На 12.09.2021 г., во Дванаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светите Александар, Јован и Павле, патријарси Цариградски, Преподобниот Христофор, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!” (сп. Мат. 19, 21).
Вака, браќа и сестри, Спасителот Господ Исус Христос, му рекол на еден млад богат човек, кој се обратил кон Господа и Го прашал: „Господи, што треба уште да направам, за да добијам живот вечен?“ (сп. Мат. 19, 16). А Господ му рекол: „Исполнувај ги заповедите“ (сп. Мат. 19, 17), а тој прашал кои, а Господ му вели: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно; почитувај ги татка си и мајка си; сакај ги ближните свои како себеси!” (сп. Мат. 19, 18-19) “. На тоа младичот одговорил: „Тие заповеди уште од својата младост ги извршувам“ (сп. Мат. 19, 20). Тогаш Господ му рекол: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!” (сп. Мат. 19, 21). Тогаш овој млад човек се замислил и натажил, бидејќи бил многу богат и не можел да се откаже од својот имот т.е. да го продаде и да го даде на сиромаси, и да врви по Христа. А Христос тогаш рекол: „Тешко богат ќе влезе во Царството Небесно“ (сп. Мат. 19, 23), На овие зборови Апостолите се зачудиле и прашале: „Тогаш кој може да се спаси?“ (сп. Мат. 19, 25). А Господ им рекол: „Тоа за луѓето не е можно, но за Бога сè е можно“ (сп. Мат. 19, 26).
Браќа и сестри, овој настан од Светото Евангелие, кој денеска ни го пренесува нашата Света Црква преку устата на ѓаконот, говори за нашиот однос кон богатството т.е. каков треба да биде нашиот однос кон Бога и кон ближниот. Ние денеска за жал повеќе се грижиме за земните и материјалните богатства, а многу малку за духовното и за спасението на душите наши. Човекот е психофизичко суштество, создаден од тело и душа, па така, колку што е телото поважно од облеклото, толку е и душата поважна од телотото. Затоа ние треба да водиме грижа за нашата душа, да ја нахраниме, а душата не се храни со материјално богатства т.е. со јадење, пиење, туку се храни со Божјото слово т.е. со Светото Писмо, Светото Предание, и учењето на Светите Отци.
Ете, токму затоа Господ ги дал Божјите Заповеди. Ако нашите прародители Адам и Ева, ја исполнеле Божјата Заповед, која Господ им ја дал, немаше да направат грев и да бидат избркани од рајот, туку постојано со нивните потомства ќе беа во рајот Божји. Но заради непослушноста, дојде гревот во светот, како што вели Свети апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“ (сп. Рим. 5, 12), се разбира прво духовно, разделувајќи се од Бога, прекинувајќи ја врската со Бога, а потоа и телесно.
Затоа, браќа и сестри, Господ во денешното Свето Евангелие, нè поучува нас да правиме разлика измеѓу материјалните и духовните богатства, и не само тоа, туку и да имаме правилен однос кон богатството. И веднаш се поставува прашањето: дали луѓето треба да бидат богати или треба да бидат сиромаси? Дали богатството ги спасува луѓето или ги води во пропаст? Богатството само по себе нема никакво значење, бидејќи истото е мртво. Земните богатства можат да бидат огромни количини на злато, сребро, скапоцени камења и.т.н., но битно е во чии раце ќе бидат истите и како со нив ќе раководат.
Во раната Црква Христова, кога Апостолите биле оние што го проповедале Словото Божјо, народот имал едно срце и една душа. И така, тие сè што имале, го продавале, а парите од продаденото, ги ставале пред нозете на Апостолите, а овие во црковната каса, од која потоа ги помагале сиромасите. Богатството не било растурано, туку било давано според потребите на луѓето. И тогаш сите луѓе се чувствувале како едно големо семејство и како една голема заедница, каде ништо не сметале за свое, туку сè што имале, знаеле дека е дар Божји.
Но оние, кои така не го разбираат имотот Божји, биле казнувани, како што бил случајот со сопружниците Ананиј и Сапфира, кои имале една голема нива, која по примерот на другите, одлучиле да ја продадат, и парите од нивата да ги стават во црковната каса. Но отпосле се предомислиле и си рекле: „Зошто да ги дадеме сите пари, кога можеме половината да ги дадеме на Црквата т.е. на Апостолите, за да ги поделат според потребите на другите, а другата половина да ја задржиме“ (види Дела 5, 1-2). И кога Ананиј дошол пред Свети апостол Петар, овој му рекол: „Проклет да бидеш Ананија, зашто го излага Светиот Дух“. Зар нивата не беше твоја пред да ја продадеш? И никој не ти нареди да ја продадеш, туку ти самиот, заедно со твојата жена одлучивте да ја продадете и да ги дадете парите на Црквата. Но вие направивте кражба, бидејќи украдовте од Божјото т.е. половината од Божјиот имот го задржавте за себе. Ете, токму затоа Ананија умре на самото место, а по неколку часа, кога неговата жена Сапфира дошла да праша што станало со Ананија, Апостолите и рекле: „Ананија умре и го погребавме“, па и таа на самото место умрела и ја погребале. И се вели дека голем страв влегол во душите и срцата на луѓето, за никој да не смее да посегне по Божјиот имот, бидејќи истиот му припаѓа на Бога.
Ете, браќа и сестри, каков бил односно кон богатството во раната Христова Црква. Но, луѓето и понатаму сакале да го присвојуваат туѓото. Но Господ, знаејќи што ќе се случи понатаму, при една прилика, кога Јуда настојувал парите да влегуваат во црковната каса, не заради тоа што со нив сакал да им помага на сиромасите, туку за да краде од Црковната каса, па токму затоа, кога една жена блудница, го излила скапоценото миро врз нозете на Христа нашиот Бог и Спасител, за кое можело да се земат многу пари, и со своите солзи Му ги измила нозете, а со косата му ги бришела, Господ и рекол: „Ќерко, ти се простуваат твоите гревови, оди си со мир“, а Јуда рекол: „Какво е ова растурање?“ (сп. Мат. 26, 8) Ова скапоцено миро можеше да се продаде за многу пари, кои потоа ќе ги дадевме на сиромасите“ (сп. Мат. 26, 9). Како што рековме, Јуда не го рекол ова, бидејќи се грижел за сиромасите, туку затоа што крадел од црковната каса. А Господ рекол: „Оставете ја жената и не бунете ја, таа ги помажа Моите нозе за погребение“ (сп. Јован 12, 7), оти близу било времето кога Христос требало да биде распнат т.е. да пострада заради нас и заради нашето спасение“.
А сиромасите, рекол Христос, секогаш ќе ги имате покрај себе. И навистина до ден денеска, и до крајот на светот ќе има сиромаси.
И пак се поставува прашањето, а зошто има сиромаси, браќа и сестри? Сиромаси има, за многумина да си ги спасат своите души, како што е случајот со праведниот Јов и патријархот Авраам. Си споменувате за оној богат човек од Евангелието, кој имал многу имот и кому нивата му родила многу жито, па не знаејќи што да прави со житото, си рекол: „Ќе ги растурам амбарите и ќе направам нови, и таму ќе го соберам своето жито, па ќе и речам на душата: душо моја, јади пиј и весели се, бидејќи имаш многу богатства за многу години„ (сп. Лука 12, 19), а Господ му рекол: „Безумниче, ноќеска ќе ти ја земат душата твоја, а богатството што си го спечалил кому ќе остане?“ (сп. Лука 12, 20).
И така се случило, тоа богатство што тој го спечалил, не останало за никого. Господ Исус Христос рекол: „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата ги гризе, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат“ (сп. Мат. 6, 19), затоа што сè тое е времено, земно и уништиво т.е. нема вечност. Вечни се добрите дела, Божјите Заповеди и она што го правиме за спасение на душата наша со помош на Божјата благодат.
И така, браќа и сестри, ако ние тоа го знаеме и така се однесуваме, тогаш сигурно дека ќе го наследиме Царството Небесно.
Кога Господ Исус Христос рекол дека тешко богат ќе влезе во Царството Небесно, Апостолите рекле: „Тогаш, кој ќе се спаси“?“ (сп. Мат. 19, 25). Господ вели: „Тоа што не е можно за луѓето, можно е за Господа“?“ (сп. Мат. 19, 26). И повторно се поставува прашањето, дали навистина богатите нема да се спасат? Не е точно. Многу богати луѓе во Црквата Божја, и во старозаветната, и во новозаветната, се спасиле и го заслжиле Царството Небесно.
Да си спомнеме за праведниот и многустрадален Јов, кој бил толку многу дарежлив, што никогаш не оставил патник или намерник да не биде угостен во неговиот дом. Но на неговото богатство и гостопримство, му позавидел ѓаволот, а Господ допуштил на Јов сè да му биде одземено, па дури и децата да му загинат во еден силен земјотрес, кој се случил на роденденот на едно од неговите деца. И кога го загубил сето богатството и сè што имал, па и болест го навјасала, рекол: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово“ (сп. Јов 1, 21). Неговото срце не било прилепено за богатството, туку било прилепено кон Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, па затоа ја спасил својата душа. И познатиот патријарх Авраам беше најбогат, ама тој примајќи ги тројцата патници што биле претставници на Трите Лица на Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, ги примил во својот дом како патници и ги угостил, а тие му ја соопштиле радосната вест дека неговата неплодна жена Сара, ќе му роди син, кому ќе му стави име Исак, што значи насмевка (затоа што се насмеала Сара, неверувајќи дека на 90-ет години ќе роди син).
Ете, и тој богат човек, кој покажал врвно гостопримство, е образец на гостопримливите луѓе, се спасил, иако бил многу богат, како што се спасиле и Јаков и многу други старозаветни богати луѓе, а и од Новиот Завет, да си спомнеме како Господ се дружеше и со богати луѓе, како што беа Неговите тајни ученици, Никодим, кој беше многу богат, кој кога Христос требаше да биде погребан, сто литри смеса од смирна и миро тој донесе, а тоа миро и таа смирна, многу пари вределе, а Јосиф (Ариматеецот), пак, кој бил член на Синендрионот, тој, пак, својот гроб што го ископал за него, во кого никој не бил положен, го отстапил во него да биде положен Христос нашиот Бог и Спасител.
Слушнавте, овие богати луѓе ги спасиле своите души зашто имале правилен однос кон богатството. И сега, пак, ќе го поставиме прашањето: дали сиромасите се спасуваат затоа што се сиромаси или богатите затоа што се богати. Ниту сиромасите се спасуваат затоа што се сиромаси, туку се спасуваат ако само Му благодарат на Бога, и во сиромаштијата, зошто Самиот Бог, Христос нашиот Спасител, Кој предвечно се раѓа од Отецот, Кој е во прегратките на Отецот, заради нас осиромаши и посака заради нас грешните и недостојните, да дојде во светот и да прими човечко тело, да се понижи до крајни граници, да биде слуга, да биде плукан, тепан, шамаран, а потоа неправедно осуден на смрт, и тоа на најсрамната смрт во тоа време т.е. да биде распнат на Крстот, заради нас и заради нашето спасение.
Ете, Христос, Синот Божји, до таа мера осиромаши, за нас да нè збогати. Нашето збогатување со Него, е што Тој на тој начин, нашата падната природа ја подигна од гревот и смртта, а со Свето Воскресение ја уништи смртта, и нам ни дарува живот вечен.
Па така, браќа и сестри, доколку ние постапуваме според Божјите Заповеди, треба да веруваме дека ќе ги спасиме нашите души и тела. И повторно некои велат: па добро, ете тој млад богат човек ги исполнувал Божјите Заповеди? Не, браќа и сестри, тој ги исполнувал Божјите Заповеди површно, како што и ние честопати велиме дека сме добри верници, па се фалиме пред другите дека нема подобри верници од нас, а кога ќе погледнеме во нашите души и срца, ќе видиме дека живееме многу грешен живот, дека го сакаме богатството, а ако нешто малку загубиме, веднаш плачеме и пискаме како да сме го загубиле цел свет“. Зошто? Затоа што не ни е Господ во душата и срцето, туку сме си направиле кумир или идол т.е. место Бога, во умот и срцето сме го ставиле богатството, како овој млад човек, кому Господ му рекол: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го својот имот и дај им на сиромасите, и ќе имаш благо на небото, и врви по Мене!“ (сп. Мат. 19, 20-21). Што значи, ништо не треба да сметаме дека е наше, туку сè што имаме, ни е дадено од Бога за да се спасиме. Тоа е суштината на денешното Свето Евангелие, зашто во првото блаженство e кажано: „Блажени се бедните во дух, зашто е нивно царството небесно!“ (сп. Мат. 5, 3). Кои се сиромашни по дух. Сиромашни по дух се оние луѓе, кои велат: јас ништо немам, мене ништо не ми припаѓа. Така велел и Светиот многустрадален Јов: „Гол сум се родил и гол ќе се вратам во земјата мајка, од кој сум се родил“ (сп. Јов 1, 21).
Па така, ако ние правилно се однесуваме кон богатството, тогаш сме на правиот и вистински пат. Имено, ако ние прифатиме дека сè што имаме е дар Божји и истиот правилно го користиме, тогаш на правиот пат сме, браќа и сестри, и секако дека ќе се спасиме.
Во тој дух сакам да укажам на тоа дека нашите предци т.е. нашите татковци, дедовци и прадедовци, правилно се однесувале кон богатството и никогаш за него не жалеле, исто како што и праведниот Јов што не жалел. Ние денеска сме сведоци дека живееме во време на слобода, но сепак и денеска има сиромашни луѓе, а и секогаш ќе има сиромашни. Ако сакаме да си ги спасиме душите, ние треба да им помагаме на тие сиромашни луѓе. Ниту сиромавиот ако копнее за богатство, нема да ја спаси душата, па ниту богатиот, ако умот и срцето му е во богатството. Што значи, само правилниот однос кон богатството, може нас да нè спаси.
Совршенството е токму во тоа, правилно да се однесуваме кон богатството, за кое говори денешното Свето Евангелие.
Пак ќе рече некој, како што рекле Светите Апостолите дека невозможно е човек да се спаси. Точно е тоа дека не е можно човек да се спаси без Божја помош, ако тој мисли дека со своите душевни, духовни и телесни сили, смета дека може тоа да го направи. Но ако се надева на Бога, ако му се моли на Бога, ако ја исполнува волјата Негова и ги пази Неговите Заповеди, тогаш тоа што за нас не е можно, за Бога е возможно. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар