Десетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп

На 29.08.2021 г., кога го празнувавме споменот на Светиот маченик Диомид, Преподобниот Јоаким ОсоговскиСветиот маченик Стамат и споменот на Старец Јосиф Исихаст, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Илчо Смилевски, протоѓаконот Драган Ѓоргиевски и ѓаконот Емилијан Зелнички, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп.

На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во ѓаконски чин да го ракоположи, дипломираниот теолог Емилијан Зелнички.
Од името на Епархијата, на новоракоположениот ѓакон Емиијан Зелнички, му го честитаме ѓаконскиот чин и се молиме достојно да Му служи на Бога и на верниот народ, принесувајќи многубројни плодови.

Исто така, на Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар, благоволи во чин чтец да ги ракопроизведе чедата Божји Александар Бошковски и Кирил Ржаникоски.

Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Браќа и сестри, денес нашата Света Црква го празнува празникот, кој се именува Неракотворен Лик на Христа нашиот Бог и Спасител.

Исто така, денес нашата Македонската Православна Црква, го прославува и големиот подвижник, Светиот Јоаким Осоговски, кој е еден од четворицата познати пустиножителни отци: Свети Гаврил Лесновски, Свети Прохор Пчински и Свети Јован Рилски.

Од денешното Свето Евангелие, во оваа Десетта недела по Педесетница, слушнавме како Господ наш Исус Христос, кога со Своите тројца апостоли: Петар, Јаков и Јован, се симнал од гората Тавор, каде што се преобразил, кон Него пристапил еден човек, кој почнал да Го моли со зборовите: „Ако можеш, помогни ни“ (сп. Марко 9, 22), мислејќи на него и на неговиот син, кој страдал од бес. Овој човек, браќа и сестри, Му рекол на Христа: „Го доведов кај Твоите Ученици, но тие не можеа да го излекуваат“ (сп. Марко, 9, 18). Тогаш Господ рекол: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!“ (сп. Марко 9, 19). Откако го довеле момчето, Господ му се обратил на неговиот татко: „Веруваш ли дека можам да го излекувам?“ (сп. Марко 9, 23), а тој знаејќи дека неговата вера е слаба и мала, му се обратил на Господа со зборовите: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ (сп. Марко 9, 24), односно дај ми сила да поверувам. Па така, откако поверувал, Господ го излекувал момчето и го предал на неговиот татко.

Веднаш потоа, кога биле насамо, Неговите ученици Го прашале Христа Спасителот: „Зошто ние не можевме да го изгониме? (сп. Мат. 17, 19), а Господ им рекол: „Заради вашето неверување!“ (сп. Мат. 17, 20). И веднаш се поставува прашањето: од каква болест боледувало момчето и зошто Апостолите не можеле да го излекуваат.

Тука, браќа и сестри, не станувало збор за онаа болест наречена епилепсија, која и ден денеска е многу присутна кај луѓето т.е. и кај младите, и кај возрасните, па дури и кај деца, која при промена на месечината, делува кај луѓето т.е. се случува некое пореметување во мозокот. Овде не станувало збор за таа болест, туку станувало збор за нечист дух, кој влегол во ова момче и го измачувал, како што рекол и таткото на момчето: „го фрла во оган и во вода“.

Возљубени, браќа и сестри, ние денес немаме такви напади од демоните, како што било во времето до Христовото слегување со душата во адот. Имено, дотогаш власта над душите на грешниците, па дури и над праведните, ја имал сатаната, заради првородниот грев на нашите прародители Адама и Ева. Сè до доаѓањето на Логосот, Синот Божји, Кој по благоволението на Отецот, доброволно посакал да стане човек, власта над човечките души ја имал сатаната.

Христос нашиот Бог и Спасител, не дошол само да ги изгони духовите и да ги ослободува луѓето од нив, туку и да ни даде поткрепа, снага и моќ, за да се бориме против нечистите духови. Ете, затоа кога Господ Исус Христос лекувал, од оние што ги лекувал, најнапред барал да покажат вера во Бога, а кога ќе се покаже силна вера, тогаш Господ  правел чудо т.е. ги лекувал болните. Чудата не се прекршување на природните закони, туку отстапување на природните закони кога се прави чудото.

Па така, Господ Исус Христос, при секој молба од оние луѓе, кои барале да ги излекува, од било каква болест или немоќ, најнапред барал да поверуваат. Но имало и случаеви, кога оние кои биле болни, да не се во можност тоа да го побараат, па тогаш Господ на молитвите на оние, кои за нив се молат и застапуваат, ги исполнувал нивните молби. Да си спомнеме како Господ Исус Христос и ја исполнил молбата на жената Хананејка, на која и ја излекувал нејзината тешко болна ќерка, која заради тешката болест, не можела да побара од Бога да биде излекувана. Сличен е случајот и со ова момче, кое страдало од нечист и нем дух, чиј татко требало да покаже силна вера, но тој наместо да покаже силна вера, Му се обратил на Христа со зборовите: „Ако можеш ислекувај го“, а не рекол: „Ти можеш“ или како што рекол стотникот: „Ти кажи само еден збор и мојот слуга ќе оздрави“.

Си споменуваме исто така и за силната вера на жената, која дванаесет години страдала од крвотечение. Ете, таа само што се допрела до Христовата облека, се излекувала. Имаме безброј други примери, во кои Господ Исус Христос излекувал многумина болни луѓе,  на молба на нивните ближни.

Ете, пак, при оваа прилика, да го расчлениме прашањето: зошто Апостолите не можеле да го излекуваат ова момче? Кога Апостолите насамо го прашале Господа Исуса Христа: „Зошто ние не можевме да го излекуваме“ (сп. Мат. 17, 19), Христос им рекол: „Заради вашето неверување“(сп. Мат. 17, 20).

Имено, се знае дека деветмината апостоли, кои не биле заедно со оние тројца апостоли: Петар, Јаков и Јован на гората Тавор, им позавиделе затоа што тие не биле со нив. Ете, заради тоа, тие ја загубиле моралната сила и снага и не можеле да вршат такви дела (чуда). Токму тоа била причината, па затоа Господ им вели: „Заради вашето неверување“(сп. Мат. 17, 19).

Но тука, браќа и сестри, го имаме и неверувањето на таткото на тоа момче, кој признал пред Христа дека не верува, кога рекол: „Помогни му Господи на моето неверување“( сп. Марко 9, 24). Но тука, исто така имало и многу народ, кој исто така не верувал во чудата што ги правел Христос, па затоа Господ не сакал да го излекува момчето без да се покаже вера во Него.

Си споменуваме при една прилика, кога Господ Исус Христос бил во Капернаум, каде имало многу народ, а Господ не направил ниту едно чудо. Се поставило прашањето: зошто Господ не направил чудо? Затоа што тие не верувале. Објективен услов за да се направат чуда, е силата Божја, зашто чудата се прават со силата Божја, а субјективен услов, е верата, која треба да ја покажат оние, кои сакале да бидат излекувани, како што е случајот со оној блен, кого неговите пријатели го спуштиле од кровот пред Христа нашиот Спасител, заради немањето можност да го внесат во одајата каде што бил Христос.

Овие три работи треба да се знаат. И веднаш се поставува прашањето: што е верата? Свети апостол Павле вели: „Верата е жива претстава за она за кое се надеваме и докажување на она што не се гледа“ (сп. Евер, 11, 1). Не секоја вера, како што кажавме, туку само чистата вера, која нам ни ја предал Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, од Кого ја слушнале и научиле и Светите Апостоли, е вистинска вера.

Па така, верата е корен. Ниедно растение, кое нема корен, не може да опстои да живее. Исто така и ниеден човек, кој нема вера, не може да живее во заедница со Христа нашиот Бог и Спасител. Па затоа верата треба да биде силна, но треба да биде и чиста, жива и делотворна.

Многумина старозаветни праведници, почнувајќи од Авел, синот на Адама и Ева, имале силна вера. Понатаму силна вера имале и Светите патријарси, како што бил патријархот Авраам и неговата жена Сара. Силна вера имал и Ное, во чие време настанал сеопштиот потоп, понатаму силна вера имал и Мојсеј, кој на Гората Синај, успеал да ги измоли од Бога Десетте Божји Заповеди, каде бил озарен од Божјата благодат, од која лицето му сјаело како сонце, па морал да си става покривало на лицето, за луѓето да можат да го гледаат.

Светиот апостол Павле, браќа и сестри, во едно од своите Посланија вели дека трката (борбата) ја завршил, верата ја одржал, а сега го чека венецот. За каква борба станувало збор? Станува збор за борба, која не е со тело и крв, туку со поднебесните духовите на злобата. Со такви духови Свети апостол Павле водел војна и извојувал победа. Токму затоа Христос Спасителот, кога го излекувал ова бесомачно момче, вели дека овој зол дух со ништо не може да се истера, освен со пост, молитва и силна вера. Ние спомнавме каква вера имале луѓето од Стариот Завет, меѓу кои се и Судиите: Јефтај, Самсон и Варах, понатаму четворицата големи и дванаесетте мали пророци. Но треба да си спомнеме и за верата на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстите Господов, за кој Христос рекол дека е најголем човек роден од жена.

Па така, за луѓето да се излекуваат, треба да имаат чиста и силна вера, но и срдечна и едноставна молитва, бидејќи со силна молитва, се прават чуда.

Да си спомнеме исто така како Мојсеј со молитва ги победил Факирите во тогашното Египетски (Мисирско) царство или како со раширени раце се молел, додека неговата  војска напредувала под водство на Исус Навин.

Да си споменеме исто така и за Светиот славен пророк Илија, кој кога се помолил, по неговите молитви, три ипол години не паднал дожд, за потоа да падне дожд и да ја нароси земјата.

И денеска ние имаме таква состојба подолго време да немаме дожд, ама немаме дожд, оти не се молиме усрдно и од срце. Христос Спасителот, преку устата на Светиот Јован Богослов и Свети апостол Јаков вели: „Не добивте, оти во молитвите зло барате, за да уживате во вашите похоти и страсти“ (сп. Јак. 4, 3). Значи ние не го бараме Царството Небесно и неговата правда, туку бараме земни и материјални богатства, со кои ние сакаме да се насладуваме и уживаме. Ако го бараме Царството Божјо и неговата правда, тогаш тоа нам ќе ни се даде, зашто Господ рекол: „ Ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: Премести се одовде таму? И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно“ (сп. Мат. 17, 20).

Значи молитвите не ни се искрени, срдечни и силни, па затоа и не добиваме според молитвите. Но од друга страна во овој свет, кој во зло лежи, ние знаеме дека луѓето повеќе сакаат да уживаат во телесните наслади и да се грижат за земните и материјални богатства, отколку духовните, па затоа сето тоа нам ни се случува.

Луѓето обично се поведуваат по слабостите на луѓето т.е. повеќе сакаат да лажат, бидејќи имаат примери за лажговци во врвните водачи на нашето општество. Понатаму сакаат да крадат, оти јавно се краде, а денес слушаме дека тоа било транспарентно, бидејќи се знаело кој украл, па го заштитуваат тој што краде, лаже, злоупотребува, тој што продава дрога, и.т.н., и цел народ за жал тргна по тоа т.е. по полесниот пат. Лесниот живот и широкиот пат, не водат во Царството Небесно, туку водат таму каде што ќе има плачење и чкртање со заби.

Да се помолиме, браќа и сестри, преку пост, молитва и силна вера, да се заштитиме од ова зло т.е. од лошите духови, со кои треба да се бориме, како што рекол Свети апостол Павле: „Не со тело и крв, туку со поднебесните духови на злобата“. Амин!

 

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар