На 18.07.2021 г., во Четвртата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Преподобниот Атанасиј Атонски, Преподобниот маченик Кипријан Нови, Преподобниот Лампад и Преподобната маченичка Елисавета Фјодоровна, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Господи, кажи само еден збор и слугата мој ќе оздрави” (сп. Мат. 8, 8). „Навистина ви велам: ни во Израилот не најдов така силна вера“ (сп. Мат. 8, 10).
Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето литургиско Евангелие, во кое се говореше за тоа, како во Капернаум имало насобрано многу народ, кои сакале да се излекуваат од своите болести и немоќи. Ете, тогаш кон Господа Исуса Христа, пристапил еден стотник т.е. управник или капетан на сто војници, кој Му се обратил на Христа Спасителот со зборовите: „Мојот слуга е тешко болен, Те молам кажи еден збор и тој ќе оздрави“ (сп. Мат. 8, 8), а Господ му вели: „Јас ќе дојдам во твојот дом и ќе го излекувам!“
Но овој скромен и смирен човек, кој како капетан на Римската војска, требало да биде горделив, сепак покажал прекрасно смирение кога Му вели на Господа: „Господи, не сум достоен да влезеш во мојот дом; Ти кажи само еден збор и слугата мој ќе оздрави“ (сп. Мат. 8, 8-9).
На овие зборови Господ Исус Христос одговорил со восхит: „Ваква вера не најдов ни во Израилот“ (сп. Мат. 8, 10).
Браќа и сестри, вниманието ни го свртуваат трите нешта од денешното Свето Евангелие. Најнапред верата на овој стотник т.е. капетан, но и неговата, љубов, понизност и смирение. Ете, поради овие нешта, доаѓа исполнувањето на прозбата на стотникот, а тоа е љубовта кон неговиот слуга, кого многу го сакал и барал Христос да го излекува од неговата тешка болест.
Ако ние сакаме да се излекуваме од било каква болест, потребно е да покажеме силна вера за тоа. Господ никогаш никого не излекувал, затоа што некој во чудата Христови, сакал да види некаква маѓепсаност, туку исклучиво ако луѓето покажале вера во Господа Исуса Христа дена Он е Син Божји и Син Човечки т.е. Богочовек. Само тогаш Христос ги исполнувал молбите на оние кои Му се обраќале за да ги излекува од било каква болест.
Па така, не секоја вера ни помага за да се излекуваме од нашите болести и да испросиме од Бога она што е потребно за спасение на нашите души и тела, туку само вистинската вера во Христа нашиот Бог и Спасител. Образец за тоа го имаме Светиот апостол Петар, кој кога Христос прашал за кого Ме сметаат луѓето, тој во името на сите Апостоли одговорил: „Ти си Христос Син на живиот Бог“ (сп. Мат. 16, 16), на што Христос му одговорил: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат. 16, 17 ). Што значи нашата вера, браќа и сестри, не е наша заслуга, туку е милост Божја. Ние треба само да сакаме да веруваме и да сме упорни во верувањето, а Господ ќе покаже милост и ќе ни даде силна вера. Господ Исус Христос вели: „Вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму!‘ И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно“ (сп. Мат. 17, 20).
Без вера во Христа нашиот Бог и Спасител, нема спасение. Верата е многу битна работа, за нашиот опстој тука на земјата. Луѓето, кои не веруваат во Бога, се како дрво без корен. Таквите луѓе, немаат смисла и цел во нивниот живот. Зошто би живеел еден човек, ако не верува дека треба вечно да живее? Секој човек копнее по тоа да има живот вечен. Ете затоа Господ Христос рекол: „Кој ќе го исполни Моето Слово т.е. Неговите Заповеди, тој ќе има живот вечен“.
Понатаму Господ Исус Христос вели: „Човек и да умре, ако верува во Мене, ќе живее!“ Што значи, верата во Бога на човекот му дава сила и знаење дека овде на земјата не постои вечниот, туку само овој временем живот, во кој тука можеме да го спечелиме или загубиме, Царството Небесно.
Понатаму, браќа и сестри, кога говориме за љубовта, која ја покажал овој стотникот, кој Му се обратил на Христа со зборовите: „Господи, Ти кажи само еден збор и слугата мој ќе оздрави; зашто и јас сум човек, кој има подвластени, и кога на војник ќе му речам; Оди! и тој оди; на другиот: Дојди! и тој доаѓа; а на слугата: Направи тоа! и тој прави” (сп. Мат. 8, 8-9).
„Ете, затоа Ти, Кој управуваш со овој свет, Кој си Господар на силите и на сè што постои, не треба Ти да дојдеш во мојот дом, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив, туку кажи само еден збор, и мојот слуга ќе оздрави“.
Браќа и сестри, Христос нашиот Спасител, потврдил пред сите присутни дека ни во Израилот не видел таква вера, каква што покажал овој стотник. Зошто? Затоа што Римјаните биле оние, кои владееле со тогашниот источен и западен свет. Според природата на таквите состојби, Римјаните било нормално да се гордеат. Но ете, овој стотник, не се гордеел, туку длабоко осознал во себе дека е никој и ништо, и дека силата на овој свет и вечниот живот во Царството Небесно, е во Самиот Бог. Стотникот, во Христа нашиот Спасител, видел Бог и човек, иако бил многубожец. Римјаните верувале исто како и Грците т.е. Елните, во измислени според нивните желби богови. Но овој човек, размислувал поинаку, бидејќи во Христа нашиот Бог и Спасител, видел вистински Бог и вистински човек, па така и Му се обраќа.
Ете, по тој принцип и Светите Отци го правеле истото, а и Светите Апостоли. Да си спомнеме што вели Светиот апостол Петар за себе, кога Христос нашиот Бог и Спасител им рекол на Апостолите да ги фрлат мрежите во подлабокото и уловиле мноштво риби, а пред тоа цела ноќ ништо не уловиле. Тогаш Свети апостол Петар вели: „Оди си Господи од мене, оти сум грешен човек“ (Лука, 5, 8). Истото за себе го вели и Светиот апостол Павле: „Не сум достоен, да се наречам Христов апостол, оти ја гонев Црквата Божја“, пред да стане христијанин и апостол“ (сп. 1. Кор. 15, 9). Но откако Го примил Христа нашиот Бог и Спасител т.е. откако Христос го турнал од коњот и го упатил во Дамаск да се крсти кај Ананија, тој од тогаш е најревносниот апостол меѓу Апостолите, кој од сите повеќе се потрудил, со Божјата благодат т.е. несоздадените Божествени енергии.
Еве ни прекрасни примери, браќа и сестри, како луѓето кои грешеле, знаеле како да се оправдаат. Свети апостол Петар, кој трипати се одрекол од Христа, со неговото Свето покајание, повторно станал Христов Апостол. Исто така и Свети апостол Павле, кој ја гонел Црквата, вели дека со ништо не може да се пофали, освен со своите слабости и додава: „Знам еден човек во Христа, со тело ли, не знам; без тело ли, не знам, Бог знае, беше грабнат и однесен до третото небо, и дека чул неискажливи зборови, кои човек не смее да ги искаже. Со таков човек ќе се пофалам“ (сп. 2. Кор. 12, 2-3). Всушност станува збор истиот тој апостол, кој по неговото обраќање во христијанството, целосно се променил и станал свет Апостол, кој напишал 14 Посланија.
Кога станува зборза смирението, веднаш ќе прашаме што е смирението? Смирението не е ништо друго, освен осознавање дека ние сме Божји созданија. Ние како што пееме на опелото, сме прав и пепел, и во земја од која сме создадени ќе се вратиме, а душата, која е од Бога дадена, ако се спаси, ќе се врати при Бога, или при сатаната во пеколот ќе биде, ако не се спаси.
Ете, за таквите луѓе, Христос во Неговата беседа на Гората рекол: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е Царството Небесно!“ (сп. Мат. 5, 3). Кои луѓе се бедни по дух? Оние, кои ништо не сметаат дека е нивно, туку сè што имаат, го сметаат за дар Божји, зашто во Светото Писмо се вели: „Зар не знаеш дека сè што имаш, ти е дадено од Бога“. Ако веќе нешто си примил до Бога, тогаш зошто се противиш дека не си примил. Ако сме примиле нешто, тоа значи дека сме го добиле како дар од Бога. Како потврда на тоа, во Стариот Завет, Светиот праведен и многустрадален Јов вели: „Господ даде, Господ зеде. Нека е благословено името Господово“ (сп. Јов. 1, 21).
Ако и ние мислиме како него, дека сè што имаме, сè е од Бога дадено и сè што ќе ни се одземе, е од него одземено, тогаш ние, браќа и сестри, нема да жалиме за ништо што нас може да нè порази, бидејќи кога сме се родиле, ништо на овој свет не сме донеле, ниту, пак, кога ќе умреме, нешто ќе однесеме од овој свет.
Ние сме се родиле голи и голи ќе одиме во мајката земја. Кога зборуваме за љубовта Божа, треба да знаеме дека стотникот покажал навистина голема љубов. Има ли поголема љубов од тоа, некој да се жртвува за својот пријател. Христос нашиот Спасител вели дека нема поголема љубов од таа душата да ја положиме за своите пријатели. Стотникот не ги потценувал своите слуги, туку имал голема љубов кон нив. А денешните директори, управители, претседатели, премиери и.т.н., ги ставаат сите под нозе.
Стотникот, толку многу го сакал својот слуга, што дошол кај Христа да Го моли со зборовите: „Смилувај се и излекувај го мојот слуга“. Кој од нас, браќа и сестри, ќе може да покаже таква голема љубов кон своите потчинети и понижени? Напротив, ние денеска слушаме дека во многу претпријатија и фирми, на луѓето не им се исплатени палатите и потта на работникот не се цени, туку се понижува и гази, а тие (директорите) затоа што се на положба во власта, можат да прават што сакаат, како на оние во Бергала, во Штип и во други фирми не им ги даваат платите.
Правдата мора да триумфира, браќа и сестри. Оној, кој не му дава плата на својот работник, во Светото Писмо се вели дека прави голем грев, кој не се опростува т.е. е хула на Светиот Дух.
Луѓето незнаат колку голем грев прават, зашто секој е достоен да биде соодветно награден за својата плата и труд според договорот, како што Христос вели: „Со тебе се договорив за толку, и ти платив толку, и ти биди исполнителен според договорот, а дали јас на другиот ќе му дадам повеќе, нека не ти биде завидливо твоето око, оти ти, за она што сме се договориле, си го примил“.
Во тој дух,, браќа и сестри, сакам да потенцирам дека денешниот капетан, кој се споменува во Светото литургиско Евангелие, нам ни е пример и образец какви треба (одговорни) да бидеме ние православните христијани.
Каква вера ние треба да имаме? Нашата вера треба да биде чиста и без никакви примеси, како што е тоа случај со гатачите и бајачите, кои немаат ништо заедничко со вистинската Вера, која е изложена во Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци.
Тоа е вистинската Вера, која ја запазила Православната Црква. Надвор од Православната Црква, нема вистинска Вера. Кој поинаку верува, тој нема вера за спасение на својата душата. Второто е дека ние треба да покажеме љубов кон луѓето, а нашата љубов кон луѓето, не треба да биде само кон блиските, туку и кон непријателите, а за тоа пример ни покажал Самиот Христос, Кој на Крстот се молел за непријателите, кои Го распнале со зборовите: „Прости им Боже, зашто незнаат што прават!“ (сп. Лука 23, 34)
Ние како Божји созданија, браќа и сестри, сме ништожни во однос на Бога, па затоа ние ако по примерот на Свети апостол Петар треба да велиме дека не сме достојни Христос да биде со нас, или како што вели Свети Јован Златоуст во втората и деветтата молитва пред Причесната: „Не сум достоен да влезеш по покривот на мојата душа“.
Ете, ако овие свети луѓе, до толку себеси се сметале за недостојни, тогаш каде сме ние?
По молитвите н Мајката Божја и на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар