На 21.06.2020 г., во Втората недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Свети Ефрем, патријарх Антиохиски, Преподобен Зосим Финикиски и преносот на моштите на Светиот Великомаченик Теодор Стратилат, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Атанас Лажовски, Николче Димовски-Чонтев и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Појдете по Мене и ќе ве направам ловци на луѓе“ (сп. Мат. 4, 18).
Браќа и сестри, времето кога живеел Христос нашиот Бог и Спасител, имало разни проповедници, од кои едни проповедале за тоа дека тие можат многу да им помогнат на луѓето, а тоа всушност бил израз на нивната гордост и личен интерес, а други проповедале разни религии, кои се израз на човечкото мудрување, односно израз на она што го слушнале од многубошците за разни верувања во разни богови и суеверија, како што и денеска истото го проповедаат разни сектанти или таканаречени астролози или видовите луѓе и бајачи, кои ги слушаме на телевизиите, за кои нема спасение и Царство небесно, ако не се покајат и не постапат според советите на духовниците.
Ете, такво било времето кога живеел Спасителот наш Господ Исус Христос. Кој живеел во Назарет, а за Назарет се велело: „Има ли нешто добро во Назарет“ (сп. Јован 1, 46). Ете, оттаму излегол Господ, а најсаканото место што го имал, било Генисаретското езеро. Кога отишол таму, видел многумина рибари, како ги плават своите мрежи и наеднаш пристапил кон Андреј првоповиканиот и кон неговиот брат, Петар, и им рекол: „Појдете по Мене“ (сп. Мат. 4, 18), со други зборови, оставете ги мрежите и рибите, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе. Потоа Спасителот Христос пристапил кон Јаков и Јован, и нив ги повикал и така со ред ги избрал дванаесетмина Апостоли за Свои Ученици.
Оваа мала дружина што ја избрал Спасителот наш Господ Исус Христос, не е како оние проповедници за кои пред малку говоревме, кои во свое име проповедале и поради својата гордост мислеле дека можат да освојат многу луѓе.
Веднаш се поставува прашањето, зошто Господ избрал прости Галилејски рибари, како што читаме во Светото Писмо? Се вели дека Господ ги избрал простите, за да ги пострами таканаречените мудри од овој свет, ги избрал слабите од овој свет, за да ги пострами таканаречените силни во овој свет.
Ете, Господ избрал прости глалилејски рибари за Свои ученици, но ние веднаш се го поставуваме прашањето, зошто Господ не избрал учени луѓе или некои силници, како што бил Александар Македонски, Навуходоносот, Цезар или како што бил Наполеон Бонапарта? Одговорот на ова прашање го дал еден Свет владика, кој вели: „Ако Господ избрал такви, истото ќе се случело и со Неговото Евангелие и со Неговата проповед“. Кога ќе завршат силните, нивните царства се распаѓаат и нема повеќе ништо од тоа, како што тоа мошне добро го знаеме за оние силници, за кои пред малку ви говоревме.
Потоа, браќа и сестри, се поставува прашањето, како успеал Господ Исус Христос, овие прости галилејски рибари да ги направи толку силни, т.е. со своите мрежи да успеат да ја уловат целата вселена. Тоа Господ го направил, затоа што Он им го предал Своето учење, односно Светото Евангелието и на тој начин Апостолите биле научени во верата. Апостолите, биле простосрдечни луѓе со силна вера и голема љубов. Да се запрашаме, браќа и сестри, што било тоа и каква била таа нивна вера, тие така одеднаш да одлучат да Го изберат Христа и да тргнат по Него?
Како што слушнавме, нивната мрежа е учењето Христово, па токму затоа, по слегувањето на Светиот Дух на Апостолите на Педесетница, на Духовден, се слушнал глас дека Светите Апостоли и насобраниот народ, биле наводно поднапиени. Тогаш самиот Свети апостол Петар излегол пред насобраниот народ и им рекол: „Зар не знаете дека е деветтиот час и дека во ова време евреите, ни јадат, ни пијат, па затоа не е можно да се напијани, туку се просветлени од Светиот Дух“, како што пророкувал Светиот поророк Јоил: „Во последно време ќе го излеам Светиот Дух на вашите млади, на вашите деца и тие ќе пророкуваат“ (сп. Јоил 2, 28 ). И тогаш тие прашале што треба да прават, а Светиот апостол Петар им рекол да се покајат и да Го исповедаат Христа за Бог и Спасител. При оваа прилика, Свети апостол Петар уловил три илјади луѓе за Христа нашиот Бог и Спасител, а при друга прилика уште пет илјади луѓе.
Неговиот пример го следеле и останатите Свети Апостоли и така била целата вселена уловена од мрежите на Евангелието на Христа нашиот Бог и Спасител, преку силата и дејството на Светиот Дух, Кој слегол на Педесетница на Светите Апостоли.
Браќа и сестри, која била таа сила што овие луѓе, Светите Апостоли ги натерала да тргнат по Христа нашиот Бог и Спасител, Кој до тогаш бил скоро и непознат меѓу народите, меѓу луѓето?
Неговото крштевање, е моментот кога почнува и Неговата Света Мисија, која траела три ипол години меѓу луѓето. Тоа била всушност нивната силна вера во Бога, па затоа како што читаме во Светото Писмо, според Христовите зборови: „Кој сака повеќа, татко или мајка, браќа или сестри, жена или деца, ниви, куќи или имоти, не е достоен за Мене“. Токму од овие зборови биле просветлени Светите Апостоли, кои ги оставиле родителите, како што Јован и Јаков го оставиле татка си, мрежите, кајчињата и сè друго, и тргнале по Христа нашиот Бог и Спасител.
Ете, ваква била улогата на Светите Апостоли кога Христос нашиот Бог и Спасител ги повикал, и повторно се поставува прашањето, каде сме сега ние во таа ситуација, кога и ние денеска ги слушаме истите зборовите, како во денешното Свето Евангелие: „Појдете по Мене, и ќе ве направам ловци на луѓе“(сп. Мат. 4, 18). Тоа се однесува и за нас, браќа и сестри, но не значи дека Господ сите нас нè повикува да бидеме апостоли, зашто Светиот апостол Павле вели: „Зар не знаете дека сите вие сте Тело Христово“, односно верници и членови на Црквата Христова.
Понатаму Свети апостол Павле вели дека Бог прво ги избрал апостолите, потоа пророците, учителите и проповедници, кои го проповедале Словото Божјо и лекувале од секакви болести.
Ете, сите ние сме повикани секој сппоред својата служба, според својата професија, да имаме подеднаква улога во Црквата Божја. И најбогатите и најсиромасите, ако правилно постапуваат во животот, односно ако живеат во согласност со Светото Евангелие, ќе се спасат.
Управилелите и оние што се во законодавните домови, се повикани да носат закони, не спротивни на Евангелието и на учењето на Црквата Божја, не спротивни на Светото Писмо, Светото Передание и на учењето на Светите Отци, туку во согласност со нив, а не како што денеска под влијание на Запад, се носат закони спротивни на Евангелието.
Таквото насење на законите и таквото живеење според тие закони спротивни на Евангелиетое, е погубно, бидејќи Спасителот наш Господ Исус Христос вели дека повеќе треба на Бога да Му се покоруваме, отколку на луѓето. Ако ги почитуваме Божјите Заповеди и Закони, кои се согласност со Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, тогаш, браќа и сестри, сме на правиот пат и ќе го заслужиме Царстовто Небесно. Битно е ние да живееме според Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци.
Понатаму, секој од нас има своја служба и во службата треба да биде предаден, односно со љубов и одговорно да ја врши службата, ако сака да се спаси, а во псротивно нема спасение.
Браќа и сестри, во тој дух и укажуваме дека во денешното Свето Евангелие, токму на тоа нè повикува и нас, Спасителот наш Господ Исус Христос, односно едни сме повикани да бидеме учени луѓе, други сме повикани да бидеме писатели, инжинери, лекари или некои служби кои му служат на народот, а други се повикани да бидат занаетчии и да прават секакви други работи, кои се потребни на луѓето. Без оглед каква и да е вашата служба, каков и да е вашиот избор, каква и да е нашата работа, ако истата ја извршувате со љубов, одговорни и достојно и ако покажувате вистински пример на вистински христијани, не плашете се, ќе се спасите. Но обратно, ако мислите дека со службата што ја имате, кои и да сте од највисоките, па сè до најниските, ако сето тоа го правите за личен интерес, спротивно на Божјите Заповеди, Божјите Закони, спротивно на Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, тогаш, браќа и сестри, нема спасение.
Да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, која покажа совршено смирение, чие смирение потоа го следеа и Светите Апостоли.
Да се помолиме на Светите Апостоли, кои не ги пожалија своите животи за нашата Света Православна Вера и Црква. Преку нивните молитви и ние да имаме духовни и телесни сили, за да се избориме со сите искушенија што ни доаѓаат во светот, било тоа да се болести, страдања, или искушенија од било каков вид и да не заборавиме дека човекот е создаден не за умирање, туку за вечен живот.
По молитвите на Светите Апостоли, кои на денешен ден според Светото Евангелие, нашиот Спасител Господ Исус Христос ги избрал да го проповедаат Словото Божјо, Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар