Деветта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Никола“ – Боримечка

На 22.08.2021 г., кога го празнувавме споменот на Светиот апостол МатијСветиот маченик Антониј и Светите маченици Јулијан и Маркијан и другите со нив, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, ерејот Николче Неделковски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Никола“, во Боримечка.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Маловернику, зошто се посомнева!“ (сп. Мат. 14, 31).

Браќа и сестри, со овие зборови Господ Исус Христос, му се обратил на Светиот апостол Петар, кога по одобрение на Христа, тргнал да оди по водата, но кога на него наишол силен бран, се уплашил и посомневал, па почнал да тоне, а Господ му рекол: „Маловернику, зошто се посомнева!“ (сп. Мат. 14, 31). Пред тоа, Свети апостол Петар, наоѓајќи се во тешка положба, немал друго решение, освен да повика кон Господа со силен глас: „Господи, спаси ме!“

Од денешното Свето Литургиско Евангелие, возљубени во Господа, слушнавме дека верата е онаа, која нас нè спасува. Без вера, нема спасение. Верата е основата на нашата Света Православна Црква. Постојат три добродетели т.е. верата, надежта и љубовта. Најпрво е потребно да имаме вера. Што е верата? „Верата е жива претстава за она, на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа“ (види Евер. 11, 1). Значи кога ние веруваме, веруваме не во нешто што кое го гледаме, туку во нешто што не го гледаме, но сме убедени дека тоа постои. Убедени сме, затоа што сето тоа нам ни го кажал и потврдила Христос нашиот Бог и Спасител. Нашата Вера, не ни е откриена од човек или ангел, туку од Троичниот Бог, како во Стариот, така и во Новиот Завет.

Си споменуваме за тоа како Господ само со еден збор го создаде светот, но кога го создаваше човекот, присутна беше целата Света Троица т.е. Трите Лица имаа Совет и рекоа: „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие“ (сп. 1. Мој. 1, 26). Значи човекот е создаден според Божјиот Лик и подобие. Ликот според кој е создаден човекот, е изразен во неговата душа, па така, како Бог што е Троичен, Отец, и Син и Дух Свети, така и човечката душа е триедина т.е. една душа, која има ум, разум и волја. Умот одговара на Отецот, разумот на Синот, а волјата  на Светиот Дух. Со умот Го гледаме Бога, со разумот го артикулираме, објаснуваме и образложуваме она што го гледаме, а со волјата правиме акција, движење, живеење.

Ете, браќа и сестри, тоа е накратко кажано за нашата вера, која пред сè треба да биде чиста и делотворна. Значи не се работи за било каква вера, туку за вистинска и чиста вера, која нам ни е предадена од Бога, како во Стариот, така и во Новиот Завет. Во Новиот Завет, нам ни е предадена преку Богочовекот Христос, па затоа велиме дека нашата Вера е Богооткриена Вера. Секоја друга вера, која не е Богооткриена, не е спасителна. Зошто нашата Вера се нарекува Православна? Затоа што правилно Го славиме и исповедаме Бога.

Возљубени браќа и сестри, од денешното Свето Евангелие слушнавме дека Господ направил чудо, но треба да знаеме дека Спасителот не направил само едно чудо, туку пет чуда. Имено, првото чудо Господ го направил, кога ги испратил Своите Ученици и Апостоли да преминат од другата страна на Генисаретското езеро, а Он се искачил на високата гора да се моли, откако го распуштил народот, кој претходно го нахранил, претворајќи пет леба и две риби во огромна храна, од која се нахраниле пет илјади мажи без жените и децата. Што значи, откако сите, и мажите, и жените, и децата телесно се нахраниле, останале уште дванаесет кошеви со храна.

Господ првото чудо го направил, додека Апостолите го минувале Генисаретското езеро, а тоа било некаде околу четвртата стража т.е. пред разденување, кога наеднаш настанала силна бура, па Господ одеднаш од планината се нашол во морето. Тоа е првото чудо. Второто чудо, е како Господ веќе оди по водата, а третото чудо, е кога кон Свети апостол Петар доаѓа силен бран од кој се уплашил и се посомневал дека ќе потоне, па извикал со силен глас кон Господа: „Спаси ме Господи“, а Господ му пружил рака и го извадил од морето. Кога влегле во кајчето, веднаш настанала голема тишина, зашто Господ пред тоа со својот глас и се обратил на бурата (ветрот) со зборовите: „Престани!“, и таа престанала. Тоа е 4-то чудо. Потоа откако седнале во кајчето, настанала голема тишина и за миг стигнале на брегот на другата страна од езерото, ова е петтото чудо.

Браќа и сестри, чудата не ги нарушуваат природните закони т.е. кога се случува чудото, тие престануваат само за миг и се немоќни да одат понатаму.

И ние правиме чуда, со тоа што знаеме дека постојат природни закони за привлекување на телата од страна на земјата. Според тој закон, секое тело што ќе се оддалечи од земјата, кога ќе ја изгуби силата, паѓа на земјата, зашто земјата го привлекува. Истото важи и за водата. Значи сè она што е потешко од водата, потонува во водата, а тоа што е полесно од водата, истото плива врз водата.

Еве овдека потешко од водата, е човечкото тело, па затоа на Свети апостол Петар му се заканувала опасност да потоне во водата со неговото тело. Но Свети апостол Петар не потонал сè додека имал силна вера. Сега, пак, се поставува прашањето: како е можно да се надмине некој природен закон со вера. Можно е, браќа и сестри. Истото се случува и во обичниот живот. Еве тука ги гледаме кандилата кои се запалени и светат. До кога светат кандилата или свеќите? Сè додека во нив има масло или додека има восок во свеќата. Кога ќе престане маслото или восокот, тие гаснат. И кај нас кога ќе престане да биде силна верата т.е. кога ќе ослабе верата, тогаш ние сме немоќни да направиме чудо. А сè додека имаме силна вера, можеме. Ние можеме да се спротивставиме на силата на законот за привлечност на телата од страна на земјата, па кога ќе земеме камен и ќе го фрлиме нагоре, се додека каменот ја има силата, тој е надвор од земјата, но што ќе ја загуби силата, паѓа на земјата. Истото е со ракетите и авионите, кои  се движат надвор од земјата, додека ја имаат силата, тие можат да се спротивставуваат на законите, но конечно преовладува законот, кога ќе ја изгубат силата.

Чудата не ги понишуваат природните закони, туку се покоруваат како што пееме во една црковна песна: „Идеже бо хощет Бог, побеждается естества чин“, односно „таму каде што сака Господ, се покоруваат природните закони“. Што значи, во конкретниов случај чудата се всушност покорување на природните закони, кога Господ ќе посака тоа да стане. Ете така се случуваат чудата.

Кога зборуваме за чудата, браќа и сестри, треба да знаеме дека Господ никогаш не правел чуда заради некаква си фантазија, туку пред сè за да ги поучи луѓето во верата. Христос не направил ниту едно чудо, доколку оние кои имале потреба од чудо, не пројавеле силна и вистинска вера во Бога. Само тогаш, кога луѓето ќе покажат дека имаат силна и вистинска вера во Бога, тогаш Господ правел чуда.

Ете, да си спомнеме за упорноста и верата на некои Свети луѓе, кои барале помош од Господа. Како пример ќе го земеме Јаир, кој дошол при Господа Исуса Христа и Му кажал дека неговата дванаесет годишна ќерка е болна и на умирање, а Господ го прашал: „Веруваш ли дека можам да ја излекувам?“ Па така, откако потврдил дека верува, Господ ја излекувал неговата ќерка т.е. направил чудо велејќи и на девојката: „Талита куми“, односно „Девојко тебе ти зборувам стани“ (сп. Марко 5, 41). Истото го направил и со жената, која дванаесет години страдала од крвотечение, која во себе си велела: „Само ако се допрам до Неговите алишта, ќе оздравам“ (сп. Марко. 5, 28) и така се случило. Господ рекол: „Кој се допре до Мене?“, Апостолите рекле: „Народот се турка во тебе, а Ти прашуваш: Кој се допре до Мене?“ (сп. Лука 8, 45). А Христос вели: „Некој се допре до Мене, оти почувстував оти сила излезе од Мене“, а таа жена преплашена паднала пред Него и барала прошка, а Господ и рекол: „Жено, ти се простуваат гревовите, верата твоја те спаси“. Што значи во овој случај, нејзината силна вера, е причината за нејзиното лекување. Имаме ли ние таква вера, браќа и сестри? Немаме!

Исто така, си споменуваме и за стотникот или капетанот, кој поверувал дека Господ Исуса Христос може да го излекува неговиот слуга, па затоа Му рекол Христа: „Мојот слуга е тешко болен, но Ти речи само еден збор и мојот слуга ќе оздрави, зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници, па кога ќе му речам на еден од нив: Оди! – и тој оди; на другиот дојди: и тој доаѓа, и на слугата свој: Направи го тоа, и тој го прави“ (сп. Лука 7, 8).

Кога капетанот му рекол на Господа дека тој не е достоен да влезе во неговиот дом, тогаш Господ рекол: „Ни во Израилот не најдов толку голема вера“ (сп. Мат. 8, 10). А замислете за жената Хананејка, која имала тешко болна ќерка, на која Господ одбил да и ја излекува нејзината ќерка, велејќи и: „Не е добро да се зема лебот од децата и да се фрли на кучињата“ (сп. Мат. 15, 26), а таа рекла: „Да Господи, но и кучињата јадат од трошките на господарите што паѓаат од трпезата“ (сп. Мат. 15, 27). Гледајќи ја нејзината силна вера, Христос рекол: „Жено, нека ти биде според твојата вера“ (сп. Мат. 15, 28), и според нејзината вера, нејзината ќерка веднаш е излекувана. Гледате ли дека секаде е побарано да се изрази вера за да се направи чудо, за луѓето најнапред да се излекуваат од духовните и душевните болести, а потоа од телесните.

Од денешниот Свет Апостол слушнавме: „Не знаете ли вие дека телата ваши се храмови на Светиот Дух“ (1 Кор. 6,15). Што значи, браќа и сестри, Господ не ги презира телата на луѓето, туку вели: „Телата ваши се храмови на Светиот Дух, бидејќи во нив Господ треба да се всели“. Христос се вселува во нашите тела, преку нашите молитви, подвизи и преку Светите Тајни, а особено преку Светата Тајна Евхаристија – Причесната, Ако во телата Го примаме Христа, тогаш нашите тела стануваат храмови на Христа нашиот Бог и Спасител.

Затоа, браќа и сестри, да се помолиме на денешните светители: Светиот апостол Матиј, на кој споменот му го празнуваме и на Светиот маченик Антониј. По нивните Свети молитви, Господ да нè ослободи од секоја потешкотија, маки, страдања и искушени, обраќајќи Му се со зборовите: „Спаси нè Господи!“.

По молитвите на Сите Свети, Господ Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар