На 28.06.2020 г., во Третата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот пророк Амос, Свети маченици Вит, Модест и Крискентија, Преподобниот маченик Дула и споменот на Блажениот Августин, епископ Ипонски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Не грижете се за вашиот животот на земјата, што ќе јадете, што ќе пиете, или во што ќе се облечете? Најнапред барајте го Царството Божјо и Неговата правда, а останатото ќе ви се придаде (сп. Мат. 6, 31-33).
Во оваа Трета недела по Педесетница или Духовден, браќа и сестри, слушнавме од денешното Свето Евангелие, како Господ укажува кои се најбитните работи на човекот за време на неговиот живот на земјата. Евангелието започна со зборовите: „Ако окото ваше е светло, целото ваше тело ќе биде светло. Ако окото ваше е темно, тогаш целото ваше тело ќе биде темно“ (сп. Мат. 6, 22-23).
Кога ние го читаме Светото Писмо, знаеме дека зборовите искажани во него, чесопати имаат своја алегориска или преносна смисла, па така ние треба да ја знаеме пораката на тие зборови, односно на што тие се однесуваат. Зборовите од денешното Евангелие за нашето око, се однесуваат на нашиот ум, бидејќи човекот е создаден според Божјата слика и прилика, односно Божјата слика е во душата на човекот, а тоа значи дека човекот е создаден според Божјиот Лик, според Божјиот образец, бидејќи Бог е Троичен – Отец, и Син и Дух Свети. Па така и човечката душа е создадена од Бога тројна, односно од три посебни нешата, а тие се: умот, разумот и волјата. Овие три дела на душата, кои кореспондираат на Трите Лица на Света Троица, Отецот, и Синот и Светиот Дух, се најбитните нешта на кои треба да обрнеме внимание.
Ние преку нашиот ум, можеме да го гледаме Бога, и затоа е многу битно, нашиот ум да биде светол, а тоа значи во нашиот ум да не дозволуваме да се вгнездуваат грешни мисли, помисли и фантазии, а исто така од умот, да не дозволиме тие да слезат во срцето, па да имаме грешни чувства, желби, похоти и страсти, од кои произлегуваат и грешни дела. Ако од тоа се запазиме, како што се вели во Светото Писмо, односно ако нашето око и нашиот ум бидат чисти, и ако нашето срце не биде заробено од грешните чувства, желби, похоти и страсти, кои потоа преминуваат и во грешни дела, тогаш, браќа и сестри, ние сме на правиот и вистинскиот пат, односно на патот на спасението на нашите души и тела. Па оттаму е кажано во денешното Свето Евангелие, дека ние не треба да се грижиме за нашиот живот, односно за тоа што ќе јадеме и што ќе пиеме, ниту за телото во што ќе го облечеме.
На човекот, како на Божјо создание, не му е приоритет, повеќе да се грижи за земниот живот и за неговото тело, туку најнапред треба да се грижи за својата душа, која нема потреба од телесна храна и пиење и од телесни уживања и удобности, туку душата се храни со Божјиот Закон, а Божјиот Закон е Светото Писмо на Стариот и Новиот Завет. Во Божјиот Закон, исто така се и Светите Канони, односно правилата кои Светите Отци на нашата Света Црква ги донеле на Вселенските и Помесните Собори, и ги објасниле сите нешта што се запишани во Светото Писмо, а тоа е всушност Светото Предание, кое нам ни се дава од поколение на поколение, во Црквата.
Зошто Господ вели дека ние не треба многу да се грижиме за нашиот живот на земјата?
Ова Спасителот го вели, не со цел дека ние не треба да правиме нешто на земјата, бидејќи од Светото Писмо знаеме, дека Спасителот Господ Исус Христос работел, односно бил дрводелец. Господ исто така, по прекршувањето на Божјата заповед од страна на нашите прародители, на Адама му рекол: Со пот од лицето свое ќе јадеш леб, односно со труд да го заработува лебот, од земјата која ќе му дава трње и корења (сп.1. Мој, 3, 18-19).
А Светиот апостол Павле вели: оној што не работи, не треба ни да јаде (сп. 2. Сол. 3, 10), а тоа значи дека ние сме должни да работиме и да придонесуваме, но тоа не смее да биде приоритет во нашиот живот, бидејќи приоритет и предност има спасението на нашата душа.
Во што се состои грижата за нашите души? Господ вели најнапред да го бараме Царстовто Божјо и неговата правда.
Царстовто Божјо, браќа и сестри, е ние тука на земјата да воспоставиме ред и поредок, односно да го исполниме Божјиот Закон, да живееме во согласност со Светото Писмо и Светото Предание, зашто Спасителот Христос рекол: Моја мајка, мои брќа, мои сестри и мои пријатели, се оние кои ги исполнуваат Моите Заповеди (сп. Мат. 12, 50). А ние ако ги исполниме Божјите Заповеди, тогаш ние сме вистински Христови чеда и Христови пријатели. Па оттаму Господ укажува и прави споредба со птиците небесни, кои ни сејат, ни жнеат, ни во амбари собираат, но сепак Господ се грижи за нив, и ниедно од тие пилиња, браќа и сестри, без Божјата волја нема да падне, нема да загине, а тоа значи, дека ако Господ за нив така се грижи, кои не се создадени според Божјата слика и подобие, тогаш колку повеќе Господ се грижи за нас недостојните, создадени по нов лик и подобие.
Господ го создал рајот и таму ги населил Адама и Ева, но заради гревот кој го направиле, преку неисполнување на единствената Божја заповед, Господ како што им рекол, дека ако вкусат од забранетиот плод ќе умрат, па така тие умреле, најнапред духовно, а потоа, кога дошло времето и телесно. Но Господ, не престанал и покрај тоа што згрешиле нашите прародители, да се грижи за луѓето на земјата.
Како последица на тоа, Господ од небесата го испратил Својот Единороден Син, да слезе на земјата, да се изедначи во сè со луѓето, освен во гревот и да поживее меѓу луѓето. Спасителот наш Господ Исус Христос од преголема љубов кон луѓето, пострада на Крст и ја пролеа Својата Света и спасоносна Крв, преку која нè ослободи нас од гревот и смртта, за повторно да нè воведе во Царството Небесно.
И сега, кога сите ние денеска разговараме за тоа и велиме, па добро сега ние најповеќе треба да се грижиме, за тоа што ќе јадеме, што ќе пиеме и во што ќе се облечеме, заборавајќи дека телото е од земја создадено и во земја ќе се врати, а душата која е од Бога дадена, при Бога ќе се врати.
Денеска ние исклучиво мислиме само за материјалните нешта. Денеска ако на една страна го ставиме сето она што ние го правиме за душата, а потоа и она што ние го правиме за телото, тогаш убеден сум дека ние деведесет и девет посто, се грижиме повеќе за телото и материјалните богатства, за распадливото, за преодното, кое по смртта на никој начин не можеме да го задржиме, зашто кога ќе умреме, сето богатство останува на оние кои доаѓаат после нас.
Да си спомнеме, браќа и сестри, и за параболата на богатиот кој велел: „Душо моја, јади пиј и весели се, бидејќи имаш многу богатства за многу години„ (сп. Лука 12, 19). Господ му вели: „Уште ноќеска, сатаната и демоните, ќе ти ја земат душата твоја, и тоа што си го подготвил, на кого ќе остане?“ (сп. Лука 19. 20).
Кој од нас, браќа и сестри, кога заминува од овој свет, го понел и своето богатство? Никој! Знаеме дека кога човекот ќе умре, неговите најблиски и сакани, сакаат што побрзо да се ослободат од покојникот, односно да го погребат неговото тело, бидејќи е од земја и во земја треба да се врати.
Што понесува со себе човекот кога ќе умре? Човекот, браќа и сестри, ги понесува со себе само делата кои ги направил тука на земјата, добри или лоши, па одтаму треба да знаеме дека ние треба да се грижиме најнапред за Царството Божјо и неговата правда, а сè останато ќе ни се додаде, зашто Господ вели: „Погледнете ги криновите земни и тревата, колку се убави, но ви велам ни Соломон не се облече во сета своја слава, како еден од нив“ (сп. Мат. 6. 28-29). Тревата која ја гледаме и ја има во изобилство, се суши или ја пасе стоката, и денеска ја има, а утре не, истото тоа се случува и со човекот, денеска го има, а утре не. Единствено што човекот може да стекне тука на земјата, се добрите дела и чесниот живот, односно правдата Божја, мирот и љубовта.
Свети апостол Павле вели: „Царството Небесно не е јадење и пиење, Царството Небесно е правда, мир и љубов“ (сп. Рим. 14, 17). Ако ние живееме праведно на земјата, ако имаме мир во душите и срцата, ако имаме љубов кон Бога и кон ближните, тогаш, сме го исполниле Божјиот закон на земјата.
Меѓу Царството Божјо и Царството Небесно има разлика. Божјото Царство е благосостојба на земјата, која треба да биде усогласена со Божјите заповеди, Светото Писмо и со Светото Предание. Ако сакаме да го стекнеме Царството Божјо на земјата, ние треба да ги исполниме Божјите заповеди, да живееме во согласност со учењето на нашата Света Црква, односно да го почувствуваме предвкусот на Царството Небесно, а предвкусот на Царството Небесно ќе го почувствуваме, ако ние се спремаме подготвено да се причестиме со Телото и Крвта на нашиот Спасител, Господ Исус Христос.
Царството Небесно е блажено живеење по завршетокот на овој свет, по Второто Христово доаѓање овде на земјата, откако на сите луѓе ќе им биде судено, според нивните направени дела тука на земјата.
Затоа, браќа и сестри, ние денеска да се потрудиме да не го губиме времето во стекнување на големи богатства, туку да се грижиме за спасението на нашите души, преку чесен и достоен живот на земјата.
Затоа, најнапред ние да го бараме Царството Божјо на земјата и Царството Негово на Небесата, преку извршувањето на Божјите заповеди, преку живеење живот во согласност со Светото Писмо и Светото Предание, а останатото ќе ни се придодаде. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар