На 04.01.2020 г., во предвечерието на празникот, кога го празнуваме споменот на Светиот Наум Охридски Чудотворец, Митрополитот Преспанско-пелагниски г. Петар отслужи Архиерејска Вечерна богослужба во манастирот „Свети Наум“, во Битола.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Откако си се соединил со Христа, си го оставил светот, преподобен Науме“.
Вечерва и утре, браќа и сестри, го прославуваме големиот духовник, испосник и Божји угодник Наум, Охридскиот Чудотворец, светител од нашиот род, кој заедно со Свети Климента, е придружник на Светите браќа Кирил и Методиј, во нивните значајни мисии, најнапред меѓу сарацените, (муслиманско племе на исток), каде Светите браќа ги убедувале муслиманите во христијанската вера, и им докажале со аргументи дека православната христијанска вера, е Богооткриена, а не измислена вера од некои луѓе, кои самите себеси се прогласиле за Божји пратеници или пророци.
Ете, тие се придружници и во онаа позната мисија меѓу Хазарите на Црното Море, каде што биле пронајдени моштите на Светиот Климент, епископот римски, според кој Свети Климент Охридски го добил името Климент, а исто така се придружници и во онаа најголема и најславна мисија што ја извршиле Светите браќа Кирил и Методиј меѓу моравјаните, односно меѓу луѓето од Моравија, кои биле всушност од истиот словенски род со сите словенски народи. Па така, имајќи голема желба за проповедање на Словото Божјо, на нивниот современ јазик, кој тогаш бил словенскиот јазик за сите словенски народи, тие побарале преку нивниот кнез Ростислав, а исто така и од Византискиот император Михаил и од патријархот, да им испратат достојни мажи што ќе им го проповедаат словото Божјо на разбирлив јазик.
Па така, откако била завршена мисијата на Светите браќа, Кирил и Методиј меѓу словените во Моравија и Панонија, голем број од нивните ученици биле протерани, а некои биле продавани како стока во Венеција и во другите западни краишта и земји, а Светите Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, преминувајќи го Дунав, биле примени од Боритакан, тогашниот болјар на Бугарското царство.
Тие, извесно време престојувале на царскиот двор во Преслав, а Свети Климент бил испратен во Кутмичевица, (област некаде околу Охридското езеро и јужна Албанија и Македонија), да ја врши учителската мисија, а од 893-та година, по седум годишна проповед таму, откако бил избран за епископ, по седум години таму доаѓа и Свети Наум.
Според учењето и кажувањето на некои слависти, се мисли дека Свети Наум и Свети Климент, не биле само духовни браќа, туку дека можно е да биле и браќа по тело, но тоа не е битно, битно е дека учителското дело што го започнал и извршил седум години Свети Климент во Кутмичевица и во Охрид, го продолжил Свети Наум.
Свети Наум, браќа и сестри, бил повеќе аскет или духовник, кој што се грижел со подвизи да му угоди на Бога во манастирот, кој го подигнал и посветил на Светите Архангели на брегот на Охридското езеро.
Според некои духовници се мисли дека во неговиот манастир имало и до триста монаси. Најбитното од сè е дека целосно му се предал на Бога и со својот пример што им го давал на монасите и на верниот народ, заслужил уште за време на својот земен живот да биде почитуван како свет и чудотворец, за кои чуда вие многу добро знаете дека не престанале ни во денешно време.
Многумина од оние кои боледувале од разни болести, а побарале преку неговите молитви заштита од Бога да се излекуваат од своите болести на неговиот гроб, поклонувајќи Му се на Бога, преку неговите молитви биле излекувани од секакви болести, но особено од напади на демоните. Па така, браќа и сестри, Свети Наум, се здобил со епитетот преподобен.
Што значи преподобен? Преподобен значи, дека го здобил она подобие што го имал нашиот прататко Адам, кога бил во рајот, пред да го направи првородниот грев со нашата прамајка Ева, јадејќи од забранетиот плод. Тоа значи дека се удостоил до тој степен духовно да се усоврши, да го очисти своето срце од секаква нечистотија, да го очисти срцето од грешни желби, чувства, похоти и страсти и да се ослободи од грешни дела, а умот да го просветли, не дозволувајќи во него да влегуваат грешни мисли, помисли и фантазии, со кои нешта, ние денес во овој современ свет сме премногу завземени и оптоварени. Ете, на таков начин Светиот Наум, го здобил бестрастието.
Здобивајќи го бестрастието, станал свет и преподобен и ни оставил нам прекрасен пример како и ние да можеме да се усовршуваме според Христовите зборови: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат. 5, 48). Што значи, не е невозможно, браќа и сестри, да го здобиеме бестрастието.
Свети Кирил Солунски вели дека секој човек може да се усоврши и да постане свет, бидејќи нашето назначување на земјата, не е ништо друго, освен да постанеме свети.
На Божествената Литургија, кога епископот или свештеникот, го подигнува Агнецот вели: „Светињата е за светите!“, што значи оние што се подготвиле и што се потрудиле да живеат свет живот, ним им припаѓа светињата.
Во тој дух да се помолиме на Свети Наум, Охридскиот Чудотворец, преку неговите свети молитви, како што и тој станал храм на Светиот Дух, и ние да се потрудиме нашите тела да ги подготвиме да бидат храмови на Светиот Дух, па да можеме по примерот на Светиот апостол Павле да речеме: „Јас не живеам, туку Христос живее во мене“ (сп. Гал. 2, 20). Амин!
Честит нека е празникот и за многу години!
Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар