На 06.01.2020 г., на Бадник, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во Соборниот храм „Свети Великомаленик Димитриј“ во Битола, ја благослови Божикната литија, а на децата кои зедоа учество им подари Божикни пакетчиња.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес, драги дечиња, родители, баби и дедовци, е голем и спасоносен ден. Денес е Бадник, а зборот Бадник доаѓа од зборот бдеење, а бдеење значи, да се биде на штрек, да се очекува да се случи нешто необично. А има ли нешто понеобично од тоа, самиот Бог, Синот Божји, Второто Лице на Света Троица, Кој предвечно се раѓа од Отецот, заради нас луѓето и заради нашето спасение, заради единствената прекршена заповед, која Господ им ја дал на нашите прародители Адама и Ева, да се роди и да прими човечко тело, да стане мало дете, односно мал Бог или Божик.
Од таму доаѓа зборот Божик, кој значи мал Бог. Бог благоволил да стане мало дете, за ние преку Него, преку Неговата благодат и сила, односно преку несоздадените Божји енергии, да станеме богови по благодат, односно да бидеме слични на Бога, но не без Бога, туку со Бога.
Да се биде христијанин, значи да се следи Христос нашиот Бог и Спасител, Кој се родил во тело и токму затоа овој ден е голем и спасоносен.
Мили наши духовни чеда! Денеска е многу битно да останеме цврсти во нашата Света Православна Вера. Ова што денеска се случува со вас, односно ова големо мноштво на деца и родители во храмот Божји т.е. во соборниот храм на нашата Епархија „Свети Великомаченик Димитриј“, а верувам дека вака се исполнети и другите храмови на нашата Епархија и пошироко во нашата Света Црква.
Длабоко верувам дека вие ова не го правите како некој обичај, туку според вашата силна изразена вера, која доаѓа од вашите души и срца. Она што Светите Отци, на кои денеска им е посветена оваа недела, го очекуваа да дојде, а тоа беше ветувањето дека ќе им дојде Месијата, Синот Божји, Самиот Бог, Второто Лице на Света Троица, да стане човек, да се воплоти, да прими човечко тело, односно човечка природа и во сè да се изедначи со нас луѓето во сè освен во гревот.
Ете, токму тоа се случува секоја година, а тоа го кажавме и во денешната наша проповед дека еве две илјади години, секоја година се раѓа Синот Божји, Спасителот наш Господ Исус Христос во душите и срцата на сите христијани, а особено во срцата и душите на православните христијани, браќа и сестри, и мили дечиња.
Прекрасен е примерот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, кога Христос нашиот Бог и Спасител се родил во Витлеем. Пресвета Богородица, се појавува пред Богомладенецот, пред малото дете, пред малиот Бог, пред Божикот, пред Христа нашиот Богомладенец, како слугинка и Му вели вака: „Како јас, Тебе Сине Мој, чедо мое, Те сместив во мојата утроба! Како јас Те држам Тебе во моите раце, Ти, Кој во Твоите раце го држиш целиот свет, целата Вселена и сè што постои“.
Ете, колку е милостив Господ, односно Оној, Кој сè држи во своите раце и благоволил заради нас грешните и недостојните, да се смести во Светата утроба на Пресвета Богородица и да се роди, од неа, како мало дете, како мал Бог, заради нас и заради нашето спасение.
Сите ние очекуваме голем настан, затоа и вака сме сите возбудени, а големиот настан е всушност раѓањето на Спасителот наш Господ Исус Христос. Ние тоа треба да го направиме со чисти души, со просветлени умови, со изгонување од нашите умови, души и срца на сите грешни желби, мисли, помисли, фантазии, грешни похоти, чувства, страсти и дела.
Па така, сите ние подготвени, со просветлени умови и со очистени срца и души, да го дочекаме и да го подготвиме нашите тела, а исто така и нашите души и срца, бидејќи нашите тела се создадени да бидат храмови на Светиот Дух, па така, да ги подготвиме душите, срцата и умовите наши, за во нив да се всели новородениот Богомладенец, Спасителот наш Господ Исус Христос.
Нека е честит празникот Бадник, а со задоволство и со духовна радост да го дочекаме големиот и спасоносен празник раѓањето во тело на Христа нашиот Бог и Спасител. За многу години нека е празникот.
Еве, нашата вера е тука и истата не треба да ја докажуваме на друго место. Тука, длабоко од душите и срцата на дечињата и родителите, таа вера извира. Поголема потврда и доказ за нашата Света Православна Вера не ни треба. Амин!