На 12.03.2019 г., во Вторникот од Првата недела во Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Големо повечерие со читање на вториот дел од Канонот на Свети Андреј Критски, во храмот „Пресвета Богородица“, во Битола.
Ирмос: Помошник и покровител ми стана во спасението. Он е мојот Бог и ќе Го прославам – Бог на мојот татко, и Него ќе Го возвисам, оти славно се прослави.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Каиновото убиство го надминав и своеволно станав убиец на совеста душевна, откако телото го оживеав и против него војував со моите зли дела.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
На правдата Авелова, Исусе, не се уподобив, Тебе пријатен дар никогаш не Ти принесов: ни дела божествени, ниту жртва чиста, ниту живот непорочен.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Како Каин и ние, бедна душо, на Создателот на се Му принесовме дела нечисти, и жртва порочна, и живот неполезен: затоа и се осудивме.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Кога калта ја оживеа, Создателу, Ти си ми дал тело и коски, и дишење и живот: но, о Творецу мој, Избавителу мој и Судијо, мене кој се каам, прими ме.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Ти ги исповедам, Спасителу, гревовите што ги направив, и раните на мојата душа и тело, што ми ги нанесоа убиствените и разбојнички помисли.
Помилуј ме, Боже, помилуј ме.
Иако згрешив, Спасителу, знам дека си Човекољубец и дека милостиво казнуваш, и топло милуваш; оној што солзи рони го гледаш, и како таткото притрчуваш, заблудениот (син) да го примиш.
Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Надсуштествена Троице, почитувана во Единица, тешкото бреме гревовно земи го од мене и, како Милосрдна, дај ми солзи на покајание.
И сега и секогаш и во сите векови. Амин!
Богородице, на оние што ти пеат, надеж и застапнице! Тешкото бреме гревовно земи го од мене и, како чиста Владичица, мене кој се каам, прими ме.