На 19.07.2020 г., во Шестата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Преподобниот Сисој Велики, Светата маченичка Лукија, наоѓањето на моштите на Светата девица Јулијанија, Светите маченици Марин и Марта и нивните синови Авдифакс и Авакум, свештеникот Валентин, Кирин, Астериј и многумина други, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Атанас Лажовски и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
„Синко, ти се простуваат гревовите твои! Стани, земи го одарот (постелата) твоја и оди си дома! (сп. Мат. 9, 6).
Браќа и сестри, од денешното Свето Литургиско Евангелие, слушнавме како четворица луѓе, пријатели на еден тешко болен човек, кој бил парализиран, го донеле во една куќа каде што бил Господ, каде имало собрано многу народ, каде Господ ги лекувал луѓето од секакви болести.
Овие четворицата луѓе со болниот, кога се доближиле до одајата во која што бил Господ со мноштвото народ, бидејќи не можеле со болниот да се пробијат до Него, тие тогаш се качиле на кровот, го откриле кровот и болниот го спуштиле пред Христа нашиот Бог и Спасител. Откако Господ ја видел нивната силна вера, но секако и верата на болниот, му рекол на болниот, подготвувајќи го за чудото што ќе се случи, т.е. за неговото излекување. Он најнапред го излекувал од неговите гревови, односно од духовната болест, а дури потоа и од телесната болест. Па така, Спасителот Христос му рекол на болниот: „Не бој се синко, ти се простуваат твоите гревови, зами ја постелата твоја и оди си дома!“ (сп. Мат.9, 6).
Кога тоа го виделе книжниците, фарисеите и садукеите, одеднаш почнале да си велат во себе, кој е овој да простува гревови, бидејќи единствено само Бог има право да простува гревови, незнаејќи дека Синот Божји, Христос нашиот Спасителот, е истовремено и Бог и човек, односно во една личност се обединети две природи: човечката и Божјата. Значи во една личност две природи. Тука станува збор не само за совршен човек, туку и за Бог, односно Богочовек.
Браќа и сестри, веднаш се поставува прашањето зошто Спасителот Господ Исус Христос, Кој го излекувал овој болен човек, најнапред го излекувал од духовната и душевната болест, а дури потоа го излекувал и од телесната болест т.е. од парализата. Затоа што сите болести, сите незгоди, сите страдања, сите искушенија, сите жалости и сè лошо што доаѓа кај човекот, во најголема мера е последица на гревовната состојба, односно на гревовите што ние ги имаме, браќа и сестри, а за тоа говори и Светиот апостол Павле, кој вели: „Платата за гревот е смртта“ (сп. Рим 6, 23).
Свети Јован Богослов, пак, вели дека гревот е беззаконие, а беззаконието значи противење на Божјите Закони, и не само на Божјите, туку и на природните закони. Па затоа гревот е болест, односно страшна болест, без оглед дали ние сме свесни или не за тоа. Токму затоа кога Господ ги лекувал луѓето, најнапред ги лекувал од нивните духовни и душевни болести, а како последица на тоа излекување, следувало и телесното лекување од телесните болести. Оттаму, браќа и сестри, и ова овде што се случило е последица на тоа. Кога зборуваме за гревот, ние веднаш си ги поставуваме прашањата: што е гревот, кога истиот започнува и како можеме од него да се ослободиме?
Гревот, браќа и сестри, почнува кај луѓето со грешната мисла и со помислите, а потоа следуваат фантазиите, кога ние ќе почнеме да се занимаваме со грешните мисли и со нив да си разговараме, а потоа тие ќе станат грешни помисли, со одредени слики за гревот, кој нам ни се нуди од сатаната и од неговите ангели (демоните). Потоа ние тие грешни мисли и помисли, кои стануваат фантазии, со кои ние фантазираме, слегуваат од нашиот ум и се вселуваат во нашите срца и стануваат грешни чувства, желби, похоти, страсти, наклоности, и на тој начин ние почнуваме да бидеме грешни луѓе, бидејќи тогаш во нас да се јавува гордоста, која е мајка на сите гревови, а ќерката на гордоста, е човечката суета, а за тоа кажал мудриот Соломон, дека сè е суета.
И понатаму доаѓаат другите смртни гревови, како што е зависта, која денес е присутна кај сите луѓе, па дури и кон своите најблиски. Тука е самољубието, тука е идолопоклонството кон парите, кон богатството, кон кариерите што луѓето ги градат за себе, кон работата и кон сè што не е дозволено, зашто во Светото Писмо е кажано: „Возљуби Го Господа Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум, со сета своја помисла и ближниот свој како себеси“ (сп. Мат. 22, 37-39). Токму затоа и Спасителот наш Господ Исус Христос рекол: „Кој сака повеќе татко или мајка, жена или деца, куќа или ниви или било што, не е достоен за Мене“ (сп. Мат. 10, 37).
За Бога не се достојни оние што сè друго сакаат повеќе од Бога. Зошто? Затоа што нашето постоење надвор од постоењето со Бога, од заедницата со Бога, не е постоење, туку е непостоење. Тоа, браќа и сестри, е веќе духовна смрт.
Браќа и сестри, кога нашите прародители умреле духовно? Умреле кога згрешиле, кога Адам и Ева вкусиле од забранетиот плод. Па така, ние треба да знаеме дека гревот е опасна работа. Гревот нам ни се нуди многу убаво т.е. како прекрасно задоволство, кое е толку слатко и убаво, што не можеме да одолееме. Кога гревот ни се нуди, тој нам ни доаѓа дома како гостин, кој кога ќе го пречекаме, тој нам ни се нуди и вели: „Ете, јас можам да бидам полека и домаќин во вашата куќа, во вашите срца, а секако и во нашиот ум, и на тој начин, гревот станува и господар. Кога гревот ќе стане господар во нашите души и срца, браќа и сестри, тогаш ние стануваме негови слуги, тогаш ние стануваме робови на гревот и не можеме туку така лесно да се ослободиме од гревот. Затоа еден мудар човек вели: „Ајде ти излези од дома, рашири ги алиштата и сопри го силниот ветер што дува“. Не ќе можеш да го сопреш така лесно. Така и гревот ние не ќе можеме многу лесно да го совладаме, ако не го совладаме и искорениме, кога тој ќе почне да се зародува, кога ќе почне да се вкоренува.
Кога почнува гревот во луѓето, браќа и сестри? Гревот почнува со грешните мисли, и тука веднаш треба да следи борбата против гревот. А борбата против грешните мисли, е отфрлање на грешните мисли и нивно неприфаќање. Некој ќе рече: Јас не можам да ги отфрлам. Можеме да ги отфрлиме, браќа и сестри, бидејќи знаеме дека кога кон телото ни се закануваат некои опасности, како ние лесно ги отклонуваме, т.е. ако се приближиме до огинот и почне да биде многу жешко, ние тогаш се потргнуваме од огинот. Ништо не е помалку опасен и овој духовен оган, односно гревот, браќа и сестри, па затоа кога цврсто ќе одлучиме и ќе речеме дека оваа грешна мисла не ја прифаќаме, односно ја отфрламе, тогаш веднаш треба да се сетиме дека ние тоа не можеме сами да го направиме, бидејќи ни треба помош. А од кого помош? Во Светото Писмо се вели: „Помошта моја е од Господа (Спасителот наш), Кој ги создаде небесата и земјата“ (сп. Псал. 120, 2). Ние во такви моменти кога сметаме дека сме немоќни да се бориме со некое зло, одма треба да го повикаме Бога на помош.
Се сеќавате, браќа и сестри, од оној настан кога Господ им се јавил на Апостолите на морето, кога одел по водата, а тие не го препознале, тогаш Свети апостол Петар за да се увери дека Господ оди по водата побарал Господ да му дозволи да оди и тој, и одел, но кога наишол силен бран, тогаш се посомневал и се уплашил дека ќе го потопи бранот и почнал да тони, а Господ му вели: „Маловернику, зошто се посомнева?“ (сп. Мат. 14, 31) Тогаш апостол Петар побарал рака од Господа за да го спаси и Господ му дал рака и го спасил.
Ете, како што се спасил Свети апостол Петар од морето т.е. од бранот што наишол на него да го потопи, така и ние можеме да се спасиме од сите гревовни состојби, ако побараме помош од Господа. Но, браќа и сестри, старозаветниот пророк Исаија вели: „Ќе гледате и нема да видите, ќе слушате и нема да разберете, ќе правите работи и нема да умеете да ги направите“ (сп. Иса. 6, 9). Зошто им вели вака на Евреите? Затоа што нивните срца биле скаменети, како што биле скаменети срцата на книжниците и фарисеите, кои го виделе чудото што го направил Господ Исус Христос, но не го виделе она таинственото, кога Господ го излекувал болниот од неговите гревови и од тие тешки болести.
Па затоа, браќа и сестри, ние треба да се потрудиме да се лекуваме од болестите кои на нас напаѓаат и доаѓаат, пред сè од духовните болести т.е. гревовите, а исто така да се спасуваме и од физичките болести. Болеста ние треба да ја лекуваме со Божјата помош, бидејќи без Божја помош, нема лекување. Светиот апостол Јаков вели: „Боледува ли некој меѓу вас браќа, тој нека повика свештеници, и тие нека се помолат над болниот и молитвата што произлегува од силната вера ќе го спаси болниот, и ако има гревови, ќе му бидат простени“(сп. Јак. 5, 14-15).
Што знáчи ние треба да се трудиме да се ослободиме од сите гревовни состојби и од сите гревови. А за да се ослободиме од гревовите, прва и основна работа е, задолжително секој мирјанин, секој верник, секој ѓакон, секој монах, секој свештеник и владика, да има духовен отец, односно свештено лице, а тоа е вашиот парохиски свештеник, кај кого ќе отидете и ќе му ги образложите сите ваши гревови, т.е. од какви гревови страдате, кои се недоразбирањата во семејството во кое живееме, кавгите, расправиите и.т.н., и на тој начин свештеното лице, пред кое ние ќе ги кажеме нашите гревови, ќе се помоли на Бога за прошка на нашите гревови. Свештеникот не е тој што ги опростува гревовите, бидејќи свештеникот е Божји пратеник или сведок Божји, за тоа дека ние пред Бога ги исповедаме гревовите, а преку неговите молитви, Господ нам ни ги проштева гревовите, како на овој денешен парализиран човек, браќа и сестри.
Па така, доколку сакаме да немаме телесни болести, прво и основно што треба да направиме, е да се излекуваме од душевните и духовните болести, преку Светата Исповед и преку Светата Тајна Маслосвет, во домовите на болните, каде треба да се повика свештеникот, за да го исповеда болниот, а потоа и да го причести.
Ете, тоа се главните лекарства, браќа и сестри, кои за жал ние сме ги заборавиле.
Да си спомнеме дека за сето ова Светите Отци ни дале прекрасен пример како што ни дале и денешните Свети Отци на Шестиот Вселенски Собор, за кои, браќа и сестри, е кажано: „Така да се просветли вашата светлина пред луѓето и да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец на небесата“ (Мат. 5, 16).
Која е таа светлина, што треба да засветли, не само во Светите Отци и во Светите луѓе, туку и во сите нас грешните, зашто ние сме создадени да бидеме Свети, како што вели Господ Исус Христос: „Бидете свети, како што е свет вашиот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат. 5, 48).
И токму затоа светлината е всушност Божјата благодат што нам ни се дава откако ние ги примаме Светите Тајни, почнувајќи од Крштението и натаму сите останатите Свети Тајни, што ни се достапни, заклучно со Тајната над тајните, Светата Тајна Евхаристија (Причесната).
Па така, браќа и сестри, покајани за гревовите, односно очистени и исповедани кај свештеникот, конечно очистување и ослободување од гревовите добиваме по исповедта и покајанието преку Светата Тајна Евхаристија (Причесната). Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар