На 06.05.2020 г., кога го празнуваме споменот на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на игуменот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на „Свети Великомаченик Георгиј“ во Ресен.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Како ослободител на пленетите и затворените, и како заштитник на немоќните, лекар на слабите и поборник на царевите, бил, е и останува, денешниот славеник, браќа и сестри, Светиот Великомаченик Геогриј Победоносец, кој што живеел во последната четвртина од третиот и првите три години од четвртиот век.
Ние денес нема да говориме за неговото житие, зашто помалку или повеќе вам тоа ви е познато, туку ќе говориме за оние нешта кои се искажани во неговиот тропар т.е. во содржајната песна за неговиот живот, за неговите постапки, за неговиот прекрасен пример како служител на народот Божји, кој имал цврста вера во Христа нашиот Бог и Спасител и неопислива и неотклонива ревност и љубов.
Браќа и сестри, станува збор за светител на нашата Света Црква, кој заедно со Светиот Великомаченик Димитриј Мироточиви Солунски, се воинственици. Кога говориме за Свети Георгиј Победоносец, ќе спомнеме дека тој бил војник во тогашната Римска Империја, кога со неа владеел царот Диоклицијан, кој се покажал како силен во сите борби и војни во тоа време што ги трпела тогашната империја од Аварите, од Сарацените, од Персијанците и оние источни народи.
Светиот Великомаченик Георгиј, бил воспитан во христијанската вера од неговата мајка, а неговиот татко го загубил животот за Христа нашиот Бог и Спасител во неговото рано детство животот. Па ете, тој останал доследен во одбрана на својата Татковина и се покажал толку силен што царот го произвел во чин трибун, односно во еден од највисоките чинови во тогашната Римска Империја или како оној што очекувал него да го замени како цар во, Римската Империја.
Свети Георгиј си ја сакал Татковината и затоа се покажал како силен борец во војните против непријателите на земната Татковина. Свети Георгиј го сакал и царот, но многу повеќе го сакал Царот над царевите, Христа нашиот Бог и Спасител и многу повеќе ја сакал небесната татковина, Царството Небесно, отколку Земната Татковина, за која исто така бил подготвен да го даде својот живот. И така овој воинственик покажал, дека е ослободител на плениците, затворениците, кои ги имало во тоа време во голем број во тогашната Империја, кои незаслужено биле казнувани и ставани во затвори. Свети Георгиј ни покажал пример и нам, како да постапуваме со сите оние кои незаслужено се затворани и ставани во затвори кај нас, со цел и ние да бидеме праведни и да се застапуваме за нив т.е. да имаме критичка мисла и да оцениме правилно, кој е виновен, а кој не е виновен, не според нашето човечко мудрување или нашите интереси тука на земјава, туку според нашето очекување да го добиеме Царството Небесно и според нашата совест да процениме и тоа да го правиме, како што го правел Светиот Великомаченик Георгиј.
Но денеска, исто така ни се укажува нам на тоа дека не се затвореници и заробеници само оние кои се во затворите во нашата земја и пошироко, туку имаме голем број затвореници и заробеници, кои се заробеници на похотите, на страстите, на гревовната состојба и на различните видови на гревови, па така, тие луѓе на некој начин се уште поголеми затвореници или луѓе дадени во власт на сатаната, кој со нив управува.
Во тој дух, ние сме должни да им помогнеме и да ги ослободиме нив од канџите на гревот, од затворот, од решетките на сатаната, кој успеал преку нечесните луѓе, преку грешните луѓе, преку неморалните луѓе, преку клеветниците и другите да ги направат да бидат луѓе кои живеат во овој свет навидум слободни, но конечно потполно заробени од гревот, од гревовните страсти, од гревовните похоти, гревовните желби, гревовните чувства и.т.н.
Некој ќе рече, браќа и сестри, па ете јас не можам да одам по затворите и да ги ослободувам луѓето, но затоа имаме покрај нас такви затвореници што робуваат на многу страсти, на многу нечесни работи, на неморалот, на дрогата, на пијанството, на злобата, луѓе кои лажат на секој чекор до каде што ќе стигнат, кои мамат, кои прават многу нечесни работи, а тие всушност се затвореници на сатаната, односно на ѓаволот. Нив треба да се потрудиме да ги ослободиме со совети, со наш искрен и чесен пример и да им укажеме дека ние тука на земјата сме времени гости и порано или подоцна ќе треба да го напуштиме овој свет, и ќе дојде времето кога ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Христов Суд, за нашиот живот тука на земјата.
Па така, Светиот Георгиј Победоносец, бил лекар на оние што се немоќни и слаби, односно не бил само лекар на телесните слабости и немоќи, туку пред сè и на духовните, а со своите чуда, како тогаш, така и сега, ги лекува(л) луѓето од секакви болести, душевни и телесни. Во тоа време во Ливија, денешна Либија, имало некоја огромна змија, која во тоа време многубошците таквите суштества ги сметале за божества, па како на божества им се поклонувале на многу кипови или предмети изработени од рацете на луѓето, па ете, токму заради тоа што некои ја сметале таа змија за божество, која многу луѓе уништувала со својот здив и.т.н., па луѓето не смееле да излезат кон полето дури и од своите домови, каде што таа таму беснеела. Но Светиот Георгиј, силно се спротивставил на ова зло, кое било потхранувано од сатаната и ја убил таа змија, таа ламја, како што гледате и на самата икони, на која можете да видите како Свети Георгиј ја убива ламјата, односно таа крволочна змија што ги убивала луѓето.
Но, браќа и сестри, вистинската најкрволочна змија е сатаната, кого и Самиот Спасител Господ Исус Христос го нарекува змија. Токму нашата должност е, ние, како што Свети Георгиј ја убил таа змија, таа ламја во Либија и ги спасил луѓето од нејзиното изедување или уништување, и ние сме должни да се потрудиме сите оние што тргнале по советите на сатаната, по гревовните состојби, да ги спасиме од сатаната, кој како што вели Светиот апостол Петар: „Како лав оди наоколу и рика и чека некого да проголта“. Ете, ја нашата можност во таа смисла, да помогнеме. Свети Великомаченик Георгиј бил помошник, односно заштитник на сиромашните, бедните и сиромасите. Тоа го покажал на дело, односно сиот свој имот што го наследил од родителите, го дал на сиромаси, на сираци и на вдовици. Еве ни прекрасен пример, како и ние треба да помогнеме на сираци, сиромаси и вдовици. Некој ќе рече, па и јас сум сиромав и немам што да му дадам. Имаме, браќа и сестри, што да дадеме! Ако сме сиромаси телесно, тогаш не сме сиромаси духовно. Па така ние треба да пристапиме и да им помогнеме на тие луѓе со совети и утеха, односно болните да ги утешиме, кога ќе појдеме во болниците или во домовите каде што тие лежат во очај и каде што можеби ќе го завршат својот живот. Ако сме вистински христијани, ние ќе ги посетиме, и ќе им кажеме дека постои Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и дека овде на земјата сме гости и порано или подоцна сите ќе умреме. Ако и Самиот Христос за нас умрел и воскреснал од мртвите, тогаш и ние ќе умреме но и ќе воскреснеме, од мртвите.
Ете така ќе можеме, и ние да помогнеме на ближните, ако не со пари, тогаш со совети. Има ли некој од нас што не може да се приближи до некој човек што се оддал на пијанството, на алкохолот и да го посоветува, односно да му даде различни примери како да се ослободи од тоа големо зло. Има ли некој од нас што не може да му помогне на оној што се оддал на дрогата, да му пристапи и да му каже дека тоа е опасно зло и бргу ќе го заврши својот живот на земјата ако се дрогира и нема да го наследи Царството Небесно. Ете ја можноста, како ние можеме на различни начини да им помогнеме на овие луѓе.
Некој пак ќе рече, јас сум сиромав, па не можам да помогнам со пари. Немало, браќа и сестри, посиромашен од онаа вдовица, која последните две лепти, а тоа се рамни можеби на денешните дваесет денери, со кои може да се купат два леба, односно еден леб. Ете, таа жена оставила во храмот само толку, а богатите оставале многу многу повеќе, но Христос рекол дека таа од сите најмногу даде. Зошто? Оти последното го даде. Ние треба да знаеме дека Бог не Го гледа тоа, колку ние сме дале во храмот или на некој сиромав, туку дали тоа што сме го дале, е од нашето мноштво богатство, кое е во изобилство т.е. дали сме дале некои ронки и со тоа мислиме дека сме дале многу или сме дале од сиромаштијата, односно од залакот одвоивме и го дадовме тоа. Господ Го цени тоа, колку сме имале и колку сме дале, и не само тоа, туку дали тоа од срце и од душа сме го дале на тие што треба да го дадеме.
Зошто сето ова, браќа и сестри, го правел Светиот Великомаченик Георгиј? Тој го правел токму заради тоа што ги сакал луѓето, а си ја сакал својата Татковината и за неа бил подготвен да го даде животот. Но, и ние треба да си ја сакаме Татковината и ако е потребно, да го дадеме и својот живот за неа, но не заради тоа како што многумина влеат, што ми дала мене Татковината, па јас нешто нејзе да и дадам. Не, што јас и дадов на Татковината, треба да се каже, па после тоа да речеме дека еве јас дадов нешто на Татковината, па во таа смисла очекувам дека и таа нешто ќе ми даде мене, а не обратно.
Но да не заборавиме дека повеќе треба да ја сакаме Небесната Татковина, отколку земната Татковина.
Во тој дух, еве го имаме Свети Велиомаченик Георгиј Победоносец, кој својата љубов кон Бога ја покажал на вистински начин, бидејќи тој бил подготвен да го даде животот свој за својата Татковина, Небесната Татковина, Царството Небесно. И ние љубовта кон Бога да не ја напуштиме, зашто е кажано: „Kој може да ме одвои од љубовта кон Бога?“ (сп. Рим 8, 35). Дали можи да ме одвои мене жалоста, тагата, гладот, богатството, или ова или она? Ништо вели Свети апостол Павле. Ни животот, ни смртта, не може да ме одвои од љубовта кон Бога, мојот Бог и Спасител. Амин!
Христос Воскресе! Навистина Воскресе!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар