиот Дух, во кои се велело дека Светиот Дух е потчинет на Отецот и на Синот. Вистинското учење за нашата Света Црква, е изложено во Символот на Православната Вера, а Символот на нашата Света Вера, е востановен врз основа на учењето на нашата Света Православна Црква, која е Света, Соборна и Апостолска, а верата пак, ни е богооткриена и потврдена со богојавувањата, како во Стариот, така и во Новиот Завет.
Учењето на нашата Света Црква, е потврдено на Светите Собори, почнувајќи од Првиот Апостолски Собор во 51 година, па натаму и на сите помесни и Вселенски Собори, почнувајќи од Првиот во 325 во Никеја, па со ред и другите, да не ги набројуваме сите, вклучувајќи го последниот Седми Вселенски Собор, на кој се расправало за погрешните учења на оние што постојано мудрувале по свое (човечко), а не мислеле според Бога, односно немале Ум, Разум, Љубов и Волја Христови.
Затоа било потребно на тие Вселенски и Помесни Собори, нашата Света Црква, соборно да ја изрази волјата и учењето на Црквата преку дејството на Светиот Дух и да се одвои грешното од доброто и правилното од неправилното, како што Христос на Страшниот Суд ќе ги оддели овците од козите, односно добрите од лошите, така Црквата Христова на Вселенските и Помесните Собори, ги одвоила добрите учења на Црквата, од лошите или еретичките учења и од расколите.
Затоа денеска, оваа Недела на Православието, е Недела на победата на Христовата Црква, која торжествува и ги победува сите погрешни учења и мислења, кои биле присутни и изразени, како во Стариот, така и во Новиот Завет.
Но, браќа и сестри, за оние што се измамени од ѓаволот, не помогнало ни тоа што Седмиот Вселенски Собор во 787 година, го победил погрешното учење на иконоборството, кога било забрането да се целиваат и да се почитуваат иконите, кои се како прозорци преку кои го гледаме небесниот свет. И токму заради тоа, Црквата торжествувала на Седмиот Вселенски Собор и докажала дека иконите не се идоли, туку дека иконите се Свети предмети, кои нас нè водат кон Бога и преку нив ние стигнуваме (мисловно и чувствено) до оригиналите. Кога се поклонуваме на иконата Христова, ние не се поклонуваме не дрвото и на бојата изразена на тоа дрво, односно сликата, туку се поклонуваме на Христа нашиот Бог и Спасител, а исто така и на Мајката Божја и на светителите, кои всушност се посредници Божји на земјата.
Токму во тоа е суштината на нашата Света Православна Вера и на денешниот голем и спасоносен празник, кога ја славиме победата на православието над нечестивите духови, над погрешните учења на ересите и на расколите, кои погрешно учеле за нашата Света Православна Вера и за устројството Светата Црква.
Затоа ние денеска да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, да се помолиме на Светите Апостоли, на Светите исповедници на Верата Христова, на мачениците, кои пострадаа заради Христа и на Сите Свети, што ни ја сочуваа нашата Света Православна Вера и Црква, чиста и непорочна.
Браќа и сестри, да не мислиме и да не прифаќаме ништо, како што тоа денеска го прават такаименуваните комформисти, а тоа се оние (луѓе) кои верата ја прифаќаат формално, а не гледаат во суштината на верата. Комфомистите велат дека ние сме еднакви и со римокатолиците, и со протестантите, и со јеховините сведоци, и со адвентистите, и со евангелистите и со сите други, кои погрешно учат за верата Христова. Ние не сме такви, бидејќи нашата верата е Света, Соборна и Апостолска, и така таа се покажува и докажува. Сите знаат дека нема почиста и богооткриена вера од Православната. Колку сакаат нека зборуваат и сè што ќе кажат против нас по прашањето на (чистотата) верата лажат, бидејќи немаат ништо заедничко со вистинската вера, зашто нашата вера е богооткриена, а не од луѓе измислена.
Во тој дух да се помолиме на Сите Свети и на оние исповедници што ја исповедаа нашата Света Православна Вера, и на Светите маченици кои за неа и умреа, Господ да ги просветли нашите умови, срца и души и да нè спаси и помилува како добар и човекољубец. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар