На 04.12.2020 год, кога го празнувавме Воведувањето во храмот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во митрополитскиот храм „Свети Великомаченик Георгиј“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Децата треба да се носат во храмот Божји како што прилега!“
Господ, браќа и сестри, го создал човекот, и откако го создал, видел дека не е добро да биде сам, па затоа врз него пуштил длабок сон, а потоа зел едно од неговите ребра, од кое ја создал жената, како негова помошничка, па им рекол: „Раѓајте се, и множете се, и наполнете ја земјата, и владејте со неа“ (сп. 1. Мој. 1, 28).
Господ првите луѓе, не ги создал ниту за полигамија (многуженство), ниту за полиандријаза (многумажество), туку да бидат еден човек, па затоа Господ рекол: „Двајцата ќе бидат едно тело“ (сп. 1. Мој. 2, 24).
Па така, Господ го создал човекот за живот вечен и усовршување, според Христовите зборови: „Бидете совршени како што е совршен и вашиот Отец, Кој е на Небесата“ (сп. Мат. 5, 48).
Мажот и жената, се усовршуваат и надополнуваат еден со друг, и духовно растат за Царството Небесно за кое се и создадени, а не за грев, смрт и умирање, кое дошло како последица за непослушноста на нашите прародители.
Па така, заради непослушноста на нашите прародители, Самиот Бог, Синот Божји, Кој предвечно исходи од Отецот, посакал да стане човек, во сè да се изедначи со нас луѓето, освен во гревот, за да го подигне паднатиот човек од гревот и смртта, и повторно да го врати во заедница со Него, во Царството Небесно.
Ете, токму затоа било потребно да се роди Синот Божји од Пресвета Богородица, на која денес го празнуваме нејзиното Воведување во храмот Божји.
Да си спомнеме, браќа и сестри, дека Пресвета Богородица не е родена од телесна похот и желба за телесни наслади и уживања, туку од преголема желба и љубов на нејзините престари родители Јоаким и Ана, да добијат свое чедо, кое ветиле дека ќе Му го дадат на Бога.
Па така, тоа ветување, Светите праведни Јоаким и Ана, го исполниле на денешен ден, кога Пресвета Богородица наполнила три години и била донесена во храмот Божји. Пресвета Богородица, браќа и сестри, била украсена како прекрасна невеста со прекрасни облеки, но уште повеќе била украсена со добродетели, кои ги носела во себе. Бидејќи уште во само нејзино зачнување, таа во изобилство ја примила благодатта Божја и на ништо друго не мислела, освен на Бога.
Пресвета Богородица, е образец на носењето на Светиот Дух во себе, Кој изобилно се излева врз неа на денешен ден, кога таа влегува во храмот т.е. не само во делот во кој се молеле верните, туку и во Светиња над Светињите, каде што само еднаш во годината имал право да влегува првосвештеникот, за да го покади кадилниот олтар, каде што се наоѓал Ковчегот на Заветот, во кој била маната т.е. лебот, кој паѓал од небото во пустината и ги хранел Евреите, кои четириесет години, бегајќи од фараонот, патувале за да влезат во Ветената Земја Палестина, именувана земја во која тече мед и млеко.
Ете, во Ковчегот на Заветот, се наоѓал и жезолот Аронов, кој е праслика или праобраз на Пресвета Богородица, кој процутел. Па така, сето ова ни говори нам дека Пресвета Богородица, во храмот Божји живеела ангелски живот, каде се хранела со духовната храна, пребивајќи во постојана молитва, духовни песни и ракотворби.
Па така, Светата Црква, ни го дава примерот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и ние како треба да ги воспитуваме децата во нашата Света Православна Вера.
Затоа, нашата Света Црква, кога се прави големата молитва, кога децата се донесуваат храмот во четириесеттиот ден од раѓањето, кое уште се нарекува воцрковување, откако мајката на детето ќе биде очистена, укажува дека од тогаш, па понатаму, децата треба постојано да се носат храмот Божји. При воцрковувањето, машките деца, од страна на кумовите, обично се оставаат пред иконата на Спасителот Господ Исус Христос, а женските пред иконата на Мајката Божја, Пресвета Богородица, од каде потоа родителите си ги земаат. На тој начин се покажува дека машкото дете прво припаѓа на Христа Бога, нашиот Спасител, а женското на Мајката Божја.
Па така, децата правилно треба да се воспитуваат, бидејќи со воцрковувањето, децата веќе стануваат црковни. Црквата, браќа и сестри, е всушност првото училиште на децата, па затоа и Светиот апостол Павле, кога му пишува на Филимон, вели: „Благодат и мир и до твојата домашна црква“ (сп. Фил. 1, 2). Неговата домашна црква, се тој, како глава на семејната црква, заедно со сопругата и децата.
Во житијата на Светите се вели дека кога еден римски високодостојник Петроние влегол во домот некој си христијанин по име Аул, и кога го видел неговото прекрасно семејство, во кое имало и едно посвоено девојче по име Лигија, семејство кое имало совршена љубов, рекол: „Ова е вистинското семејство, а не семејствата кои се во нашата Римска Империја, кои живеат по примерот на Нерон“, царот римски, кој всушност бил најголемиот злосторник во тоа време, кој го гонел христијанството т.е. Христа Бога, па и Рим го запалил.
Затоа и ние сме должни правилно да ги воспитуваме децата во нашата Света Православна Вера т.е. да не водиме грижа само за материјалните и телесни потреби, туку најповеќе за духовните.
Родителите не треба во грев да ги зачнуваат децата, односно заради телесни наслади и ужувања, туку за да подигнат достоен христијански род.
Понатаму, исто така, и мајките правилно треба да ги носат своите деца во своите утроби во текот на бременоста, постојано пребивајќи во молитва, пост и подвизи.
За тоа како треба да изгледа и живее едно семејство, образец треба да ни бидат родителите на Пресвета Богородица, Светите Јоаким и Ана, кои сè што имале, прво го сметале за Божјо, а дури потоа за свое. И нашите стари, кога ќе ги прашале: чии се овие деца, велеле: „Прво Божји, па наши т.е. прво на Бога Му припаѓаат, а дури потоа нам.
А Спасителот наш Господ Исус Христос им рекол на Светите Апостоли: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не бранете им, зашто на такви е Царството Божјо“ (сп. Мат. 19, 14). Христос, браќа и сестри, децата ги благословувал, прегрнувал и бакнувал.
Некои велат дека ако детето се донесе во храмот во ладни или во многу топли денови, нема да биде добро за него. Тоа е сосема погрешно, зашто децата, како и сираците, сиромасите, вдовиците, болните и сите немоќни, ги чува Самиот Бог и Спасител. Кога децата се внесуваат во храмот Божји, тие забележуваат многу работи т.е. тие ги гледаат иконите на иконостасот и фреските, а родителите се должни сето тоа да им го појаснат, односно да им кажат каде стои иконата Христова, каде на Пресвета Богородица, на Свети Јован Крстител, на Апостолите, на храмовиот празник и.т.н., и на некој начин правилно ќе ги упатат. Децата, браќа и сестри, многу можат да разберат, бидејќи имаат чисти срца и души, и многу можат да научат за нашата Света Православна Вера.
Да не заборавиме дека децата се воспитуваат и во малата (домашната) црква т.е. семејството. Па така, во секое семејство треба да има мал домашен иконостас, пред кого да има запалено кандило, каде наутро и навечер, таткото, мајката и децата, ќе се молат и ќе читаат по неколку глави од Светото Писмо.
Ете, само на тој начин, децата правилно ќе се воспитуваат во нашата Света православна Вера. Должностите на родителите, е да се грижат не само за нивното телесно и физичко, туку пред сè за нивното духовно надградување и воспитување во нашата Света Православна Вера. Само на тој начин, ние ќе имаме вистинско домашно правилно семејство, но и совршена општествена келија, зашто општествената келија, келијта на општеството и државата, е семејството.
Па така, денес имајќи го во предвид овој голем и спасоносен празник, Воведувањето во храмот на Пресвета Богородица, истиот да го земеме како совршен пример за воспитувањето на децата во домашната Црква.
Ние, исто така, треба постојано да се молиме и да бидеме присутни на централното богослужение т.е. на Божествената Света Литургија, на која се најсилни молитвите, особено молитвите на канонот на Евхаристијата, кога Лебот и Виното, се претвораат во Тело и Крв Христови, за прошка на гревовите и за живот вечен. Амин!
Честите нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар