На 31.05.2020 г., во Седмата недела по Воскресението Христово, посветена на Светите Отци на Првиот Вселенски Собор, кога го празнуваме споменот на Светиот маченик Теодот и седум маченички девици: Текуса, Александра, Клавдија, Фаина, Ефрасија, Матрона и Јулија, Светите маченици Петар, Дионисиј, Андреј, Павле и Христина и Светите маченици Ираклиј, Павлин и Венедим, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на игуменот Спиридон (Поповски), протоерејот Сотир Гочевски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомачени Георгиј“, во Ресен.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог и Исуса Христа, Кој е испратен од Тебе“ (сп. Јован 17, 3).
Возљубени браќа и сестри, овие зборови од Светото писмо, што ги слушаме денеска од Светото Божествено Евангелие, говорат токму за суштината на нашата Света Православна Вера, односно говорат за тоа што е всушност вечниот живот. Вечниот живот, е познавањето на Бога и испраќањето од Него, од Отецот, на Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.
Ние, браќа и сестри, знаеме дека за да живее телото, потребно е да има услови, а условите за да живее едно тело на земјата се да има чист воздух, да има сонце, да има временски услови, за да може животот да продолжи, но исто така треба да има и храна и облекло за телото, односно основни услови за живот на телото.
Но конечно, ние што и да направиме за телото, ќе дојде време и ќе умреме, како што читаме во Светото Писмо дека човекот е создаден од земја и во земја ќе се врати, што значи човечкото тело ќе го заврши својот живот со умирањето. Но има уште едно суштество во човекот, бидејќи човекот е дихотомично битие, создадено од тело и душа, а душата која е од Бога создадена, не е создадена за умирање, туку за живот вечен.
Душата, браќа и сестри, треба да живее, а за да живее, треба и нејзе да и се создадат услови за живот, а условите за живот на душата, се таа да живее според Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци, што значи душата има поинакви потреби од оние што ги има телото.
Па така, кога Господи го создал човекот, неговото телото го создал од земја и како совршен вајар, откако го создал тоа прекрасно телото, му дувнал во носот дух животен и човекот станал жива душа. Човекот е создаден со тело и душа, т.е. е создаден според сликата, односно образот Божји и според подобието Божјо.
Сликата или образот Божји во човекот, е всушност неговата душа. Па така, како што е Бог Троичен, и таа, душата е торедина. Бог е Отец, и Син, и Дух Свети, а душата има ум, разум (логос) и дух. Па така, душата имајќи ги овие три нешта, е совршена.
Човекот, браќа и сестри, пред да згреши, бил во постојана врска (општење) и постојано единство со Бога Троичниот. Затоа кога Господ го создал човекот, тој бил постојано со Бога, сè додека не згрешил, а кога згрешил, отпаднал од заедницата со Бога, бидејќи му било кажано дека ако згреши, ќе умре, и умрел човекот со својата душа.
Што значи да умре душата? Да умре душата значи, таа да се оддели од Бога, да не верува дека Бог постои, да не биде во постојана врска со Бога преку молитвата, покајанието, исповедта, преку Светите Тајни, преку Светата Тајна Причесна, која е Тајна на сите тајни. Што значи, во оној момент кога човекот згрешил, тој се одделил од Бога, исто онака како што кога децата ќе ги одделите од родителите, тие тогаш не се чувствуваат среќни и мислат дека за нив, без нивните родители, нема живот, токму така и нашите прародители Адам и Ева, кога се одделиле од Бога, тие тогаш духовно умреле. Но Господ промислувал, мислел и се грижел за човекот и затоа уште на нашите Прародители им дал ветување со Првото Евангелие т.е. со Протоевангелието дека ќе им испрати Месија (Спасител).
Отецот небесен им испратил не некој друг, туку Самиот Свој, Син Божји, Единороден, Кој предвечно од Него се раѓа, Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој излегол од прегратките на Отецот и станал Човек т.е. се воплотил и примил човечко тело од Пресвета Богородица, односно преку Светиот Дух се зачнал во утробата на Пресвета Богородица, се родил и поживеал и ги научил луѓето на верата.
Во денешното Свето Евангелие ги слушнавме зборовите на Спасителот Господ Исус Христос, Кој вели: „Сега е моментот да го прославиш Отче Твојот Син. Ти Кој Ме испрати Мене, Твојот Единороден Син да го извршам делото Твое, да Го познаат луѓето, името Твое. И сега веќе не сум во светот, а идам при Тебе Отче, прослави Ме со славата, со која бев прославен пред да постане светот“ (сп. Јован 17, 5, 11).
Ете, ова е суштината на верата дека Синот Божји, Спасителот Господ Исус Христос, како совршен Дух станал и Човек, т.е. се понижил Себеси дотаму да прими наше човечко тело.
Знаете ли што значи да се отелотвори т.е. да стане човек совршениот Дух. Тоа е понижување, односно осиромашуваме заради љубовта кон човекот, како создание Божјо. Ете, тоа го направил Спасителот наш Господ Исус Христос.
Возљубени браќа и сестри, сето ова Господ им го соопштил и открил на луѓето, т.е. сè за постоењето на светот, за постоењето на Бога, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и за тоа дека Синот Божји, не само Бог, туку е и човек, односно истовремено е Бог и човек, – Богочовек.
Спасителот наш Господ Исус Христос кога Го завршил Своето дело на земјата, а тоа било, всушност, да им ја открие на луѓето вистината за постоењето на Бога, за создавањето на светот, за тоа дека Синот Божји дошол да пострада за нас грешните и недостојните, да ги земе врз Себе гревовите на сите луѓе од постанокот до крајот на светот, да биде понижен, тепан, плукан, бичуван, да Му стават трнов венец на главата, да Го осудат неправедно, да Му стават клинци на рацете и на нозете, да Му Го дадат Крстот да го носи на Голгота, да биде распнат на Крстот, а потоа и со копје да Му ги прободат ребрата Негови, од кои ќе истече крв и вода, а таа крв и вода од Телото (Негово), е Причесната, која се извршува на Божествената Литургија, на Канонот на Евхаристијата. Тогаш благословениот Леб се претвора во духовно Тело Христово, а благословеното Вино, во духовна Крв Христова.
Па така, возљубени браќа и сестри, примајќи Го Телото и Крвта Христови т.е. Причесната, ние стануваме Христови последователи, односно Го примаме во себе Самиот Христос, ако подготвени пристапуваме кон Причесната, и Христос во нас прави порив и нè прави од недостојни, достојни, од нечесни, чесни, од грешни, свети.
Ете тоа е силата на Светиот Дух. Но луѓето, браќа и сестри, почнале да мудруваат, па така кога ѓаволот ќе изврши влијание врз луѓето, тие тогаш почнуваат да мислат дека Господ не го создал човекот да биде во заедница со Него, туку тие самите почнуваат да си измислуваат свој бог или свои богови, па така имаме сознанија дека многу народи верувале во многу богови, а тие богови биле нивна измислица, нивна фантазија, зашто Бог се гледа (се сознава) со умот на човекот, а за да се види и познае Бог, човекот всушност треба да има чисто срце. Затоа во блаженствата т.е. во петтото блаженство се вели: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога“ (сп. Мат. 5, 8).
Кои се тие, браќа и сестри, чисти по срца? Тоа се луѓето што постојано мислат за својот духовен живот, за своите постапки, за своето однесување и не дозволуваат во нивниот ум да влегуваат грешни мисли и помисли, а грешни помисли се сликите додадени на грешните мисли кои ги имаме во себе. Тие (духовните луѓе) не дозволуваат да фантазираат, туку мислат само на Бога. Чистите по срце не дозволуваат грешните мисли да им влезат во умот, не дозволуваат истите да се вселат во срцето, па да станат грешни желби, грешни чувства, грешни похоти, грешни страсти, кои потоа стануваат и грешни дела. Значи чистите по срце се луѓе кои бдеат над себеси и стражарат над својот ум и своите мисли. И секоја мисла што ќе им дојде во умот, веднаш ја препознаваат дали е чесна или нечесна, дали е чиста или нечиста, дали е добра или е лоша. Така живееле христијаните во првите векови на христијанството, а во тоа време луѓето јавно се исповедале, т.е. јавно ги кажувале своите гревови, затоа што и немале некои лоши и тешки (смртни) гревови, а ние денеска имаме тајна исповед, затоа што и самите знаеме колку сме огревовени, т.е. какви сè не гревови имаме во себе. Но денес луѓето за жал мислат дека немаат гревови и сакаат да избегаат од вистината, но од вистината бегање нема.
Во нас има еден стражар, кој постојано бдее, а тоа е нашата совест. Бог ни ја дал совеста, која може да биде будна т.е. да размислува и да нè упатува на правиот пат, но таа може да почне да се приземјува, т.е. да се грижиме само материјалното, односно да ни дозволува да почнеме сè почесто или постојано да грешиме.
Понекогаш совеста, браќа и сестри, станува мрзлива и заспана, т.е. ќе заспие, оти не и дозволуваме будно да работи и да делува. Понекогаш совеста кај некои луѓе станува и спалена. Кој има спалена совест? Спалена совест имаат оние што прават разни злосторства, што убиваат луѓе, убиваат деца, водат војни и.т.н. Тие луѓе што тоа го прават, не се без совест, туку нивната совест им е спалена, но тоа не значи дека таа еден ден нема да се разбуди. Кога ќе дојде Страшниот Суд, поточно кога ќе умреме, тогаш веднаш совеста на нашата душата се разбудува. Не заборавајте, а сигурно и вие имате сознанија за луѓето кои умираат, односно пред да умрат почнуваат да зборуваат за своите гревови. Некои не можат да умрат, ако во текот на животот направиле многу тешки гревови. Што е тоа? Тоа е всушност таа совест што се разбудила во нив им вели: „Сè додека не се исповедаш, додека не го кажеш гревот што си го направил, додека не побараш прошка за направениот грев, нема да умреш“.
Тие нека ни бидат нам како показател дека има совест и дека кога тогаш таа ќе се разбуди, но добро е да се разбуди сега, во моментов и постојано да биде будна и да стражари над нашите мисли, да не станат грешни мисли, помисли, фантазии, чувства, желби, похоти, страсти, и дела,, и да не ни дозволи такви нешта да се вселуваат во нас.
Браќа и сестри, за да го видиме Бога, треба да го очистиме и просветлиме нашиот ум и нашето срце. Од Светото Писмо знаеме дека кога човекот згрешил, неговиот ум се помрачил и токму затоа човекот не можел повеќе да го гледа Бога. За да го направиме нашиот ум да не биде помрачен, прво треба да го очистиме срцето од грешни, желби, похоти и страсти, потоа да го очистиме умот од грешни мисли, помисли и фантазии и кога ќе го очистиме и срцето, и умот од овие нешта што ги спомнавме, тогаш ќе можеме да го видиме Бога. Некој ќе рече како е тоа можно? Па зар не знаеме кога сме тешко болни, од преголема температура, дека не ја препознаваме сласта на јадењето и не ни се јаде. Зошто кога сме болни не ни се јаде? Бидејќи немаме вкус на јазикот. Зошто кога сме болни не мирисаме убави јадења? Бидејќи мирисот е изгубен. За да оздравиме, треба да се научиме дека сè се учи и сè се повторува. Човекот кога ќе почне да расте, се учи да оди, се учи да јаде, се учи да работи, се учи да пишува и.т.н. Ние треба да се научиме да живееме духовно, а исто така треба да се научиме да Го сакаме, и Бога, и луѓето. Спасителот Христос вели: „Возљуби Го Господа Бога со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој ум, со сета своја помисла и ближниот како себеси“(сп. Мат. 22. 37, 39). Ете во тие две заповеди, сè се исполнува.
Возљубени браќа и сестри, конечно за да можеме да Го видиме Бога и да се ослободиме од нашите гревовни состојби, потребно е ние постојано да мислиме на своите гревови. За жал сите мислиме за гревовите на другите и велиме: „Како е овој никаков, каква е оваа никаква, како им се децата никакви, како сите се никакви, а само ние сме арните“.
Ете, тука е целиот проблем, како ќе почнеме да мислиме дека сме ние никаквите, а сите други се поарни од нас, тогаш сме на правиот пат. Затоа Свети апостол Павле рекол: „Јас сум најгрешниот од сите луѓе“, а замислите, станува збор за првоапостол. Ако тој, како првоапостол рекол дека не е достоен да се нарече син, апостол Христов оти ја гонел Црквата Божја, тогаш замислете како треба ние да се однесуваме.
Ние никогаш не треба да гледаме пример во оние што сметаме дека се подолу од нас, туку треба примерот да го гледаме во оние што се повозвишени од нас, да се угледаме на Христа, како што вели Свети апостол Павле и дека никогаш нема да можеме да го стигнеме Христа нашиот Бог и Спасител, Кој рекол: „Бидете свети како што Сум Јас Свет“ (сп. 1. Петр. 1, 16) и „совршени, како што е совршен вашиот Отец Небесен“.
Да бидеме исто така, браќа и сестри, и како Пресвета Богородица. Нам треба да ни бидат пример и ангелите, светителите и Сите Свети и на нив да се угледуваме, бидејќи ако се угледуваме и се споредуваме со секој грешник, од кој сме ние сигурно погрешни, тогаш тежнееме кон гревот, а не кон совршенството.
Денес имавме прекрасна Литургија и со пеењето на дечињата, кои прекрасно пееја. Онаа песна што ја прекинаа, кога јас почнав да проповедам, е всушност молитвата Исусова кон која треба сите да тежнееме и да ја практикуваме, дај Боже постојано, а не само од време на време, а тоа е милитвата: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“. Eте, оваа молитва тие ја пееја и се надпеваа. Знаете како се натпеваат малите деца? Тие го слушаат гласот Божји во себе и тоа нивно пеење длабоко го чувствуваат во својата душа. Па така човек не може да разбере дали тие сакаат да ги натпеат постарите, или постарите сакаат нив да ги натпеат, но сеедно, и едните и другите кажуваат многу, само треба да се внесеме во суштината на таа молитва, и длабоко да се каеме за нашите гревови.
Таа молитва е умносрцечната молитва т.е. молитвата на умот и на срцето дека сме грешни и затоа Му се молиме на Господа со зборовите: „Господ Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“, затоа што знаеме дека Господ Исус Христос е Син Божји и преку Него ние се спасуваме.
Затоа и нашата Света Црква за да не станат жртви на ѓаволот следејќи ги погрешни учења во Црквата, свикала, односно во 325-та година, царот Константин го свика Првиот Вселенски Собор, и на него е донесен првиот дел од Символот на Верата, а на вториот Вселенски Собор во 381-та година, е донесен и вториот дел од Символот на Верата.
И ниедна друга вера и религија, нема таков Символ на Верата, бидејќи овој символ на верата е Символ на Светата Црква, а глава на Црквата е Христос, па затоа сè што е напишано во Светото Писмо, во Светото Предание, на кратко е искажано и изложено во Символот на Верата, а тоа е учењето за нашата Вера и за нашето спасение. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар