Дваесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомачени Димитриј“, во Буково

На 25.10.2020 г, во Дваесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светите Отци од VII Вселенски Собор и споменот на Светите маченици Тарах, Пров и АндроникСвети Мартин епископ Турски и Преподобен Козма Мајумски, Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов,  протоереите Златко Костовски, Цветко Тасески и протоѓаконот Драган Ѓоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, во село Буково.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Момче, тебе ти велам, стани!“ (сп. Лука 7, 14).

Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето Евангелие, во кое се говореше за чудото кое Спасителот наш Господ Исус Христос го направил во градот Наин, во Галилеја, која е областа во Светата земја Палестина, кога Господ Исус Христос со Своите Апостоли и мноштво народ, одел во пресрет на една поворка, која била поворка на смртта.

Имено, таа жена вдовица од градот Наин, немала никого освен нејзиниот единствен син, на кого се надевала, последните години од својот живот да и ги посвети нејзе т.е. да ја догледа, но момчето одненадеж починало. Бидејќи станувало збор за чесна вдовица, мноштво народ бил приклучен во таа поворка. И наеднаш се сретнуваат овие две поворки, едната поворка на смртта, која го носи на носила умреното момче, а од другата страна поворката на животот, која ја предводи Господарот на животот, Спасителот наш Исус Христос, Кој за Себе рекол: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6).

Христос е животот, браќа и сестри, на нас и на сите созданија. Ете, заради тоа, Господ кога ја видел колку тагува мајката на тоа момче, пристапил кон неа и ѝ рекол: „не плачи!“ (сп. Лука 7, 13), а потоа се допрел до носилото на покојниот, и му рекол на момчето: „Момче, стани!“ (сп. Лука 7, 14) И момчето станало и почнало да разговара, а Христос и го предал на мајка си.

Ова чудо, браќа и сестри, говори за тоа дека Спасителот наш Господ Исус Христос, е извор на животот, Кој со Својата смрт, смртта ја победи, и на оние што се во гробовите живот им дарува, како што пееме во тропарот на Христовото Воскресение. Освен Христа, мртви воскреснувале и Светите Апостоли и многу Свети луѓе, како во Стариот, така и во Новиот Завет. Од Стариот Завет, како пример ќе го споменеме Светиот пророк Илија, кој го воскреснал синот на вдовицата во Сарепта Сидонска, а исто така и Светиот пророк Елисеј воскреснал еден мртов човек. Сите чуда што ги правеле Светите луѓе, не ги правеле во свое име и со својата сила, туку во името на Христа нашиот Бог и Спасител.

И веднаш се поставува прашањето, кои сме ние и каде одиме? Човекот е создаден од Бога како венец на сè создадено т.е. како цар на земјата, за да управува со земјата и со сè што е на неа. Бог на човекот му дал само една заповед, да не јаде од забранетиот плод од дрвото на познавањето на доброто и злото, но нашиот прататко Адам и нашата прамајка Ева, не сакале да се воздржат и да Го слушнат Божјиот глас, па затоа кога вкусиле, умреле, како што им рекол Господ, прво духовно, а духовната смрт е разделбата со Бога, а потоа по многу години и телесно. Ние врската со Бога ја прекинуваме кога сме непослушни и кога не ги исполнуваме Божјите Заповеди. Ете, токму затоа Господ и рекол: „Моја мајка, Мои браќа, Мои сестри, се оние што ги исполнуваат Моите Заповеди“ (сп. Мат. 12, 47-48).

Па така, ние кога грешиме, тогаш духовно умираме, а телесната смрт, е последица на гревот, како што Адама и Ева не умреле веднаш, туку после многу години како последица на нивниот грев. Свети Јован Богослов, а и Свети Јован Златоуст велат дека Христос умре со една смрт и Воскресна со едно воскресение, а ние, браќа и сестри, умревме двапати и ќе воскреснеме со две воскресенија.

Кога ние се крштеваме, умираме со Христа т.е. кога детето или возрасниот човек влегува во купелот, тој умира со своите гревови, а кога излегуваме од водата, тогаш практично воскреснуваме за нов живот, како што пишува во Светото Писмо дека со Христа умираме и со Христа воскреснуваме.

Христос, браќа и сестри, заради нас и нашето спасение, доброволно излегол од прегратките на Отецот и дошол на земјата, поживеал со луѓето и ни ја открил тајната за создавањето на светот и човекот, а потоа доброволно пострадал заради нас т.е. бил биен, шамаран, плукан по лицето, трнов венец Му ставиле на главата, неправедно Го осудиле да биде распнат на Крст, кој со Својата Света Крв го осветил, па затоа велиме дека најсилно оружје на луѓето против ѓаволот, е Крстот Христов.

Ете Христос, браќа и сестри, откако доброволно пострадал т.е. претрпел смрт и распнување, со Својата сила Воскреснал од мртвите, давајќи ни и нам гаранција дека и ние ќе воскреснеме кога Христос повторно ќе дојде за да им сиди на сите умрени од памтивек, а тоа ќе биде на сеопштиот Суд, кога секој ќе треба да даде одговор за својот живот на земјата. Погледнете колку е краток нашиот живот на земјата. Ние на земјата,  гледано во однос на вечноста, живееме кратко. Животот на земјата во однос на вечноста, е еден инсерт или миг, зашто вечноста нема крај, а тоа го потврдува и псалмопевецот Давид, кој вели: „Пред Твоите очи илајада години се како вчерашен ден, што поминал“ (сп. Псал, 89, 4).

Па така, браќа и сестри, заради тоа и ние треба да разбереме дека крајот на нашиот живот е сигурен (неизбежен) на земјата.

Свети апостол Павле вели: „Еднаш човекот мора да умре, а потоа суд“ (сп. Евер. 9. 27). После смртта, браќа и сестри, доаѓа Судот Божји т.е. времениот Суд, кога душата ќе треба да дадеме одговор за животот на земјата, а телото заради својата грешност, се распаѓа во земјата. Како што пченичното зрно или зрната на другите растенија, кога ќе паднат во земјата, мора прво да изгнијат, па дури потоа да ртат и да израсне нов плод, ново растение, така и човекот, мора прво да умре, за да воскресне од мртвите.

Ете, животот на ова момче бил краток, но Господ го воскреснал, како што го воскреснал и Лазара, неговиот пријател, братот на Марта и Марија, за кого се расплакал кога како човек слушнал дека умрел. Кога Апостолите Му рекле на Христа дека Лазар умре, Господ им рекол: „Не умре, туку спие“, а тоа значи дека телесното умирање, не е смрт, туку заспивање.

Времето од нашата телесна смрт, до Второто Христово доаѓање, до општото Воскресение на сите луѓе, е време на спиење на телото во земјата, а душата се наоѓа во времениот ад или рај. До Христовото слегување во адот со својата душа, под власт на сатаната биле и душите на грешниците, но и душите на праведниците, но од тогаш се скршени вратите и резињата на адот и сатаната повеќе нема таква власт над луѓето, каква што имал до слегувањето на Христа со душата во адот, кога го разрушил адот, како што пееме во воскресниот тропар на седмиот глас.

Ете, браќа и сестри, па така и ние да знаеме како што вели и Светиот Јован Богослов, а и Свети Јован Златоуст дека има втора смрт, но и второ Воскресение. Духовната и телесната смрт, се разликуваат. Најопасна е духовната смрт, бидејќи истата настапува поради нашата гревовна состојба. Секој човек, кој е во гревови, тој не е со Бога. И секој откако ќе згреши, ако се покае, ако се исповеда кај својот духовник, ако искрено направи добри дела спротивни на гревовите т.е. ако лажел, понатаму секогаш да ја зборува вистината, ако крадел, да го врати украденото и да дава на оние што имаат потреба од тоа и на храмот. Секој што ќе направи гревови, треба да направи добри дела спротивни на гревовите, а исто така и многу солзи да пролее, како Светиот пророк Давид, кој велел дека секоја ноќ со солзи ја натопувал перницата своја. Само луѓето кои ги исповедаат своите гревови пред својот духовник (свештеникот) и плачат за истите, ќе добија прошка од Бога

Ете, браќа и сестри, знаеме дека и децата прават грешки, но веднаш за направената грешка плачат, сè додека родителот не им прости. А ние возрасните воопшто не плачеме за нашите гревови, иако правиме поголеми гревови и грешки во однос на децата. И секој од нас што мрази некого, нека не мисли дека не е рамен на убиецот, зашто измеѓу убиството и гневот нема разлика, бидејќи она што ќе го помислиме или посакаме, е рамно на она што сме го направиле. Кога Светиот пророк Давид направил грев, пророкот Натан му рекол дека тој направил голем грев, па затоа и се вели дека ако човек во својот ум посака туѓа жена, тој веќе направил прељуба во своето срце. Тоа подеднакво важи, и за мажите, и за жените. Ние не смееме да грешиме и со мислите, зашто гревовите прво доаѓаат преку мислите, кои ни ги внушува ѓаволот, и ние ако ги прифатиме грешните мисли, тогаш сме направиле грев. Тоа го докажале многу Светите Отци и подвижници на нашата Света Православна Црква.

Па затоа, браќа и сестри, меѓу другото да си споменеме дека имало многу грешници. Денеска од Светиот Апостол слушнавме за Светиот апостол Павле, кој  бил голем гонител на Црквата Божја, сè додека Христос нè Му се јавил во вид на светлина и го турнал од коњот кога одел за Дамаск да ги гони христијаните. Тогаш Свети апостол Павле почувствувал дека таа Светлина не е обична создадена светлина, туку дека се работи за личност т.е. за Христа нашиот Бог и Спасител, па затоа прашал: „Кој си Ти Господи?“, а Спасителот Господ Исус Христос му рекол: „Јас сум Христос, Кого Го гониш ти“ (сп. Дела 9, 5). После овој настан, Свети апостол Павле три дена бил слеп, а после тоа отишол во Дамаск, каде бил крстен од Ананија.

Свети апостол Павле три години се каел за своите гревови, а потоа ја отпочнал својата апостолска и евангелска мисија меѓу многубошците т.е. меѓу оние, кои не знаеле за Бога.

Па така, браќа и сестри, секој од нас што прави гревови, да не мисли дека во Царството Небесно или не дај Боже во адот ќе биде поинаку. Какви ни се нам гревовите, такви ќе ни бидат и телата, и по тоа ќе нè препознаат, па дури и овде во светот не препознаваат, а камо ли таму. Да си спомнуваме за Каин, кој кога го уби својот брат Авел, Господ му стави знак за да го препознаат дека е тој убиец. Но Каин Му се пожали на Господа велејќи Му: „Секој што ќе ме сретне, ќе ме убие“ (сп. 1. Мој. 4, 14), а Господ му рече: „Тоа нема да се случи; оти, кој ќе го убие Каина, седумпати ќе се казни!“ (сп. 1. Мој. 4, 15).

Па така, ако ние сме убијци не дај Боже, а убијци сме кога ги мразиме браќата, кога правиме абортуси или учествуваме во абортусите, а за сето тоа не се исповедаме, мислејќи дека тоа не е никаков грев, треба да знаеме дека таквите гревови нè водат во пеколот, а не во рајот.

Ете, токму затоа треба да бараме прошка за гревовите, бидејќи како што на небото сите небесни тела се различни т.е. еден е сјајот на сонцето, друг на месечината или на ѕвездата деница, така и човек од човек се разликува по своите добри или лоши дела, како ѕвезда од ѕвезда.

Па така, браќа и сестри, да се помолиме преку молитвите и застапништвото на Светите Отци на Седмиот Вселенски Собор, кои го одржале вистинското учење во нашата Света Православна Црква, онака како што ни го предал Христос нашиот Бог и Спасител и Светите Апостоли.

По нивните молитви и по молитвите на Светиот Великомаченик Димитриј Солунски и на Мајката Божја, Пресвета Богородица, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

 

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар