На 23.05.2021 година, во Четвртата недела по Воскресението Христово, посветена на чудото што се случило со раслабениот, крај бањата Витезда, кога го празнуваме споменот на Светиот апостол Симон Зилот, Светите маченици Алфеј, Филаделф и Кирин, Преподобната Исидора Јуродива и блажената Таиса, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Зоран Димовски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Синко, ти се простуваат твоите гревови, земи ја постелата своја и оди си во мир!“ (сп. Јован 5, 8).
Со овие зборови, браќа и сестри, Господ Исус Христос му ги простил гревовите на оној човек, кој триесет и осум години лежел болен во бањата Витезда, која се наоѓала во Ерусалим, при Овчите порти, и постојано очекувал некој да го спушти во бањата, затоа што бил парализиран.
Очигледно, браќа и сестри, немало човек, кој ќе го спушти во бањата, па токму затоа Господ, Кој ги знае нашите срца, души, сетила и мисли, знаејќи дека овој човек покажал големо трпение, со тоа што триесет и осум години се надевал дека некој ќе го спушти во бањата и ќе се излекува, ете, токму затоа Господ дошол, не по барање на болниот, туку лично Самиот за да го излекува.
Бањата Витезда, која значи бања на милосрдие, се наоѓала кај Овчите порти, т.е. на она место, каде што минувале овците, кои биле подготвувани за жртва на старозаветниот олтар.
Ете, во оваа бања, во која ангелот Господов еднаш годишно слегувал и ја раздвижувал водата, и прв кој ќе слезел во бањата, се лекувал од каква болест и да боледувал. Но овој болен човек како што кажавме, немал човек што ќе се погрижи за него да го спушти во бањата и да се излекува.
Кога Господ пристапил кон него, му рекол: „Сакаш ли здрав да бидеш“ (сп. Јован 5, 6), а болниот одговорил: „Да Господи! Но немам човек“ (сп. Јован 5, 7). И денес, браќа и сестри, а и низ историјата на вековите, секогаш е поставено прашањето има ли човек т.е. дали има вистински луѓе, кои вистински ги сакаат другите и вистински сакаат да им помогнат. Денес, и по две илјади години од Христовата проповед, сведоци сме дека повеќе има нелуѓе, отколку луѓе.
Имено, бањата Витезда, според зборовите на Свети Јован Златоуст, е праслика на Светата Тајна Крштение. Како што таму луѓето се лекувале и очистувале од сите гревови и телесни немошти, така и преку Светата Тајна Крштение, кога ние се крштеваме, прво се лекуваме од душевните болести, а дури потоа и од телесните болести.
Ние, иако при Крштението се лекуваме од сите болести и гревови, но сепак поради нашата слаба човечка природа, повторно паѓаме, но и повторно треба да се креваме и да мислиме на нашата гревовна состојба и вистински да се каеме за нашите гревови т.е. да ги осознаваме нашите гревови и да бараме прошка од Бога, не само површно, туку длабоко од душата и срцето, со многу пролеани солзи за нашите гревови, по примерот на Свети апостил Петар, кој целиот свој живот плачел, кога ќе слушнел петел да запее, зашто Господ му рекол: „Додека петел не запее, три пати ќе се одречеш од Мене“ (сп. Марко 14, 30)..
Зар ние секој ден не се одрекуваме од Христа нашиот Бог и Спасител, правејќи гревови или повторувајќи ги гревовите што сме ги направиле, а лично или преку нашиот кум сме ветиле на Крштението дека се одрекуваме од сатаната, од сите негови дела, од сето негово служење и од сета негова гордост.
Возљубени браќа и сестри, ете, поради тоа и Светиот апостол Павле ќе рече дека еден ден човекот мора да умре, а потоа суд. За секој човек што живеел на земјата, веднаш после смртта е определен посебен суд, а при Второто Христово доаѓање, кога сите ќе воскреснат од мртвите и кога ќе биде сеопштиот страшен Суд, тогаш сите ќе треба да дадеме одговор за нашиот живот на земјата.
Што е суштината на нашиот живот на земјата, браќа и сестри? Суштината на нашиот живот на земјата, е да се покаеме за нашите гревови. Покајанието е Света работа, иако некои кон покајанието се однесуваат со подбив. Ние не треба да заборавиме дека смртта во светот е токму заради тоа што нашите прародители Адам и Ева ја прекршија единствената Божја заповед да не јадат од забранетиот плод, како што вели Свети апостол Павле: „Адам згреши и умре, затоа што јадеше од забранетиот плод, така и ние кои грешиме, и ние ќе умреме“. Но, смртта не завршува со телесното умирање, бидејќи телесното умирање, е разделба на душата од телото или заспивање, зашто после телесното одвојување на душата од телото, кое ние го нарекуваме смрт, при Второто Христово доаѓање, душите повторно ќе се вратат во своите тела, за да дадат одговор на Страшниот Христов Суд, за потоа да живеат постојан живот во Царството Небесно или не дај Боже со сатаната во огнената геена, како што пишува во Светото Писмо, и како што се говори во Светото Предание и во учењето на Светите Отци на нашата Света Православна Црква.
Кога зборуваме за гревот, треба да знаеме дека гревот е неисполнување на Божјите Заповеди или поинаку кажано, прекршување на Божјиот Закон и противење на Божјата волја. Па затоа, ако некој мисли дека гревот не е ништо, многу се излагал, бидејќи последицата од гревот, е смртта. Адам згреши и умре, и ние кога грешиме и ние умираме, најнапред духовно, како што Адам умрел прво духовно, кога се одвоил од Бога и престанала неговата врска со Бога т.е. кога престанало неговото литургисање со Бога, зашто сè додека Адам не згрешил, бил во постојана Литургија со Бога, заедно со неговата сопруга Ева.
Ете, и ние кога не грешиме, кога сме на заедничка молитва во храмот Божји, ние сме на постојаната Литургија со Бога, а кога грешиме, тогаш се наоѓаме во пара литургијата или пара црквата, која е надвор од Божествената заедница. Затоа, вистинската Литургија, вистинската заедница со Бога, е кога ние сме собрани во Божјиот храм на Божествената Литургија, отфрлајќи секаква грижа за земното живеење, како што пееме на Литургијата во песната „Иже херувимы“: „Всякое ныне житейское отложим попечение“ т.е. „сега секаква животна грижа да отфрлиме“, односно да се грижиме повеќе за душата, а не за телото, бидејќи Господ вели: „Каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? (сп. Мат. 16, 26).
Кога зборуваме за гревот, браќа и сестри, треба да знаеме дека за направените наши гревови тука на земјата, ако тука бидат откриени, ќе одговараме пред државните и граѓанските судови, но ако не бидат откриени, е уште полошо, бидејќи ќе одговараме пред Бога на Страшниот Суд, кога нема да ни биде простено. Да не заборавиме дека гревот се одразува и на телото, бидејќи деведесет и девет насто од болестите, страдањата, маките и искушенијата што ги носиме, се последица на нашата гревовна состојба и на нашите согрешенија.
Понатаму затоа и треба да водиме строго сметка да не згрешиме, за да не страдаме и телесно, како овој триесет и осум годишен болесник, кој лежел во бањата Витезда и се надевал дека конечно ќе се најде човек што ќе го спушти во водата, за да се избави од гревот и смртта.
Понатаму, браќа и сестри, покрај телото, во прашање е и душата, бидејќи знаеме дека душата страда и е неспокојна, кога ние живееме во гревови. Ние можеме себеси да се претставуваме како сакаме, сакаме да бегаме од себе, ама не можеме да побегнеме, бидејќи никој толку добро нас нè не знае, како што ние самите себеси се знаеме, како што вели Свети апостол Павле: „Никој не знае што е во човекот, освен духот, кој што живее во него“ (сп. 1. Кор. 2, 11). Покрај душата, која страда, Господ ни дал нам и совест, а совеста во човекот, е гласот Божји, од кого нема бегање.
Ние, браќа и сестри, можеме да бегаме и да мислиме дека со песни и со разни веселби и забави, ќе ги одбегнеме нашите гревовни состојби, нашите лоши постапки, нашето лошо однесување, но не можеме од тоа да побегнеме. Многумина луѓе се обиделе да побегнат од својата совест, но не побегнале. Има луѓе, и мажи и жени, кои пред смртта не можат да умрат, бидејќи немаат телесна снага, т.е. Господ не им дозволува да умрат додека не ги кажат своите гревови. Честопати според преданието на оние, на кои што им ги направиле лоши рабори, како што и во нашето село имаше случај со една жена, која и правела магии и непријатности на некоја девојка, па сè додека не побарала прошка од мајката на девојката, бидејќи девојката била умрена, и не ги кажала гревовите што ги направила, не можела да умре, што значи нема бегање од совеста, браќа и сестри.
Така и царот Констанциј, кој дал наредба да биде убиен неговиот брат Теодор, кој бил голем подвижник и свештенослужител, неговата совеста постојано го прогонувала и гризела за убиството на својот брат. Тој, од Цариград побегнал во Италија, а потоа отишол во Сицилија, за потоа пак, да се вратил во Цариград, но немало спокојство за неговата душа, зашто постојано, и во сон, а некогаш и во привидение, го гледал својот брат Теодосиј, како пред него стои со чашата т.е. со крвта која е топла и испарува и му вели: „Пиј брату, пиј од мојата крв што ме уби“.
Ете, таква е совеста, браќа и сестри, на оние што прават зло на другите. А некои мислат дека ете ние на некој начин, ќе се спасиме на различни начини и ќе избегаме од нашата гревовна состојба. Нема од тоа бегање, браќа и сестри, а последиците од нашите гревови, не остануваат само врз нас, туку и врз нашите поколенија, како што вели една народна поговорка дека гревовите на нашите предци преминуваат од поколение на поколение т.е. до седмо колено. Затоа, мора многу да внимаваме какви гревови правиме во нашиот живот.
Затоа, возљубени браќа и сестри, треба често да се каеме за нашите гревови. Како што Светата Тајна Крштение, е бањата на повторно раѓање т.е. очистување од првородниот и од сите други гревови, така и преку Светата Тајна Покајание или Исповед, ние се очистуваме од нашите гревови, како што им рекол Спасителот на Свети Апостоли по Воскресението: „На кого ќе ги простите гревовите, ќе му бидат простени, а на кого му ги задржите, ќе му бидат задржани“ (сп. Јован 20, 22-23).
Затоа, за секој направен грев да потрчаме побргу во храмот Божји и пред нашиот духовник да бараме прошка за нашите гревови. И тоа да го правиме не формално, туку од длабочината на душата и срцето, со многу пролеани солзи, како што Свети пророк Давид, за кој се вели дека секоја вечер и секоја ноќ ја натопувал својата перница со солзи за неговите направени гревови, па затоа Господ му ги простил гревовите и го направил цар, светител и пророк.
Токму затоа, браќа и сестри, ние сме должни што побргу да се покаеме за нашите гревови, како што вели Светиот апостол Јаков: „Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“ (сп. Јак. 5, 14-15). Тоа е начинот на проштевањето на гревовите.
Во раната Црква Христова, па и до скоро во Битолскиот крај, во руралните населби во битолско, секој месец луѓето барале да има водосвети во нивните домови, зашто кога се чита ова Свето Евангелие, се сеќаваме на бањата Витезда, кога Господ дошол и го излекувал триесет и осум годишниот болесник, а таа бања на повторно раѓање, е покајанието или исповедтта пред свештеникот, бидејќи без прошка на гревоите, нема спасение.
Кога Господ Исус Христос го нашол овој триесет и осум годишен болесник, знаете ли што му рекол? Му рекол: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!” (сп. Јован 5, 14).
Затоа кога ќе се исповедаме, ние да не ги повторуваме гревовите, ако не некои други, барем смртните гревови, а тие се: гордоста, мрзеливоста, среброљубието, унинието, односно безволноста за животот, омразата, злобата, клеветата, колнењето и.т.н., како и најголемиот грев, очајанието, кој води кон самоубиство, од кој грев после нема спасение, зашто оној кој се самоубил, не може да се покае. До самоубиството, има покајание и има спасение, но по самоубиството, нам спасение и покајание. Затоа, на овој човек, кој триесет и осум години лежел билен, надежта Му била во Господа Бога, и Господ го излекувал од неговата болест.
Затоа и ние, возљубени браќа и сестри, надежта да ја имаме во Бога, како што пееме во една црковна песна: „Надежта моја е Отецот, прибежиште мое е Синот, а покров ми е Светиот Дух, Троице Света Слава Ти!“. Амин!
Христос Воскресе! Навистина Воскресе!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар