Човекот денес одвојува или има време да се занимава со сè, односно со спорт, да посетува одредени курсеви, но кога станува збор да оди во храм на богослужба, тогаш наоѓа илјадници аргументи, зошто да не оди во храмот. Разговор со епископот Силвестер (Стојчев) за великопосните богослуженија.
Владико, како православниот христијанин треба да пости во Великиот пост?
Во Великиот Пост, важно е, ако можам така да се изразам, правилно да ги поставиме акцентите. Често пати во постот, луѓето одат во крајност. Некој пости премногу строго до исцрпување, а други обратно, уште од првите денови почнуваат да бараат можности за ублажување на постот. Во однос на ублажувањето на постот, дури има и смешни ситуации. Кога бев студент, бев сведок на еден разговор: една верничка побара од својот духовник ублажување на постот, заради болеста од која боледуваше. Отецот заради нејзината телесна слабост и благослови ублажување на постот, а потоа ја праша: „Што сакаш да јадеш во постот?“ Жената одговори: „млеко, изварка, јогурт, јајца и риба“. Тогаш свештеникот и одговори жената дека тоа не ублажување на постот, туку откажување од него. Постејќи, ние не треба да одиме во крајности.
Освен тоа, постот, а посебно Великиот Пост, мора да биде соединет со покајание, односно со очистување на душата од страстите. Во деновите на пост, неопходно е да се вложат посебни напори за искоренување на нашите зли склоностии страсти. Многу важен дел на правилното постење, е милосрдието. Светата Четириесетница, е време на двојна молитва. Ние уште од првата седмица на постот, молитвено се настројуваме. На пример, во првите четири денови од Светата Четириесетница, во храмовите се чита Големиот Канон на Свети Андреј Критски.
Која е смислата и значењето на канонот на Свети Андреј Критски?
Значењето на овој канон е повикот за покајание, повикот за промена на начинот на нашиот живот, според учењата на Спасителот Христос. Канонот се нарекува Голем, бидејќи во него има околу 250 тропари. Содржината на тие тропари нè упатува на Светото Писмо. Во канонот се опишани голем број на настани од Свештената историја. Преку примерот на библиските настани, се покажува дека Бог им простува на луѓето, дури и покрај големите падови, потсетувајќи не дека покајанието – е промена во начинот на живот, односно радикална промена во животот.
Во еден од тропарите на канонот постои таков израз „Самоистукан бых страстьми“ (на македонски: „Самиот на себе идол си станав, со страсти наштетувајќи и на душата моја, Милосрден“). Значењето на овие зборови е многу длабоко: човек, задоволувајќи ги своите страсти, станува идол на самиот себеси. Ние самите си служиме и се фалиме себеси, правиме сè за себе, се гледаме себеси како извор на нашата сила и успех, веруваме само во себе и се потпираме само на нас самите. Ете, кон што нè доведува угодувањето на страстите. Во канонот, исто така, се говори дека ние не треба да бидеме идоли на самите себеси, односно да не постоиме заради угодување на себеси, туку да живееме според Божјите Заповеди. Канонот на Свети Андреј Критски, е потсетник дека Бог е Оној, Кој спасува, простува и милува, и ни дава можност да се преродиме духовно.
Дали е задолжително присуството на православните христијани при читањето на овој канон? Дали постојат било какви канонски правила?
Канонската традиција на Православната Црква говори за потребата да се присуствува на Божествените Литургии. Во однос на канонот на Свети Андреј Критски не постојат такви упатства. Ние треба да разбереме дека не е важен принципот на обврската (како што вели поговорката: „робот не е богомолец“, никој никого со сила нема да го води), туку желбата и одлука да бидеме на богослужба во Црквата. Се разбира, постојат бројни фактори кои можат да влијаат да не можеме да присуствуваме на богослужбите: работа, службени патувања, болести, здравјето на ближните, итни работи и.т.н. Желбата да бидеме активни во богослужбениот живот на Црквата се проверува во слична ситуација, каде што, од една страна, постојат овие итни причини, а од друга страна, желбата барем една недела да присуствуваме на великопосните богослужби.
Може да се направи таква споредба: да речеме дека еден човек одвојува време за спортување или за посета на курсеви, но кога станува збор да оди на богослужба, има илјадници аргументи зошто да не одат во храмот: го болат нозете, го боли грбот, треба да од оди далеку, не ги разбира богослужбите и сето тоа го приведува како изговор. Луѓето, кои одат на работа и се враќаат уморни, наоѓаат време да отидат до крајот од работниот ден, да речеме, на курсеви по странски јазици. Таму, каде што исто така не е сè јасно, сепак сме подготвени да потрошиме време и енергија за да го разбереме јазикот, а во храмот, каде што се читаат молитви, ние не сакаме да изгубиме време и енергија, со цел да разбереме нешто, туку донесуваме радикални одлука – воопшто да не одиме во храмот. Ова однесување е нелогично. Ако верникот се заинтересира да го разбере она што се чита на богослужбите, тогаш тој ќе најде можност и сила, истото да го разбере. Генерално, како што велат, „кој сака, бара можности, а кој не сака, бара причини“.
Во животот навистина имаме многу грижи, бидејќи сите ние сме израснати во вревата на световните работи. Токму затоа постот е токму тој период кога барем мал дел од своето време треба да се распоредиме и посветиме на Бога. Во контекст на ова, постои една многу интересна мисла на Свети Григориј Двоеслов, кој Постот го смета како десеток од годината, кој треба да му дадеме на Бога. Навистина, ако не се земат во предвид неделните денови, кога постот се ублажува и Страсната седмица (која е одвоена од Светата Четириесетница), тогаш ние имаме триесет и шест посни денови, односно една десетина од годината, кои треба да му ги посветиме на Бога.
Периодот на Великиот пост, е време на подвиг и покајание, кога ние ја очистуваме својата душа.
Епископ Силвестр (Стоjчев)
Извор: https://pravlife.org