На 03.05.2020 г., во Третата Недела по Пасха (Недела на Жените Мироносици), кога го празнуваме споменот на Преподобен Теодор Трихин, Преподобен Анастасиј Синајски, Блажениот Анастасиј Синаит, патријарх Антиохиски, Блажениот Григориј, патријарх Антиохиски, Светиот апостол Закхеј, Преподобниот Атанасиј Метеорит и Света Тамара Грузиска, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Не бојте се! Вие Го барате Исуса Назареецот, Распнатиот. Он воскресна, не е овде. Еве го местото каде што беше положен. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петра, дека Он пред вас ќе отиде во Галилеја“ (сп. Марко 16, 6-7).
Денес, браќа и сестри, е Недела на Жените Мироносици.
Овие Свети Жени на нашата Света Православна Црква, се оние кои кога сите спиеле во онаа ноќ по саботата т.е. по погребението на Господа Исуса Христа во гробот, едните успокоени, затоа што мислеле дека е сè завршено со Него, а тоа биле неговите непријатели т.е. фарисеите, садукеите, првосвештениците и старешините еврејски, а Учениците Негови, како што им рекол дека сите ќе се разбегаат, се разбегале поради страв од Јудеите. Единствени кои во тоа време не спиеле и само на Него т.е. на Христа нашиот Бог и Спасител мислеле, биле Жените Мироносици.