На 03.06.2020 г., кога го празнуваме споменот на Светиот цар Константин и Светата царица Елена, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Оливер Ивновски, свештеникот Гроздан Богевски и ѓаконот Златко Крстевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Константин и Елена“ (Влашка Црква), во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир ги познава своите овци. Имам и други овци кои треба да ги приберам и ќе биде еден пастир и едено стадо“ (сп. Јован 10, 14, 16).
Денешниот празник, браќа и сестри, е посветен на Светите рамноапостолни цареви Константин и Елена.
Времето кога Светиот цар Константин управувал со еден дел од тогашната Римска Империја, после неговиот татко, е всушност времето кога состојбите во самата Империја биле многу лоши, а тоа е првата половина од четвртиот век. Нему му предстоеле три војни, односно првата со Максенциј, втората војна со Скитите кај Дунав, а третата војна била со Византијците.
Римската Империја, гледано од аспект на тогашното општество, била како мртовец кој е на постела и умира, зашто тогашниот начин на управување со државата бил веќе неподнослив, бидејќи Римската Империја била многубожечка империја, односно верувале во многу богови.
Царевите честопати самите се прогласувале за богови и се именувале Августи. Христијанството било застапено во мала мера т.е. некаде околу дванаесет насто во Источниот дел во Царствето, а околу педнаесет насто во Западниот дел од Царсвото.
Три векови т.е сè до времето на Светиот цар Константин, христијаните биле прогонувани на разни начини, односно биле убивани, на Крст распнувани, горени, а исто така и ставани во бунари, потопувани во реки, езера и води, односно мачени на секакви начини. Начинот на кој мачени и убивани бил неподнослив, бидејќи честопити биле предизвикувани на двобој и така убивани. Христијаните биле фрлани пред животните во арените, така што чинот на страдањето на христијаните во тие први три века, бил скоро неразумен за разумните луѓе, но христијаните не се откажале од Христа нашиот Бог и Спасител. Страдањето на христијаните, е всушност доказ дека Црквата Христова е неуништива, односно дека не може да се уништи со убивање на христијаните, туку напротив, со тоа уште повеќе се зацврстува. Еден богослов во тоа време ќе рече: „Крвта на христијаните станува семе за нови христијани“. Колку повеќе биле убивани христијаните, толку посилна била Црквата во тоа време. Христијаните доброволно оделе во смрт, браќа и сестри, со пеење црковни песни и псалми.
Во црковната историја имаме еден случај, кога еден голем учите на Црквата во тоа време Ориген, кој гледајќи и слушајќи како христијаните со радост пеејќи псалми одат во смрт, презирајќи ја земната Татковина и земните градови, заради Небесниот Ерусалим, Небесната Татковина и Царството Небесно. Ете тој, кога бил во бањата и се бањал, ги слушнал христијаните како со песни одат на смрт, па заборавил дека е необлечен и потрчал и тој со христијаните да пострада за нашата Света Православна Вера.
Браќа и сестри, ете, таква била состојбата на Црквата Христова во тоа време, а Светиот цар Константин откако успеал да ги победи другите, му останала уште борбата со Максенциј, кој три пати бил поброен со војска од царот Константин. Кога царот Константин размислувал како ќе успее да го победи Максенциј, кој трипати бил посилен и поброен со војска од него, одеднаш на небото на сред пладне видел Крст со натпис, кој бил јасен и украсен со ѕвезди и на кој пишувало: „Со овој знак ќе победиш!“
Откако Христос, нашиот Спасител, му се јавил на Светиот цар Константин и му рекол на сите орудија и штитови да стави Крстови и да напише дека со Крстот Христов ќе победи, тргнал во борба против Максенциј, па така кај Милвијкиот мост успеал да го победи, со помошта Божја, а Максенциј се удавил во реката Тибар. После тоа, Светиот цар Константин го префрлил местото на управувањето, односно од тогаш па натаму, главен град да не биде Рим, туку да биде Византон, тогашниот мал град на Босфорот, кој понатаму го добил името Константинопол, по царот Константин или Цариград, бидејќи станал царски град.
Светиот цар Константин, за тоа што Го направил Господ кон него, сакал да Му се оддолжи на Бога, па затоа издал указ, со кој им била дадено слобода на христијаните, иако во тоа време бројката на христијаните била незабележителна, како што спомнавме, односно дванаесет насто во источниот дел, а петнаесет насто во западниот дел на Римската Империја.
Христијанството добило целосна слобода, а царот го променил и самиот систем на управување со државата, кој бил во согласност со моралниот живот, со учењето на Светата Православна Црква, со учењето на Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, па така отпочнал животот во тогашната Империја, и од тогаш па понатаму, Црквата Христова почнала да се шири насекаде и бројот на Православните Цркви се зголемувал насекаде во Империјата.
Светиот цар Константин, преку мудроста и советувањето на своја мајка, Светата царица Елена, која била многу мудра жена, почнал христијански да управува со Империјата, со новата држава именувана Ромејска држава, државата на римјаните, со седиште во Цариград или Константинопол.
Светиот цар Константин, боледувал од тешка болест, па му било советувано да се бања во крв од убиени деца, односно во крв од заклани деца, според тогашната многубожечка вера или религија, но тој откако се крстил, бидејќи имал силна вера во Бога, бил излекуван од својата болест, преку молитвите и застапништвото на Светиот епископ Силвестер.
Неговата мајка, благочестивата царица Света Елена, копнеела, браќа и сестри, по Светите места, односно сакала да ги посети местата каде што Спасителот наш Господ Исус Христос, како Син Божји и Богочовек се родил во Витлеем, а и сите други места во кои Христос го минувал својот живот и како дете, и како возрасен и особено откако ја отпочнал Својата проповед по Својата триесетта година.
Света Елена сакала да ги посети местата каде што Спасителот Христос лекувал од секакви болести, каде што бил малтретиран, каде што бил суден и неправедно осуден, биен по плеќите, шамаран, каде што Му ставиле трнов венец на главата и Му го дале да го носи Крстот, на кој требало да биде распнат, а исто така и Неговиот гроб.
Сите овие Свети места, Света Елена ги посетила и од силна желба да го најде Крстот, на кој бил распнат Христос нашиот Бог и Спасител, таа наредила да биде урнат многубожечкиот храм на Голгота, бидејќи според преданието и кажувањето на некој стар човек евреин, на тоа место бил закопан Крстот Христов. Откако бил најден Крстот Христов, покрај него биле најдени уште другите два крста на разбојниците, па за да се утврди кој е Христовиот Крст, врз Христовиот Крст ставиле некој мртовец, кој веднаш воскреснал, а тоа било знак дека тој е вистинскиот Христов Крст, на кој бил распнат нашиот Спаисител. На тоа место, Света Елена изградила храм посветен на Хриството Воскресение.
Браќа и сестри, за животот и делата на Светиот цар Константин пишува отецот на христијанската црковна историја Евсевиј Кесариски, а Рфим пишува за животот на Светата Елена, царицата и мајката на Свети Константин. Овие Божји луѓе, царот Константин и царицата Елена, се прогласени за рамноапостолни. Што значи тоа рамноапостолни? Тоа значи дека по своите дела и по проповедта на верата Христова, тие се еднакви на Апостолите. Преку проповедта на Светиот цар Константин и неговата мајка, Светата царица Елена, скоро целиот западен дел на Империјата бил христијанизиран, а Црквата Христова за времето на царот Константин во 313 година станала државна установа и на тој начин христијанството се раширило во целата вселена.
Браќа и сестри, делото на овие Божји угодници е скоро ненадминато, но се поставува прашањето, дали ние денеска по седумнаесет векови на проповедтта на Словото Божјо, на Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, ние православните Македонци и останатите православни христијани во Македонската Православна Црква, го паметиме и подражаваме делото на Светите рамноапостолни цареви Константин и Елена? Дали ние, браќа и сестри, како нив, како Свети цар Константин и Светата царица Елена, копнееме по нашата Света Православна Вера? Дали ние како Света Елена, копнееме по Светите места, со таков пиетет, со таква ревност и почит, а тоа се нашите Свети Православни цркви и манастири, изградени со рацете на нашите православни христијани во нашата библиска земја Македонија? Дали ние имаме вистинска почит кон тие светињи, дали на големите празници, масовно се собираме на Светите Литургии, или доаѓаме само можеби еден насто од вкупниот број на православни крстени во нашата земја Македонија. Дали ние, браќа и сестри, копнееме по небсниот Ерусалим и по небесната Татковина, Царството Небесно, или повеќе копнееме по нашите земни градови, села и населби и повеќе се грижиме за земните, материјалните и преодните нешта и работи, отколку за духовните. Факт е дека повеќе мислиме на телото, односно на јадењето, на пиењето, на прејадувањето, на облекувањето, со цел да го свртиме вниманието на другите кон нас и.т.н.
Дали ги постиме постите, браќа и сестри, како што ги постеле овие Свети луѓе? Дали ние како православни христијани сме подготвени ако затреба и животот свој да го дадеме за нашата Света Православна Верата, како мачениците од првите векови на христијанството? Факт е дека не можеме да го направиме тоа, бидејќи ние денеска си дозволуваме само за некои мали земни придобивки да се откажеме од нашата Света Православна Вера. Ние не си ја сакаме ни Татковината како што треба да ја сакаме, па затоа ја напуштаме, односно масовно се иселуваме од Македонија и ќе ја оставме на другите кои копнеат по неа да ја имаат. Ќе се викаме Македонци без Македонија, ќе се нарекуваме православни, без Православната Вера и Црква, ако продолжиме вака, браќа и сестри.
Затоа мојот совет, мојот апел и мојата молба до сите вас, е да се потрудите и да им укажете на вашите најблиски, односно на вашите, браќа и сестри, татковци и мајки, баби и дедовци и на сите блиски, да знаат дека ние сме православни и дека православните христијани во времето на Свети Константин и Елена, сè презирале и го жртвувале својот живот за својата Православна Вера. Тие го презирале временото, заради вечното, а ние вечното го презираме заради врменото, земното и материјалното. Стоката и животните ќе бидат пооправдани на Страшниот Суд Бижји, браќа и сестри, од православните христијани, кои се крстиле, миропомазале и.т.н, ако не ја разберат суштината на нивното назначување, односно дека човекот е создаден да биде во заедница со Бога Троичниот, Отецот, и Синот, и Светиот Дух во Царството Небесно, со Мајката Божја, Ангелите и Сите Свети, а не е создаден да биде на земјата, да јаде, да пие, да се прејадува, да се опива и да умре и од него ништо да не остане, т.е. да исчезне. Господ рекол дека сè што создал, нема да пропадне никогаш т.е. довека. Да не се лажеме дека кога ќе умреме завршува сè. Не, Господ кажал дека кога ќе дојде Страшниот Суд, ќе застанеме пред Него, и како што пастирот ги одделува овците од козите, така и Он ќе ги оддели оние што ја извршувале Неговата Света волја, кои живееле според Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци и учењето на Црквата Христова, од оние што го презреле тоа.
На Страшниот Христов Суд, сите ние ќе добиеме според нашата заслуга, според нашата вера и според нашите дела. Упатувам уште еднаш апел до сите вас, со цел да се угледаме на денешните славеници, Светите цареви Константин и Елена, кои Црквата Христова како столбиви ја зацврстија, а ние во денешно време, браќа и сестри, да не ги уриваме тие столбови на Црквата што тие ги поствија. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар