Преподобна Параскева (Петка) Епиватска – Архиерејска Божествена Литургија во храмот „Свети Никола“ – Боримечка

На 27.10.2020 г., кога го празнувавме споменот на преподобната Параскева (Петка), Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Златко Костовски, ерејот Николче Неделковски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Никола“, во Боримечка.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Дивен е Бог во Своите Свети!“ (сп. Псал. 67, 35).

Денес, браќа и сестри, нашата Света Македонска Православна Црква, го празнува празникот посветен на преподобната мајка Параскева (Петка), која е од нашиот Македонски род, која била родена во градот Епиват или Пиват, кој се наоѓа меѓу градовите Силимврија и Цариград во Тракија, каде што од нејзините благочестиви родители, била воспитана во нашата Света Православна Вера.

Света Петка живеела во XI век, по раѓањето на Христа, нашиот Бог и Спасител.  Покрај нејзините родители, Света Патка имала  брат по име Ефтимиј, кој во тоа време завршил познати школи, а подоцна, откако длабоко се запознал со верата, одлучил својот живот да Му го посвети на Бога, па откако побарал благослов од родителите, а тие му дале, отишол во манастир и станал монах, а подоцна бил избран за епископ Мадитски. Така Ефтимиј, својот живот го поминал во благочестие, целосно посветувајќи Му се на Бога, а откако починал, се утврдило дека неговото тело е Свето, кое понатаму Господ го прославил со многубројни чудеса.

А Светата преподобна мајка Параскева (Петка), од нејзините духовници била советувана да се насели во предградието на градот Цариград. Таму Света Петка, често ја посетувала црквата посветена на Покровот на Пресвета Богородица, а ја посетувала и црквата Влахерна, која исто така била посветена на Мајката Божја. Еднаш, кога се наоѓала во храмот на богослужба, како стрела го прободиле нејзиното срце, Христовите зборови: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот Крст, и нека врви по Мене“ (сп. Марко 8, 34). После овој настан, Света Петка се одрекла од себе и од нејзината волја, за земниот, материјалниот и преодниот живот и свет, и одлучила целосно да Му се посвети на Бога. Сè што имала, дала на сираци и сиромаси, а нејзините убави одежди ги подарила на некоја сиромашна и бедна девојка, а на себе облекла парталави алишта. Света Петка, уште во времето пред да замине во Ерусалимската пустина, покажувала големи добродетели.

Па така, откако Му се посветила на Бога, таа целиот свој живот го поминува во Јорданската пустина, во пост, молитви, покајание и бдение. Пред крајот на нејзиниот живот, и се јавил ангел Господов и ѝ рекол дека треба да ја напушти пустината и се врати во родниот крај и таму да го остави нејзиното Свето Тело. Таа ги послушала зборовите на Ангелот и се вратила во нејзиниот крај, односно во градот Епиват, откако претходно се поклонила во црквата Влахерна и храмот на Светите Апостоли (во Цариград). Во својот роден град, Света Петка поживеала уште две години во непрестајна молитва и пост, а потоа ја предала својата Света душа на Бога.

Жителите на градот Епиват, не знаејќи  дека Света Петка е нивна сограѓанка, ја погребале како странкиња надвор од градот, во непосредна близина на морето, каде се подвизувал некој столпник. Ho, Бог не дозволил таа да остане непозната и ги открил нејзините свети мошти, откако еден ден, брановите исфрлиле безживотно тело на некој морнар, кое почнало да се распаѓа. Од неговото тело почнала да се шири неподнослива миризба, па столпникот кој живеел тука не можејќи истата да ја поднесе, и бил принуден да слезе од столбот и да побара од некои луѓе да го погребат овој човек. По Божја промисла, тие почнале да копаат токму на местото каде што бил гробот на Света Параскева, каде што и го погребале овој морнар.

Но, Пресветата Мајка Божја, која се грижи за своите Свети, ете, преку нејзините молитви, Света Петка, се обратила на еден од тие луѓе што ја погребувале по име Георгиј, кому му рекла: „Не можам да го поднесам овој смрден леш да биде во мојот гроб, затоа ве молам откопајте ме!“. После овој настан, луѓето го откопале телото на Света Петка, и отакко виделе дека станува збор за Свето тело, го ставиле во пристоен кивот, и го положиле во храмот посветен на Светите апостоли Петар и Павле, а потоа било пренесено во градот Цариград.

После извесно време, некаде во 1238 година по Христа, кога Турците навалиле на христијанските земји, доаѓајќи од Арибија и други места, каде што тие таму биле огромно мнозинство, па во тоа време бугарскиот цар Иван Асен, откако Римјаните со Крстоносните војни го обновиле таканареченото Латинско Царсто во 1204 год, сите светињи ги украле од православните храмови и ги пренеле на Запад, но оние најпознатите останале тука. Тогаш бугарскиот цар Иван Асен, ги принудил Римјаните т.е. Крстоносците, да го дадат телото на преподобната мајка Параскева (Петка), и истото го пренеле во градот Трново.

Затоа бугарите Света Петка ја именуваат Трновска, иако таа по род е Македонка. Нејзиното Свето тело таму останало до 1393 година, а потоа било пренесено во Видим, бидејќи царот Бајазит го освоил Трново. Потоа кога и Видим бил во опасност да биде освоен, српската царица Милица, отишла кај султанот и го молела телото на преподобната мајка Параскева (Петка), да и го предадат нејзе. Потоа, Светите мошти на Света Петка биле пренесени во Белград, и биле чувани во дворската Црква посветена на Света Петка на Калемегдан, каде што престојувале сè до 1521 година, кога познатиот султан Сулејман Величенствениот, го освоил Белград и го презел телото на Света Петка, и повторно го вратил во Цариград, а Патријаршијата го презела да го чува. Извесно време телото на Света Петка било и во султановиот дворец, но бидејќи постојано се случувале чуда, се појавила голема опасност, поради чудата на Света Петка, на некој начин да се изврши влијание врз муслиманскиот свет т.е. муслиманите да преминат во православие. Па токму затоа, Светите мошти повторно биле предадени на Патријаршијата, а Патријаршијата, пак, во тоа време паднала во големи и тешки долгови кај турската Порта.

Тогаш еден од познатите цареви на Романија, Лук Василиј, според сведочењето на Никодим Светогорец, на Патријаршијата и дал големи пари за да го платат данокот кај Високата Порта, а тие за возврат им го предале Светото тело на Преподобната Параскева (Петка), кое во 1641 година, по море било однесено во Романија и поставено во градот Јаши, во црквата посветена на Светите Три Светители, а подоцна било ставено во црквата на Светото Сретение, каде што и ден денеска се наоѓа нејзиното Свето тело, кое точи многу чудеса.

Денес, браќа и сестри, во Романија, каде што е нејзиното Свето тело, во храмот на Светото Сретение, не може да се пристапи од многубројниот народ, кој доаѓа на поклонение . Во неколку наврати сме биле во Романија, а во една прилика кога таму и служеше еден наш свештеник (о. Тоне) од Австралија, имаше огромно мноштво на народ.

Света Петка има најголем култ меѓу православните христијани во Романија, но и пошироко. Да не заборавиме дека после Свети Никола, во нашата Македонска Православна Црква, најраширен е култот на Света Петка.

Оваа Божја угодничка, тоа го постигнала, преку пост, молитви и подвизи.

Денес го слушнавме и Светото Евангелие кое говори за петте мудри и петте луди девојки. Во Евангелието се велие дека мудрите девојки си ги подготвиле своите светилници, а дека лудите девојки не воделе грижа за маслото во своите светилници, па кога слушнале дека доаѓа младоженецот, тогаш тие им рекле на мудрите: „Дајте ни малку од маслото, за да не ни изгаснат светилниците“ (сп. Мат. 25, 8), а овие им рекле: „Ако ви дадеме, и нам нема да ни стигне, затоа одете и купете си!“ (сп. Мат. 25, 9). И тие кога отишле да купат, во меѓувреме дошол младоженецот и вратите се затвориле, и настанала веселбата на мудрите девојки со младоженецот. А оние, другите кога дошле, чукале и велеле: „Господаре, отвори ни!“ (сп. Мат. 25, 11), а Господарот им рекол: „Вистина, ви велам: не ве познавам!“ (сп. Мат. 25, 12).

Кој е Господарот? Господарот, е Христос нашиот Бог и Спасител, а мудрите девојки, се мудрите души на луѓето, кои постојано се во бдение, пост и молитва, и постојано мислат на Бога и Го споменуваат Неговото Свето име. Па токму затоа, тие постојано имаат масло во нивните светилници.

А што е маслото? Некои погрешно го толкуваат ова место за маслото, и велат дека тоа (маслото) ги означува добрите дела на луѓето, односно душите на луѓето што прават добри дела. Не, маслото е благодатта на Светиот Дих, која нам Бог ни ја дава не по наша заслуга, туку по милоста Божја. Па така, сите што прават добри дела и живеат во пост, молитва и подвизи, Господ им ја дава таа Света благодат, која изобилно се излеа врз Апостолите на Педесетница, но се излива и на сите оние верни чеда, кои постојано се во пост, молитва и подвизи.

И токму, преку таа благодат, која не ја признаваат ни римокатолиците, ни протестантите, па затоа живеат сосема поинаков живот, не под дејство на Светиот Дух, зашто оние кои живеат според Светиот Дух, тие се оние, кои кога Христос тропа на нивната врата, односно на нивното срце, ја отвораат вратата и Му дозволуваат да се всели во нивните срца, заедно со Отецот и Светиот Дух, и нивното срце станува живеалиште на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Па така, и оваа Божја угодничка Света Параскева (Петка), станала храм на Светиот Дух, како што вели и Свети апостол Павле: „Немојте да заборавите дека вашите тела се храмови Светиот Дух“. Што значи, нашите тела, браќа и сестри, не се создадени за да гнијат во земјата. Гниењето во земјата, е затоа што нашите прародители Адама и Ева, згрешиле во рајот кога ја прекршиле Божјата Заповед да не јадат од забранетиот плод, па затоа Господ и му рекол на Адама: „Од земја си создаден и во земја ќе се вратиш“ (сп. 1. Мој. 3, 19). Но до кога? До Второто Христово доаѓање, кога Христос повторно ќе дојде на земјата за да им суди на живите и мртвите. Тогаш сите распаднати тела, повторно ќе воскреснат и во нив ќе се вселат душите на покојните, а потоа ќе биде општиот Суд, кога на секому ќе му се даде според делата и секој ќе го најде своето место како што вели Господ дека оние што правеле добри дела, ќе бидат со Христа нашиот Бог и Спасител и Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Мајката Божја, Ангелите и Сите Свети, а тие што правели зли дела, ќе бидат во бескрајната темнина т.е. во геената, каде што ќе има плач и чкртање со заби.

Па затоа, оваа Божја угодничка, која денес ние ја прославуваме, преподобната Параскева (Петка), толку Господ ја просветил, што нејзиното Свето Тело го направил храм на Светиот Дух, а како доказ за тоа се мноштвото чуда. Амин!

Честит нека е празникот и за многу години нека е името на оние што го носат нејзиното Свето име.

 

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар