На 20.07.2020 г., кога го празниваме споменот на Светата Великомаченичка Киријакија (Недела), Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите: Стеван Здравески, Пенчо Пусоски, Димитар Михајловски, ерејот Крсте Тасески, протоѓаконот Драган Ѓоргиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Великомаченица Недела, во Битола.
На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Дивен е Бог во Своите Свети!“. (сп. Псал. 67, 35).
Браќа и сестри, дивен е Бог и во денешната славеничка Светата Великомаченица Недела, која во нашата вера била воспитана од нејзините благочестиви и набожни родители, Теодор и Евсевија, кои биле богати луѓе и го исполнувале Законот Божји. Тие живееле набожно, но немале чеда, па затоа постојано Му се молеле на Бога, Господ да им даде чедо, кое Нему ќе Му Го посветат. Па така ѝ се случува. Господ им ја дал Света Недела, кој била родена во недела, па затоа го добила и името Недела.
Света Недела уште од мали нозе била воспитана во нашата Света Православна Вера, и уште како мало дете многу Го засакала Христа нашиот Бог и Спасител и Нему Му се посветила. Нејзината единствена најголема желба била целиот свој живот да остане девојка, зашто Му се ветила на Христа нашиот Бог и Спасител, дека ќе Му биле верна и целиот нејзин живот Нему да Му го подари, како возврат за љубовта што Христос нашиот Бог ја направил кон нас луѓето.
Кога Света Недела пораснала, станала прекрасна не само по тело, туку и по својата душа, па така многумина посакале да ја испросат за жена, но таа сите ги одбивала со зборовите дека на Христа Му е ветена, Нему да Му биде вечно невеста. Ете, браќа и сестри, поради тоа се озлобиле и ја наклеветиле на царот.
Времето кога живеела Света Недела, е времето кога со Римската Империја управувал царот Диоклицијан и неговиот зет Максимијан, кој бил негов совладетел во Римското Царство. Во времето на овие злогласни цареви, родителите на Света Недела биле прогонети од Анадолија, денешна Турција во градот Милетина, каде маченички го завршиле својот живот. По мачеништвото на своите родители, и Света Недела била наклеветена дека е христијанка.
Во тоа време во Римското Царство, сите народи биле принудени да мора да бидат припадници на многубожечката религија и да им се поклонуваат на измислените идоли, кумири или кипови, направени по желба на ѓаволот, на сатаната, на кои им се клањале и им принесувале крвни жртви, а честопати и луѓе и деца. Света Недела одбила да се поклони и да принесе жртви на идолите, иако многупати била молена и ѝ било ветено дека таа ќе има големи почести, но таа сè одбила заради Христа нашиот Бог и Спасител.
Потоа, браќа и сестри, Света Недела била подложна на страшни маки, од совладетелот на Диоклицијан, Максимијан, кој не успеал да ја покори. После него бил доведен да ја измачува некојси мачител Иларион, а потоа и некој си Аполониј, кои ја мачеле на разни начини.
Света Недела била биена по плеќите со воловски жили, била тепана и по лицето, но таа и покрај сите страдања, останала верна на Христа нашиот Бог и Спасител, па затоа се нарекува и великомаченичка.
Кога последниот мачител Аполониј и рекол на Света Недела дека ќе биде изложена на уште полоши мачења, таа му рекла: „Ако мислиш да ме фрлиш во оган, јас за пример ги имам трите момчиња; ако мислиш да ме фрлиш во вода и да ме потопиш, за пример го имам Светиот пророк Јона; ако мислиш со мачења да ме заплаши и главата да ми ја пресечеш, јас за пример го имам Светиот Јован Претеча и Крстител; ако имате намера да ме фрлите пред животни, за пример го имам Светиот пророк Даниил, кој бил фрлен во лавовска јама и.т.н“.
Откако мачителот веќе не можел да ги поднесе сите овие нешта, Света Недела била фрлена во темница, во затвор, каде Господ лично и се јавил и ја излекувал од сите рани. Мачителот не можејќи да го поднесе сето ова, донел одлука, Света Недела да биде погубена со меч, односно да и се пресече нејзината глава. Пред да ја погубат, Света Недела ги замолила џелатите да причекаат да Му се помоли на Христа нашиот Бог и Спасител, а откако се помолила, таа веднаш ја испуштила својата благородна душа и Господ ја примил во Царството Небесно, пред да падне мечот врз вратот на најзиното тело.
Браќа и сестри, денес ние имаме прекрасен пример на Светителка маченица, која пострадала за нашата Христова Православна Вера.
Мачениците не се ништо друго, туку се обични луѓе како и другите, но тоа што е силното кај нив, е силната вера и надеж во Бога дека сите страдања, искушенија и маки во животот можат да се победат, преку застапништвото и молитвите на Светите, испросени од Христа нашиот Бог и Спасител, Кој рекол: „Без Мене не можете да направите ништо“ (сп. Јован 15, 5). Светиот апостол Павле вели: „Сè можам да правам со силата што ми ја дава Христос нашиот Бог и Спасител“. Еве токму со таа сила, со таа благодат, а благодата, браќа и сестри, се несоздадени Божествени енеригии, кои нам ни се даваат преку Светите Тајни, преку подвизите, преку молитвите, преку постот и сè што Му е угодно на Бога.
Зборот маченик доаѓа од грчкиот збор мартир што значи сведок, т.е. оној што сведочи. А што сведочеле мачениците. Мачениците ја сведочеле нашата вера во Христа нашиот Бог, сведочеле дека веруваат во Троичниот Бог, Отецот, и Синот и Светиот Дух. Сведочеле дека она што е изложено во Светото Писмо и предадено преку Светото Предание, во учењето на Светите Отци дека тоа е вистината, односно дека тоа е нашата Света Православна Вера. Ништо не може да ги поколеба оние што се маченици за верата, бидејќи тие се надеваат во Христа нашиот Бог и Спасител. Ете, и Светиот апостол Павле во тој дух вели: „Кој може да нè одвои од љубовта во Христа нашиот Бог и Спасител“(сп. Рим. 8, 38-39). Не може да нè одвојат ни глад, ни жед, ни прогонства, ни опасности по води, по пустини и насекаде. Ништо не може да нè одвои од љубовта во Христа нашиот Бог и Спасител, вели Свети апостол Павле, „ни животот, ни смртта“.
Понатaму Светиот апостол Павле вели: „Живееме ли, умираме ли, Христови сме“ (сп. Рим. 14, 8), зашто силната вера дека постои задгробен живот, вечен живот во Царството Небесно, е она што било гаранција за мачениците, тие да го жртвуваат својот живот за Христа нашиот Бог и Спасител.
Браќа и сестри, Светата Великомаченичка Недела е онаа која била длабоко убедена дека Господ ќе и даде сили да се избори со сите искушенија. Таа своето тело го направила храм на Светиот Дух, зашто од својот ум ги отфрлила сите грешни мисли, помисли и грешни фантазии. Од своето срце таа ги отстранила грешните чувства, желби, похоти и страсти, и се клонела од секакви грешни дела, па затоа своето тело го направила храм на Светиот Дух. И ние христијаните по нејзиниот пример и по примерот на Сите Свети, на Светите Апостоли, сме повикани своите тела да ги направиме храмови на Светиот Дух, како што вели Светиот апостол Павле: „Не знаете ли дека вашите тела се храмови на Светиот Дух“ (сп. 1. Кор. 6, 19).
Господ, браќа и сестри, телата на светителите ги запазил да бидат нераспадливи и нетрулежни, па така и телото на Света Недела останало Свето и нераспадливо, за да сведочи за тоа дека во него живее Светиот Дух, благодатта Божја. Да се помолиме на Света Великомаченица Недела, по нејзините молитви, Спасителот наш Господ Исус Христос и нам да ни даде сила одозгора, односно Божја благодат, како што нејзе и дал, за да можеме да се бориме со сите искушенија, со болестите, со страдањата, со маките, со жалостите и со сè што доаѓа да и напакости на нашата душа.
Да се молиме за спасение на нашата души. Да се помолиме и нашите тела да станат храмови на Светиот Дух, браќа и сестри. Да се помолиме по нејзиниот пример и ние да станеме пример на генерациите што се со нас, за да нè познаат дека сме Христови ученици, Христови следбеници, ако имаме љубов помеѓу себе. Амин. Честит нека е призникот и за многу години. Честито нека е името на оние што го носат името на Света Недела.
Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар