На 19.08.2020 г., кога го празнуваме Преобразувањето на Спасителот наш Господ Исус Христос на гората Тавор, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Влатко Ристески, Роберт Илиевски и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на „Преображението Господово“, во Прилеп.
На Светата Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни, а по завршувањето на Литургијата, беше осветен новиот лозов плод.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Преобразилсја јеси на горје, Христе Боже, показавиј учеником твојим славу твоју, јакоже можаху: да возсијает и нам грјешним свјет твој присносушниј, молитвами Богородици, светодавче, слава тебје“. (Тропар на Свето Преображение).
Браќа и сестри, денес е голем празник. Го прославуваме Светото Преображение на Спасителот наш Господ Исус Христос.
Спасителот Христос, се Преобрази на гората Тавор, пред Неговите тројца ученици, Петар, Јаков и Јован, кои се претставници или исполнители на трите големи Божји добродетели.
Светиот апостол Петар е претставник на верата, бидејќи прв го исповедал Христа како Бог и Спасител, кога Христос ги запрашал Светите Апостоли: „За кого ме сметата вие, моите ученици?“ (сп. Мат. 16, 15). Свети апостол Петар, во името на сите рекол: „Ти си Христос, Син на Живиот Бог“ (Мат. 16, 16).
Свети Јован Богослов, е претставник на љубовта, бидејќи најмногу Го беше го возљубил Христа нашиот Бог и Спасител (и обратно), а Светиот апостол Јаков е претставникот на надежта.
Овие тројца апостоли и ученици на нашиот Спасител Господ Исус Христос, ги изразуваат или преставуваат трите најголеми добродетели: верата, надежта и љубовта.
Ете, како што слушнавме од Светото Евангелие, ова чудо, односно јавувањето на Спасителот наш Господ Исус Христос на гората Тавор, се случило за да се покаже дека Христос нашиот Бог и Спасител, не е само човек, туку истовремено е и Бог, односно Син Божји, Кој излегол од прегратките на Отецот, заради нас луѓето и заради нашето спасение.
Спасителот Христос, дошол на земјата, бидејќи било невозможно на друг начин, да се изврши спасението на човечкиот род, кој ја прекршил единствената Божја заповед, со тоа што јадел од забранетиот плод, а човекот, браќа и сестри, бил создаден во рајот, не за умирање, туку за живот вечен.
Токму заради тоа, Спасителот наш Господ Исус Христос, именуван уште и како Вториот Адам, доаѓа во светот, за да го избави човекот од гревот и смртта. Тоа не можело да биде поинаку, освен Спасителот доброволно да се изедначи со нас луѓето во сè, односно да ја прими нашата човечка природа, постанувајќи човек, и во сè да биде еднаков со нас луѓето, освен во гревот.
Без, Христовото доброволно доаѓање во светот и без Неговото доброволно страдање, односно без пролевањето на Неговата Света Крв, со која не избави од гревот и смртта, ние, браќа и сестри, не би можеле да се спасиме.
Еве, што се случило на гората Тавор, кога овие тројца Христови ученици, Петар, Јаков и Јован, погледнале над гората и виделе како Христос се Преобразил.
Во што се состоело Христовото Преобразување? Христовото Преобразување се состоело во тоа што, Он одеднаш почнал да свети со неискажлива светлина. Од таа светлина, Неговата облека станала побела од снег, а Неговото Лице посветло од Сонцето. Оваа светлина, браќа и сестри, немала сенки, бидејќи оваа светлина не е создадена светлина, како што е сонцето.
На иконата на Преображението Христово, ние гледаме дека зад Христа е насликано сонцето, кое свети со онаа светлина, која ние денес ја гледаме како создадена светлина на небесата.
Сончевата светлина, во споредба со несоздадената Божја Светлина, на иконата на Христовото Преображение, е насликана, полусветла или полумрачна, за да се укаже, дека вистинската светлина е Самиот Бог, односно Отецот, Кој е Отец на светлините, и Синот, Кој е Светлина од Светлина, и Светиот Дух, Кој исто така, по Божество се Светлина.
Ние знаеме, дека во Божјите јавувања, секогаш во неискажлива светлина се јавувал, Христос нашиот Бог и Спасител.
Не случајно, кога Светиот апостол Павле, тргнал да ги гони христијаните на патот за Дамаск, бил турнат од коњот од силна светлина, која ја препознал, иако сеуште не бил крстен. Веднаш по овој настан, Светиот апостол Павле му се обраќа на Христа нашиот Бог и Спасител со зборовите: „Кој си ти Господи?“ (сп. Дела 9, 5). А Христос му одговара: „Јас сум Христос, кого Го гониш ти!“ (сп. Дела 9, 5).
Исто така, Господ Исус Христос, браќа и сестри, се јавил и при Неговото Крштение.
При Крштението на Господа Исуса Христа, како и при Неговото Свето Преображение, имало облак, а од зад облакот се слушнал гласот на Самиот Бог Отец, Кој говорел: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја, Него послушајте го“ (сп. Мат. 3, 17).
Ние, браќа и сестри, и при Крштението на Спасителот наш Господ Исус Христос, ја имаме Света Троица, Отецот, Кој говори зад облакот, Синот, Кој се крштева во реката Јордан, и Светиот Дух, Кој во вид на гулаб надлетува над Него.
Светиот Дух, на Светото Христово Преображение, се јавува во вид на облак, а зад облакот говори Отецот, а Синот Божји, воздигнат над гората Тавор, се Преобразува, зрачејќи светлината како ѕвезда, а и така, како ѕвезда, е насликана светлината на икоата на Светото Преображение.
На Христовото Преображение, присуствуваат и двајца старозаветни пророци, Мојсеј и Илија, од кои првиот (Мојсеј), кој ги напишал Петте Книги Мојсееви или Мојсеевото Петокнижие е претставник на Законот, а другиот (Илија) е претставник на пророците.
И Светиот пророк Мојсеј, и Светиот пророк Илија, биле озарени од Светиот Дух и ја имале примено Божествената Светлина.
На Светиот пророк Мојсеј, во Стариот Завет му било кажано дека: „Не може човек да го види Бога, и да остане жив“ (2. Мој. 33, 20).
Пророкот Мојсеј, браќа и сестри, не го види Бога во Неговата Суштина, туку го видел од зад грб, низ процепот на карпата, како што пишува во Светото Писмо, а Господ го поткрепувал со Својата Божествена рака, и нè му дозволил да ослепи и да исчезне, поради желбата која ја имал, да го види Бога во Неговата Суштина.
Светиот пророк Мојсеј, бил озарен од таа светлина, и кога слегол од Синајската гора да ги предаде таблиците со Десетте Божји Заповеди, Тој не знаел дека е озарен од Божествената Светлина, но кога луѓето го здогледале, не можеле да го гледаат неговото лице, и токму зарад тоа направил покривало, за луѓето да неможат гледајќи ја таа светлина да ослепат.
Исто така, и Светиот пророк Илија, кој е претставник на пророците, бил озарен од несоздадената Божествена Светлина, кога бил вознесен на небесата, на огнена кочија, која била влечена од огнени коњи, кои се всушност, Божествените енергии, кои извршиле озарување врз него.
И Светиот пророк Мојсеј, и Светиот пророк Илија, го виделе Бога, а уште се вели, дека од старозаверните пророци, и Светиот пророк Исаија е боговидец, односно оној кој го видел Бога.
Светиот пророк Мојсеј го видел Бога на Синај, а на Светиот пророк Илија, Бог не му се јавил, во пештерата во која се наоѓал, ниту во бура, силен ветер и земјотресот, туку во едно тивко ветерче, во кое бил Самиот Бог, браќа и сестри.
Спасителот наш Господ Исус Христос, се Преобразил на гората Тавор, за да им покаже на Неговите Свети ученици, дека Он не е само обичен човек, како другите луѓе, туку дека е и Бог, односно Богочовек, бидејќи Светите Апостоли, сè до слегувањето на Светиот Дух (врз нив) на Педесетница, се уште го немале спознаено Спасителот Христос, како Син Божји.
До денот на Светата Педесетница, Светите Апостоли, биле плашливи луѓе, кои поради страв од Јудеите, кога ќе влезеле во собата каде што се молеле, ги затворале вратите, а Христос нашиот Бог и Спасител, токму низ тие затворени врати, влегува за да го охрабри и увери Светиот апостол Тома, дека Тој е Спасителот Христос кога му вели: „Дај го прстот свој и тури го во раните од клинците; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и повеќене биди неверен, туку верен!” (сп. Јован 20, 27).
Ете, по слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите, Светите Апостоли, се беспрекорно упатени во верата, и нè се плашат од ништо. Токму затоа, сите Свети Апостоли, пострадале маченички, освен Јуда, кој го предал Христа нашиот Бог и Спасител, а неговиот заменик Матиј, како и останатите Свети Апостоли, и тој пострадал маченички за Христа, кај нас во Македонија. Седуммина од Светите Апостоли, биле распнати на Крст, другите биле убиени, а Свети апостол Тома, бил со копја прободен во Индија, каде што го проповедал Евангелието. На Свети апостол Павле, со меч му била отсечена главата, а исто така, отсечени им биле главите и на некои други Свети Апстоли, откако претходно биле убиени и ги испуштиле своите души.
Браќа и сестри, овој голем и спасоносен празник, Светото Преображение Христово, нас не упатува на една работа, а тоа е да знаеме дека Бог постои, и дека ние не можеме поинаку да стигнеме до Отецот, освен преку Оној, Кој е наш посредник, а посредникот е Оној што заради нас пострада и беше распнат на Крст, а тоа е Спасителот наш Господ Исус Христос. Преку Христа, ние доаѓаме до Отецот.
Зошто е создаден човекот? Човекот е создаден за живот вечен, а не за умирање. За да го здобие или наследи вечниот живот, човекот мора да се врати во единство со Бога, а единството со Бога го постигнуваме преку Светите Тајни во Црквата, односно преку Крштението, Миропомазанието, Исповедтта, која уште се нарекува и повторно Крштение, Големиот Маслосвет, Венчанието, Свештенството и Тајната над сите тајни Евхаристијата или Причесната, преку која ние се соединуваме со Христа нашиот Бог и Спасител.
Па така, за повторно да влеземе во Царството Небесно, ние треба да се осветиме и очистиме од секаква нечистотија, телесна, духовна и душевна, и да станеме свети, односно да се обожиме.
Да се обожи човекот, не значи да стане Бог по природа, туку да стане Бог по благодат. Само Бог е Бог по природа, а ние луѓето сме повикан да станеме богови по благодат.
Христос, браќа и сестри, слегол на земјата за да не направи нас, да бидеме богови по благодат, односно слични на Бога, а тоа значи, дека ние треба да се подготвиме да станеме свети. Дека е тоа возможно, ние како пример имаме безброј свети луѓе, кои се запишани во житијата на светите.
Затоа и ние, браќа и сестри, да се ослободиме од гревовната состојба и да се потрудиме да го задобиеме Светиот Дух, за да не обожи и да станеме свети.
На Светата Божествена Литургија, кога се подигнува Светиот Агнец, Кој е Христос, епископот или свештеникот возгласува: „Свјатаја Свјатим“, осносно „Светињата е за Светите“, што значи, сите сме повикани да бидеме свети. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар