Задушница – Света Архиерејска Заупокоена Литургија во храмот Свети Великомаченик Димитриј, во Битола

 

На 02.03.2019 г., кога го празнувавме споменот на Светиот великомаченик Теодор Тирон Преподобниот Теодосиј Бугарин и неговиот ученик РоманСвета Маријамна (Марија) и Родителската сабота (Задушница) пред Великите пости, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на архиерејскиот намесник протоерејот Златко Костовски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Заупокоена Божествена Литургија во соборниот храм Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.

После Божествената Литургијата, беше отслужена Панихида за упокоените во верата праотци, отци, мајки, браќа и сестри наши, со надеж на Воскресение и вечен живот.

Бог да си спомне и за сите знајни и незнајни чеда на Светата Православна Црква, кои имаат потреба од нашите молитви.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Јас сум Бог на Авраама, Исака и Јакова, Бог на живите, а не на мртвите“. (Мт. 22, 31-32)

Вака вели Господ Исус Христос, браќа и сестри, кога се во прашање живите и мртвите. Зашто живи пред Господа се оние кои во Него верувале, оние кои биле исполнети со Божјата благодат, односно со Светиот Дух. Оние кои ги запазиле Божјите заповеди, без оглед на тоа дали се овде на земјата, или се веќе во Царството Небесно. Зашто живи се оние кои се со Господа. А слушнавме како вели, Светиот Апостол Павле : „Живееме ли, умираме ли, Господови сме“. Што значи, живи се само оние кои во Господа верувале, кои ги исполниле Божјите заповеди, кои верувале во воскресението на мртвите. А останатите не се живи.

Зашто Господ дури и на еден претстојател на една апокалиптична Црква, а тој бил владиката на таа Црква, му рекол: „Иако си жив (телесно), знам дека си мртов, бидејќи ги знам твоите дела“. Што значи, човек може да биде на земјата жив телесно, а мртов духовно. А може да биде и обратно: да биде мртов телесно (да преминал од овој, на оној век), а да преминал во живот вечен, затоа што верувал во Бога. Бидејќи кога Христос ќе дојде на крајот на светот, да им суди на живите и мртвите, тогаш сите ќе воскреснат, и ќе треба да дадат одговор на Страшниот Христов Суд. Ништо друго не е поважно, браќа и сестри од тоа: „Да дадеме добар одговор на Страшниот Христов Суд“. Токму затоа, тоа и го просиме во ектенијата на сите црковни богослужби. Кога ќе го задобиеме Царството Божјо тука, живеејќи според Божјите заповеди, тогаш можеме да се надеваме дека мирно ќе живееме во Царството Небесно, вечно.

Па затоа, кога си спомнуваме за сите претходно починати отци, браќа и сестри, блажено-упокоени архиереи, свештеници, монаси и сиот упокоен православен клир и православни христијани, се молиме Господ да им ги прости нивните гревови направени со збор дело и помисла, и да ги упокои таму каде што се упокоени душите на праведниците.

Затоа, пренесете им на вашите блиски, на овие задушници, кои се определени како денови за помен на покојните, прво да се доаѓа во Црква, на Божествената литургија. Да не забораваме дека ако сакаме да им оддадеме достојна почит на починатите, треба духовно да се соединиме со нив. А духовното соединување со покојните, не е ништо друго, освен подготвени за Светата Литургија и за Светата Причест, да пристапиме и да се причестиме на овој ден. Што е сосема погрешно, што некои луѓе не сакаат да се причестат на денот на покојните. Тоа е најстрашното дело. Тоа значи дека ние не сакаме да бидеме во заедница со нашите најмили, што преминале од овој свет, заборавајќи дека и ние ќе преминеме еден ден, и дека тие што ќе останат по нас, можат да нè следат и да не сакаат да бидат со нас. А тоа пак значи, не тие нема да бидат во Царството Небесно, туку ние нема да бидеме таму, ако не сакаме да се соединиме со нив, преку единственото Тело и Крв, преку кои се соединуваме и со живите и покојните.

Да се помолиме браќа и сестри, Господ Исус Христос да ги просветли нашите умови, не дозволувајќи во нашите умови да влезат грешни мисли и фантазии, да ги очисти нашите души и срца од секакви грешни желби, похоти, страсти и од сите грешни дела, за да можеме и ние, заедно со починатите, кои умреле со надеж на воскресение и живот вечен, да влеземе во Царството Небесно. Амин!

Бог да ги прости, и да им подари Царство Небесно!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар