Дваесет и трета недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик

На 15.11.2020 г., во Дваесет и третата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Преподобниот Маркијан Кирски, Светиот свештеномаченик Викторин, епископ Патавски, и споменот на  Светите маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Автониј, Елпидифор и другите со нив, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Златко Крстевски, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Исусе, Сине на Севишниот Бог, зошто си дошол пред време да ме мачиш“ (сп. Лука 8,28).

Со овие зборови, браќа и сестри, му се обратил оној легион на Христа нашиот Бог и Спасител, кој Христос го изгонил од еден човек, кој полуоблечен или гол живеел во гробештата во земјата Гергесинска, каде народот не бил доволно упатен во верата и во Мојсеевиот закон, кој точно и правилно пропишувал како треба да живее израилскиот народ.

Браќа и сестри, ние сме живи само тогаш, кога сме заедно со изворот на животот т.е. со Христа нашиот Бог и Спасител, Кој за Себе рекол: „Јас Сум Патот, Вистината и Животот“ (сп. Јован 14, 6). Друг пат, друга вистина и друг живот, не постои ни во овој, ни во оној свет, освен Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос, заедно со Отецот и Светиот Дух.

Кога ние не сме заедно со Христа нашиот Бог и Спасител, со Троичниот Бог, тогаш ние, браќа и сестри, не живееме природен живот, онака како што нè создал Господ, да бидеме во заедница со Него.

Па така, заедничарењето со Бога, е голема работа, а за тоа нам ни е потребно да имаме чиста и совршена вера, како што ни ја дал Самиот Господ Исус Христос, а исто така треба да имаме и совршена љубов, зашто Бог е љубов и извор на љубовта. Без вера, љубов и надеж, ние  не можеме да бидеме во заедница со Бога.

Луѓето што не се во заедница со Бога, се во заедница со сатаната, како што бил во заедница со сатаната и оној бесомаченик, за кого денес слушнавме од Светото Евангелие, кога Господ со Своите Апостоли пристигнал во градот Гадара во земјата Гергесинска, каде на гробиштата живеел овој човек, за кој стана збор во Светото Евангелие. Тој бил човек, кој имал семејство т.е. жена и деца, со кои сигурно се радувал, сè додека сатаната и неговите ангели (демоните), не почнале да вршат влијание врз неговиот ум, неговите мисли и неговото срце.

Сатаната, заедно со неговиот ангели (демоните), браќа и сестри, истото тоа го прават и денес, а ќе го прават сè до крајот на овој свето.

Па така, нечестивиот и неговите ангели (демоните), прво ни внесуваат грешни мисли, кои не секогаш се препознатливи како грешни, зашто многупати под видот на добри мисли, можат да влезат во нашиот ум. Сè додека не прифатиме некој грешна мисла, ние не сме направиле никаков грев. Таквите грешни мисли можат да бидат стотици и илјадници, но ако ние  истите не ги прифаќаме, не правиме никаков грев. Кога човек ќе прифати некоја грешна мисла, тогаш таа се нуди да биде предмет на разговор со нас, и ние кога ќе почнеме да си разговараме со грешната мисла, веќе правиме грев во нашата душа и во нашето срце, зошто Спасителот Господ Исус Христос вели:  „Секој што ќе погледне жена со желба да ја има, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое“ (сп. Мат. 5, 28).

Господ вели дека за секоја наша грешна мисла, што ние сме ја прифатиле и за секој грешен збор што сме го кажале, ќе одговараме пред Бога.

Затоа, браќа и сестри, потребно е да се пазиме од сето тоа. Доколку тоа не го направиме, ќе се доведеме во иста состојба со овој бесомачен човек, кој живеел во гробиштата во близината на гергесинскиот град Гадара, кој станал жртва на сатаната, прво преку грешните мисли, желби, похоти, страсти и чувства.

Во Светото Евангелие се вели дека тој, од неговите блиски, бил врзуван во синџири, кои ги кинел. Со која сила, браќа и сестри, овој човек ги кинел тие големи и цврсти синџири. Тој истите не ги кинел со својата физичка сила што ја имал од Господа, туку со помош на демоните, кои биле вселени во него. Во Светото Писмо е кажано: „Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, властите, против светските сили на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (сп. Ефес. 6, 12), а тоа се сатаната со неговите ангели (демоните), кои биле исфрлени од небесата во поднебесните простори. Демоните најмногу сакаат да престојуваат во пусти места и во гробишта. Некој ќе праша: зошто демоните сакаат да престојуваат во пустите места и во гробиштата? Бидејќи таму, во гробиштата, се телата на многу грешници. Ете, поради тоа сатаната и неговите ангели (демоните), сакаат да бидат таму, каде што се положени телата на грешниците. Од таму, многу Свети луѓе кога сакале да се ослободат од сатаната и неговите демони, оделе во пусти места и во гробишта, за да се борат со сатаната и нечистите сили (демоните). Еден од нив е и Свети Атанасиј, кој три години поминал на гробиштата, за да се бори со демоните. Неговиот пример  го следеле безброј пустиници , кои живееле во пештери и пустини, каде имало премногу демони, со кои требало да се борат и да извојуваат победа.

Па така, браќа и сестри, овој бесомачен човек, кој живеел на гробиштата, кога Христос пристапил, тој уште од далеку почнал да вика т.е. не тој, туку оној што бил во него, а во него не бил еден демон, туку легион, зашто кога Христос прашал: Како ти е името?, демоните што биле во него одговориле: „Името ми е легион“.

Легион е име за дивизија во римската  војска, која броела околу шест илјади војници, а нашата војска брои пет илјади војници. Замислете, илјада демони повеќе имало во тој човек, отколку што е бројот на нашата војка. Затоа тој бил силен, бидејќи демоните управувале со него. Тој всушност бил под нивната власт, па затоа ни тој не можел да одлучува за самиот себеси. Овој бесомаченик дури и не можел да каже како му е името, бидејќи од него проговориле демоните и рекле дека името им е легион, односно шест илјади демони на број, според војската што тогаш ја имала Римската Империја за една дивизија, за еден легион.

Па така, браќа и сестри, кога Христос го прашал овој човек како му е името, демоните во негово име рекле дека името им е Легион, а потоа не можејќи да го поднесат Христовото присуство, Му се обраќаат на Христа со зборовите: „Исусе, Сине на Севишниот Бог, зошто си дошол пред време да нè мачиш“ (сп. Лука 8, 28). Сатаната, браќа и сестри, знае дека Бог постои и сака да се ослободи од Него, бидејќи присуството Христово за него е страшно мачење.  Кога Христос им заповеда на демоните да излезат бесомаченикот, демони од Христа Спасителот бараат да им дозволи барем да направат уште некоја пакост, а тоа било да влезат во едно стадо свињи, кое пасело на брегот. Па така, откако Христос им дозволил и тие влегле во нив, свињите не можејќи да ги поднесат, се стрчале по стрмнината, скокнале во езерото и се издавиле.

Ете, кога луѓето од градот Гадара сушнале дека свињите се издавиле, а тоа им го кажале свињарите, дошле да видат што се случило, и го виделе овој болен човек, кој пред тоа бил опседнат од демоните, како седи пред Христовите нозе и разумно разговара, обземени од желбата за боатството, кое го печалеле преку она што им било забрането да го прават, според Мојсеевиот Закон, односно да чуваат свињи заради среброљубието, заради желбата за богатство, дошле и Му рекле на Исуса Христа: „Оди си она нас Господи“ (сп. Лука 8, 37), наместо да Му речат: „Дојди Господи и биди при нас“ (види Јован 4, 40), како што при друга прилика, луѓето од градот Самарија кои биле непријатели на Евреите, Го повикале Христа нашиот Бог и Спасител да престојува во нивниот град. А еве овде при овој настан, Гадаринците Го избркале Господа Исуса Христа, Кој потоа се качил во кајчето и заедно со Своите Ученици отпловил на другата страна, на езерото.

Се поставува прашањето, браќа и сестри, ние луѓето колку Го сакаме Бога? Кога ќе погледнеме колку православни христијани има во храмот, кои се крстени и миропомазани, кои доаѓаат во храмот, ги исповедаат за своите гревови и се причестуваат, и такви кои доаѓаат во храмот Божји  одвреме навреме или поточно речено по некој повод т.е. на некоја крштевка, венчавка или погреб, но не од љубов кон Христа нашиот Бог и Спасител, ќе констатираме дека ние не Го сакаме Бога во нашиот живот. Со Бога сме заедно, само тогаш кога Господ е во нашиот ум, во нашите мисли, во нашите срца, во нашите чувства. Ние секогаш кога стануваме од постела треба да се прекрстуваме и Го споменуваме Неговото Свето Име и ако преку целиот ден само на Бога мислиме и од Него помош бараме; кога ниту една работа без прекрстување и без изговарање на Неговото Свето име не започнуваме и не завршуваме.

Ако сме такви христијани, кои и во радост и во жалост, во тага и во среќа Го имаме Бога, тогаш, браќа и сестри, нема нешто што може да ни биде пречка за заедница со Бога.

Па така, треба да знаеме дека сатаната постоел и тогаш, а постои и денеска со неговите ангели, но до Христовото слегување со Неговата душа во адот, сатаната имал целосна власт над луѓето т.е. не само врз грешниците во Стариот Завет, туку и над праведниците. Но кога Христос со Својата душа слегол во адот, тогаш ги скршил резињата и вратите на адот, каде што се наоѓале душите, и на грешниците, и на праведниците, и од тогаш наваму сатаната нема таква сила, каква што имал до тогаш над луѓето. Па така, ние не треба да се плашиме од сатаната, туку треба да се плашиме од гревот. Треба да се плашиме од тоа да не Му згрешиме на Бога, да не постапиме недостојно и нечесно, како што постапила нашата прамајка Ева, која заедно со нашиот прататко Адам, кога биле во рајот, ја погазиле единствената Божја заповед да не јадат од забранетиот плод, од дрвото на познавањето на доброто и злото. Ако ние тоа го имаме во нас, ако постојано нашите мисли и чувства се упатени кон Бога, ако ништо не правиме без Бога во овој живот, тогаш ние сме во заедница со Бога. Затоа ние постојано треба да бидеме во заедница со Бога, а особено на Божествената Литургија, кое е централното богослужение на нашата Света Црква, на кое практично Небесната Литургија, се одразува тука на земјата.

Божествената Литургија, е небо на земјата. Сè што се случува на небото, се случува и на земјата на Божествената Литургија. Па така, оној што е секогаш присутен на Божествената Литургија и кој живее подвижнички (аскетски) живот во пост, молитви и подвизи, тој секако е во заедница со Бога.

Па затоа, ние ако сакаме да се ослободиме од сите искушенија што доаѓаат во светот, тоа можеме да го направиме само ако постојано мислиме на Бога, бидејќи вели Свети апостол Павле: „Живееме ли, умираме ли, Господови сме“ (сп. Рим 14, 8). Ние не треба да мислиме дека животот постои само тука на земјата. Ние, браќа и сестри, гости сме на земјата. Еве да си спомнеме како некои, само што се родиле, веднаш умреле или уште неродени, умреле во утробите на своите мајки, а пак,  некои живеат и над сто години. Што фајде и илјада години да живееме на земјата, ако не живееме во заедница со Бога, зашто кога ќе заврши нашиот живот на земјата, ќе треба да дадеме одговор на Страшниот Суд.

Имено, да размислиме колку кај нас има таканаречени интелектуалци т.е. луѓе кои завршиле факултети, а некои магистрирале и докторирале, но за Христа, за идниот живот, ништо незнаат. Жалосно! Животните се подостојни, и од нив, и од нас, зашто тие постапуваат според нивното назначување, за кое се создадени. Секое животно, е создадено да си ја изврши својата улога (назначување) тука на земјата. Ако погледнеме, ќе видиме дека  едни животни се питоми, а други се диви, но секое постапува според тоа што му е наложено, а човекот не. Човекот, кој е создаден да биде во заедница со Бога, тој се противи на Бога. Човекот, кој е создаден за вечен живот, сака тука на земјата да го оствари својот вечен живот, заборавајќи на зборовите на Свети апостол Павле, кој вели: „Еднаш човекот мора да умре, а потоа суд“ (сп. Евер. 9, 27). После времениот суд, доаѓа и Страшниот Суд, на кој ќе треба да дадеме одговор за нашиот живот на земјата.

Знаејќи го сето ова, ние и покрај тоа не сме ослободени од влијанието на сатаната и неговите ангели, па затоа треба да се бориме против сатаната. Да се бориме против сатаната, значи кога ќе се најдеме во било какви искушенија, почнувајќи од грешните мисли и помисли што ни доаѓаат во умот, а потоа и од грешните желби, чувства, похоти, страсти и намерите, кои се наоѓаат во нашите срцата, да се ослободиме. Ако сето тоа не го направиме, ако не ги очистиме срцата од грешните желби, похоти, страсти, чувства и од грешните дела, ако умот не го просветлиме, со тоа што нема да дозволиме во него да се вселуваат грешни мисли, помисли и фантазии, тогаш ние не можеме да се спасиме.

Ако овие две работи ги направиме, нам веќе ни е загарантирано нашето живеење во Царството Небесно. А оние што се совршени т.е. светителите, тие веќе се ослободиле од секаква страст и од секаква желба за земно живеење, бидејќи ништо не сметаат дека е нивно, во споредба со денешните Гадаринци, кои биле приврзани кон земните и материјални богатства, односно среброљубието, заборавајќи дека најбогатиот човек во Стариот Завет, Светот многустрадален Јов рекол: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово!“ (сп. Јов 1, 21), и ништо не сметал дека е негово.

Во овој свет, браќа и сестри, ништо не се случува без Божјо допуштање. Господ ако допушти, ќе имаме страдања, маки, потешкотии и страшни искушенија. Но Христос ни вели: „Не бојте се, зашто Јас го победив светот“ (сп. Јован 16, 33           ). Значи само со Божјата помош ние можеме да го победиме секое зло.

Исто така треба да знаеме дека таму каде што има нечисти мисли, нечисти желби, нечисти похоти и страсти, таму всушност е сатаната со неговите ангели (демоните). Ако ние не живееме според Божјиот Закон (Светото Писмо, Светото Предание и учењето на Светите Отци), како што Гадаринците не живееле според Мојсеевиот Закон, тогаш може да нè снајде истото она што го снашло и овој бесомаченик, и Гадаринците.

Па затоа, да се помолиме на Мајката Божја, Пресвета Богородица, на Светите Ангели и на Сите Свети, по нивните молитви Господ да нè сочува и спаси. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар