На 16.08.2020 г., во Десеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме преносот на моштите на Свети Климент Охридски и споменот на Преподобните Исакиј, Далмат и Фауст, Преподобен Козма евнух, Преподобен Антониј Римјанин и споменот на Светата мироносица Саломија, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Стеван Здравески, Љупчо Атанасов и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченица Недела, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Браќа и сестри, во оваа Десетта недела по Педесетница, си спомнуваме за чудото кое го направил нашиот Спасите Господ Исус Христос, кога заедно со Неговите тројца ученици, Петар, Јаков и Јован, слегол од гората Тавор.
На гората Тавор, Христос се преобразил пред Своите ученици, а тие не можејќи да ја гледаат светлината што од Него излегувала, паднале ничкум. Восхитени од Светото Преображение, тие побарале да направат три сеници, една за Христа нашиот Бог и Спасител, и по една за Мојсеј и Илија, кои го придружувале Христа и разговарале со Него при Светото Преображение.
Кога Господ, заедно со своите ученици, се симнал од гората Тавор, кон Него пристапил еден човек, кој побарал од Христа да го излекува неговиот син, кој страдал од бесен и нем дух. Претходно овој човек, ги молел Христовите ученици да го излекуваат неговиот син, но тие не можеле да го излекуваат, и токму затоа сега му се обраќа на Христа нашиот Бог и Спасител и му вели: „ако можеш излекувај го“ (сп. Мат. 17, 15).
Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој ги знае нашите души, срца и чувства, знаејќи ја причината или дијагнозата за болеста на тоа дете, му се обраќа на таткото со зборовите: „Веруваш ли дека можам да го излекувам“, а тој, кога видел дека Господ знае, дека тој не верува и дека причината за болеста на неговото дете е неговото неверување, извикал со силен глас: „Верувам Господи, помогни му на моето неверување“, односно дај ми сила да поверувам, дека можеш да го излекуваш мојот син. Во тој час, се вели во Светото Евангелие, духот, го фрлил момчето на земјата, а тоа почнало да пушта пени на устите и да се тресе.
Кога се помислило дека е веќе умрено, Господ му наредил на нечистиот и нем дух да излезе од него и тој излегол. Тогаш учениците Христови насамо го прашале Христа: „.Зошто не можевме ние да го излекуваме?” (сп. Мат. 17, 19), а Спасителот им одговара: „Заради вашето неверие“ (сп. Мат. 17. 20), односно заради неверувањето на таткото, а исто така и заради отсуството на Божја благодат во учениците Христови, бидејќи тие сеуште го немале примено Светиот Дух, Кој врз нив слегол на празникот Педесетница. Апостолите, заради немањето на Светиот Дух, односно заради отсуството на полнотата на Божјата благодат во нив, не можеле да го излекуваат момчето.
На гората Тавор, браќа и сестри, при Христовото Преображение имаме поинаква случка со пророците Мојсеја и Илија, кои не само што ја поднесувале Христовата Светлина, туку тие и разговарале со Него, а неговите ученици Петар, Јаков и Јован, не можеле да ја поднесат Неговата Светлина и паднале ничкум. Овие славни пророци, Божјата благодат или Божјата светлина, изобилно ја задобиле уште пред Слегувањето на Светиот Дух, бидејќи знаеме дека Светиот славен пророк Мојсеј, кога се искачил на гората Синај, таму го видел Бога, но не лице в лице, туку од зад грб низ процепот, и одеднаш се исполнил со Божјата благодат, и токму затоа луѓето не можеле да го гледаат, а тој морал да си направил покривало пред лицето Свое.
Со Божјата светлина, бил озарен и Светиот пророк Илија, кој потоа бил вознесен на небото со огнена кола и огнени коњи, а тоа се всушност несоздадените Божји енергии, кои го вознеле на небесата.
Браќа и сестри, еве сега ние ја имаме таа можност, од примерот на ова чудо, да се поучиме како може да се истера нечистиот дух од луѓето. Господ рекол, дека нечистиот дух се изгонува само со пост и молитва.
Во една стихира, која се пее во Велигденскиот пост се вели: „Да постиме браќа, духовно и телесно!“ Ние во нашиот живот, предимство треба да му дадеме на духовниот пост, а тоа значи да се воздржуваме од големите и смртно гревови, како што е на пример гордоста, (горделивоста) од која произлегува суетата и сите други гревови. Горделивите луѓе, се сметаат себеси дека се најпаметни, најучени и најспособни, а како последица на тоа, потоа во нив се појавува суетата.
Покрај овие гревови, ние имаме и гревови на телото, а тоа е сластољубието, потоа имаме и гревови на очите, како што е среброљубието, за кое копнееме, гледајќи ги убавите нешта, кои ги посакуваме во овој свет. Кон овие гревови ќе ги додадеме зависта и мрзеливоста. Луѓето кои се мрзеливи, се луѓе кои се предале на сатаната, бидејќи тој што не работи, како што вели Светиот апостол Павле, нетреба ни да јаде.
Кон овие гревови ќе го додадеме и гревот униние или безволноста за живот, или како што денска се нарекува „депресија“. Депресијата не е болест, браќа и сестри, депресијата е грев. Луѓето што се во депресија, имаат некоја своја желба и цел, т.е. си создаваат свој бог или идол, и нему му служат и го сакаат повеќе од Бога.
После унинието, доаѓа најопасниот грев, а тоа е очајанието. Очајанието е грев, кога ние ја предаваме својата душа на ѓаволот. Штом ќе ја предадеме душата на ѓаволот, ние повеќе не раководиме со својата душа.
Ние често слушаме по медиумите и телевизиите, како во денешно време размислуваат луѓето, односно размислуваат како да отидат во Европа, за да си обезбедат материјални нешта и да бидат што побогати. Европа не дава незаработени пари. Оние што одат во Европа или што веќе се отидени, ако овде работат така како што работат во Европа, ќе имаат два пати повеќе. Но нашиот робовски однос, односно односот да се господари над луѓето, кои ги тераат да работат за нив, мислат дека целта во животот се парите и богатството. Не, браќа и сестри, богатството не е цел, богатството е средство, кое треба да ни послужи за спасение на нашите души.
Зошто некој би печалел многу пари, и тие пари да ги употреби за да си ја загуби душата своја. Потребни се само основните услови, а основните услови се да имаме храна, за да се прехраниме, облекло, за да се облечеме и она што е најпотребно во животот, а сè друго е вишок.
Знаеме дека во Стариот и во Новиот Завет, имало набожни богати луѓе, но тие богати луѓе, својот имот не го користеле за да ги загубат душите, туку напротив, богатството го користеле, за да ги спасат своите души, како што бил случајот со патријархот Авраам, кој бил најголемиот гостопримец. Патријархот Авраам не дозволувал никој да го одмине неговиот дом, туку сите патници и намерници ги прибирал, и токму затоа се удостоил да го прими и Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, во вид на Тројца патници, а тие биле Три Ангели, што ги претставувале Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
Во Стариот Завет, како пример го имаме и многустрадалниот Јов, кој бил најбогатиот човек во земјата Уз, и кој кога го изгубил сето богатство, не ја изгубил верата во Бога и во воскресението на мртвите. Кога го нападнала болеста, и кога го убедувале неговите најблиски пријатели и неговата сопруга, да изговори еден лош збор против Бога, односно да похули на Бога за да умре, тогаш тој рекол: „Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?” (Јов. 2, 10), Господ дава и Господ зема, нека е благословено името Негово.
Па така, браќа и сестри, ние знаејќи што се случило на овој ден, кога Господ го излекувал тоа момче, да извлечеме поука. Поуката е, дека ние треба да се чуваме од секаков нечист дух, кој може нам да ни напакости. Луѓето мислат, дека нечистите духови биле присутни само во времето на Христа, кога бесомачните луѓе шетале во искинати облеки и ги плашеле луѓето. Денес сите ние гледаме, како сатаната, односно ѓаволот, истото тоа го прави, но на подруг начин. Тој на луѓето им внушува, да одат разголени и да ги соблазнуваат другите луѓе. Колку повеќе одиме разголени, толку повеќе личиме на бесомачните луѓе, кои се опишани во Евангелието, од кои Господ истерал илјадници нечисти духови.
Од Светото Евангелие знаеме, дека Господ од Марија Магдалина истерал седум нечисти духови, а тоа се духовите за кои претходно говоревме, односно духовите на гревовите: на гордоста, на зависта, на среброљубието, на очајанието и.т.н. Сите тие нечисти духови, се присутни и денеска, само во друга форма, браќа и сестри.
Зарем духот на среброљубието, повеќе или помалку, не е присутен во сите нас? Поуката, од сето ова што го говоревме е дека ние треба да ги истеруваме овие духови, со пост, молитва и подвизи. Постот, пред сè треба да биде духовен, но и телесен, а молитвата да биде силна и чиста. Исто така, треба да знаеме дека верата е онаа која нас нè спасува, бидејќи Господ рекол: „Сè што ќе побарате во молитвата со вера, ќе ви биде дадено“ (сп. Мат. 21, 22), односно сè што е корисно за спасение на душите.
Во тој дух и ние да се помолиме, Спасителот наш Господ Исус Христос, да отстрани од нас секаков нечист дух и да ги отстрани од нас овие тешки смртни гревови. Должноста наша е ние да бидеме, соучесници во отстранувањето на гревовната состојба, односно да бараме од Бога помош и да донесеме цврста одлука дека не сакаме повеќе да ги повторуваме старите гревови. За да се ослободиме од гревовите, ние треба да направиме спротивни на гревовите добри дела, односно, ако сме лажеле, да почнеме да ја говориме вистината и да објавиме дека претходно сме лажеле, а не да се правдаме со друга лаги, и да ги прикриваме лагите кои сме ги изговориле.
Да се помолиме Господ да ги отстрани од нас сите гревовни состојби во нашите души и да не помилува, како што го помилувал таткото на она момче од кое го истерал нечистиот дух. Амин!
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар