Дваесет и четврта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 22.11.2020 г., во Дваесет и четвртата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светите маченици Онисифор и Порфириј, преподобниот Јован Коловпреподобната Матрона Цариградскапреподобниот Ефтимиј Дохијарски и неговиот ученик Неофит, преподобната Теоктиста ПароскаСветиот Симеон Метафраст и споменот на Свети Нектариј Егински, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски и ѓаконот Златко Крстевски, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Не плачете, таа не е умрена, туку спие!“ (сп. Лука 8, 52).

Браќа и сестри, го слушнавме денешното Свето Литургиско Евангелие, во кое се говореше за тоа како Спасителот Господ Исус Христос, откако не бил примен од Гадаринците, на кои им го излекувал бесомачниот човек, преминал со Своето кајче на другата страна т.е. во североисточниот дел на Генисаретското езеро, каде што го пречекал мноштво народ, каде проповедал и лекувал од секаква болест и немоќ.

Таму, на тоа место дошол еден стотник по име Јаир, кој бил началник на синагогата, а синагогите биле еврејски правоаголни храмови без куполи, во кои немало ништо посебно, освен на една маса, на која бил поставен Законот Мојсеев.

Стотникот Јаир, бил многу почитуван човек од луѓето, кои со посебно внимание се однесувале кон него. Овој човек имал сопруга и една единствена дванаесет годишна ќерка, која тешко се разболела. Јаир, браќа и сестри, се имал обратено за помош  кај многу лекари, но никој не можел да ја излекува. Неговата единствената и последна надеж, му била во Христа нашиот Бог и Спасител, зашто слушнал дека Он лекува од секакви блести. Ете, кога отишол да Го побара Христа меѓу народот, каде што Он обично проповедал и лекувал, меѓу другото бил и сведок на чудото со една жена, која дванаесет години страдала од крвотечение, која сиот свој имот го потрошила на лекарите, но ништо не и помогнало.

Оваа болна жена, браќа и сестри, посакала Христос да ја излекува, ама немала храброст да Му рече, па си рекла самата на себе: „Само ако се допрам до Неговите алишта, ќе се излекувам“ (сп. Мат. 9, 21). И навистина, заради нејзината силна вера, таа се излекувала.

Кога болната жена се допрела до Христа и се излекувала, Христос прашал: „Кој се допре до Мене?“ (сп. Лука 8, 46). Тогаш Апостолите Му рекле: „Гледаш ли Учителу, дека народот Те опколил и Те притиска од сите страни, а Ти прашуваш, Кој се допре до Мене“ (Лука 8, 45). Христос им одговара: „Некој се допре до Мене, бидејќи почувствував дека сила излезе од Мене“ (сп. Лука 8, 46). Тогаш жената се уплашила и со страв паднала пред Неговите нозе и барала прошка, а Господ и рекол: „Не бој се ќерко, стани, верата твоја те спаси“ (сп. Лука 8, 48), а Јаир тогаш си рекол во себеси: „Леле колку многу време помина, можеби мојата ќерка е веќе умрена“.

И навистина, во меѓувреме стигнал еден од слугите негови, кој му рекол: „Не мачи го Учителот, бидејќи ќерка ти умре“ (сп. Лука 8, 48). Тогаш Господ му се обраќа на Јаира и му вели: „Не бој се, само верувај, таа не е умрена, ќе се спаси“ (сп. Лука 8, 50).

И ете, Господ посакал да оди во неговиот дом, заедно со Своите тројца Ученици: Петра, Јакова и Јована. Кога стигнале во домот на Јаира, насекаде се слушало плачење, бидејќи тогаш имало посебни жени кои плачеле за пари, како што и кај нас имаше во дамнешно време, јас добро паметам за тоа, кои плачеа или беа платени да плачат за покојните.

Кога Христос дошол тука им рекол на присутните: „Не плачете, таа не е умрена, туку спие“ (сп. Лука 8, 52), а тие Му се потсмевале. Тогаш Христос ги истерал сите од домот, зашто Му се потсмевале и не верувале. Господ, браќа и сестри, не ги исполнува желбите т.е. не прави чуда пред оние кои не веруваат, па затоа ги истерал, а останале само Јаир со сопруга и Неговите Ученици и Апостоли: Петар, Јаков и Јован. Тогаш Христос , откако се помолил за неа, ја допрел нејзината студена рака и ѝ рекол на арамејски: „Талита, куми!“, што значи: „Девојко, ти велам стани“ (сп. Лука 8 54). Тогаш девојката веднаш оживеала т.е. воскреснала, а за да се потврди дека таа вистина воскреснала, Господ им рекол на родителите да и дадат да јаде, за да се потврди дека таа е навистина здрава, зашто ако била болна, таа немало да сака да јаде, а и ние знаеме дека кога сме болни, не ни се јаде, ама ако сме здрави, ни се јаде. Ете, со тоа се докажало дека девојката  навистина оживеала т.е. воскреснала.

И ете, откако Господ го направил големо чудо, им рекол на присутните: „За ова, никому не кажувајте“ (сп. Лука 8, 56). И веднаш се поставува прашањето, браќа и сестри, како можело да се случи ова чудо, кога Евреите не верувале во Воскресението на мртвите? За жал, повеќето од православните христијани, со своите постапки не веруваат во Воскресението на мртвите. Ете, кога ќе се случи да почине некој близок, ако видите безнадежни пиштење и плачење, знајте дека тука нема вера, но ако плачењето е тивко и исполнето со воскресенска радост, тогаш во тие луѓе има вера, зашто Христос преку устата на Светиот апостол Павле рекол: „Живееме ли, умираме ли, Христови сме“ (сп. Рим, 14, 7-8).

Па така, во сите наши животни постапки, па и во смртта, ако веруваме во Христа, тогаш сме Христови, зашто не може да Му се угоди на Бога, без вера во Него.

Како ќе се случи воскресението од мртвите? Сеопштото воскресение на мртвите, ќе се случи кога Христос нашиот Бог и Спасител, повторно ќе дојде во светот за да им суди на живите и мртвите. Тогаш Ангелите, со трубен знак од сите четири страни на светот, ќе го објават Христовото доаѓање, и како што молњата светка од исток до запад, така брзо ќе биде и доаѓањето на Христа. Тогаш ќе се отворат книгите, на кои како со камера е снимено сè од почетокот, па до крајот на светот. Тогаш сите ќе воскреснат т.е. не само праведниците, туку и грешниците, секој да даде одговор за своите дела на Страшниот Суд.

Затоа Господ Исус Христос укажал на тоа дека ништо не се случува без Божјата волја. Он вели дека ниту едно влакно од нашата глава не паѓа без Божјата волја. Сè што се случува, браќа и сестри, сè е по Божјата волја, освен ако ние самите не ја злоупотребиме слободната волја и посегнеме по нашиот живот или по животот на другите.

Ете, затоа Господ Исус Христос ја воскреснал оваа девојка, за да ни даде доказ за воскресението, бидејќи Евреите не верувале во воскресението на мртвите, а исто така не верувале и незнабошците.

Која е жената, која дванаесет години боледувала од крвотечение? Таа, браќа и сестри, е претставник на незнабошците. Кога се родила ќерката на Јаир, тогаш таа се разболела, и боледувала дванаесет години, колку што живеела, до воскресението, ќерката на Јаир.

Па така, после сето ова, нам ни е јасно дека ние, браќа и сестри, „живееме ли, умираме ли, Христови сме“ (сп. Рим, 14, 7-8).

Денес меѓу луѓето има, и верници, и неверници т.е. не се сите луѓе исти. Има неверници и меѓу најпростите луѓе, кои ништо незнаат за нашата Православна Верата, а има неверници и меѓу најучените, кои не сакаат да веруваат, бидејќи се горделиви.

Па така, немојте да мислите дека верата им припаѓа само на нај учените или на средната класа, кои се недоучени, или неписмените. Верата им припаѓа на сите. Ќе го споменеме Њутон,  кој бил најучениот човек во неговото време т.е. во XIX век, кому сите му се потсмевале, затоа што верувал во воскесението на мртивте. Тој толку многу Го почитувал Бога, така што кога ќе се спомнело Божјото име, пред сите луѓе, на јавни места, ја симнувал капата. Оние кои му се подсмевале, прашувале: „Како е можно воскресението од мртивте?“ Тој им велел: „„Што, зарем не верувате дека постои живот после смртта, еве јас ќе ви покажам. Растурете железни струганици и дајте ми една магнетна прачка“. Кога поминал со прачката и ги собрал сите струганици од железото, и рекол: „Ако јас како смртен човек ви покажав дека не е уништено железото, односни струганици, кои магнетот ги собра, тогаш Бог, Кој сè создал, зарем не може да ги собере изгниените и распаднати тела на луѓето?“

Некои прашуваат, па добро каде ние имаме пример за тоа? Имаме, браќа и сестри, пример во природата. Да го земеме за пример пченичното зрно, кое се сее во земјата, а потоа сè додека не скапе (не се разложи), не може да изрти и да донесе плод сè додека не умре, нема да воскресне, нема да изрти, нема да израсне и да донесе плод, а обично еден класт некогаш дава и по педесет зрна.

Ете, тоа ни е примерот дека, додека не се распадне зрното во земјата, истото не може да донесе нов плод. Па да веруваме и ние дека додека не се распаднат нашите тела, нема да воскреснат. Она што е ркулецот во растенијата, во зрната, кој дава нов живот, тоа кај луѓето е душата, кое е нематеријално, разумно и слободно суштество, кое му дава моќ на телото, и е носите на чувствата, волјата и знаењето.

Па така, душата е живо и наматеријално суштество, која преку своите делови умот, разумот и волјата, кореспондира на Троичниот Бог т.е. умот, кореспондира на Бога Отецот, разумот, кореспондира на Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, a волјата, кореспондира на Светиот Дух, Кој предвечно излегува од Отецот.

Бог нè создал, како што читаме во Светото Писмо, според Неговиот образ и подобие. Како што Бог е Троичен т.е. Отец, и Син, и Свет Дух, така и душата е троична, односно има три дела: ум, разум, и волја. Ние сме од Бога создадени не за умирање, туку за живот вечен, а умирањето е последица на гревовната состојба на човекот. Па токму затоа Христос нашиот Бог и Спасител, ги победил двата најголеми непријатели на човештвото, а тоа се гревот и смртта. Христос, гревот го победил со својата безгрешност, а смртта ја победил со Својата смрт, Воскреснувајќи од мртвите.

Ете, тоа е суштината и на денешното Свето Евангелие дека ние, „живееме ли, умираме ли, Христови сме“ (сп. Рим, 14, 7-8).

Човекот доаѓа во живот преку утробата на својата мајка, а во вториот живот доаѓа преку утробата на мајката земја т.е. гробот. Она што е утробата на мајката од која се раѓа детето, тоа е утробата на земјата, преку која човекот треба да оживее. Гробот, сè до Христовото Воскресение, бил најстрашното нешто, бидејќи се мислело дека со него завршува сè. И денес има луѓе кои така мислат и плачат неутешно за умрените, оти немаат вера во воскресението на мртвите. Свети апостол Павле вели: „Немојте да плачете како оние што немаат вера во воскресение на мртвите“ (сп. Сол 4, 13). Преку гробот, ние практично ја достигнуваме целта за која сме создадени, а тоа е вечниот живот.

Христос рекол: „Јас Сум Воскресение и живот“ (сп. Јован 11, 25). Без Христа, нема вистинско воскресение за живот вечен. Има воскресение за сите, но не за живот вечен, бидејќи грешниците ќе воскреснат за вечното страдање во огнената геена, а праведниците за вечната радост во Царството Небесно.

Да се помолиме, браќа и сестри, на денешните Свети, на Свети Нектариј Егински и Света Матрона, на кои денеска споменот им го празнуваме, по нивните молитви, Господ да ги просветли нашите умови, за да не дозволуваме  во нив да влегуваат грешни мисли, помисли и фантазии. Да се помолиме исто така, Господ од нашите срца да ги отстрани сите нечистотии, како што се: грешните желби, грешните намери, грешните похоти, грешните страсти и грешните дела. Само со очистени срца и просветлени умови, ние можеме да побараме помош од Господа Исуса Христа, како што побарала жената Хананејка, која Го молела Хриса да ја излекува нејзината болна ќерка, а Христос и рекол: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата“ (сп. Мат. 15, 26), а таа рекла: „И кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на господарите“ (сп. Мат. 15, 27).

И ние да побараме од трошките на нашиот Спасител Господ Исус Христос, да ни даде чиста и неповредена вера, како што Самиот Христос ни ја предал преку Светите Апостоли, Апостолските мажи и Светите Отци од древните времиња.

Ете, само така ние можеме да се спасиме, ако имаме вера, а ако немаме доволно вера, треба да го следиме примерот на таткото на она бесомачно момче, кому Господ му рекол: „Веруваш ли дека можам да го излкувам твојот син“ (сп. Марко 9, 23), а тој, иако доволно не верувал, рекол: „Верувам Господа, помогни му на моето неверување“ (сп. Марко 9, 24). Сличен пример имаме и со Свети апостол Петар, кој кога почнал да тони рекол: „Господи, помогни ми“ (сп. Мат. 14, 30), и Господ му подал рака.

И ние, секогаш кога ќе се најдеме во незгоди, страдања, опасности и испкушенија, па и во радости, секогаш треба да Му благодариме на Бога, бидејќи треба да се молиме не само кога страдаме, туку и кога имаме убави денови и задоволства, кои Бог ни ги дава.

По молитвите на Свети Нектариј Егински и Света Матрона, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар