На 21.11.2021 г., кога го празнуваме Соборот на Светиот Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни и бестелесни, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Архимандриттот Никола Трајковски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во манастирот посветен на Свети Архангел Михаил, во Варош.
На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светот Дух!
„Господи, Ти си Оној, Кој ветровите ги правиш Свои гласници, а слугите Свои огнен пламен!“ (сп. Псал. 103, 4)
Господ, браќа и сестри, е Троичен т.е. Отец, и Син, и Дух Свет. Меѓу Трите Лица на Светата Троица, нема разлика по равенство, бидејќи се еднакви по Својата суштина. Разликата е во својствата на Лицата. Отецот, е беспочетен, Синот предвечно се раѓа од Отецот, а Светиот Дух, предвечно исходи од Отецот. Бог од Својата преголема љубов најнапред како што читаме во Светото Писмо, „ги создаде небото и земјата“ (1. Мој. 1, 1). Под небото, се подразбира небесата т.е. духовниот свет, а духовниот свет, е всушност втората светлина, зашто Првата Светлина, е Троичниот Бог, Кој по природа е Светлина. Втората светлина, се Ангелите Божји, кои според видението на Свети Дионисиј Ареопагит, постојат девет ангелски чинови, построени во три реда. Првиот ред го сочинуваат: Херувимите, Серафимите, и Престолите, врз кои Бог стои (почива) т.е. Бог е врз нив. Вториот ред го сочинуваат: Властите, Господствата и Силите, а третиот ред: Ангелите, Архангелите и Началствата. Ете, таква е ангелската хиерархијата.
Господ ги создал Ангелите, кои според својата власта и назначување не се еднакви меѓу себе, туку се разликуваат според своите чинови. Во Светото Писмо ние наоѓаме податоци за седум Архангели, почнувајќи од Светиот Архангел Михаил, чие име значи оној, кој што е како Бог.
Светиот Архангел Михаил, е Архистратигот, кој се кренал против, најубавиот создаден од Бога Ангел, Сатанаил или ѕвездата Деница, кој заради својата убавина, се возгордеал и посакал да се изедначи со Бога т.е. да го издигне престолот горе над ѕвездите, заборавајќи дека е божјо создание.
Па затоа се вели дека кога сатаната се одделил од Бога и со себе повлекол една третина од бројот на ангелите, тогаш меѓу Сатанаил и Светиот Архангел Михаил и неговите ангелите, како што се вели во Светото Писмо, настанала војна на небесата, во која сатаната бил победен и фрлен од небесата во поднебесните простори на земјата. Од тогаш, тој е богоборец, човекоубиец и татко на лагата.
После сето тоа, Ангелите кои останале приврзани кон Бога, се утврдиле во верата во Бога, и ниту еден од нив не може повеќе да згреши, зашто за пример го имаат Сатанаил, кој со неговите ангели (демоните), отпаднале од Бога. И ние луѓето го имаме примерот на нашите прародители Адама и Ева, кои заради непослушноста отпаднале од Бога. Ете, затоа треба да се утврдиме во вистината, која е Христос нашиот Бог и Спасител и да го држиме Христовиот пат, зашто Христос рекол: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6).
Па така, покрај Светиот Архангел Михаил, во редот на Архангелите, е и Светиот Архангел Гаврил, кој значи сила Божја, кој се слика со цвеќе во рака, бидејќи ги јавува радосните вести. Светиот Архангел Гаврил, е благовестителот на благите вести за доаѓањето на Спасителот наш Господа Исуса Христа, како во Стариот, така и во Новиот Завет.
Светиот Архангел Гаврил, е оној, кој на пророкот Захариј, му ја соопштил радосната вест за раѓањето на Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов.
Исто така, Светиот Архангел Гаврил, им ја соопшти радосната вест и на Светите Јоаким и Ана, за раѓањето на Пресвета Богородица. Истиот овој Ангел, е оној што и се јавил и на Пресвета Богородица, на која ѝ ја соопштил веста за раѓањето на Спасителот наш Господа Исуса Христа.
Во бројот на седумте Архангели, е и Светиот Архангел Рафаил, кој се именува како Архангел на исцелението, зашто во старозаветната Книга Товит, е оној што го поучува Товит како да се моли и да бара помош од Бога, па затоа се слика со ковчеже и лекови, зашто е лекар на душите и телата. Понатаму ќе го спомнеме Светиот Архангел Уриил, кој е светлина и упатува на вистинската Светлина, на Христа нашиот Бог и Спасител.
Понатаму ќе го спомнеме Светиот Архангел Салатаил, за кој се вели дека е оној, кој што ги поткрепува луѓето во молитвите и подвизите, и им дава сила на луѓето. Меѓу Архангелите, е и Светиот Архангел Јегудил, кој е Архангелот на славата, и на крајот ќе го спомнеме Светиот Архангелот Варахиил, кој е благослов Божји, кој нам ни се дава за спасение на нашите души.
Па така, браќа и сестри, Ангелите и Архангелите, се Божји духови и слуги, кои се создадени од Бога.
Старозаветниот пророк Исаија, имал видение, во кое Го видел Господа како почива на Престолите, Серафимите и Херувимите.
Ете, како што Господ промислува за секој човек, па токму затоа ни дал Ангел Чувар, кој е пазител на нашите души и тела, исто така, промислува и за секој народ. Ние во Светото Писмо читаме дека кога Свети апостол Павле бил во Троада, му се јавил еден човек Македонец, кој му рекол: Дојди кај нас во Македонија и помогни ни“ (сп. Дела 16, 9). Светите Отци, ова место го толкуваат дека тоа всушност бил Ангелот на Македонскиот народ, кој го повикал Свети апостол Павле да дојде во Македонија и да ни помогне. Во што да ни помогне? Да ги просветли луѓето во нашата Света Православна Вера т.е. од паганство, од многубоштво, да се просветлат и да ја примат вистинската вера во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Па така, сите оние погрешни учења за Ангелите дека тие се богови, отпаднале, зашто Света Православна Црква, на Лаодикискиот Собор, утврдила дека Ангелите се Божји созданија, кои се во служба на Бога и луѓето.
Браќа и сестри, кога ги празнуваме овие празници, конкретно овој празник, посветен на Светиот Архангел Михаил и на останатите Сили небесни и бестелесни, треба да си спомнеме и за тоа дека Ангелите нам не ни се дадени не само да ни служат, туку и да ни бидат како примери и образци, како ние треба да живееме Ангелски живот. Ангелите, секогаш Му служеле на Христа Господа. Кога Христос се раѓал, истовремено Ангелите на небесата ја пееле песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, и меѓу луѓето добра волја“ (сп. Лука 2, 14).
Ангелите се јавуваат и го поткрепуваат Христа, браќа и сестри, и во Неговата молитва во Гетсиманската градина, кога Он се моли да Го одмине чашата на страдањата како човек заради нас и заради нашето спасение.
Па така, браќа и сестри, Ангелите биле присутни, и на Христовото страдање, и на Христовото погребение, а и на Христовото Воскресение, бидејќи во Светото Евангелие читаме дека на Мајката Божја и на Жените Мироносици, Ангели им ја соопштиле радосната вест за Воскресението, кои им рекле: „Зошто Го барајте живиот меѓу мртвите, не е тука, туку Воскресна од мртвите“ (сп. Лука 24, 5)..
Ангелите, браќа и сестри, живеат совршен духовен живот, но тие самите не се совршени, затоа што се созданија, а совршен е само Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
И да привршиме со нашата проповед дека ние треба да живееме Ангелски живот, а примери за тоа имаме во Светото Писмо, како во Стариот, така и во Новиот Завет. Многу пророци живееле ангелски живот, како што бил случајот со Светите пророци Илија и Елисеј, со Светите Отци и Патријарси на Старозаветната Црква и.т.н. Да си спомнеме и за Светиот Славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, кој на иконата се изобразува со крилја, затоа што живеел ангелски живот, па токму затоа е и наречен Ангел во тело. Ете, таков треба да биде нашиот живот, браќа и сестри, ако сакаме правилно да ги празнуваме празниците, како што е денешниот празник, кој е посветен на Светиот Архангел Михаил и на Соборот сите Сили небесни и бестелесни.
Токму затоа е и кажано за мачениците, страдалниците, подвижниците и пророците: „Како да ве наречам, ангели ли?“ Ете, како образец за ангел во тело го имаме Славниот Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован кој ни покажал прекрасен пример како треба да Го следиме Христа.
Да се помолиме на Светиот Архангел Михаил и на сите Небесни Сили, за и ние да заживееме ангелки живот, во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин!
Честите нека е празникот и честито нека е името на оние што го носат името на Светиот Архангел Михаил.
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар