На 29.04.2019 г., на Вториот ден од Светлата седмица, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на протоереј-ставрофор Благоја Станкоски, протоереите Илчо Смилески, Златко Ангелески и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“, во Прилеп.
На Божествената Литургија, Митрополитот г. Петар во чин чтец благоволи да ги ракопроизведе Драган Џокоски и Горан Костадиноски.
На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Христос Воскресна!
„Твоето воскресение, Христе Спасителе, ангелите на небесата го воспеваат, а нас на земјата удостој не со чисто срце да Те славиме“.
Сега се исполни сѐ со светлина, небото и земјата и адот; секоја твар нека се весели и радува. Се радува земјата, бидејќи се ослободи од проклетството за Адамовиот грев. Ликува небесата, бидејќи Оној што слезе на земјата, од адот ги ослободи оние кои таму се наоѓаа. Пеат ангелите, прославувајќи го Победителот на смртта Својот Творец, Кој сега го прославуваме. Сите созданија го прославуваат Господа, заедно со силите на природата. Нешто необично се случува по целиот свет. Свештената и спасителна ноќ, станува Голем и Светлоносен Ден.
Сонцето игра со своите зраци, слично како што Свети Јован Претеча заигра во утробата, и го навестува од гробот Сонцето на Правдата. Сè се исполнува во Божја благодат, и се чувствува обновувањето на вселената. Го чувствува ли тоа нашето срце? Да, сите оние кои со вера и стравопочит ја прославуваат Свештената Пасха, со неискажлива радост и благодатен мир, им се исполнети нивните души. Далеку исчезнуваат сите таги и несреќи. Таинствено се предвкусува Божествената Трпеза, во идното вечно и славно Божјо Царство. Посакуваме, никогаш да не престанат тие блажени часови, за бесконечно да ги прославуваме ноќта и денот на Светата Пасха, и како апостолите на гората Тавор, да извикуваме: „Господи, добро ни е да бидеме овде!“ (Мат. 18, 4).
Но дали постојано и секогаш ние тоа го чувствуваме? Зарем не се случува, кога сите се радуваат, нашето срце да биде покриено со облак, а понекогаш и исполнето со тага? Многумина не разбираат зошто луѓето се радуваат. За тоа постои само една вистина: нашето срце е нечисто.
Ако ние сме се поколебале во верата, ако во нашата душа влегле сомнежи, ако сме отпаднале, или сме заминале од Црквата, – слично на јудејските првосвештеници, тогаш со тоа ние ја изгонуваме од себеси мислата за Воскреснатиот Христос, бидејќи страшно ни е Воскресението Христово. Ако сме направиле тешки гревови, и не изобличува совеста за неверност кон Христа и Неговите заповеди, – тогаш во нашето срце лежи камен, кој ја попречува радоста на Светлото Воскресение. Ако ние сме се внурнале во световните пороци, и ним сме им го оддале своето срце, – тогаш тоа нема да ја почувствува целосната радост. Особено, ако ние имаме омраза и презир кон ближните, ако ги осудуваме, или се превознесуваме, – тогаш не можеме да се радуваме со Воскреснатиот Господ. Тогаш во Денот на Воскресението или се сомневаме, или не веруваме, како Неговите непријатели, или подсознателно не сакаме со Него да се сретнеме.
Да ги отфрлиме од себеси сите сомнежи, и да принесеме покајание! Еден со друг да се прегрнеме, и на оние кои нè мразат да им речеме: „Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја победи, и на оние во гробовите живот им подари!“
Свети Јован Шангајски