Писмо до свештеникот К., за светската криза.
Ме прашуваш, Божји човеку, за причината и значењето на настанатата криза. Кој сум јас, да ме прашувате за оваа голема тајна? „Говори, кога имаш нешто подобро од молчењето“, вели Свети Григориј Богослов. Иако сметам дека молчењето е сега подобро од говорењето, сепак од љубов кон тебе ќе напишам што мислам во однос на тоа прашање.
„Криза“ – е грчки збор, кој во превод значи „суд“. Во Светото Писмо, зборот „суд“ се употребува многу пати. На пример, псалмопевецот го говори следново: „Затоа безбожниците нема да се одржат на судот“ (Псал. 1, 5). Понатаму: „Со песна ќе ги прославам милоста и судот, Господи“ (Псал. 100, 1). Мудриот цар Соломон пишува дека од Господа е судот за секого (види Изрек. 29, 26). Самиот Спасител вели: „Отецот не суди никого, но целиот суд Му го предаде на Синот“ (Јован 5, 22). А Свети апостол Петар пишува: „Време е да почне судот од Божјиот дом“ (1. Петр. 4, 17).
Замени го зборот „суд“ со зборот „криза“ и читај: „Затоа безбожниците нема да се одржат во кризата“, „милоста и кризата ќе ги воспеам“, „од Господа е кризата за секого“, „Отецот сета криза Му ја предаде на Синот“, „Време е да почне кризата од Божјиот дом“.
Порано, европските народи, ако ги погодела некоја несреќа, го употребувале зборот „суд“, наместо зборот „криза“. Сега зборот „суд“ е заменет со зборот „криза“. Ако се појавела суша или поплава, говореле: „суд Божји!“. Ако се појавела војна, епидемија, земјотрес, скакулци или друга непогода, секогаш говореле – „суд Божји!“. Значи кризата, е последица на суша, поплава, војна, епидемија и.т.н. И на сегашната светска криза, народот гледа како на суд на Божји, но истата не ја нарекува „суд“, туку „криза“, за неволјата да биде умножена со неразумност, бидејќи ако се изговори разумниот збор „суд“, би се знаеле и причината поради која дошла неволјата, би се знаел и Судијата, Кој ја допуштил неволјата, би се знаела и целта, заради која е допуштена неволјата. Но после замената на зборот „суд“ со зборот „криза“, истиот е неразбирлив за никого, бидејќи никој не може да објасни, ни зошто е таа, ни од кого е, ни за кого. Само по тоа се разликува сегашната криза од кризата, која се јавува како резултат на сушите, поплавите, војните, епидемиите, скакулци и другите несреќи.
Ти ме прашуваш за причината на сегашната криза или суд Божји? Причината е секогаш иста. Причината за сите суши, поплави, епидемии, зарази и други несреќи, е секогаш иста, како и сегашната, отстапувањето од Бога. Богоотстапништвото ја предизвика оваа криза, која Господ ја допушти за да ги разбуди и отрезни луѓето, да се поправат и вратат кон Него. Заради модерните гревови, модерна е и кризата. Навистина, Бог се служи со современи средства, за да ги вразуми современите луѓе. Он удира по банките и по целиот финансиски систем. Он предизвикува невидена паника и влева страв меѓу луѓето во целиот свет, за гордите европски и американски мудреци да се разбудат и сетат на Бога. Да се сетат на нивните души, да ги признаат своите беззаконија и да Му се поколнат на Севишниот и жив Бог.
До кога ќе трае кризата? Сѐ дотогаш, додека надмените лозари не ја признаат победата на Севишниот. Сè дотогаш, додека луѓето и народите не се сетат, неразбирливиот збор „криза“ да го преведат на свој мајчин јазик и со покајна воздишка да извикаат: „суд Божји!“.
Кажи и ти, чесни отче, суд Божји, наместо криза, и сѐ ќе ти биде јасно. Поздрав и мир од Господа!
Извор: http://pravoslavie.ru
Свети Николај (Охридски)