Недела на Свети Григориј Палама – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“, во Ресен

На 15.03.2020 г., во Втората Недела од Великиот Пост (Недела на Свети Григориј Палама), кога го празнувавме споменот на Светиот свештеномаченик ТеодотСветиот маченик Троадиј, Четиристотини и четириесет маченициПреподобен Агатон и споменот на Светата маченичка Евталија, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на јеромонахот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, Горан Кутлешовски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Василиева Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“, во Ресен.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Чедо, ти се простуваат гревовите твои! Стани, земи ја постелата твоја и оди си дома!“ (сп. Мат. 9, 6).

Браќа и сестри, кога Спасителот наш Господ Исус Христос, бил во една куќа во Капернаум, каде имало собрало многу народ, при Него донеле еден парализиран човек, кого го носеле четворица луѓе, како што слушнавме од Светото Литургиско Евангелие, кои не неможејќи да го донесат во одајата каде што бил Христос, го отвориле кровот и низ отворот кој го направиле, го спуштиле заедно со постелата пред Христа нашиот Бог и Спасител. Кога Христос ја видел нивната силна вера, му рекол на болниот (парализираниот): „Синко, ти се простуваат твоите гревови, земи си ја постелата и оди си дома“(сп. Мат. 9, 6). Оние што го виделе тоа, односно книжниците и фарисеите, кои Христа нашиот Бог и Спасител не Го признавале за Син Божји и Спасител, рекле: „Овој хули на Бога, кој може друг да простува гревови, освен Единиот Бог?“ (сп. Марко 2, 7).

Кога Господ ги слушнал нивните зборови и мисли, им рекол: „Зошто така мислите, што е полесно да кажам, синко ти се простуваат гревовите или земи си ја постелата и оди си“ (сп. Марко 2, 9). А народот кога го виде тоа чудо, се восхити и Го прослави Бога.

Гревот, браќа и сестри, е голем товар и безаконие. Гревот е отров. Гревот е неподнослива тежина. Гревот е противење на Божјиот Закон и на Божјите Заповеди. Па ете, токму заради гревот, Синот Божји, Логосот, Кој е во прегратките на Отецот, Кој предвечно од Отецот се раѓа, благоволи како Логос, како Син Божји, да стане човек, во сè да се изедначи со нас луѓето, освен во гревот, за да го спаси човечкиот род, т.е. да ја подигне паднатата човечка природа, која паднала преку гревот на нашите прародители Адама и Ева, кои ја прекршиле единствената Божја Заповед, да не јадат од забранетиот плод.

Ете, со првородниот грев, нашите прародители Адама и Ева, ја прекинале и врската со Бога т.е. го раскинале заветот или сојузот на љубовта со Бога.

Свети Јован Богослов, кога дава дефиниција за Бога, вели: „Бог е љубов“ (сп. 1. Јов, 4, 8), а така читаме и во Светото Писмо дека Отецот Го љуби Синот и Светиот Дух; Синот Го љуби Отецот и Светиот Дух; а Светиот Дух Го љуби Отецот и Синот. Таа непрестајна, постојана и вечна љубовна врска на Светата Троица т.е. на Лицата или Ипостасите на Света Троица, Отецот, и Синот и Светиот Дух, е она вистинското дека Бог е љубов.

Бог од љубов го создал светот, најнапред духовниот (ангелите), а потоа и материјалниот свет, а како венец на сè создадено на земјата, го создал човекот, кој го поставил како цар на земјата, давајќи му власт да управува со неа. Но човекот, браќа и сестри, не ја послуша единствената Божја Заповед да не јаде од забранетиот плод, па затоа умре, како што вели Свети апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме како негови наследници и умревме“ (сп. Рим. 5, 12).

Но, да не заборовиме, браќа и сестри, дека гревот не може поинаку да се излекува, овен преку силата на Оној, Кој го лекува, а тоа е Господ. Гревот е најстрашното нешто, а Лекарот е Самиот Бог, Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.

Во Светото Писмо т.е. во Откровението на Светиот Јован Богослов во дванаесеттата глава, каде што се говори за оној ѕвер со седум глави, кој се спротивстави и удри во десетте рогови т.е. во Десетте Божји Заповеди, никој не можеше да го победи, освен Агнецот Божји, Јагнето Божјо, Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.

И токму во врска со тоа, Господ е толку милостив, што никогаш не ги заборавил делата на Своите раце т.е. Своите созданија. Ете, како што рековме, Господ од преголема љубов дошол во светот, не за праведниците, туку за грешниците, за да го избави човечкиот род од гревот и смртта.

Браќа и сестри, споменувајќи си за тоа дека гревот дојде преку Адама, ќе си спомнеме за неколкуте страшни гревови, кои беа направени после првородниот грев на нашите прародители Адама и Ева.

Да си спомнеме за братоубиството на Каин т.е. како Каин поради завист, го уби својот брат Авел во полето, бидејќи му позавиде дека неговата жртва беше примена од Бога. Потоа следуваа страшни убиства т.е. се креваа народи против народи и царства против царства. Од тогаш постојани се војните на големите сили, а исто така и на помалите, кои се дело на сатаната. Од таму се знае дека сè грешно што доаѓа во светот, доаѓа од сатаната и неговите ангели (демоните).

Свети Јован Богослов, браќа и сестри, вели дека целиот свет во зло лежи. Ете, заради гревовите на човечкиот род во времето на праведниот Ное, Господ пушти сеопшт потоп, со кој го уништи светот, а поштеден беше само праведниот Ное со семејството. Понатаму Господ ги уништи и градовите Содом и Гомор, во кои немаше ни десетмина праведни, а поштеден беше само Лот со неговото семејство. Па така, со ред се случуваа сите останати војни како последица на гревот.

Понатаму, браќа и сестри, ќе си спомнеме дека и некои Свети луѓе направија гревови, како што е Светиот пророк Давид, кој го уби Уриј Хетеин, со тоа што го поставил во првите борбени редови, а потоа ја зеде неговата жена Вирсавеја. За тоа Светиот пророк и цар Давид беше казнет т.е. преку пророкот Гад му беше кажано дека треба да избере едно од трите зла што треба да ги поднесе, односно да избере дали ќе прифати три годишно бегство и глад или три дневно убиство на неговото царство. Светиот цар Давид избра три дневно убиство, па така беа убиени седумдесет илјади мажи од неговата војска. Ете, на таков начин беше платен овој грев, но исто така и со смртта на детето, кое беше зачнато со прељуба меѓу цар Давид и жената на Урие Хетеј, Витсавеа. Ете, на таков начин беа платени гревовите што ги направи царот Давид, кој се покаја како никој до тогаш, а како израз на тоа покајание е педесеттиот псалм.

Во Светото Писмо се вели дека Светиот цар Давид, никогаш не легнувал, а да не ја натопел со солзи својата перница за гревовите кои ги направил.

Кој од нас, браќа и сестри, ја натопува со солзи својата перница, за гревовите што сме ги направиле? Никој. Ние, не постапуваме ни како митарот, кој во задниот дел од храмот, паднат на колена се биел во градите и велел: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ (сп. Лука 18, 13).

Ете, во тоа е целиот проблем, па така, ако ние сакаме да се ослободиме од гревовите треба да направиме три работи. Првата работа е да се покаеме за гревовите. А што значи тоа да се покаеме? Тоа значи да се пробудиме. Не случајно во Велигденскиот пост, кога го пееме канонот на Светиот Андреј Критски, во кондакот од шестата песна се вели: „Душо мој, душо мој, стани зошто спиеш“.

Како спие душата и во што спие?

Душите наши, браќа и сестри, спијат во гревовен сон. Ние не ги забележуваме нашите гревови, не ги забележуваме гревовите во нашето семејство, па затоа се распаѓаат нашите семејства, затоа имаме разводи. Верувајте, браќа и сестри, дека повеќе од педесет насто од оние што се венчаваат во Црквата, што положиле заклетва пред Бога дека еден на друг ќе бидат верни до гробот, се разведуваат. Зошто? Заради гревовната состојба. Причината за разводите не е секогаш неверството, туку причина се таканаречените несогласувања во бракот. Што мислат оние што се земаат, ако не се согласувале, зошто се зеле? А ако се зеле, тогаш мора да се трпат, мора да покажат љубов, а не кој на кого повеќе да забележи, туку кој на кого, повеќе да прости. Само тогаш има љубов во бракот, кога младоженецот и невестата, ќе се натпреваруваат, кој на кого повеќе да прости, за да не ги зајде сонцето скарани, туку да бидат помили еден на друг пред да си отидат на спиење.

Ете, таков треба да биде односот во семејствата, а не родителите да спијат и да не ги набљудуваат своите деца, кои се жртви на телефоните, компјутерите и на социјалните мрежи, па ќе слушнеме како децата гледаат порногравски филмови. Страшна и ужасно нешто, браќа и сестри.

Зошто е тоа? Бидејќи, спие родителот, т.е. спијат мајката и таткото и не го набљудуваат детето што прави. Токму затоа децата стануваат непослушни кон своите родители и не ги почитуваат родителите, како што се вели во Петтата Божја Заповед: „Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да живееш долго на земјата“ (сп. 2. Мој. 20, 12),. Денес, никој никого не почитува, ни децата родителите, ниту родителите ги почитуваат децата.

Исто така имаме и проблеми во училиштата, бидејќи учителите не ги воспитуваат правилно децата. Слушаме, читаме, а и на телевизиите гледаме дека се појавија таканаречени учители, кои практично ги злоупотребуваат децата. Таквите учители треба да се одделат од училиштето и да завршат во затвор, зашто учителот е поставен да го воспитува детето, а не да го злоупотребува. Знаеме дека и работодавците не се однесуваат како што треба кон своите вработени, па затоа се случуваат и сите тие нешта што ни се случуваат т.е. вработените да бидат малтретирани со таканаречен мобинг, да работат повеќе отколку што треба, а да не им се даде заслужената плата. Истото се случува и со политичарите, кои не водат грижа за народот, кои се поставени правилно да ги распределуваат народните пари и.т.н.

Браќа и сестри, не сме подалеку отидени и ние свештенослужителите. Дали свештениците одговорно ја вршат својата свештеничка служба? Дали ние владиците ги надгледуваме нашите верници и нашите свештеници? Дали тие се однесуваат како што треба во Црквата? Дали ги повикуваме, дали ги советуваме, дали ги поучуваме, дали ги опоменуваме кога не сакаат да живеат според верата?

Нема спасение надвор од Црквата, браќа и сестри, а тоа значи дека само оние што се крстиле и оние што живеат според Божјите Заповеди, што доаѓаат на Божествената Литургија, на таа заедница на верните, само тие ќе се спасат, доколку живеат во согласност со Светото Писмо, Светото Предание, и учењето на Светите Отци. Тоа е начинот на кој ние, православните христијани треба да живееме.

Знаеме дека Спасителот Господ Исус Христос правел чуда, и рековме дека тие чуда се всушност дело на Спасителот наш Господа Исуса Христа, со цел да им покаже на луѓето дека тие треба да живеат според нашата Света Православна Вера, која не ни ја откри Ангел од небото, туку Самиот Син Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос.

И така, кога ние ќе се пробудиме од гревовниот сон, треба да се покаеме, а покајанието е во тоа, секој да ги разгледа своите постапки и своето однесување од најраното детство, па до последниот миг од неговиот живот, за сè што згрешил и направил, за сѐ што се огрешил кон своите родители, кон своето семејство, кон ближните, на работното место и на секаде во светот. Да не дозволиме, браќа и сестри, да се прекине таа врска на љубовта помеѓу нас, Бога и ближниот, зашто само две заповеди треба да исполниме, како што рекол Спасителот Господ Исус Христос: „Возљуби Го Господа Својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја помисла, и својот ближен како себеси“ (сп. Мат. 22, 37-39)

Ете, тие две заповеди ако ги исполниме, тогаш сме го исполниле и целиот Закон. Но, браќа и сестри, откако ги осознаеме нашите гревови, мораме да знаеме дека гревовите што сме ги направиле, нема да не однесат во Царството Небесно, во рајот, туку ќе нè однесат во вечната мака, во пеколот. Затоа треба да се покаеме, а покајанието е следно т.е. да пролееме многу солзи за направените гревови и да им простиме на оние што ни згрешиле и да побараме прошка од оние на кои ние сме им згрешиле. Но тоа, не е доволно, туку треба да направиме уште многу добри дела, спротивни на направените гревови т.е. ако сме лажеле, секогаш понатаму да ја кажуваме вистината. Господ рекол дека татко на лагата е ѓаволот, а тие што лажат се деца на ѓаволот. Затоа да не бидеме деца на ѓаволот, туку секаде да ја говориме вистината. Само така можеме да се избавиме од овој грев.

Оние седум глави на оној ѕвер за кои што зборувавме, се седумте големи тешки смртни гревови, што ги имаат луѓето, за кои ако не се покаеме, нашата душа нема да се спаси, бидејќи таа ќе биде само физички жива за да страда во пеколот, но нема да биде во заедница со Бога. Во заедница со Бога ќе бидеме само ако бидеме Свети, како што рекол Самиот Господ Исус Христос: „Бидете свети, како што е Свет вашиот Отец, Кој е на небесата“ (сп. Мат. 5, 48)

Понатаму треба да направиме добри дела, спротивни на гревовите т.е. ако сме краделе, да го вратиме украденото, да помагаме на сираци, сиромаси, вдовици, болни и да дадеме прилог на храмот, како што правеле Светите праведни Јоаком и Ана, родителите на Пресвета Богоридица, кои еден дел од имотот го користеле за себе и за гостите, вториот дел го давале на сиромаси и сираци, а третиот дел го давале на Црквата. Ако така го распоредиме нашиот имот, тогаш правилно постапуваме и ќе го спасиме нашиот живот тука на земјата, за да стигнеме во Царството Небесно.

Во тој дух, браќа и сестри, треба и ова да го разбереме денеска што го слушаме од Светото Божествено Евангелие дека ние исто така треба да ги исповедаме нашите гревови. А исповедувањето на гревовите се состои во следното. Тие гревови што сме ги направиле, да ги кажеме пред духовникот (свештеникот), кој е наш духовен родител пред Бога. Замислете, ниту на Ангелите не им е дадена власт да проштеваат гревови, па затоа книжниците и фарисеите рекле: „Кој е Овој да проштева гревови“ (сп. Марко 2, 7). Таква можност не била дадена на никого, па ни на Ангелските сили, туку им била дадена на Апостолите по Христовото Воскресение, кога Господ им рекол на Апостолите: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал!“ (сп. Мат. 28, 19).

Па така, откако Господ ги положил рацете на нив, им рекол: „На кого ќе ги простите гревовите, ќе му бидат простени, а на кого му ги задржите, ќе му бидат задржани“ (сп. Јован 20, 22-23).

Што значи, што побргу да одиме кај свештеникот и да ги исповедаме гревовите. Свештеникот, браќа и сестри, не е оној што лично ги проштева гревовите, туку е само овластен да посведочи дали ние навистина се каеме за гревовите и живееме според Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци.

Како што впрочем, ако се сеќавате на оној случај со оние десетмина лепрозни луѓе, кои Го молеа Христа да ги излекува, а Христос им рече: „Отидете и покажете им се на свештениците!“ (сп. Лука 17, 14). Тие откако отишле таму и се покажале, биле излекувани, а тоа значи дека и ние ако отидеме кај свештеникот и ги исповедаме своите гревови, ќе ни бидат простени. Но ние, браќа и сестри, не се каеме, бидејќи се плашиме дека свештеникот на некого ќе ги кажел гревовите, а од друга страна кога грешиме, не се срамиме.

Во раната Црква т.е. до IV век во Црквата Христова, луѓето јавно ги исповедале своите гревови, а Господ им ги проштевал гревовите. Сега и тајно се плашиме да ги кажеме гревовите. Зошто? Оти ѓаволот така нè учи велејќи ни: „Не ги кажувај гревовите, за да појдеш во пеколот“, а не за да не се пострамиме. А ние еве, не се исповедаме за да не знаел свештеникот дека сме грешни, небаре тој е светец. Има и свештеници свети! Но ние, кои сме грешни, треба да се исповедаме. И јас се исповедам, а ако и јас како владика се исповедам, тогаш и вие свештениците и верните треба да се исповедате. И така едни со други, кога се исповедаме и си проштеваме, ќе бидеме ослободени од гревовите.

Да се помолиме, браќа и сестри, преку молитвите и застапништвото на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и на Сите Свети, Господ да нѐ избави од ова зло што нè снајде т.е. од Корона вирусот или Ковид-19. Ете, овој вирус ни е пратен за да се провери нашата вера, дали ние вистински веруваме во Бога или не.

Што рече Грузикиот патријарх? Свештениците да осветуваат вода и со Света вода да ги благословуваат домовите, а верните наутро, напладне и навечер да пијат осветена вода и да ја попрскуваат храната, бидејќи осветената вода го убива вирусот.

И тоа да го знаете дека Причесната сто на сто го убива вирусот. Тука нема никаков сомнеж дека некој не дај Боже ќе се зарази. Само оние кои се без вера, можат да се разболат, ама вината не е на некој друг, тие се виновни затоа што не веруваат. Преку Причесната никогаш не се пренесла никаква болест.

Не заборавајте, браќа и сестри, дека откако сите ќе се причестиме, свештеникот или ѓаконот, се оние што последни ја примаат Причесната. Ако некој прв треба да се зарази или умре, тоа треба да биде свештеникот, ѓаконот или владиката, кои го употребуваат остатокот од Причесната.

Па така, од тоа да не се плашите, а оние што велат да не се собираме на Литургија, тие нека си ја гледаат нивната работа, а вие слушнавте какви молитви читавме на Божесвената Литургија против оваа заразна болест. Таму каде што има вера, таму болеста не пристапува, а таму каде што нема вера, таму се шири болеста.

По молитвите на Мајката Божја, Пресвета Богородица и на Сите Свети, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар