На 06.09.2020 г., во Тринаесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот свештеномаченик Евтихиј, Светиот маченик Татион, Светата маченичка Сира, Преподобен Арсениј Комељски и споменот на Свети Георгиј Лимниот (Езерски), Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Златко Костовски, ерејот Ецо Велјановски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Михаил“, во с. Могила.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: Тоа е од Господа и дивно е во очите наши“ (сп. Мат. 21, 42).
Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето Литургиско Евангелие, кое Спасителот наш Господ Исус Христос го кажал пред Еврејскиот народот, а исто така и пред книжниците, фарисеите и старешините јудејски. Своевремено за лозјето во Стариот Завет пишувал и Светиот пророк Исаија (види Иса. 5, 1).
Од Светото Евангелие слушнавме дека еден господар насадил лозје, го заградил со плот, т.е. со ограда, ископал бунар, изградил кула, а потоа лозјето го предал на лозари да го чуваат и обработуваат, и во свое време да му ги дават плодовите. Бидејќи лозарите биле зли и лоши, како што слушнавме од Светото Евангелие, Господарот при нив ги испратил Своите слуги, да ги поучат и потсетат лозарите дека треба да го обработуваат лозјето како што доликува, но се вели дека тие нив ги претепале. После тоа Господарот испратил друг слуги, од кои едните ги убиле, а другите со камења ги затрупале. Тогаш Спасителот им рекол на јудејските старешини, фарисеите и садукеите: „Што мислите, како ќе постапи господарот на лозјето, кога ќе дојде да си ги побара плодовите од лозјето?“ (сп. Мат. 21, 40), а тие рекле: „Лошите лозари ќе ги казни со лоша смрт, а лозјето ќе го предаде на добри лозари, кои лозјето ќе го обработат убаво и навреме ќе му ги даваат плодовите“ (сп. Мат. 21, 41). Ете, со тоа всушност старешините јудејски, првосвештениците, фарисеите и садукеите, самите себеси си изрекле осуда, бидејќи токму тие биле лошите лозари, на кои Господ им го доверил лозјето. Господ понатаму им вели: „Зар не знаете дека каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана глава на аголот: Тоа е од Господа и дивно е во очите наши“ (сп. Мат. 21, 42).
Браќа и сестри, сите раскази и сите параболи што ги кажал Спасителот наш Господ Исус Христос, имаат свое преносно или алегориско значење, па затоа треба да се објаснат и протолкуваат. И еве, ќе се потрудиме да го објасниме преносното значење на денешното литургиско Свето Евангелие.
Господарот што насадил лозје, е нашиот Бог Отец, браќа и сестри. Понатаму се вели дека Он направил ограда (плот) да го заштити лозјето од напасници, а тоа значи дека на Евреите, како на избран Божји народ, им го дал законот Божји, кој им бил предаден преку Светиот пророк Мојсеј. Бунарот кој го ископал господарот, ги претставува пророштвата на пророците за Месијата, за Спасителот наш Господа Исуса Христа, кои им ги дал, од кои тие требало да се поучуваат и да бидат будни стражари т.е. да направаат онака како што им советувале пророците. Господарот, исто така им направил и кула, а кулата е старозаветната Црква, која го чувала учењето за нашата вера, за доаѓањето на Месијата, Синот Божји, Спасителот наш Господа Исуса Христа. Откако Еврејскиот народ, кој бил повикан да го чува лозјето, почнал неодговорно да се однесува кон законите и пророштвата, кои ги пророкувале Светите пророци, Господ им рекол: „Затоа ви велам дека царството Божјо ќе се одземе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови“ (сп. Мат. 21, 43).
Ете, браќа и сестри, се случило токму онака како што претскажал Спасителот наш Господ Исус Христос, бидејќи Еврејскиот народ, односно еврејските старешини, првосвештениците, фарисеите и садукеите, кои биле повикани да го обработуваат лозјето, т.е. да го поучуваат народот да живее Свет и божествен живот, тие тоа не го направиле, односно не се грижеле за народот Божји, за старозаветната Црква, онака како што биле задолжени, па токму затоа во денешното Свето Евангелие беше речено дека ќе им се одземе Царството Божјо и ќе му се даде на друг народ, а другиот народ е всушност незнабожечкиот народ, чиј апостол е Светиот апостол Павле.
На почетокот од проповедта, браќа и сестри, пропуштивме да кажеме дека Господaрот на крај го испратил и Својот син и рекол: „Ќе го испратам мојот син меѓу нив, и тие најверојатно ќе се посрамат од него“ (сп. Мат. 21, 37). Но, иако Господарот го испратил својот син, тие не се посрамиле од него, туку рекле: „Овој е наследникот на лозјето, ајде да Го убиеме и да се ослободиме од него и да го присвоиме лозјето“ (сп. Мат. 21, 38).
Па така, се вели дека Синот на Господарод, со извеле надвор од градот, а тоа значи надвор од Ерусалим и таму го убиле, односно Го распнале Спасителот наш Господа Исуса Христа.
Светиот апостол Павле толкувајќи го ова место вели: „Спасителот Христос, Кој е распнат надвор од лозјето, значи дека Христос ја пролеал Својата Света и Спасоносна Крв, не само за старозаветната Црква, за избраниот Еврејски народ, во Стариот Завет, туку и за сите луѓе од сите времиња. Ете, тоа е всушност суштината на распнувањето на Господа Исуса Христа, надвор од градот Ерусалим, т.е. на Голгота. Иако Господ во Стариот Завет премногу се грижел за Евреите како богоизбран народ, тие тоа не го оправдале.
Да си спомнеме само како Господ го изведе еврејскиот народ од Египетското ропство, односно како по суво ги преведе преку Црвеното море, а во морето го удави фараонот со неговата војска. Како Господ ги хранеше од облакот, кој Го претставуваше Христа, и им пушташе небесна храна, односно мана во пустината. Исто така, да си спомнеме како Господ ги поеше со вода од карпата, која потече, по молитвите на Светиот старозаветен пророк Мојсеј. Како Господ ги воведе во Ветената Земја Палестина, во која тече мед и млеко. Ете, за сето тоа, тие што направија? Се вели дека слугите негови, т.е. пророците и старозаветните праведници, ги претепаа, вторите ги убија, а третите со камења ги затрупаа.
Кога Господ вели: „Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците твои и со камења ги затрупуваш“, укажува на грешките и гревовите на еврејските старешини, првосвештениците, фарисеите и садукеите. браќа и сестри. Понатаму, кога веќе Господ Го испратил Својот Единотроден Син, Спасителот наш Господа Исуса Христа, тие Него не Го препознале и не Го примиле. Што се случило? Тие тогаш одлучиле, како што читаме во Светото Писмо, да свикаат синендрионска седница на големиот суд што во тоа време одлучувал во нивната јудејската земја и донеле одлука да Го убијат Спасителот Христос, бидејќи Он правел многу големи чуда, поради кои народот ќе тргне по Него, а нив ќе ги напушти. Ете, затоа донеле одлука да биде убиен, бидејќи само така можеле да се спасат. Па така, Синендрионот донесол одлука Христос да биде убиен со распнување на Крст на Голгота.
Еден новозаветен писател од првите векови по Христовото раѓање, на прекрасен начин опишува како ја видел Црквата Божја. Тој вели дека Црквата Божја ја видел како голема духовна зграда, со прекрасни изделкани и изгладени камења, врз кои имало и други камења, врз кои биле поставени малечки камења, кои ги пополнувале празнините на недоволно изделканите камења. Сите овие камења се потпирале на еден аголен камен, кој бил цврстината или тврдината на зградата, за да се одржи таа зграда. Таа духовна зграда е Црквата Божја, браќа и сестри. Таа е Телото Христово, па токму како што телото не може да живее без душата, така и Црквата Христова не може да живее без нејзината Глава, Спасителот наш Господа Исуса Христа.
Ова видување на пастирот Ерма, се однесува на Црквата Божја, на Аголниот Камен, кој во Стариот Завет го имаме како огромна карпа, од која извира жива вода, од која се напојувала старозаветната Црква, еврејскиот народ, а во Новиот Завет, тој камен е Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој што го пои народот со жива вода, која тече во живот вечен, и сите оние што се жедни ги повикува да дојдат и да пијат од таа жива вода.
Христос нашиот Бог и Спасител, е Оној, Кој ја создал Црквата Своја, која е Негово Тело, која е всушност Светата Евхаристија, Причесната, Телото Христово, благословениот Леб, што на Божествената Литургија се претвора во Христово духовно Тело, а благословеното Вино, во духовна Крв на Христа нашиот Бог и Спасител. И така, ние не можеме да замислиме дека можеме да постоиме без Каменот, врз кој е изградена Црквата Божја.
Затоа ќе рече и Светиот апостол Петар: „Зар не знаете дека вие верните (со свештенството, монаштвото и епископот, кој го претставува Христа нашиот Бог и Спасител), сте живите камења, кои треба да се вградите во Црквата Божја“.
Како што овие материјални камења се вградени во материјалната зграда, која се нарекува Црква, заради живата Црква, така и вие верните чеда, заедно со свештенството и монаштвото, собрани околу својот Архиереј, треба така да се вградите во Црквата Божја, т.е. врз оние прекрасно изгладени камења, како што рекол пастирот Ерма.
Убаво изгладените камења, се всушност Апостолите, браќа и сестри, а недоволно изгладените камења, кои се гладат и треба да се изгладуваат, сте вие верните, кои заедно со нас свештенослужителите, треба да се гладиме, односно да ги очистиме нашите срцата од гревовни желби, похоти, страсти, чувства и грешни дела. Па така, кога ќе се изгладиме т.е. кога ќе се ослободиме од гревовите, ние ќе ја направиме вистинска и жива нашата Света Православна Црква, и ќе се вградуваме врз оној голем Камен, што го отфрлија ѕидарите, Кој е главата на здравата духовната Црква, а тоа е Спасителот наш Господ Исус Христос, како Глава на Црквата, а верните со свештенството и монаштвото, собрани околу Епископот, ја претставуваат големата Христова Црква.
Да се помолиме, браќа и сестри, и преку денешното Свето литургиско Евангелие, да се научиме како треба да живееме, за да се вградуваме како живи камења во Црквата Божја.
Ние всушност, браќа и сестри, сме втората Црква, а тоа е новозаветната Црква, зашто од првата многу Евреи беа отфрлени, бидејќи тие го отфрлија Аголниот Камен, Христа нашиот Бог и Спасител, а ние како многубошци, кои не знаевме за Бога, по Божја милост, а не по наша заслуга, стануваме членови и живи камења на Црквата Христова. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар