На 23.08.2020 г., во Единаесеттата недела по Педесетница, кога ги празнуваме Светите маченици: архиѓаконот Лаврентиј, папата Сикст и другите со нив, и Свети Ирон, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.
На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Не требаше ли и ти да се смилуваш над својот брат, како јас што се смилував над тебе?“ (сп. Мат. 18, 33).
Браќа и сестри, го слушнавме Светото Литургиско Евангелие, во оваа Единаесетта недела по Педесетница, во која се говори како царот, а царот е Отецот Небесен, го повикал својот должник, а должникот се луѓето, да ја измират сметката која што ја имаат, а сметката е, сè она што Бог, ни дал нам во животот.
Царот, односно Отецот Небесен, нам ни дал сè, браќа и сестри. Небесениот Отец, на нашите прародители Адам и Ева, им го дал рајот во Едем, и им дал само една заповед, да не јадат од забранетиот плод, бидејќи им беше кажал дека „во кој ден ќе вкусите од забранетиот плод, ќе умрете“ (сп. 1. Мој. 2, 17).
Нашите прародители Адам и Ева, се додека ја имале при себе мислата за смртта, односно мислата дека ќе умрат ако јадат од забранетиот плод, не згрешиле и не умреле. Но во оној момент, кога заборавиле дека Господ им рекол дека ќе умрат, ако јадат од забранетиот плод, „умреа“, како што вели Светиот апостол Павле.
Нашите прародители умреа прво духовно, а духовната смрт е разделбата со Бога, а кога поминаа повеќе стотини години од нивното создавање, тие умреа и телесно. И така во човекот се всели смртта. Адам згреши и умре, а преку Адама и ние како негови наследници и потомци, згрешивме и умревме. Но сепак Бог не го презре и не го остави човекот, туку напротив, наместо да му одреди соодветна казна за неговата непослушност, односно за јадењето од забранетиот плод, еве милостивиот Господ, нашиот Отец Небесен, покажува огромна љубов кон човечкиот род, бидејќи по Неговото доброволно благоволение, Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, благоволи да прими човечко тело и во сè изедначи со луѓето, освен во гревот. И ете, браќа и сестри, има ли поголема љубов од оваа, кога Бог, Кој е Љубов, од Својата преголема љубов, кон човекот, наместо казна, на човечкиот род му го испраќа Својот Единороден Син, Кој доаѓа во светот во понижена положба, односно се раѓа во пештера, а не во царски палати, расте како сите деца и напредува со Светиот Дух, бидејќи Он е истовремено и Бог, и Човек, односно Богочовек.
Зошто дојде Господ на земјата? Господ дојде на земјата за да го спаси човекот, а спасението на човекот не можеше поинаку да стане, освен самиот Син Божји, Господ Исус Христос, како Богочовек, да им проповеда на луѓето, да ги поучи во сè, да им ја открие верата во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, да лекува од секакви болести, да воскреснува мртви, и најпосле доброволно да прими смрт, односно да прими најтешка и најсрамна во тоа време смрт, смрт на Крст.
Распнувањето на Крст, била страшна смрт, браќа и сестри, бидејќи луѓето кои биле распнувани, чувствувале неподносливи болки, кои траеле со денови, односно сè до нивниот последен здив.
А Спасителот наш Господ Исус Христос, иако распнат на Крст, Он од Крстот на Својот возљубен ученик, Свети Јован Богослов, му вели, а преку него и нам ни вели: „еве ви мајка“, а на Неговата Мајка, Пресвета Богородица и вели: „еве ти син“, односно, еве ти чеда. Од тогаш, Мајката Божја, станува Мајка на целиот човечки род. Па така, еве што сè Христос нам ни дал.
Христос, браќа и сестри, нам ни дал и земни благодети, ни дал прекрасен свет што го создал за нас луѓето, односно, сонце на небото, ѕвезди, планети, а на земјата, реки, потоци, езера, мориња, планини, полиња, гори, цвеќиња, односно ни ја дал сета прекрасна убавина која ја создал. Па ете, земјата дава род, за да преживееме ние и стоката. Господ ни дал сè што е потребно. Но ние, браќа и сестри, наместо да му бидеме благодарни на Бога за сето ова што ни го дал, ние уште тука на земјата, го растураме и презираме тоа богатство, што Бог ни го дал.
Меѓу другото, Бог исто така, ни дал и покајание, односно да им простуваме на оние кои ни згрешиле, и да бараме прошка од оние на кои сме им згрешиле.
Дека Спасител наш Господ Исус Христос, ни го дал сето ова, се потврдува од Неговите зборови, изговорени кон оние кои го распнале: „Прости им Боже, бидејќи не знаат што прават“ (сп. Лука, 23, 34). Спасителот му простил и на разбојникот од Неговата десна страна, кој на Христа нашиот Бог и Спасител му рекол: „Спомни си за мене Господи, кога ќе дојдеш во Царството Свое“ (сп. Лука 23, 42).
Ете, што сè ни дал Господ, но што треба ние да направиме, браќа и сестри? Од нас Господ бара, да го „возљубиме Бога, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја помисла, со сета своја сила; и ближниот свој како себеси“ (сп. Лука 10, 27). Само две заповеди биле доволни, за со нив да се опфатат сите старозаветни и новозаветни заповеди.
Доволна е само љубовта кон Бога и Својот ближен, и ништо повеќе. Ние луѓето, за жал, тоа не го правиме, туку го правиме спротивното и покрај толку многу примери во христијанскиот свет, кои ни се дадени во овие две илјади години, каде што луѓето покажале и докажале, кој е правиот и вистински пат, според учењето на нашата Света Православна вера и Црква.
Браќа и сестри, од нас се бара, како што се молиме во Господовата молитва „Отче наш“, да им ги простуваме гревовите и прегрешенијата на луѓето, кои тие ги направиле кон нас. Од нас пак, се брара да простуваме, а за да дадеме прошка, треба да разбереме дека Господ не создал за вечен живот, а не за умирање. Оној кој не може да му прости на оној кој му згрешил, тој не може да се нарече христијанин и да биде уверен дека ќе го наследи Царството Небесно.
Па така, Светито апостол Петар, при една прилика го прашува нашиот Спасител Господ Исус Христос: „Колку пати треба, да му простам на мојот брат кога ќе ми згреши? До седумпати ли?“ (сп. Мат. 18, 21). А Господ Исус Христос му вели: „Седум пати по седумдесет“ (сп. 18, 22), односно, проштевањето треба да биде бескрајно. Некој луѓе велат: „Ние простуваме, но од тоа нема никаква полза“. Ние, браќа и сестри, не сме тие што треба да судиме, но ако се заканува опасност, од оние кои тргнале по лош пат, и ние со нив се здружиме, и наместо да ги поправиме, ние подлегнуваме под нивните лоши гревови и соблазни, тогаш ние, со нив треба да го прекинеме секое телесно општење, но никако и духовното. Ние духовно, треба двојно да ги зголемиме молитвите кон нашите непријатели, односно кон оние што ни прават зло.
Тие што прават зло, браќа и сестри, не се луѓето, туку тоа е сатаната. Исто така, треба да знаеме, дека сатаната нема влас над нас. Сатаната или ѓаволот, имал влас и над праведниците во адот до Христовото Воскресение, односно до Христовто слегување во адот, кога таму го проповедал Евангелието, и ги извел праведниците од адот и ги вовел во временото Небесно Царство. Оние што не се покајале, останале во адот, а таму ќе бидат и сите оние, кои не веруваат во Христа нашиот Бог и Спасител и кои умираат без покајание, надеж во воскресение и вечен живот.
Ете, браќа и сестри, така треба да постапуваме, ако сакаме да се избавиме од гревовните состојби, во кои ние се наоѓаме тука на земјата.
Имајќи го во предвид, денешното Свето Евангелие, да извлечеме наравоучение (поука), дека Господ сè ни дал. Под сè, тука го подразбираме, спасението на нашите души, кое ни е дадено преку нашиот Спасител Господ Исус Христос, Кој се жртвува заради нас и нашето спасение. Условно, тоа значи, дека доколку се покаеме за гревовите, доколку направиме добри дела спротивни на гревовите, на пример, ако сме лажеле, да почнеме да ја зборуваме вистината, ако сме краделе, да го вратиме украденото и повеќе да не крадеме, ако сме направиле било што лошо, за сето тоа да се покаеме, и правејќи добри дела, да укажеме дека ние вистински го сакаме спасението на нашите души.
Што всушност се случува денеска, браќа и сестри? Некој ќе рече, денес само простите луѓе одат во Црква. Господ вели, дека ги избра простите, за да ги посрами мудрите од овој свет, односно лукавите, кои се под влијание на ѓаволот.
Да, Господ простите ги носи во Црква, осносно оние кои се чувствуваат грешни, но се трудат да станатпростодушни, чесни, искрени, достоинствени, а оние што се сметаат за многу паметни и учени, тие не доаѓаат во Црква, од неупатеност, и бегање од реалноста. Добар дел од нив остануваат да живеат нечесен живот, исполнет со лажење, крадење, измами, завист, убиства и со сите најлоши дела, што се случуваат во денешниот свет.
Денес во светот имаме уништување и уривање на цели држави, заради големи интереси: богатство и нафтата која ја поседуваат, а и заради интересите на некоја друга помоќна држава. Заради тоа се водат војни, затоа имаме бегалци, затоа имаме тероризам, а сето тоа е последица на бежбожните луѓе кои управуваат со овој свет и им наредуваат на премиери и претседатели, што тие треба да прават, ако сакаат и тие да добијат нешто, односно да бидат плен на митото и корупцијата. Од една страна управувачите на овој свет се борат против митото и корупцијата, а од друга страна, со лаги ги заштитуваат до максимум, кога станува збор за нивните интереси.
Таткото на лагата е ѓаволот, а тие кои така постапуваат, се всушност чеда на ѓаволот. И ние ќе бидеме чеда на ѓаволот, ако тргнеме по нивниот пат, и ако за некои лесни добивки, си ја продаваме татковината и сè што имаме. За сето тоа, браќа и сестри, потоа ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Христов Суд, а одговорот на Страшниот Христов Суд, ќе биде како во денешното Евангелие, односно ќе треба да дадеме одговор за тоа што сме направиле на земјата, односно дали сме лажеле, краделе, убивале, клеветеле или осудувале. Ете, за тоа ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Христов Суд.
Затоа да размислиме, дали и понатаму ќе ги подржуваме лажговците, клеветниците, зависниците, неморалните и недостојните, кои ни ветуваат земни богатства, како што и сатаната му ветил на Христа, дека ќе му ги даде сите богатства од овој свет, ако му се поклони.
Ако ние им се поклониме, тие ќе ни дадат сè, но каде ќе ни биде крајот? Сигурно не во Царството Небесни, туку таму каде што има плачење и чкртање со заби. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар