На 20.06.2021 г., празнувајќи ја Светата Педесетница – слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски, протоѓаконот Драган Ѓоргиевски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.Веднаш после Божествената Литургијата, Митрополитот г. Петар ја отслужи вечерната Богослужба со читање на молитвите за призив на Светиот Дух.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Кој е жеден нека дојде при Мене и нека пие, и од неговото тело ќе потечат реки од живата вода“ (Јован 7, 37-38).
Браќа и сестри, денес е голем и спасоносен ден. Днес е Педесетница или слегување на Светиот Дух на Светите Апостоли. Овој настан се случил по педесет дена од Христовото Воскресение и десет дена од Христовото Вознесение на небесата и седнувањето од десно на Бога Отецот со Своето Свето Тело, кое ја претставува и нашата човечка природа. Затоа, сè додека не се прославил Синот Божји, Кој седна од десната страна на Бога Отецот како човек, не можел да Го испрати Светиот Дух, Кој им Го ветил на Своите Ученици и Апостоли со зборовите: „Ако Јас не отидам при Мојот Отец, нема да Го испратам Светиот Дух, Кој од Отецот исходи“ (сп. Јован 16, 7). Затоа Господ им вели на Апостолите: „Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку бидете во Ерусалим зашто треба да се облечете со сила одозгора“ (сп. Дела 1, 4).
Силата одозгора, со која требало да се облечат Светите Апостоли, е Светиот Дух, Кој Христос им Го ветил на Светите Апостоли, кои еднодушно биле собрани во Ерусалим со Мајката Божја, Пресвета Богородица, кога наеднаш во шуштење на силен ветар, Светиот Дух слегол од небесата на Светите Апостоли во вид на огнени јазици и тие сите се исполниле со Светиот Дух. Откако се исполниле со Светиот Дух, почнале да говорат на различни јазици, а на тој ден, имало собрано многу луѓе, кои биле дојдени во Ерусалим од сите краишта, заради празникот именуван Сеница, кој се празнувал во спомен на завршувањето на жетвата кај Јудејскиот народ, како и во спомен на предавањето на таблиците со Законот Божји т.е. Десетте Божји Заповеди, кои Светиот славен пророк Мојсеј ги примил на гората Синај.
И ете, тие почнале да зборуваат на различни јазици. Тогаш, Светиот апостол Петар, исполнето од Светиот Дух, од име на сите Апостоли ја одржал својата прва проповед на Педесетница, со која најнапред ги изобличил Јудејците т.е. Евреите, за тоа што Го распнале Христос нашиот Бог и Спасител, велејќи им: „Покајте се!“, зашто секој што ќе се покае и Го исповеда Христа како син Божји, врз него ќе слезе Светиот Дух, и ако се крсти во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, ќе му се простат гревовите“. Па така, при оваа прва вдахновена проповед на Светиот апостол Петар се покајале, исповедале и крстиле, три илјади луѓе.
Светиот Дух, за Кој Господ говори дека е жива вода, нам ни се дава преку Спасителот наш Господа Исуса Христа.
Спасителот Господ Исус Христос, им рекол на Светите Апостоли дека ќе им Го испрати Светиот Дух, Кој излегува од Отецот, Кој ќе сведочи за Него, и ќе ги потсети за сè што им зборувал. И ете, овие Божји ученици, биле испратени да го проповедаат словото Божјо во целиот свет до краиштата на вселената. Светите Апостоли, иако слаби по природа, но откако се исполниле со Светиот Дух, почнале за ништо друго да не мислат и говорат, освен за Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да го проповедаат словото Божјо.
Браќа и сестри, како што словото Божјо се вселило во Пресвета Богородица на Благовец, кога е соопштена радосната вест за воплотувањето на Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, Логосот, и како што Пресвета Богородица станала онаа, која Го примила во својата Света утроба Синот Божји, така, еве и на Духовден, Словото Божјо се дава на Црквата Божја. Како што Пресвета Богородица, Го носела Христа нашиот Бог и Спасител во својата Света утроба, така и Цркват Божја, Го носи во себе, Го покажуа, Го раѓа и Го проповеда на сите луѓе Словото Божјо, Спасителот наш Господа Исуса Христа. Па така, Светиот Дух е Оној, што ја продолжува мисијата на Господа наш Исуса Христа, Кој им рекол на Своите Ученици и Апостоли дека Он ќе им Го испрати Светиот Дух, но исто така им рекол дека нема да ги остави сираци, туку дека со нив ќе биде до крајот на светот.
Ете, Христос Кој дошол во светот како човек, Кој проповедал како Богочовек, Кој ни ја открил Божествената наука т.е. верата за постоењето на Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, за духоувниот свет, за Ангелите, Архангелите и сите духови, Кој заради нас и заради нашето спасение, доброволно пострадал, бил распнат на Крст, на кој ја пролеал Својата Света Крв, за да го избави човечкиот род од гревот и смртта, а потоа, откако бил погребан, во третиот ден Воскреснал од мртвите и се Вознесол на небесата, прославувајќи ја со Своето Тело, и нашата човечка природа.
И ете, Спасителот наш Господ Исус Христос, кога Го испраќа Светиот Дух на Светите Свои Ученици и Апостоли, им ветува дека ќе биде со нив до крајот на светот. Христос е присутен до крајот на светот преку Светиот Дух, Кој на Божествената Литургија го претвора на Светиот Престол благословениот Леб во Тело Христово, а благословеното Вино во Крв Христова. На тој начин, Христос нашиот Бог и Спасител, е присутен преку Причесната, преку Телото и Крвта Негови до крајот на светот. А сето тоа го прави Светиот Дух, Кој што живот дава.
Кажано е дека на Педесетница, на Духовден, Црквата Христова торжествува, зашто изобилно бил испратен Светиот Дух на Апостолите Христови, но со покајанието и на сите луѓе преку Светите Тајни: Крштение, Миропомазание, Покајание и Исповед, преку Светата Тајна Венчание, за оние што се венчаваат, преку Светата Тајна Свештенство, за оние што примаат Свештени чинови, Светата Тајна Маслосвет, преку која се лекуваат болните од секакви болести и преку Тајната на сите Свети Тајни, Евхаристијата, односно Причесната, Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител. Па така, Црквата Божја, не е ништо друго, освен Тело Христово. Затоа и Свети Иринеј Лионски ќе рече: „Таму, каде што е Светиот Дух, таму е Црквата Христова, а таму каде што е Црквата Христова, таму е и Светиот Дух“.
Затоа Светиот Дух, Кој слегол на Светите Апостоли, се проповеда и понатаму во Црквата Божја, преку Апостолското преемство на нивните ученици, учениците на Светите Апостоли, на именуваните апостолски мажи, на Светите Отци на Црквата Христова од почетокот, па до крајот на светот, зашто преку нив на Вселенските и на Помесните Собори, било проповедано Словото Божјо, и токму преку нив е очистена Црквата Христова од секаква нечистотија. И затоа некои ќе речат, па како е можно Црквата да е Света и непорочна, а ете, сепак во неа има многу грешни луѓе и грешници, и можеби и повеќе грешници, отколку праведници. Христос, браќа и сестри, рекол дека не дошол во овој свет за праведниците, туку за грешниците, зашто Бог ја проникнува Црквата Христова т.е. низ неа минува и ги прави луѓето од нечисти, чисти, од несвети, свети, од недостојни, достојни. Црквата Христова и понатаму останува чиста како невеста Божја, затоа што Црквата ја прави Света не некој друг, туку Самиот Христос нашиот Бог и Спасител, Кој е глава на Црквата, а Црквата е Неговото Тело.
Па така, бидејќи Христос е глава на Црквата, таа не може да не биде Света, затоа и Свети апостол Петар, кога Го исповедал Христа, на прашањето Христово: „Што мислите за Мене“, откако некои Апостоли објасниле како мисли народот за Него, тогаш Светиот апостол Петар рекол: „Ти си Христос, Син на живиот Бог“ (сп. Мат. 16, 16). Тогаш Спасителот Христос му вели: „Ти си Петар, и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја“ (сп. Мат. 16, 18).
Не ја изградил Христос Црквата врз Свети апостол Петар, како што погрешно учат Римокатолиците, туку ја изградил врз зборовите на Свети апостол Петар, кој кажал дека верува во Христа дека е Син Божји. Значи Црквата се гради врз Христа нашиот Бог и Спасител, Кој е Аголниот камен, па затоа му вели на Свети апостол Петар дека е камен, врз кого ќе ја изгради Црквата Своја. Па така, сите ние како живи камења, се вѕидуваме врз аголниот камен, врз живиот камен аголен, Христа нашиот Бог и Спасител. Како што овие материјални цркви или храмови се градат претежно со камења и имаат еден аголен камен, кој го осветуваме пред да почнеме со градба на Црквата, врз кого потоа ги ставаме другите камења, кои нè преставуваат нас епископите, свештениците, ѓеконите, а и вас вернците, така се гради духовната т.е. вистинската жива Црква, врз Аголниот камен, Кој е Христос нашиот Бог и Спасител.
Во Стариот Завет се вели дека Господ го избрал Еврејскиот народ за да се вери со Него, како што говори Светиот пророк Осија: „Ќе те верам за Мене“ (сп. Осиј 2. 19), Ова Господ го вели за избраниот Еврејски народ, кој практично покажал дека пред доаѓањето на Месијата, Спасителот наш Господа Исуса Христа, дека прељубодејствува со идолите и Го изневерува Бога својот избраник. Имено, Евреите се откажале од Христа нашиот Бог и Спасител, и не Го примиле во најголема мера, туку само мал дел од нив останале верни на Месијата, меѓу кои биле Апостоли, врз кои Господ ја изградил и Црквата Христова. Затоа, пак, Христос во Новиот Завет, Црквата ја има за Своја невеста, но овој пат, не и нејзин вереник како на Старозаветната Црква, туку е нејзиниот Младоженец. Па затоа Христос во Светото Евангелие, во параболи говори за свадбата што ја приредува домаќинот, а на таа свадба е практично Младоженец Христов, а невеста Црквата Христова, верниот народ, христијаните со своите епископи, свештенството, монаштвоо, ѓаконите, која е насекаде присутна и се шири во целиот свет. Ние, браќа и сестри, иако кажуваме дека има многу Помесни Цркви, треба да знаеме дека Црквата е една, како што исповедаме во Символот на Верата: „Верувам, во Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.
Па така, дека Црквата е невеста Христова, имаме и паробола за петте мудри и петте безумни девојки, каде за мудрите девојки се говори дека тие се оние души на луѓето, кои го прифатиле Христа за Свој Младоженец, за Свој Жених, и Го примиле Светиот Дух, и со Него живеат. А понатаму, во посланието на Свети апостол Павле до Ефесјаните се говори за Црквата како Христова невеста. Исто така, дека Црквата е Христова невеста како завршница во Светото Писмо, се говори во Откровението Јованово, каде се говори за Црквата во есхатонот т.е. во идниот свет и живот, за Црквата во Царството Небесно, кон кое се стремиме, а кое и тука во извесна мера, го доживуваме и предвкусуваме тоа Царство, Светите Божествени Литургии.
Црквата Христова, браќа и сестри, да повториме е заедница на верните, кои веруваат во Троичниот Бог, Отецот, и Синиот, и Светиот Дух. Црквата Христова, е Православната Црка, која во ништо не отстапила од она што го проповедал Христос нашиот Бог и Спасител на Своите Ученици и Апостоли, а кои истото тоа го проповедале на целиот свет, и на тој начин до ден денес, ниту јота, ниту црта, не е изменето ништо, од она што го кажал Господ Исус Христос.
Исто така, она што во Црквата Христова преку благодатта на Светиот Дух, го кажале Светите Отци на Вселенските и Помесните собори, кога настанале погрешните лажни еретички учења, дека дури и Ангел од небото да каже нешто поинаку, од она што ние ви го кажавме, да биде анатеме, сето тоа Свети Отци не го говореле од себе, туку преку нив говорел Светиот Дух, зашто е кажано дека сè она што е напишано во Стариот Завет, го напишале луѓето што биле вдахновени од Светиот Дух и.т.н.
Па ете, да си споменеме за тоа дека за да Го прославиме Бога, ние треба да имаме чисти срца, како што вели Светиот пророк Давид: „Чисто срце обнови во мене Боже и Светиот Дух не Го одземај од мене“ (сп. Пасл. 50. 10-11). А тој Свет Дух, што ни е даден нам, преку Светите Тајни, почнувајќи од Крштението, па до Светата Тајна Причест, и преку подвизите, Кој е двигател и живот во Црквата, зашто знаеме дека светот е создаден по благоволението на Отецот преку Синот Божји, преку Кого е создаден светот, но е создаден во содејство на Светиот Дух. Па така, од почетокот, па сè до крајот на светот, се што дише, Го слави Господа преку Светиот Дух. Амин!
Честит нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар